Јакимовски и Стоиљковиќ во Москва се сретнаа со соработници на Путин

by Фокус

Развојот на политичката, економската и културната соработка, како и важноста на зачувувањето и јакнењето на духовните врски меѓу Русија и Македонија, биле теми на разговорите меѓу претставници на руската владејачка Единствена Русија на рускиот претседател Владимир Путин, на чело со заменик-секретарот на Генералниот совет на партијата Сергеј Жељезнак, и делегации на македонски парламентарни политички партии ГРОМ и ДПС, предводени од партиските лидери Стевчо Јакимовски и Иван Стоиљковиќ.

-Со длабока загриженост ги гледаме сите обиди за директен притисок од надвор и обидите за мешање во внатрешните работи на суверена Македонија, промени на националниот идентитет, името на државата, Уставот, системот на државата и националните симболи. Сето ова е направено со цел да се трансформира Македонија во протекторат на НАТО против волјата на поголемиот дел од своите граѓани. Таквите активности не само што ја дестабилизираат политичката ситуација во Македонија, туку имаат негативно влијание врз безбедноста и стабилноста во целиот балкански регион – рече Жељезнак.

Двете страни ја разгледаа и иницијативата за создавање балканска царинска унија и продолжувањето на слободната трговија со Русија, разговараа и ја поддржаа идејата за формирање на постојан форум на Македонија и Русија, како отворена платформа за дискусија со учество на политички партии, невладини организации, експерти, бизнисмени.

На сликите од средбата се појавува и Борис Дамовски, кој беше еден од предводниците на протестите „За заедничка Македонија“, кои завршија со насилството во парламентот и нападот на пратениците и новинарите на 27 април.

Поврзани новости