Скопската градоначалничка Данела Арсовска пред почетокот на денешната седница на Советот на Град Скопје ги повика советниците да покажат дека работат во интерес на граѓаните, дека не се водат од теснопартиски и лични интереси и да гласаат за проектите што се дел од програмата за модерно Скопје, кои се важни и ќе го подобрат животот во градот.
Еден од предлозите е тие да се изјаснат за субвенционирањето при набавка на возила на хибриден погон за граѓани и такси компании.
„Ова е пилот проект кој за прват се имплементира во Македонија и со кој Град Скопје ќе субвенционира по 200 000 денари по возило. Проектот е дел од ветувањата за модерно Скопје, а во оваа фаза го лансираме како пилот проект со кој се детектираат потребите и интересот на граѓаните за него. На овој начин ќе се придонесе за дополнително намалување на аерозагадувањето особено во сегментот на испусни и издувни гасови во воздухот од возилата, а истовремено има компонента и за поттик на модернизација на јавниот такси превоз во главниот град по примерот на европските метрополи“ рече Арсовска.
Таа побара и поддршка за набавка на нови еко – автобуси што треба да ги заменат старите и дотраени, со што ќе се подобрат условите во јавниот превоз и ќе се придонесе за заштита на животната средина.
Арсовска смета дека најважно е да се види дека не се работи тргнувајќи од теснополитички и лични интереси, туку треба да се работи за граѓаните.
„Блокирањато од страна на советниците, морам да кажам, дека не ме спречуваат мене како градоначалник. Јас ќе продолжам да работам и сето она што е ветено пред граѓаните ќе се реализира, меѓутоа ова блокирање значи блокирање на оние проекти што граѓаните очекуваат во пократок рок да бидат реализирани. Затоа блокадата, поради инаетењето на нивните партиски лидери кои се обидуваат да ги саботираат процесите во Градот Скопје“ рече таа.