Адвокатот Жарко Стевановски, кој активно учествуваше и во „шарената револуција“, е еден од можните кандидати за градоначалник на Прилеп од редовите на коалицијата предводена од СДСМ, дознава Фокус од партиски извори.
Инаку, Стевановски долго време поднесува кривични пријави против долгогодишниот прилепски градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, Марјан Ристески, кои токму сега го дадоа првиот резултат.
Имено, по пријава на Стеваноски за несовесно работење во службата, прилепскиот Основен суд го осуди Ристески на парична казна од 36.900,00 денари и воедно му изрече алтернативна мерка, односно условна осуда казна затвор во траење од 3 месеци.
Истовремено, прилепскиот градоначалник е задолжен на име надомест на штета на Општина Прилеп да и исплати 238.750,00 денари, поради тоа што не обезбедил правилна и законита заштита на сопственоста на Општината, односно не ја осигурил од штети зградата на ЕЛС Општина Прилеп.
На тој начин, според судот, градоначалникот на Прилеп и нанел штета на локалната самоуправа во износ од 238.750,00 денари, која настанала за време на одржаните протести од група граѓани во текот на месеците април, мај и јуни 2016 година.
Инаку, Стевановски против Ристески има поднесено 5 кривични пријави со кои градоначалникот за злоупотреба на службената положба и овластувањата и Злоупотреба на постапките за јавни набавки.
Покрај Стеваноски, според партиски извори, во конкуренција за кандидат за градоначалник на Прилеп од СДСМ кои може да му се спротивстават на Ристески се на претстојните избори се и претседателот на партиската општинска организација Сашо Велески, директорот на градската болница Илија Јованоски, членот на прилепскиот совет Гоце Туманоски.
В.С.