Adria Media Group го купи Слободен печат

by Фокус

Водечката издавачка компанија на Балканот, Adria Media Group, откупи контролен пакет удели во издавачкото претпријатие што го издава дневниот весник Слободен печат, информираа од весникот.

„Разговорите и преговорите со сопствениците на издавачкото претпријатие Слободен печат ДОО, кои се водеа во насока на преземање на контролниот пакет удели заради натамошен развој на издаваштвото и на производот, завршија успешно. Натамошните активности на издавачот на дневниот весник Слободен печат ќе бидат насочени кон подобрување на квалитетот на изданието и кон натамошно зголемување на неговата популарност, кон значително зајакнување на дистрибутивната мрежа и на другите инфраструктурни претпоставки за успешно работење и за покренување други изданија“, сооопштија од весникот.

Инаку, српската компанија е издавач на српскиот дневен весник Курир, на порталот kurir.rs и на повеќе други популарни печатени изданија (Њусвик, Стори, Ел, Космополитен, Менсхелт, Лиса, Сенса…).

Поздравувајќи ги овие промени, Редакцијата на „Слободен печат“, која го покрена и го оформи производот што за само три години постоење буквално го освои македонски новински пазар, ќе вложи максимални напори да ги поддржи намерите на сопствениците за експлозивен развој на новата издавачка компанија, со уверување дека тие промени ќе придонесат и за сеопшт развој на медиумските слободи и на професионалните стандарди на новинарството во Македонија.

Поврзани новости