Касами чека одговор од Заев дали прифаќа редефинирање, балансирано владеење, временски ограничена влада

by Фокус
Откако мандатарот Зоран Заев ќе се врати во Скопје, кој денеска во Брисел ќе има билатерална средба со високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, ќе стане јасно дали БЕСА ќе учествува во новата влада на СДСМ, ДУИ и Алијансата за Албанците, или, пак, ќе ја поддржува однадвор.
Од БЕСА ни изјавија дека работни групи на партијата и на социјалдемократите се во постојан контакт, меѓутоа по неговото враќање од Брисел очекуваат конечен одговор од Заев дали ќе бидат прифатени нивните пет принципи, од кои уверуваат дека нема да отстапат во никој случај.
Како што посочуваат од таму, станува збор за следниве принципи: редефинирање, целосна имплементација на декларацијата што ја потпишаа албанските партии, во владата да нема инкриминирани лица, договорот за коалиција да биде транспарентен и временски ограничен, како и новата влада да владее балансирано.
-Доколку овие принципи или дел од нив се неприфатливи за носителите на новото парламентарно мнозинство, БЕСА нема да влезе во владата, меѓутоа ќе ги поддржува нејзините реформски проекти – велат од партијата.
Во меѓувреме, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, синоќа изјави дека сите точки и елементи од албанската декларација нема да биде вклучени во владината програма, туку само најважните аспекти и реформските приоритети, што е спротивно на еден од условите на БЕСА.
Покрај останатото, останува неиузвесно колку за новите коалициски партнери, на чело со СДСМ, е прифатлив условот на оваа партија за временски ограничена влада, со оглед дека на пораките од таму дека се надеваат оти владата ќе истера цел четиригодишен мандат.
Што се однесува до другите услови, со исклучок на редефинирањето, кој е општ и подложен на разни интерпретации, не треба да има поголеми несогласувања, имајќи во предвид дека сите партии најавуваат оти компромитирани лица нема да бидат дел од новата влада, која, патем, ќе владее транспарентно и инклузивно.
В.С.

Поврзани новости