Арсовска до Таравари: Не ја разбирам неговата вообразеност, соработката ни е завршена уште вчера

by fokus

Не ја разбирам вообразеноста и коментарите на господин Таравари, со оглед на тоа што соработката ни е завршена уште вчера. Кадровски решенија може тој лично да си поставува во Гостивар, а не во Скопје, му одговори градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска на генералниот секретар на Алијанса за Албанците и градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари.

-Со личност која напаѓа, која нема етички компас, оправдува во било која форма насилство и напад со огнено оружје како во вчерашниот инцидент и подгрева меѓуетнички тензии, нема основ да се соработува. Скопје е град на соживот, солидарност, во кој нашите сограѓани треба мирно и безбедно да живеат и да се почитуваат, се вели во писмената изјава што ја испрати Арсовска до медиумите.

Таравари пак изјави дека по вчерашното разрешување на в.д. директорот на „Комунална хигиена“ – Скопје, чиј брат употреби пиштол во вчерашниот инцидент, Алијанса за Албанците треба да размисли за прекин на соработката со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

– Не оправдувам употреба на оружје, но да се провоцира? Луѓе сме, реагираме афективно. Лично мислам, а не во име на партијата, бидејќи има партиски тела кои ќе го кажат последниот збор, дека ваквиот начин на функционирање, не вреди да се одржува повеќе. Треба сериозно да разгледаме и лично сум за повлекување на соработката со Арсовска, изјави Таравари.

 

Поврзани новости