Ова интервју е објавено на 29.01.2016 година, во неделникот Фокус во бројот 1.060
По постигнувањето на Договорот од Пржино, Спасовски ја презеде функцијата за која можеби најмногу се бореше СДСМ – министер за внатрешни работи. Неполни три месеци по изборот, тој во интервју за „Фокус“ објаснуваше дека открил злоупотреби за лични, партиски и за криминални цели во МВР, каде што, според него, било изворот на злото и со изборниот криминал. Со оглед дека тој е предложен за оваа функција и во новата политичка влада на Зоран Заев, да се потсетиме какво беше неговото првично искуство на чело на полицијата.
Разговарал Влатко СТОЈАНОВСКИ
ФОКУС: Дали сте задоволен од постигнатото откако станавте министер за внатрешни работи? Какви состојби затекнавте во МВР кога седнавте на оваа жешка фотелја?
СПАСОВСКИ: Заедно со професионалците во МВР почнавме да го демонтираме штетниот систем на МВРО што го поставиле во Министерството, Гордана Јанкулоска и Сашо Мијалков. Злоупотребувани се законски и уставни надлежности на Министерството за внатрешни работи и на полицијата, за изборни, партиски, криминални и за лични интереси. Ова го покажуваат доказите до кои дојдовме низ истрагите што ги отворивме и ги водиме по повеќе предмети. Луѓето што работат овде биле под невиден притисок да следат наредби кои доаѓале од високиот врв во власта. Јас му подадов рака на секој што сака да излезе од тој штетен систем за граѓаните и за државата и да учествува во спасувањето на Македонија. Граѓаните на Македонија со поддршката на преодната влада, со која дојде и промената во врвот на МВР, одлучно покажаа дека сакаат полиција што ќе му служи на народот, а не на власта. Ветив и работам по принципот на правичност и праведност во постапувањето. Првите резултати се постигнати, вработените во МВР и граѓаните соработуваат, и да, задоволен сум. Отворивме и заокружуваме повеќе предмети што се во интерес на јавноста, за што ќе дознаат граѓаните како што е ред, низ соодветни процедури.
МВР ПОВЕЌЕ НЕ Е ПАРТИСКИ ШТАБ И НЕ РАБОТИ ЗА ИНТЕРЕСИТЕ НА „ФАМИЛИЈАТА“
ФОКУС: Политичките „бомби“ што ги објавувавте покажаа тешки злоупотреби во Министерството, кое функционирало како партиски штаб, во негови рамки постоеле параполициски структури. Што направивте на тој план?
СПАСОВСКИ: Го демонтираме системот, создаван цела деценија. Она што е важно за граѓаните е да знаат дека луѓе што учествувале во системот на власта на Јанкулоска, Мијалков и на Никола Груевски, соработуваат во овој процес на нормализација што го отворивме, што го олеснува процесот. Ќе го испратам и овде апелот дека не дозволувам повеќе МВРО во МВР. Тоа треба секој да го знае. Изборот е едноставен – работиш чесно за граѓаните и за Македонија или работиш нечесно за интересите на фамилијата на власт. Тие што нанеле или продолжуваат да нанесуваат зло и штети на граѓаните и на државата ќе мора да се соочат со сопствената одговорност.
ФОКУС: Ги променивте началниците на сектори во МВР, но дополнителниот заменик-министер од спротивната страна, Митко Чавков, не постави нивни заменици со право на вето, туку ја обжали вашата одлука до Управниот суд. Дали разрешувањата се во законска процедура и дали се планираат нови кадровски смени?
СПАСОВСКИ: Тоа се последните обиди на власта во заминување, користејќи ги партиските инсталации во Управниот суд да ја опструира работата на Министерството. Секако дека разрешувањата се законски и основани. Притоа, за секое разрешување има соодветни причини што се однесуваат на несовесно и неквалитетно извршување на работите и задачите или злоупотреби на службената положба за вршење политички притисоци и други слабости во работењето. Секој ја има шансата да работи според законските и уставните должности и овластувања. Тие што нема да го почитуваат системот на вредности што го воспоставуваме, ќе бидат разрешени. Сакам да кажам дека процесот на нормализација на државата е почнат, и тоа е повеќе незапирлив процес. Може некој да се обиде да го кочи процесот, но со тоа станува соучесник во злоупотребите на власта на Груевски.
ФОКУС: Извршивте ли проверка во Петтата управа, која беше во центарот на вниманието по избивањето на скандалот со прислушувањето? Дали Горан Груевски сѐ уште е началник, против кого како партија поднесовте и кривична пријава?
СПАСОВСКИ: МВР ги презема сите законски и уставни активности што се во интерес на расчистување на скандалите за кои се појавија сериозни индиции, а има и докази. Предметите се оформуваат и ќе биде соодветно постапено.
ФОКУС: Постои ли можност и до денес да се користи опремата за нелегално прислушување?
СПАСОВСКИ: Вие самите знаете дека кога станува збор за власта на Груевски, сѐ е можно! Тие се на власт 10 години и се обидуваат до последно да ги користат инсталациите во институциите што ги користеле како партиски штабови, за лични и за партиски интереси. Но, како што реков, промените се почнати и назад нема. Секој што помага на противзаконски и противуставни активности и дејствија, а на штета на граѓаните и државата, треба да знае дека е соучесник во злоделата.
ФАБРИКАТА ЗА ЛИЧНИ КАРТИ Е МАНИПУЛАЦИЈА И КОНСТРУКЦИЈА НА ВЛАСТА
ФОКУС: Една од првите афери што ги обелоденивте по стапувањето на оваа функција е тоа што лица за обезбедување им се доделувале на многу „привилегирани“ граѓани, кои не се на никаква функција, а, сепак, користеле ресурси од МВР. Дали дојде до некакви промени во овој дел?
СПАСОВСКИ: Да, наредив на лицата на кои не им следуваат, телохранители, возила на МВР, а ги добивале, спротивно на законот, да им се одземат. Исто така, побарав да се регулира оваа материја и со подзаконски акти во самото Министерство, што е веќе направено. Раководителите на секторите се задолжени да водат евиденција и да пријават злоупотреби.
ФОКУС: Со оглед дека се води жестока антикампања за претставниците на Меѓународната заедница, што го признаа и Аиво Орав и Питер Ванхауте, како и против Специјалното јавно обвинителство на чело со Катица Јанева, кои беа прозвани од самиот Груевски како инструмент за доаѓање на власт на опозицијата, дали се обезбедени мерки за нивна заштита?
СПАСОВСКИ: Сѐ што е побарано од МВР и е во наша надлежност, се спроведува. Обврска на Министерството за внатрешни работи е да ја гарантира безбедноста на сите граѓани што живеат и работат во РМ. Доставен е одговор до барателите на заштита.
ФОКУС: Како од денешна перспектива и од временска дистанца гледате на таканаречениот случај со фабриката за лични карти, кој ве вклучи вас и вашата партија поради, според обвинителството, блискоста со осомничените за производство на лични карти, лажни банкарски сметки и други документи за наводна компромитација на власта, па дури дека кај себе имале дел од прислушуваните разговори за да уценуваат бизнисмени?
СПАСОВСКИ: Власта прави манипулации и конструкции и ги злоупотребува медиумите под контрола за да го одвлече вниманието од сопствената одговорност во огромниот скандал со издавање и печатење незаконски лични карти што го откривме и кој наликува на бунар без дно, бидејки каде и да чепнеме има злоупотреба. Слушнавте и видовте докази, во злоупотребите директно учествувало МВР во време на Јанкулоска и Мијалков, а оперативните дејствија што ги преземаме, откриваат вмешаност и на други институции. Јас ќе повторам, да почекаме да заврши истрагата и таа ќе покаже сѐ.
ФОКУС: Нели овој одговор само остава простор за шпекулациите дека вие сте дел од оваа афера?
СПАСОВСКИ: Слушам коментари дека овој одговор не е доволен за да се расчистат шпекулациите иницирани од власта, дека треба да се излезе со аргументите што ќе покажат дека власта конструира, манипулира, но ние би требало да бидеме исти како Груевски и ВМРО-ДПМНЕ ако зборуваме за докази во тек на истрага. Не ни паѓа на памет да работиме како нив. Има кој да се плаши од тоа што го правел со злоупотреби на лични документи во изборни цели, ние остануваме спокојни, како што излезе на виделина вистината за сѐ друго, ќе излезе и за ова.
ОТКРИВМЕ ЗЛОУПОТРЕБИ СО МАТИЧНИ БРОЕВИ, НЕПОСТОЕЧКИ ЖИВЕАЛИШТА И ФИКТИВНИ ГЛАСАЧИ
ФОКУС: Истовремено обелоденивте дека во МВР незаконски им се издавале лични карти на жители на Пустец, иако немало законска основа за обезбедено живеалиште, но, сепак, добиле право на глас. Дали, покрај ова детектиравте друг криминал од овој тип, како на пример издавање повеќе лични карти за иселени или починати лица, за некој друг да гласа во нивно име?
СПАСОВСКИ: Постојано, во континуитет откриваме нови и нови начини на злоупотреба на лични документи за изборни цели. Има примери какви што посочувате. Најдовме злоупотреби на матични броеви, лица што се водат на непостоечки, фиктивни живеалишта, во непостоечки згради или на пример на петти кат на зграда што има четири ката, голема веројатност за злоупотреби на лични документи на граѓани од Македонија што живеат во странство подолго време и слично. Веќе објавив докази за по десетици лица што се регистрирани на адреси, во куќи и станови на функционери од власта на Груевски, директори на установи, на училишта. Бројката од 450 лица од Пустец за кои објавивме докази дека добиле лични карти од МВР без да имаат решение за живеалиште, што е клучно при издавање ваков документ е многу, многу поголема.
ФОКУС: Какви мерки се преземаат во однос на овие сознанија?
СПАСОВСКИ: Сите податоци до кои доаѓаме, завршуваат во Обвинителството, а соодветни постапки следуваат и за лицата од МВР што учествувале во незаконското издавање и печатење лични карти. Влеговме во трага на веројатен изборен криминал, во повеќе изборни циклуси, во кој учествувале високи функционери од власта на Груевски. Тоа е и причината за нивната огромна нервоза што, како што гледаат граѓаните, кулминира овие денови.
ФОКУС: Познато е дека во рамките на МВР се наоѓа базата на државјани врз основа на што се изготвува избирачкиот список. Дали направивте увид во оваа база и дали таа кореспондира со бројот на гласачи, кој е многу близу до бројот на жители, што раѓа сомнеж дека Избирачкиот список е надуван?
СПАСОВСКИ: Голем дел од злоупотребите потекнуваат и од самото МВР. Избирачкиот список е направен врз основа на базата на податоци во МВР, а, ете, гледате што се правело во таа база на податоци. Многу често самото МВР е изворот на злото. Таа база со полуточни и неточни податоци на граѓани е испраќана до ДИК и до Министерството за правда. Ние имаме директни признанија од вработени во МВР кои под принуда издавале и печателе незаконски лични документи. Тоа се сериозни докази што се земаат предвид.
ИМА ИНДИЦИИ ДЕКА РАКОВОДИТЕЛ ВО МВР УЧЕСТВУВАЛ ВО ЗЛОУПОТРЕБИ СО ВОЗАЧКИ ДОЗВОЛИ
ФОКУС: Што покажува откритието дека во магацините на МВР имало 70.000 дупликат возачки дозволи?
СПАСОВСКИ: Пронајдените 70.000 обрасци за дупликат возачки дозволи се најдени во магацин на МВР каде што стоеле извесно време. Имам признание од вработени дека на раководното лице му е пријавен случајот, но тој не презел ништо до моментот кога јас решив да отворам постапка за случајот. Имам документ што потврдува дека раководното лице реагира ден откако јас ја отворив постапката за расчистување на скандалот. Има индиции дека истото лице учествувало и во други злоупотреби и случајот ќе се расчисти, кој и зошто сакал дупликатот возачки дозволи да останат во МВР.
ФОКУС: Можно ли е возачките дозволи да бидат поврзани со изборни цели?
СПАСОВСКИ: Знаете дека законот не дозволува гласање со возачки дозволи, но знаете и дека домашни и меѓународни организации констатираа токму вакви злоупотреби за време на изборните циклуси. Така што, пресретнавме обид за нови злоупотреби. Од врвот на ВМРО-ДПМНЕ се во паника дека излегуваат злоупотребите што се правени во МВР, за што имаме и признанија од лица што работеле за нив. Затоа се обидуваат да манипулираат со странската фирма. Се сеќавате, како реагираше Јанкулоска кога ќе ја обвиневме како СДСМ дека ја партизира полицијата? Таа велеше дека СДСМ е против полицајците. Како што сега нејзиниот шеф Груевски се поистоветува со народот. Тоа префрлување одговорност за спас на сопствената кожа ним им е начин на функционирање.
ФОКУС: Што говори вашата комуникација со германската компанија што се јавува како снабдувач на овие дозволи?
СПАСОВСКИ: Јас сум во контакт со странската фирма од самиот почеток на скандалот и она што можам да го откријам во овој момент е дека од фирмата беа изненадени зошто никој во моментот кога биле испорачани дупликатот возачки дозволи не ги известил дека тоа се случило. Преку истрагата ќе откриеме кој сѐ е вмешан во случајот и за какви цели. Веќе е покрената постапка од внатрешната контрола во МВР за расчистување на одговорноста за случајот.
ДОГОВОРОТ ОД ПРЖИНО МОРА ДА СЕ СПРОВЕДЕ ДО КРАЈ
ФОКУС: Како ја коментирате изјавата на Груевски дека опозицијата со тоа што во свое раце го зела МВР, а има и зголемен удел во Државната изборна комисија, практично има целосна контрола врз изборниот процес? Или, пак, за целосно фер избори потребно е исполнување и на други услови?
СПАСОВСКИ: Со тоа Груевски директно признава дека досега МВР и ДИК имале целосна контрола врз изборните циклуси, како што впрочем и слушна јавноста во проектот „Вистината за Македонија“. Со Договорот од Пржино се формирани независни тела и органи, но тој Договор не е спроведен во целост. Клучните обврски што треба да овозможат фер и регуларни избори не се исполнети, прочистување на Избирачкиот список и медиумска регулација. Без тоа нема фер и регуларен предизборен и изборен процес. Од тоа бега Груевски, но со одговорноста и потпишаното мора да се соочи. Следните избори мора да бидат фер и демократски.
ФОКУС: На прв впечаток, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се апсолутно решени изборите да се одржат на 24 април, па дали очекувате тоа да се случи или на крајот, сепак, да се одложат? Доколку се одложат, кој би бил најсоодветниот термин до кога би имале време да се затворат преостанатите прашања – Избирачкиот список и медиумите?
СПАСОВСКИ: Следните избори мора да бидат фер и регуларни. Постои независна институција, тоа е Државната изборна комисија, која веќе работи на проценка на потребните нови рокови за прочистување на Избирачкиот список, бидејки законските рокови се длабоко пробиени. Без доверлив Избирачки список и без регулација на медиумската сфера не се можни фер и регуларни избори. Штом ДИК ги соопшти роковите и штом се постигне договор за механизмите за објективно известување, може да се договори датумот за избори. Власта е таа што ги одолжуваше роковите, бидејки таа бега од фер избори. Македонија мора да добие влада на фер и регуларни избори. Од оваа заложба, во интерес на граѓаните и на државата, СДСМ нема да отстапи.
ФОКУС: Ако, сепак, се одржат избори без целокупната опозиција, каков развој на настаните може да се случи? Какви опции ѝ стојат на располагање на опозицијата во таква ситуација, кога договорот од Пржино пропаѓа, а сите бомби се предадени во Специјалното јавно обвинителство? Од друга страна, Уставниот суд, каде што контрола има владејачката партија, има можност да го укине Специјалното јавно обвинителство.
СПАСОВСКИ: Договорот од Пржино е единствениот излез од политичката криза и мора да се почитува. Ние инсистираме на спроведување на договореното во Пржино и од тоа нема да отстапиме. Тие што ќе го направат тоа, ќе треба да се соочат со одговорноста од таквиот чекор. Но, веќе не е во прашање само ставот на СДСМ. Демократска Македонија сака промени, тие промени почнаа и назад нема.
НЕФЕР ИЗБОРИ БЕЗ СИТЕ ПАРТИИ ЌЕ ГЕНЕРИРААТ НОВИ КРИЗИ
ФОКУС: На денот кога Груевски одлучи да се повлече, а пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, со помош на колегите од ДУИ, да го распуштат Парламентот, тие го користеа аргументот дека бегалската криза иницира потреба зошто не смее да има одложување на изборите. Образложението беше дека кризата ќе се засилува и потребно е конечно затворање на политичката криза и новата стабилна влада да се занимава со ова прашање.
СПАСОВСКИ: За решавање на сите отворени и сериозни прашања со кои се соочуваат граѓаните и државата, вклучувајќи го и ова сериозно прашање, како што е бегалската криза, потребна е стабилна влада, која ќе добие мандат признаен од сите, тоа значи на фер и регуларни избори. Нефер избори на кои нема да учествуваат сите партии се огромен ризик за граѓаните и за државата и тоа е сериозен генератор на криза со сериозни последици. Тоа на Македонија не ѝ е потребно и не смее да ѝ се случи. Јас се надевам дека сите ќе најдат сила кај себе да ги надминат личните, партиски интереси, да овозможиме граѓаните на Македонија да добијат стабилна влада, со признаен мандат и да се зафатиме со решавање на бројните проблеми и предизвици.
НИЕ НЕ СМЕ ВО ВЛАДАТА ЗА ДА ВЛАДЕЕМЕ, ТУКУ СПРЕЧУВАМЕ ЗЛОУПОТРЕБИ
ФОКУС: Најголема забелешка на релевантните меѓународни организации за неколку изборни циклуси наназад е сраснувањето на партијата со државата. Во овој контекст, не сметате ли дека истото го поткрепува фактот што и вие сте истовремено министер и партиски генерален секретар, поради што ќе мора да учествувате во кампања и на терен?
СПАСОВСКИ: Двајца министри и тројца заменик-министри од СДСМ се дел од преодната влада за да спречиме злоупотреби во предизборниот и изборниот процес. Ние не сме во владата за да владееме со Груевски. Како што може да се види, работиме заедно со граѓаните на процеси за нормализација на државата, што е спротивно на активностите на власта, која работи за интересите на фамилијата. Ќе имате можност да видите како се работи за интересите на граѓаните, а од искуството досега, граѓаните тоа веќе го гледаат и даваат поддршка.
ФОКУС: Како одговарате на обвинувањата дека влеговте во власта без избори? Дали тоа претставува потврда дека последните избори не ја отсликуваат реалната волја на граѓаните?
СПАСОВСКИ: Да потсетам само дека моето назначување, како и на моите колеги од СДСМ во преодната влада беше изгласано со консензус во Парламентот. Јасно е за сите дека учеството на СДСМ во преодната влада е политичка одлука, според Договорот од Пржино, во насока на обезбедување услови за фер и регуларни избори, од што, за жал, гледаме дека власта на Груевски бега.