Откако граѓански активисти реагираа дека среде празник продолжило копањето на Водно за изградба на магистрален гасовод, од Македонски енергетски ресурси соопштија дека овие активности се отпочнати од понеделник по постигнување на согласност со граѓанскиот сектор.
„По постигнување на согласност со граѓанските активисти кои ќе бидат дел од работните групи за мониторинг на изведбата на целиот проект, од понеделникот 08.10.2018 година се почнати активностите за продолжување на изградбата на Магистрален гасовод Делница 5 Скопје-Тетово-Гостивар кај потегот на Водно и тоа од км 25 до км 26 на потегот кон Шишево“, се наведува во соопштението од МЕР.
Од иницијативата „Го сакам Водно“ реагираа дека и покрај сите ветувања дека нема да се продолжи со копање на Водно додека траат преговорите и консултациите и се водат постапки преку државните институции, денес се работи на државен празник.
„И покрај сите ветувања дека нема да се продолжи со копање на Водно додека траат преговорите и консултациите и се водат постапки преку државните институции, денес на државен празник, подмукло каква што е и целата постапка повторно се отпочна со работа…СРАМНО!“, порачаа од иницијативата „Го сакам Водно“.