Сопругата на осомничениот бизнисмен Сеад Кочан, Асмира Кочан, денеска се повлече од менаџерската позиција во фирмата „Трансмет лаб ДООЕЛ“, фирма ќерка на компанијата „Трансмет ДОО“, која е под истрага на Специјалното јавно обвинителство.
Како што јави НОВАТВ, денеска во Централниот регистер е впишана промената во раководството во компанијата и за нов директор во „Трансмет лаб“ е назначена Селма Кочан.
Ова следува само неколку дена откако нејзиниот сопруг излезе од државата додека по него е распишана потерница за притвор.
Порталот Нова ТВ при проверка во Центаралниот регистар забележал дека Асмира Кочан е повлечена и од директорската позиција во телевизијата Нова, минатата година.
Нејзиниот сопруг и натаму е во бегство, а по него е распишана и меѓународна потерница. Неговиот адвокат тврди дека тој е на службен пат и дека решението за негово притворање било незаконско. Додека Кочан е надвор од државата, Апелацијата ќе одлучува за решението за притвор, кое беше издадено на барање СЈО. Кочан се сомничи за местење тендери од ЕЛЕМ во вредност од 17 милиони евра.