Поранешниот началник на Одделението за меѓународна соработка во Секторот за Европска унија при МВР, Антонио Санев, на денешната прес-конференција на Независниот полициски синдикат обвини дека по налог на поранешната министерка Гордана Јанкулоска во 2012 година бил деградиран на две работни места пониско за на негово место да дојде на началникот од УБК, Горан Грујевски – Росица Грујевска.
-Од комисијата моето менување го образложуваат со тоа дека сум направил прекршување на прописи на МВР затоа што не сум извадил беџ и во даден период не сум бил во канцеларијата. Се работи за едно тотално лажирање и назначување на друго лице место мене кое ќе извршува наредби – вели Санев, додавајќи дека претседателот на комисијата, Киро Тодоровски, не исполнувал услови да биде на оваа позиција согласно Колективниот договор на МВР и Законот за внатрешни работи.
Во однос на оваа одлука, прераспределениот началник Санев во повеќе наврати поднел приговори до секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди при МВР, како и до министрите кои биле на чело на ова министерство од 2012 година па досега, вклучително и до актуелниот министер Оливер Спасовски, кој го одбил неговиот приговор и го советувал правдата да ја бара на суд.
-Ваквото однесување и прикривање е кривично дело и злоупотреба на службената должност од страна на највисоките преставници на МВР. Самото министерство констатирало незаконитост и не презема ништо во врска со тоа – вели Санев, кој одлуката на Спасовски ја обжалил кај Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос од втор степен, но и оттаму добил решение во кое стои дека приговорот се отфрла како недозволен.