Апелација ја одложи јавната седница за „Титаник 2“, гонењето на Мијалков застарува!

by Фокус

Јавната седница за „Титаник 2“ во скопска апелација се одложи за 13 април, а дотогаш гонењето на Сашо Мијалков застарува.

На седницата на која требаше да се разгледуваат жалбите, присутни беа само Мијалков кој е спроведен од затворот во Струга, како и Бедредин Ибраими, кој рече дека не добил покана, но дошол по допрен глас. Останатите обвинети не биле уредно поканети.

Судијата Ѓоко Ристов, кој е претседател на советот, го презакажа судењето за 13-ти април. Според обвинителството, делото за Мијалков застарува на 7-ми април, а од одбраната сметаат дека веќе е застарено на крајот од март.

Во повторениот процес, Мијалков беше осуден на 2 години затвор. Претходно, првиот процес со слична казна беше поништен од скопска Апелација и вратен на повторно судење во скопскиот Кривичен суд.

Првиот процес во двата суда се одолговлекуваше 5 години, најмногу поради неколкуте заболувања на Мијалков од корона.

Други обвинети во случајот се пратеникот и претседател на ДПА, Мендух Тачи, поранешните членови на ДИК, Бедредин Ибраими, Сашо Срцев, Влатко Сајковски и Анета Стефановска и тие немаат можност да се спасат со застарување.

Поврзани новости