Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, на денешниот брифинг со новинарите дискутираше за препораките и мерките кои ги реализира Градот Скопје во насока на намалување на загадениот воздух.
Таа потенцираше дека сите институции, на централно и на локално ниво, треба да реализираат мерки кои се во нивна надлежност со цел истите да имаат вистински ефект.
„Самите услови налагаат дека централната власт треба посериозно да преземе мерки врзани за она коешто го гледаме сега, а коешто е извесен аларм. Ние нашите препораки ги издадовме. Нашите препораки се базираат на тоа коешто е утврдено претходно како план, меѓутоа за дел од нив обврски има и централната власт. Ние не можеме да спречиме влез на возила, односно да ги пренасочуваме. Ние не можеме голем дел од работите коишто се внатре во препораките да ги направиме, тоа е обврска на централната власт и таа треба тоа да го направи, треба да ја преземе конечно одговорната за тоа што е носител на власт“, кажа градоначалничката Арсовска.