СДСМ, во преговорите за за регулирање на медиумската сфера и индустрија, бара целосна департизација на Агенцијата за медиуми, Македонската радио-телевизија и Македонската информативна агенција, брифираа денеска од партијата.
За таа цел, социјалдемократите бараат предлозите за членови на Агенцијата за медиуми на Ссоветот на МРТВ да ги даваат невладини организации и новинарски здруженија, како и да постои можност за самокандидирање, а на крајот изборот да го прави собранието со двотретинско мнозинство.
– Ќе бидат пропишани низа критериуми кои ќе треба да ги исполнуваат кандидатите, што ќе претставува филтер на селекција, додека конечниот збор нема да го има ниедна партија, бидејќи ќе биде потребно двотретинско мнозинство. Претходно, сите кандидати ќе ги соочуваат програмите на седница која ќе биде јавно пренесувана – објаснуваат од партијата.
Од таму велат дека преговарачкиот процес за медиумите ги пробива сите рокови, бидејќи владејачката ВМРО-ДПМНЕ доцнела една седмица со предлзоите за регулирање на медиумската област. Освен дека ДПМНЕ предложил само несуштински и козметички промени на медиумската регулатива, со цел да ги одолговлекува преговорите, од опозициската партија не прецизираа во што се состои позицијата на најголемата владејачка партија, како и на ДУИ.
– Потребни се долгорочни решенија за медиумите, како департизацијата на оваа област, но и краткорочни кои ќе стапат на сила за следните избори. Овие решенија треба да бидат системски, но и персонални. Без регулација на оваа сфера, не може да има фер и демократски избори, односно граѓаните да бидат коректно информирани и да се определат за кого да гласаат во демократска атмосфера. Многу медиуми не ни пренесуваат ставови на опозицијата – велат од Бихаќка.
Инаку, денеска во Клубот на пратеници продолжуваат преговорите за медиумите, по истекот на паузата поради внатрепартиски консултации, како и поради потребата посредникот Питер Ванхојте да замине во собранието, каде има застој во работата на Анкетната комисија за утврдување на политичка одговорност за скандалот со прислушувањето. Како што истакнаа од партијата на Зоран Заев, нивните претставници во пеговорите, кои не се политички туку експертски, му предочиле на Вахнојте дека кога ќе почнат суштинските преговори за медиумите постојано ќе ги информираат и консултираат новинарските здруженија околу решенијата што ќе се разгледуваат. Од Здружението на новинари и Синдикатот на медиумски работници деновиве побараа да бидат вклучени во преговорите или во спротивно нема да го признаат договорот и ќе повикаат на новинарски бојкот на изборите.