Арсовски: Власта за денес предвиде ново задолжување од 9 милиони евра

by fokus

Министерството за финансии за денес предвиде ново задолжување од 9 милиони евра. Ова е аларамантно темпо со кое што СДСМ ја задолжува државата, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Тој вели дека откако премиерот Зоран Заев ја презел власта, јавниот долг е зголемен на над 5 милиони евра, а државниот долг на над 4 милијарди евра.

-Психолошката граница од 5 милијарди евра задолжување е пробиена. Граѓаните се во страв и грч за својата иднина и иднината на своите семејства. Во само првите три месеци годинава државата е задолжена за нови 300 милиони евра. Секое едно семејство е задолжено за нови 600 евра, или, едно четиричлено просечно семејство е задолжено за над 10.000 евра од вкупниот долг на Република Македонија. Секој еден човек во нашата држава, секој граѓанин има долг од над 2.500 евра според вкупниот долг на државата. И тоа само затоа што Владата на СДСМ и Зоран Заев не знае да располага со државните пари и секојдневно се задолжува, вели Арсовски.

Портпаролот на опозициската партија праша каде завршуваат и во што се инвестираат парите кои што тие ги задолжуваат граѓаните.

-Во меѓувреме, додека психолошката граница на задолжување помина од 5 милијарди евра, трошоците за живот се се поголеми, а цените на мало растат. Тоа секојдневно ни го потврдуваат и граѓаните кои што не сретнуваат, дека животот е значително поскапен за разлика од пред една година, односно поскапен откако дојде СДСМ на власт. Граѓаните немаат повисоки плати и пензии, а трошоците за живот се се поголеми. Па така, цените на мало во април годинава се зголемени за 3% во однос на април лани, додека пак вкупните трошоци за живот се зголемени за 1.4%, додаде Арсовски.

 

Поврзани новости