Арсовска ги тргна портретите на досегашните градоначалници на Скопје од салата за состаноци и ги закачи во ходник до вециња

by Fokus

Градоначалничката Данела Арсовска ги тргна портретите на досегашните градоначалници на Скопје кои над 20 години стоеја во салата за состаноци до нејзиниот кабинет. Неколку месеци по доаѓањето на функцијата, Арсовска наредила портретите да се тргнат од салата и да се закачат во ходникот каде што се вецињата и бифето. Така, сега портретите на Петре Шилегов, Коце Трајановски, Трифун Костовски, Ристо Пенов, Јове Кекеновски, Горан Николовски и Милан Талевски висат над вецињата, во ходник каде што не поминува Арсовска, пишува СДК.мк

Уште од времето на Ристо Пенов, а можеби и пред тоа, портретите од сите досегашни градоначалници стоеја во салата за состаноци, која се наоѓа и е дирекно поврзана со канцеларијата на Градоначалникот на Град Скопје. Во оваа сала, градоначалниците одржуваат работни состаноци, примаат поголеми делегации и гости. Исто така, во салата каде беа досега портретите повеќе од 20 години сите досегашни градоначалници одржуваа прес-конференции и брифинзи со новинари, новогодишни приеми за медиумите и работни средби со нив.

Со доаѓањето на Арсовска на градоначалничката функција тоа веќе не се случува. Само првиот месец кога стапи на функција одржа два брифинзи во салата за состаноци и потоа прес-конференциите, кои се ретки и се помалку од 10 за една година мандат, ги одржува во ходник во салата на Советот, која е сосема на друга страна од нејзиниот кабинет.

Портретите се извадени пред месеци, но никој од новинарите кои со години ја следат работата на Град Скопје цела година не влегол во бараката каде е канцеларија на Арсовска и не забележал дека сликите се ставени во ходник, над вециња.

Арсовска уште првиот ден кога влезе во нејзиниот кабинет целосно ја преуредила канцеларија, односно ги разместила бироата и мебелот оти не ѝ се допаѓало како била наместена од нејзините претходници.

Арсовска е прва градоначалничка на Скопје која во Советот на Град Скопје не седи на градоначалничкото столче во првиот ред, туку откако се скара со ВМРО-ДПМНЕ седи во задниот ред од салата каде е техниката за озвучување и каде со години седеа новинари. За првпат, во мандатот на Арсовска во салата на Советот нема столчиња и место за седење на новинари кои ја следат работата на Градот, па тие стојат или седат на скали. Еден од членовите на кабинетот на Арсовска ни рече дека на столчиња кои се наоѓаат во задниот ред и кои беа наменети за новинарите над 20 години, не можеме да седиме оти биле за директорите на јавните претпријатија и установи. На нашето прашање каде е местото за новинари, ни рече дека сега нема доволно место оти се работи според ковид-протоколи.

преземено од СДК.мк

Поврзани новости