Арсовска фати див приклучок на вода во Сарај за наводнување на пластеници

by Fokus

Инспекторатот на Град Скопје денеска фати див приклучок на вода во Општина Сарај. Станува збор за лице кое незаконски се приклучило на мрежата за питка вода за да си ги наводнува пластениците на неколку илјади метри квадратни.

„Поради случаи како овој не само што се оштетуваат граѓаните кои се соочени со намален притисок во урбаните и руралните средини и со недостиг на вода, туку и се избегнува плаќање вода од илјадници евра, оштетувајќи го и ЈП ‘Водовод и канализација’“, соопшти градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

Согласно системот за мониторинг и мерење на дневната потрошувачка на вода, констатирана е енормно зголемена потрошувачка на вода, особено во попладневните часови. Конкретно во јуни, дневната потрошувачка на вода во одредени денови изнесувала рекордни 356.000 кубни метри, што би значело потрошувачка од 700 литри вода по глава на жител.

„Ова е предизвикано од трошење на вода без усул за полевање ниви, перење возила и за полнење базени. Со дивите приклучоци се нанесува директна штета на системот и на квалитетот на водоснабдувањето“, додаде Арсовска.

Поврзани новости