На денешното рочиште за случајот „Монструм“ се читаат транскрипти од нелегално прислушувани разговори во УБК, а поврзани со петкратното убиство што се случи кај Смиљковското Езеро во 2012 година.
Во првите разговори кои беа прочитани во судница разговараат непознати лица за јавноста, а еден од нив околу 21 часот веќе е информиран за масакорот, бидејќи на повеќемина соговорници им се јавува и им кажува дека е на работа и само што добил информација дека се убиени пет лица.
Во сите разговори едно од првите прашања е дали убиените се Македонци или Албанци?
-Не се знае кои се, дали Албанци или Македонци, вели еден од соговорниците.
Друг соговорник прашува: Дали се Албанци или неверници?
Наредниот ден по убиството исто така разговараат непознати соговорници, кои меѓусебе разменуваат информации за можните мотив и сторители. Сите заклучуваат дека тоа што се случило е страшно и дека е тешко да се најдат сторителите.
-Нема да ги најдат сторителите, и да се наши треба да се расчисти, ова е страшно, вели еден од соговорниците.
Се читаа и транскрипти од разговор на неодамнешниот руски амбасадор Олег Шчербак и соговорник, кои исто така разговараат за петкратното убиство.
-МВР и Владата не реагираа на време. Информациите стигнуваа преку странските агенции. Никакви докази нема. Четворица од убиените биле планирани, а петиот бил сведок, ми вели соговорникот на рускиот амбасадор, кој додава дека ситуацијата не е ескалирана, но е лоша.
Соговорникот го информира амбасадорот и дека се шири шпекулација дека одмаздата е за Тетово, каде Македонец убил двајца Албанци.
Потоа и двајцата заклучуваат дека околу Нова Година имале информација дека работите ќе се раздвижат на пролет.
Судењето е во тек.
Валентина Вурмо