Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ), заедно со Асоцијацијата на приредувачи на игри на среќа (АПИС), во придружба на дел од вработените во индустријата на игри на среќа, денес пред Собранието каде на дневен ред на собраниска седница беше ставен предлог Законот за игри на среќа, испрати јасна порака до пратениците: да кажат НЕ на предлог законот кој ќе значи ликвидација на легалната индустрија на игри на среќа.
„Тука сме собрани за да испратиме сериозна и јасна порака, дека нема мирно да стоиме и да гледаме како државата го носи најдеструктивниот закон во историјата, кој ќе предизвика затворање на една легална индустрија и ќе отвори широка врата на сивата економија и криминалот.“- истакна Васко Илијевски- претседател на АСОМ.
АСОМ пред собранието потенцираа дека во повеќе наврати апелирале до јавноста дека предлог законот целосно го отфрлаат и го сметаат за неевропски, неуставен и монополски. Tие објаснија дека за нив апсолутно неприфатливи се предлог измените кои предвидуваат дислокација на објектите, забрана за приредување игри на среќа на Интернет, зголемување на давачките и надоместоците, како и измените на Законот кои задираат во веќе постоечките лиценци, бидејќи истите значат колапс за нивната индустрија.
„Заедно сме тука со дел од нашите вработени кои се загрижени за својата егзистенција и иднина да испратиме апел до пратениците да кажат НЕ на овој катастрофален предлог закон, кој ќе значи оставање на улица на 10 000 луѓе кои чесно заработуваат и придонесуваат за општеството. Новите предлог измени и ќе предизвикаат непоправливи економски штети за целата држава, со тоа што на конец ќе виси и работата на 54 000 граѓани кои соработуваат со нашата индустрија.“- потенцираше Илијевски.
Според АСОМ алармантно е тоа што државата во време на економска криза прави максимално деструктивен чекор и носи закон кој ќе згасне легална индустрија која во буџетот годишно носи прилив од 280 милиони евра.
„Сметаме дека овој предлог закон е направен без соодветна анализа, истражување и користење на факти и аргументи, со тенденциозно избегнување на дебата преку злоупотреба на европското знаменце. Тука сме да кажеме дека од наш интерес е самата индустрија да напредува, а легислативата да се европеизира и дека ова што Владата го прави е спротивно на тоа.“- порачаа од АСОМ.
Од Асоцијацијата истакнаа дека доколку целта на носење на нов Закон за игри на среќа навистина е заштита на младите треба да се работи на едукација, додавајќи дека се целосно подготвени да помогнат преку финансирање и реализација на проекти и програми за едукација на млади.