АРХИВА Боро Стајиќ-го лечеле од пијанство, а имал скршен врат: Ми ги уништија сите шанси да оздравам!!

by fokus

Текстот е објавен на 10 јануар 2020 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1266

Охридскиот суд по трет пат донесе ослободителна пресуда за двајцата лекари кои обвинителството ги товари за тешки дела против здравјето на луѓето, односно затоа што не му пружиле соодветна медицинска помош на тогаш малолетниот Боро Стајиќ кој еден скок во Охридското езеро го остави парализиран. Неделникот „Фокус“ во последниот број ја раскажа приказната на сега веќе дваесети петгодишниот Стајиќ, кој седум години се бори со здравствениот и судскиот систем.

Пишувала

Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Ден пред Божиќ, на Бадник, кога коледарите ја најавуваат радосната вест, се запознавме со Боро Стајиќ, момчето на кое една летна тинејџерска забава на плажата Кадмо на Охридско Езеро во 2012 година, кога немал наполнето ниту 18 години, му го промени животот засекогаш.

Боро Стајиќ сега  има 25 години, но изгледа многу позрел за своите години. Животот го направил таков, прво несреќата, а потоа неправдата што не може да го оствари своето право на подобар и поквалитетен живот, за кој му се потребни пари на кои има право ако докаже дека лекарите направиле лекарска грешка.

-Тие ми ги уништија сите шанси што ги имав во битката за оздравување. За да победам во трката за оздравување морав да учествувам, но лекарите не ми дадоа шанса да учествувам. Да ме имобилизираа и да ме однесеа веднаш на операција, ќе ми дадеа шанса да победам ја започнува својата приказна Стајиќ.

        Во четири часот наутро момчето скокнало во езерото. Го извлекле од водата и повикале Брза помош да дојде на плажата Кадмо, затоа што има паднато дете, давеник. Но, лекарката од Брзата помош, наместо да му помогне, тој тврди дека му одмогнала. Не го имобилизирала и дозволила нестручни лица да го внесат во возилото. Потоа наместо да го однесе во болницата „Св. Еразмо“ каде што можел веднаш да биде опериран, го однела во Општата болница Охрид на Интерно одделение. И покрај тоа што повикот бил за паднато дете, лекарката проценила дека млитавоста на рацете и нозете се поради пијанство, а не од падот.

Докторот од интерното одделение не го примил Боро во болница. Влегол во возилото на Брза помош, кое било паркирано пред болницата, излегол по една минута и го испратил Боро, дома на спиење. Лекарката од Брзата помош не се спротивставила на ваквата одлука, иако и натаму сметала дека има алкохолно труење. Возилото на Брза помош, наместо во специјализираната болница Св. Еразмо, го однесло момчето дома, во станот во Охрид, каде што престојувал. Бидејќи во лифтот не ја собирало носилката, до станот го носеле возачот и неговиот другар под мишки, неимобилизиран. Таму го легнале и си заминале, па наместо на операција, Боро го легнале да спие.

По неколку часа, поточно  во 11 часот, кога Боро Стајиќ се разбудил не можел да ги движи, ниту рацете, ниту нозете и повторно викнале Брза помош. Во станот дошла друга дежурна докторка и иако Стајиќ немал ниту модринки и исеченици му поставила точна дијагноза, квадриплегија, односно неподвижност на рацете и нозете.

Неговата мајка Луиза Стајиќ веднаш по несреќата поднела кривична пријава и Обвинителството отворило истрага за двајца лекари:  една докторка од Итната медицинска помош и еден доктор од Интерното одделение на Охридската болница, кои се гонат за кривично дело тешки дела против здравјето на луѓето.

 СЕ КИНЕЛЕ СТРАНИЦИ И СЕ ПРЕПРАВАЛА ДИЈАГНОЗАТА

По несреќата почнува неговата борба со судскиот систем. Истрагата почнала во 2012 година, а првата пресуда е донесена, по пет години, во 2017 година. Претседател на судечкиот совет, била судијката Весна Кичеец, која иако не смеела да постапува во предметот, бидејќи претходно била истражен судија, не се изземала, туку со години судела.

-Не верувам дека судијата заборавила дека во истиот предмет постапувала како истражен судија. Зошто веднаш не побарала изземање, зошто сакала да го суди предметот, наместо да се изземе, таа најдобро знае, вели Стајиќ.

Целата постапка во семејството Стајиќ создало перцепција дека лекарите се заштитени како бели мечки, кога се работи за лекарска грешка, не само од нивните колеги, туку и од Охридскиот суд.

Медицинската сестра која таа вечер била во придружба на лекарката сведочела дека по кажување на лекарката, во книгата, во која се регистрираат повици, прво напишала една дијагноза, а потоа со коректор ја избришала дијагнозата и напишала друга дијагноза.

На барање на јавниот обвинител, судијата Кичееец донела решение за вештачење на книгата со коректор, но таа никогаш не ја испратила оваа книга на вештачење. Другиот судија, пак, кој сега го води случајот, Бојан Мартиновски, не само што не ја испратил на вештачење, туку го отповикал и решението за вештачење.

Но, не е проблематична само оваа книга. Во книгата каде што лекарката дава рапорт, јавниот обвинител се посомневал дека се кинети страници и поради тоа побарал вештачење. Но, и таа книга не била вештачена, со образложение дека такви вештачења одделот не вршел.

-Според мене, судијата Бојан Мартиноски не требаше да го отповика решението за вештачење на оваа книга затоа што со вештачењето  можеше да се докажеше дека на пример дијагнозата се однесува на повреда, тоа би можело да упати на повисок степен на умисла, односно вина кое е во насока на одмерување на висината на казната. Затоа сметам дека и тоа како е битно да се изврши вештачење на оваа книга, вели мајката на Боро, Луиза Стајиќ, која по професија е адвокат.

Таа вели дека ако навреме се извештачела оваа книга, во зависност од содржината на вештачењето, постоела можност за сомнение за кривично дело, уништување на докази во судска постапка. Ова дело застарува за шест години, а шест години веќе би требало да се изминати и делото е веќе застарено. И јавниот обвинител се посомневал дека можеби има сомнение за кривично дело затоа што во еден момент во истрагата оригиналните книги кои биле испратени на вештачење, не биле вратени, па обвинителот побарал да се прошири истрагата за да се пронајдат книгите што требало да бидат предмет на вештачење.

ДВАПАТИ СЕ УКИНУВА ОСЛОБОДИТЕЛНАТА ПРЕСУДА

           Изјавите на лекарите што ги дале пред судот се контрадикторни. Првообвинетата лекарка тврди дека Боро имал алкохолно труење, а второобвинетиот лекар најпрво тврдел дека има лесно пијанство, за потоа да се премисли и да тврди дека имал тешко пијанство. Според него, во болницата во Охрид не примале пациенти со тешко пијанство, ги носеле дома сами да се отрезнат.

Лекарката од Брзата помош вели дека Боро не бил свесен  и затоа не можела да разговара со него, иако момчето тврди дека уште во возилото ѝ кажувало дека не ги чувствува рацете и нозете.

Но, сепак, не е сè така црно. За Стајиќ постои надеж за непристрасно судење, ама не во судот во Охрид, туку во Апелациониот суд во Битола. Повисокиот суд двапати ги укинува пресудите на охридскиот суд, и пресудата што ја донел судечкиот совет на чело со судијката Кичеец, како и пресудата што ја донел судечкиот совет на чело со судијата Бојан Мартиновски.

Првиот пат судот не го ценел како доказ вештиот наод и мислење, а вториот пат го ценел, но само делумно во делот дека лекарите направиле пропусти, но не и дека поради пропустите Боро се здобил со тешка телесна повреда. Мајката на Боро смета дека главен доказ за лекарска грешка е медицинско вештачење. Одлуката на судот, покрај другите докази, мора да произлегува од вештиот наод и мислење на Судска медицина како суштински и релевантен доказ за одлучување дали постои лекарска грешка.

 А, зар може да се докаже лекарска грешка беш медицинско вештачење? Не може, вели мајката на Боро.

Вештачењето на Судска медицина покажало дека лекарите биле должни и можеле да направат разлика за тоа дали се работи за пијан човек, кој, сепак, би можел да стои придржуван од еден човек, или пак за лице со целосна одземеност на рацете и нозете кој не ќе може да се исправи. Неопходно било да му се постави „медицинска крагна“ сè додека не се постави точната дијагноза. Првостепениот суд утврдил дека лекарите направиле пропусти, но, според нив, не се докажало дека Боро останал парализиран заради пропустите на лекарите. Судот утврдил дека со скокот во вода и ударот на главата се случило моментално и трајно оштетување. „Не се докажа дека токму поради пропустите кои обвинетите ги направиле при прегледот и лекарскиот третман на оштетениот била предизвикана тешката телесна повреда со знатно и трајно оштетување на важен дел од телото, што, пак, е услов за постоење на ова кривично дело“, се вели во пресудата.

Но, оваа пресуда, Апелацискиот суд ја укинува и му укажува на понискиот суд дека во повтореното судење мора да биде ценет и вештиот наод и мислење на судска медицина како доказ.

„Во услови кога и двете вешти лица се категорични во своите искази дека утврдените пропусти на двата лекари со неукажување на правилна лекарска помош довеле до влошување на здравствената состојба на оштетениот и нивниот заклучок дека постои причинско последична врска помеѓу преземените методи на обвинетите со тешката телесна повреда кај оштетениот, првостепениот суд прифаќа дека во конкретниот случај не се утврдила околноста во што се состоело влошувањето на здравствената состојба на оштетениот со пропустите на обвинетите лекари. Токму таа околност која се однесува на тоа да се утврди во што се состоело влошувањето на здравствената состојба на оштетениот и на каков начин е предизвикана со пропустите на лекарите беше должен да ја утврди првостепениот суд и на таков начин со сигурност да ги утврди сите решителни факти кои што се од влијание за одлучувањето“, се вели во пресудата на Апелација.

Иако судењето било повторено со судечки совет, на чело со Бојан Мартиновски, сепак, судот делумно го прифатил вештачењето  и не образложил зошто го прифатил само тој дел од вештачењето.

„Судот го прифати само вештиот наод во делот кој се однесува на тоа дека обвинетите како лекари значително остапиле од правилата на медицинската наука при пружање на лекарска помош на оштетениот, а не го прифати вештиот наод во останатиот дел, во кој вештите лица наведуваат дека непостапувањето по правилата на медицинската наука од страна на обвинетите како лекари, и тоа првообвинетата како лекар во итната медицинска помош, а второобвинетиот како лекар специјалист интернист е во причинска врска со влошувањето на здраствената состојба на оштетениот“, се вели во второто решение на Апелација.

Во повторената постапка не е расчистена ниту дилемата како лекарите не разбрале што всушност се случило, ако се земе предвид дека момчето во возилото и кажувало на лекарката дека не ги чувствува рацете и нозете и дека му е студеното, а неговиот другар кој бил во возилото и раскажал што точно се случило.

НА ЛЕКАРИТЕ ВО ОХРИД МОЖЕ ДА ИМ СУДИ САМО ЕДЕН СУДИЈА

Третото по ред судење за овој случај почна непосредно пред Нова година. Самиот судија, Бојан Мартиновски пред почнувањето на процесот побарал изземање, но претседателот на судот не го прифатил неговото барање.

Во овој момент во Охридскиот суд тој е единствен судија што може да биде претседател  на Совет во постапката против обвинетите лекари. Судијката Кичеец се иззема, судијката Билјана Белевска побара изземање кога и беше доделен предметот, а претседателот на судот исто така бил во состав на кривичен совет кој одлучувал по приговор на обвинителен акт, поради што и тој не може да суди. Други судии од кривичната област во судот во Охрид нема.

-Се понадевав дека можеби судскиот совет ќе реагира на ваквата состојба со мојот случај, но, за жал, не испадна така. Во ноември 2018 година поднесов претставка на која не ми одговорија. Точно една година  подоцна, во ноември 2019 поднесов друга преставка на која повторно не ми одговорија. Што да помислам друго, освен дека и судиите во Охрид, како и лекарите се заштитени. Ги штити Републичкиот судски совет со своето непостапување по моите претставки. Еве сега подготвувам нова претставка, но овој пат на многу страници и со многу докази, најавува Боро.

Тој се надева дека на третото по ред судење, конечно, ќе му стаса правдата.

ЛЕКОТ МЕТИЛПРЕДНИЗОЛОН МОЖЕЛ ДА СПРЕЧИ ДОПОЛНИТЕЛНИ ОШТЕТУВАЊА?

Мајката на повреденото момче, Луиза Стајиќ, која по професија е правник, но маката ја натерала да се интересира и за медицината и за упатствата што се пропишани за лекарите за повреда на ‘рбетниот мозок.

На мајка ми ѝ кажале за некоја инјекција која не ми била ставена и затоа јас ја имам најтешката квадриплегија, а не полесната или најлесната. Таа на веб-страницата на Министерството за здравство ги најде упатствата кои лекарите требало да ги применуваат  при спинални повреди. Оваа инјекција, која мора да се стави најдоцна во првите 3-8 часа, мене не ми е ставена затоа што јас првпат не бев однесен во болницата  Св. Еразмо“, која е специјализирана за вакви повреди. Можело да ме однесат со првата Брза помош уште во првиот час. Оваа болница е на 20-тина километри од  местото каде што скокнав. Мене ме однесоа првпат  во болницата  Св. Еразмо околку 13.00 часот попладне истиот ден. Дотогаш беа изминати осум  часа, па затоа не ми го дадоа овој лек кој можел многу да помогне, вели Боро Стајиќ.

Станува збор за лек кој според Упатствата за медицина заснована на докази се дава на пациенти со спинални повреди во првите три часа за да се спречи настанување оток или ако настанал оток да се намали. Отокот без ваков лек брзо се шири и секундарно го оштетува ‘рбетниот мозок.

НАПИШАНА БИЛА ДИЈАГНОЗА ШТО НЕ ПОСТОИ

Во книгата во графата за дијагнози, наместо избришаната дијагноза,  медицинската сестра по кажување на лекарката напишала шифра F 10.X без текст. Според меѓународната класификација на болести дијагнозата со шифра F10.X не постои. Постојат дијагнози од F.10.0 до F10.9.

„Не треба да бидам адвокат или судија за да се посомневам дека веројатно бришаната дијагноза била нешто во врска со мојата повреда, а  не со пијанство. Па, јас кога ги соблекував панталоните за да скокнам, стоев на една нога, тоа го потврди и момчето што ме извадило од вода, а кога дојде докторката, 15-тина минути по скокот, според неа, јас сум имал алкохолно труење. За жал, лекарката моето жалење дека не ги чувствувам рацете и нозете и мојата млитавост на рацете и нозете погрешно ја проценила дека се работи за алкохолно труење, односно дека не се работи за ‘рбетни повреди“, вели Боро Стајиќ.

 

Поврзани новости