Ова е закана, а не штрајк за работнички права, рече градоначалничката на Скопје Данела Арсовска на денешната вонредна прес конференција, реагирајќи на најавите за штрајк и прекин на водоснабудвањето на Скопје од страна на вработени во ЈП Водовод и канализација. Воедно, таа го повика обвинителството да реагира за да не се „реализира заканата“.
-Наспроти паниката која сакаат да ја креираат неколкумина лица, Градот Скопје има континуирано снабдување со вода. Ги охрабрувам работниците своето право на штрајк да го практицираат секогаш кога сметаат дека нивните права се прекршени. Но, исто така до нив апелирам да не дозволат да бидат инструмент на неколкумина поединци кои сакаат да се вплеткуваат во политички пресметки – истакна Арсовска.
Таа додаде дека синдикалните организации треба да ги штитат правата на работниците, а не на неработниците.
-Нападите и заканите доаѓаат во момент кога е најавена департизацијата на Град Скопје и има најава за оптимизација на работните процеси. Оние кои го најавуваат штрајкот во ЈП Водовод и канализација треба да ја кажат вистината. Ова што се случува во овој момент, не е нешто што е борба за работнички права. Најавен беше прекин на водоснабдување во Скопје – рече Арсовска.
Според неа, јавното претпријатие е претворено во биро за вработување, а дел од вработените не ги извршуваат своите основни работни обврски.
-Имаме дефицит на технички персонал, а имаме огромна бројка на администрација – рече Арсовска и додаде дека градот Скопје ќе има вода.