Сина светлина во вид на спирала во саботата доцна навечер ги изненадила жителите на Алјаска, а потоа, откако на социјалните мрежи беше објавено видео од необичната светлина, се покренаа низа на шпекулации околу тоа што се случувало на небото.
Сепак, како што објави BBC, не станува збор за необјаснета природна појава или пак за НЛО, туку причина за појавување на спиралата било испуштањето на гориво од ракетата Space X, која три часа пред појавувањето на спиралата била лансирана од Калифорнија.
Астрофизичарот Дон Хамптон од Геофизичкиот институт Алјаска Фаирбанкс појаснува дека понекогаш ракетите имале додатно гориво кое морало да се испушти.
-Не се случува често, но сепак не е нешто необично. Јас три пати видов нешто слично. Откако се објави видео снимката од камерата на Геофизичкиот институт, на интернет се случи вистинска лавина од коментари и реакции. Кога се испушта горивото високо во атмосферата, тоа се претвора во мраз. А ако местото каде е испуштено го грее сонцето, вие кога гледате од мрак на земјата, ќе видете голем облак, понекогаш во облик на спирала – појасни Хамптон.
Сателитите на компанијата Space X неретко се видливи со голо око. Таканаречениот сателитски воз во неколку наврати беше забележан и на небото над Македонија. Кога пред три години беше забележан над повеќе градови, а некои од граѓаните успеале да го фотографираат, социјалните мрежи беа преплавени со коментари со разни претпоставки и теории за заговор. Најчестите коментари беа дека станува збор за светски заговор, прскање со корона, зрачење со 5Г, па дури и се одеше во крајности дека се подготвува напад од страна на вонземјани.
Вики Клинчарова