Претседателот на Здружението на производители на медицински канабис „Макканабис“, Костадин Дуковски, во интервју објавено во последниот број на неделникот Фокус, вели дека дел од нивните сугестии и барања се инкорпорирани во новите законски измени што треба да го регулираат одгледувањето канабис за медицински цели, но, како што вели, дел од нивните барања не се прифатени. Меѓу другото, новите законски измени треба да овозможат извоз не само на екстрактот од канабис, туку и на сувиот цвет, од кој моментално, според Дуковски, во магацините на лиценцираните компании има залихи во вредност од околу 60 милиони евра. Тој смета дека новата Агенција што треба да се формира мора да има максимално широки овластувања при регулација и контрола на производството.
ФОКУС: Кое е вашето мислење за нацрт-верзијата на новиот закон за опојни дроги и психотропни супстанци, во делот на одгледување и производство на канабис и масло од канабис?
ДУКОВСКИ: Ние веќе се произнесовме и со официјални дописи до институциите, дел од тоа се прифати уште пред да биде пуштен на влада предлог-законот. Меѓутоа, не се прифатија целосно нашите барања. Така, гаранцијата од милион евра се намали на пола милион евра. Според мене и здружението, поубаво ќе беше да се регулира на начин што ќе се осигура дејноста. Во таков случај, производството ќе им беше осигурано и од трети лица и едноставно ќе можеа да се обештетат и да ја заштитат инвестицијата. Во моментот само непотребно ги товариме компаниите со банкарска гаранција и дополнителни фискални импликации. Во Грција, на пример, прво мора да уплатиш само 10.000 евра, да покажеш сообразност дека ќе ја извршиш инвестицијата и дека ќе го имплементираш проектот. Се прифати и обврската за најмалку 15 вработени да падне на 5. Реално, кога ќе се почне производството, и 15 вработени се малку, меѓутоа зошто тие луѓе да се финансираат однапред, наместо да бидат вработени откако компанијата веќе ќе биде функционална.
ФОКУС: Кои, според вас, се најголемите проблеми со законот што се предлага?
ДУКОВСКИ: Небулозна е обврската за уплата на 10 отсто од профитот, тоа е данок на данок и не е во ред. Има ваков пример во Канада, но не за медицински цели. Ја почитувам определбата на владата дека овие пари би се вложиле во научно-истражувачки цели, но би апелирал дека може и друг буџет да најдеме за вакви цели. Ако краен производ е маслото, јас би го регулирал со 4 отсто излезна фактура, бидејќи не се видело во медицината дополнителен данок да се плаќа. Ние за лековите имаме повластена ставка од 5 наместо 18 отсто. Ако цениме дека ова е лек, тогаш зошто се издвојуваме од било кој друг обичен или синтетички лек. Тогаш на се да ставиме плус 10 отсто. Друг проблем е согласноста на владата за промена во сопственичката структура. Ако јас регистрирам акционерско друштво, тоа направи апликација за лиценцирање, и ќе отидам на берза и тоа значи дека ќе им кажам на инвеститорите, чекајте, владата треба да ми даде согласност? Тоа е бирократија која ќе ни одземе време.
ФОКУС: За каква инвестиција станува збор кога се говори за едно просечно производство на канабис и какви услови и критериуми треба да се исполнат?
ДУКОВСКИ: Минималните технички услови мора да ги исполните, ама тие не се доволни за да се постигнат стандардите. Миниминалните технички услови во Македонија подразбираат медицинска фармакопеа. Ние не сме за рекреативни, туку за медицински цели. И сега има различни форми на конзумирање на канабисот, и тој може да се конзумира во цвет, а во дадени држави и во цвет и во масло. Маслото е иднина во фармацијата, но има и друга форма како краен производ – цветот. Оттука, ја поздравуваме иницијативата само цветот да се дозволи да се извезува.
ФОКУС: Еден од главните новитети во новиот закон е токму можноста да се извезува цветот, па каков бенефит ќе имаат компаниите што веќе беа во процес на производство и има ли проценка колкави залихи натрупале во меѓувреме?
ДУКОВСКИ: Обемот на суровина, според податоците што ги имаме на ниво на здуржение, по основ на количините што ги имаат во залихи, е некаде 60 милиони евра во продажна цена, што не значи дека сега во моментот нема нови реколти. Затоа, со измените на законот се утврдува дека компаниите треба да го информираат министерството, министерството да води соодветна статистика во однос на тоа, а досега тоа не се случило. И кога некој друг ќе праша во владата, министерот ќе нема доволно податоци.
ФОКУС: Како компаниите се доведоа во ваква ситуација да создадат толкави залихи кога го имаа пред себе уште постоечкиот закон кој предвидуваше извоз исклучително на екстракт?
ДУКОВСКИ: Прво, многу од фирмите не знаеjа во каков бизнис влегуваат. Дел од нив не го ни разбираа бизнисот и не знаеја со што ќе се соочат. Тие мислеа – ајде ќе садиме канабис и нема да има проблем, но не е така. Правниот субјект мора да има дозвола од министерството кое е увозник и министерството кое е извозник. Без такви документи, не можеш да извршиш извоз. Плус, ГМП стандарите треба да се исполнат, но прво треба да ги исполниме македонските стандарди, тоа е условот за извоз. Подзаконските акти за ГМП не се ажурирани од 2009 година и тоа создава дополнителни проблеми.
ФОКУС: Дали агенцијата што треба да се формира се предвидува со сите потребни надлежности за да ја врши својата функција?
ДУКОВСКИ: Претходно, со првата верзија на ЕНЕР – да, но сега со втората верзија што отиде на влада, на Агенцијата и се кратат надлежностите. Овластувањата пак се враќаат во Министерството за здравство. Од кои причини, не знам, но ценам дека Агенцијата треба да ги преземе сите надлежности зашто таа ќе ги знае најдобро сите проблеми. Министерот за здравство не може да ги знае, може само да ги претпоставува.
ФОКУС: Дали постојат индиции и сознанија дека се случувале или се случуваат одредени злоупотреби во бизнсиот?
ДУКОВСКИ: Јас сознанија немам, можеби имаат органите што се занимаваат со таа работа, но злоупотреби можеби има и ќе има и ние криминогените дејства не можеме да ги сопреме ако некој решил да ги направи. Тоа можат само агенциите во власта за гонење на такви форми на дејства и МВР.
ФОКУС: Како предуслов за превенирање на такви евентуални злоупотреби е наведена и редовна контрола и надзор врз работата на компаниите, па дали тоа се остварува?
ДУКОВСКИ: Јас имам сознанија, комуницирам и со комисијата за лиценцирање на канабис која е надлежна и за инспекциски надзор, дека извршиле надзор на повеќе места, некаде и по два-три пати. Според мене, Агенцијата треба да ја сфати нејзината улога и да и се дадат овластувања се да контролира. Од видео-мониторинг, видео-камери, се тоа може да се направи, па ако некој направи злоупотреба, тоа ќе биде снимено на камера.
В.С.