Текстот е објавен на 18 октомври 2013 година во неделникот „Фокус“ во бројот 941
Народниот избраник од редовите на СДСМ, Благоја Стојановски ја отвори темата за тоа колку ЕЛЕМ троши за ископ на јаглен и нему во Македонија му „подзамирисува“на српската афера „Колубара“.
Пишува
Владо АПОСТОЛОВ
Небесни 53 милиони евра чини еден од најтешките тендери во последниве пет години, толку ЕЛЕМ ќе му плати на приватник, кој 24 месеци ќе ископува јаглен и јаловина од рудникот Брод – Гнеотино.
Со оглед дека на интернет не се достапни државните трошоци пред 2008 година, претпоставка е дека договорот е третиот најтежок во кратката историја на независна Македонија!
139 ДРЖАВНИ МИЛИОНИ ЗА ПРИВАТНИЦИ
Меѓу десетте најскапи тендери спаѓа уште една зделка за ископ на јаглен, која ЕЛЕМ ја парафирала, исто така, лани и која чини нешто над 19 милиони евра. Станува збор за тригодишен дил за ископ од рудникот Суводол.
Огромните договори беа повод пратеникот на СДСМ, Благоја Стојановски, пред две недели на прес-конференција да објави дека само во последниве две и пол години ЕЛЕМ потрошила близу 139 милиони евра за ангажирање приватници за потребите на јагленокопите.
Тој сѐ уште смета дека во прашање се астрономски трошоци!
– Според извештајот на ЕЛЕМ, во 2006 години за ископ на јаглен и јаловина се потрошени некаде околу 2,7 милиони евра, што значи дека овие трошоци денес се неколку десетици пати поголеми, а производството на струја во РЕК „Битола“ е помало. За споредба, ЕЛЕМ во 2006 година имало вкупен приход од околу 155 милиони евра, па како се качува цената на струјата, така се качува и овој приход и веројатно годинава ќе биде околу 300 милиони. Пресметајте колкав дел од вкупниот приход на ЕЛЕМ се одлева во приватни компании и веројатно ќе дојдете до заклучок дека оваа сума е астрономска – вели за „Фокус“ народниот избраник.
Официјалното објаснување на енергетскиот гигант беше дека опозицијата компарира податоци што не може да се споредуваат. ЕЛЕМ тврди дека во времето кога СДСМ раководел со компанијата, постоел само рудникот за јаглен „Суводол“ како единствен извор на гориво за РЕК „Битола“. Од компанијата велат дека од 2007 година, па до денес отвориле два нови рудника – Подинските јагленови серии и јагленокопот Брод-Гнеотино.
„Поради зголемениот обем на работа од новите извори на јаглен, кои треба да го продолжат животот на термоелектраната во наредните две децении, процесот на работа бара ангажирање дополнителна механизација. Впрочем и рударските проекти за овие јагленокопи предвидуваат користење помошна механизација“, стои во реакцијата на ЕЛЕМ.
Со оглед дека ЕЛЕМ тврди оти во 2006 година имало само еден рудник, оној во Суводол, затоа ќе ги разгледаме договорите што оваа државна компанија ги потпишала во периодот од две и пол години и кои се однесуваат токму на ископот во Суводол.
Лани во јануари државниот производител на струја потпишал договор со приватна компанија вреден околу 19 милиони евра, а
компанијата што го добила тендерот се обврзала да ископува од Микро локација – 3 во рудникот Суводол во наредните три години.
Простата математика покажува дека на секои 12 месеци, ЕЛЕМ ќе троши по 6,4 милиони евра за јаглен од Суводол, а дека сумата е приближно таа, говори и уште еден договор.
Една година порано, во мај 2011 година, ЕЛЕМ парафирала едногодишен дил со приватна компанија вреден исто околу 6,4 милиони евра, и тоа за дополнителен ископ од истата локација.
СЕПАК, СЕ ТРОШИ ПОВЕЌЕ, АМА ЗА ШТО?
И наједноставната анализа доведува до прашањето:
Aко во 2006 година, само за овој рудник се користеле 2,7 милиони евра за ископ на јаглен, зошто ЕЛЕМ за истата намена во истиот рудник ќе троши годишно по 6,4 милиони евра?
Од ЕЛЕМ за „Фокус“ потенцираат дека Суводол, кој сѐ уште е главен извор на јаглен за ТЕ „Битола“, е при крај со резервите.
– За потребите на струја од ТЕ „Битола“, последните години го зголемивме обемот на ископ на годишно ниво во просек за 700.000 тони јаглен, што дополнително ги зголеми трошоците. Во случајов повторно се споредуваат неспоредливи податоци. Во постапките за ангажирање механизација за ископ од 2007 година, па до денес има суштинска разлика. Од изведувачите, покрај ископот, се бара и дотур на дробен јаглен и наплата според енергетската вредност на јагленот – објаснуваат од ЕЛЕМ.
Дополнителен проблем, велат од ЕЛЕМ, била и лошата состојба на Суводол што ја затекнале во 2006 година. Поради тоа морале да се враќаат назад во јагленокопот и да ја вадат суровината од Микролокацијата 3 и затоа била потребна помошна механизација.
Нови трошоци предизвикало и отворањето на таканаречените подински јагленови серии во Суводол, јаглен што се наоѓа подлабоко во рудникот.
– За да се дојде до јагленот, од ова лежиште требаше да отстраниме јаловина од 30 милиони кубни метри бидејќи поранешните раководства на РЕК „Битола“ до 2006 година, спротивно на рудничките проекти, ја оставале јаловината на самата локација – стои во реакцијата на ЕЛЕМ.
Интересно е дека според годишниот извештај на компанијата за 2011 година, за тие 12 месеци компанијата успеала да откопа 5,3 милиони тони јаглен од Суводол, а 1,7 милиони тони од Брод-Гнеотино, рудникот кој не постоел во 2006 година.
Токму за ископ на јаглен и на јаловина од Брод-Гнеотино е потпишан оној рекорден тендер вреден точно 53,3 милиони евра за период од две години. Едноставната аритметика тука ќе покаже дека за некаде околу 26,6 милиони евра годишно, приватникот ќе ископува јаглен од Брод Гнеотино, кој според статистиката дава помалку суровина од рудникот во Суводол.
Дилемата е зошто во Брод Гнеотино се трошат далеку повеќе пари за помалку јаглен во однос од Суводол?
Од ЕЛЕМ велат дека овој јагленокоп е отворен во 2007 година, со повеќе од шест години доцнење, и поради тоа се зголемиле трошоците за експлоатација.
– Значајна улога во трошоците за ископ има и далечината на овој капацитет од ТЕ „Битола“. Како што е познато, Брод Гнеотино е 13 километри подалеку од депонијата за јаглен на ТЕ „Битола“, со што влијае врз транспортните трошоци – велат од ЕЛЕМ.
Нашата анализа на договорите што ги посочи пратеникот Благоја Стојановски покажува дека исклучиво за ископ во последниве нецели три години ЕЛЕМ потпишала со приватни компании договори вредни нешто повеќе од 90 милиони евра, во нив спаѓаат двата рекордни тендери со кои го отворивме текстот и уште три други зделки.
Дополнителни 2,2 милиони евра се предвидени за договори со три приватни фирми, кои покрај што ќе копаат јаглен, ќе имаат задача и да ја транспортираат суровината. Додека само за транспорт, ЕЛЕМ ќе одвои или веќе има одвоено дополнителни речиси 13 милиони евра распределени во уште седум зделки со приватници.
Понатаму, според нашите пресметки на договорите на ЕЛЕМ во последните две и пол години излегува дека државното акционерско друштво за одржување и поправки околу јагленовите рудници потрошило над 16 милиони евра. Додека плус 11,2 милиони евра се предвидени за ангажирање најразлична помошна механизација!
СРБИЈА ЈА ТРЕСЕ АФЕРА СО ЈАГЛЕН
Пратеникот Стојановски смета дека она што го обелоденил има сличности со српската афера „Колубара“, каде што за две-три години трошоците за ископ се зголемија околу 25 пати. Кај северниот сосед има и конкретна кривична одговорност за целиот скандал.
– Ќе биде интересно МВР да провери колку камиони, багери и скипови се ангажирани, колку време работеле и колкави суми се исплаќаат во пресек по машина и веројатно само тогаш ќе имаме вистинска споредба.
Се сомневам дека оваа власт ќе го дозволи тоа и веројатно, исто како во Србија, ќе чекаме некоја друга гарнитура да го направи тоа.
На сите што ќе го прочитаат ова, топло им препорачувам да го погледнат и документарецот за „Колубара“ и сами да направат споредба и нека заклучат, а ако ме прашувате мене, можам да претпоставам дека некој пред да ги направи набавките во ЕЛЕМ, го гледал овој документарец – порачува Стојановски.
Аферата „Колубара“ ја разоткри истражувачкиот тим на „Инсајдер“ од српската телевизија „Б92“. Екипата го испитувала работењето на рудникот „Колубара“ од чиј јаглен се произведува половина од српската струја.
Истражувањето покажа дека со години никој не го контролирал работењето на ископот иако огромните расходи и приходи отворале можности за злоупотреба. Според „Инсајдер“, аферата е една од најголемите измами во историјата на Србија, иако сѐ изгледало легално.
Новинарите објавија дека Колубара во периодот од 2003 до 2010 година потрошила околу 130 милиони евра за ангажирање механизација од приватни компании. Податоците се навистина шокантни!
Во 2006 година, ископот на јаглен малку се намалил во однос на претходната година, меѓутоа расходите за надворешни фирми пораснале од 3,8 милиони евра на дури 17,5 милиони.
Наредните 12 месеци овие трошоци речиси се удвоиле и изнесувале 30,3 милиони евра, додека 2008 година за машините на приватниците Колубара одвоила фантастични 53 милиони евра. „Инсајдер“ потенцира дека 2007 и 2008 година, кога најмногу пораснале трошоците биле изборни години кај северниот сосед!
ПОТРЕБНА Е СТРУЧНА ДЕБАТА
Документарецот на „Б92“ извади податоци дека еден ист човек на една иста машина работел 24 часа дневно, а во наредните денови истиот човек продолжил со истата опрема да работи по 16 часа дневно.
Според анализата на „Инсајдер“, месечно во просек една машина на приватниците заработувала по 24.000 евра, што значи дека за неколку месеци им се исплатувале бидејќи приватниците купувале половна опрема.
Слободан Ѓериќ, ексдиректорот на Колубара поставен од владата на Зоран Ѓинѓиќ – кој работел таму до 2004, за „Инсајдер“ изјави дека се заведувале работни саати иако машините не биле вклучени.
– Имате да платите милион евра за изнајмување една машина, а немате 100.000 евра за нова. Што ви зборува тоа? – прашуваше Ѓериќ и потенцираше дека Колубара можела со парите што ги троши за една година да купи своја механизација.
Во Србија работите толку излегле од контрола што кадарот на Коштуница, Драган Томиќ додека директорувал со Колубара во периодот од 2004 до 2007 година ангажирал своја компанија да копа во рудникот. Неговата фирма била регистрирана за хотелска дејност, додека меѓу приватниците што биле ангажирани имало фирми за мебел, сметководствено биро, па дури и телевизија.
Претпоследниот директор на Колубара Небојша Черан се согласува дека биле трошени астрономски суми, но расходите не ги поврзува со криминал.
– Јас навистина не би го користел терминот грабеж. Моја задача како техно-менаџер беше да направам заштеди и да прекинам една лоша практика да се трошат 40 или 50 милиони евра годишно за тие намени и ги сведов на 10 милиони – изјави Черан за „Инсајдер“.
Трошоците на ЕЛЕМ споредени дури и со оние во Србија изгледаат големи, но анализа на тие податоци бара стручност и апсолутна транспарентност кај компанијата. Искуството на „Фокус“ покажа дека ЕЛЕМ се отворени за соработка и дека би учествувале во пошироката дебата за тоа како се трошат државните пари во оваа компанија.
Дури и во ЕЛЕМ се свесни дека станува збор за астрономски суми кои изгледаат сензационално кај обичните граѓани, но, според нив, станува збор за неопходни и сериозни инвестиции чија цел е само да се обезбеди гориво за термоелектраните кои го произведуваат најголемиот дел од електричната енергија во Македонија.
За сѐ друго, веројатно, ќе се произнесе времето!
НОВА ОПРЕМА ИЛИ ПРИВАТНИЦИ?
Пратеникот Стојановски смета дека за 140 милиони евра, кога веќе има потреба од ангажирање механизација, може да се купат сите машини на ново и плус да останат пари.
– Замислете дека секој месец трошите меѓу 500 и 1.000 евра за такси, а наместо да си купите автомобил сте решиле и наредните пет години да се возите со такси – споредува пратеникот.
На прашањето дали е попаметно да се купи, наместо да се позајмува опрема, од ЕЛЕМ велат дека треба да се има предвид дека јагленот е необновлив ресурс и затоа кон потребите од сопствена помошна механизација пристапувале внимателно, со оглед на големите трошоци за одржување на ваква механизација.
– Во компанијата се прават анализи за набавката и трошоците за одржување помошна опрема, па во согласност со резултатите се преземаат и соодветни активности – одговараат од компанијата.