Откако вчера беа објавени снимките на кои се слуша како пратеникот Антонијо Милошоски разговара со судии за случај поврзан со неговиот татко, од неговата партија ВМРО-ДПМНЕ го обвинија лидерот на СДСМ Зоран Заев дека извршил кривично дело со тоа што не ги предал прислушувани разговори во СЈО.
-Најверојатно, тој или некој негов близок во редовите на СДСМ уште ги поседува снимките, што тие ги најавија како „бомби“, а се виде дека биле петарди. Имаше вчера и пратеникот Милошоски барање до Зоран Заев за јавно соочување, да ги соочат двајцата сите оние материјали што ги поседуваат во однос на снимени разговори од укажувачи, јавно да ги соочат пред медиумите и граѓаните сами проценат што и како има во нив – рече портпаролот на ДПМНЕ Димче Арсовски.
Тој додаде дека СЈО било формирано за да ги испита индициите од тие „бомби“ и да ги преточи во судски процеси, доколу, како што посочи, има докази за криминал.
-Сите знаеме како заврши таа институција. Ова е уште еден показател дека Заев, во изминативе години, функционира на принцип на уценување, притисоци, закани и рекетирање со тие „бомби“ кои гледаме дека ги поседува, а сега гледаме дека не ги предал во обвинителство. Во однос на нивната содржина, тоа треба да го оценат институциите. Во однос на она што јас го слушнав, во ниту еден случај не чув дека Милошоски му вика на соговорникот направи вака или направи онака, или пак средив да биде вака или онака по принципот на „трас, трас“ судството – рече вмровскиот портпарол.