АстраЗенека: 29-те милиони дози вакцини од фабриката во Италија се наменети за ЕУ и за посиромашните земји

by fokus

Компанијата АстраЗенека денеска соопшти дека 29 милиони дози вакцини од фабриката во Италија се наменети за Европската унија и за донации за посиромашните земји преку програмата Ковакс, предводена од Светската здравствена организација (СЗО).

На барање на Европската комисија, италијанските безбедносни сили извршија инспекција за време на викендот во фабриката „Каталент“ во Анагни, во близина на Рим, и пронајдоа залиха на дози од вакцината на АстраЗенека, пишува италијанскиот весник „Ла Стампа“. Италијански официјален претставник подоцна ја потврди информацијата за спроведената инспекција и рече дека дозите ќе бидат испратени во Белгија.

Серијата реакции на извештајот е показател за нивото на недоверба во ЕУ кон британско-шведскиот производител, кој ги намали испораките на вакцини во Унијата до крајот на јуни на 100 милиони дози наместо 300 милиони дози според договорот со блокот од 27 членки.

Пронајдените 29 милиони дози на вакцините на АстраЗенека се доволни за имунизирање на 14,5 милиони луѓе.

– За време на инспекцијата, во близина на Рим беше откриена залиха од речиси 30 милиони дози. Сега е запленета, изјави портпаролот на француската влада Габриел Атал пред новинарите по владината седница, додавајќи дека „ЕУ нема да страда поради туѓите грешки во врска со вакцинацијата“.

Поврзани новости