„Арс Ламина“: Постои недоразбирање, наведен е Дарко Каевски како уредник за што не бил известен

by fokus

Издавачката куќа „Арс Ламина“ тврди дека настанало недоразбирање при печатењето на контроверзната книга „Млади поети“ при што како уредник е наведен директорот на Агенцијата за млади и спорт, Дарко Каевски. Како што велат од таму, за тоа тој не бил известен.

„При увид во доставениот материјал за збирката „Млади Поети“ од страна на договорниот орган утврдивме дека не ни се доставени сите потребни податоци за печатење на публикацијата, односно не беше доставен импресум, ЦИП, вклучително и соодветните податоци како што се издавач и уредник. Во оваа комуникација со договорниот орган настанало и недоразбирање, поради кое како уредник е наведен директорот Дарко Каевски за што очигледно тој не бил известен. Жалиме за настанатото недоразбирање и како реномирана компанија, стоиме на располагање на Агенцијата да го разрешиме истото и доколку е потребно да се коригираат податоците по напатсвија на договорниот орган“, соопштија денеска од таму.

Каевски претходно изјави дека неговото име било впишано како уредник на збирката без да биде консултиран.

-Без никакво одобрение не ставаат нас како уредници и издавачи. Јас ниту сум се потпишал ниту сум одобрил – изјави претходно Каевски.

Според него издавач треба да биде „Арс Ламина“, а не Агенцијата за млади и спорт. Но од печатницата велат дека според склучениот договор со АМС нивна обврска била дизајнот, техничкото уредување на збирката и нејзиното печатење. Материјалите, велат, како финална селекција ги добиле од Агенцијата за млади и спорт.

-Арс Ламина има склучено договор со Агенцијата, врз основа на претходно објавениот оглас за печатење на збирката. Во техничката спецификација на огласот, како и во самиот договор, во ниеден момент од Арс Ламина не се побарани издавачки услуги, туку исклучиво печатарски. Во таа смисла, според договорот, Арс Ламина технички ја уреди книгата и ја испечати, без никакво мешање во нејзината содржина. Претставниците од Агенцијата ги одобрија финалниот изглед и содржината на збирката пред нејзиното печатење“, велат од таму и додаваат:

„Дополнително, Арс Ламина не ни може да биде издавач бидејќи ниту ги нарачала авторските текстови (песни и предговор), ниту е носител на авторските права за истите, ниту пак направила избор и редакција на содржините од збирката“, велат од издавачката куќа за „Фокус“.

Поврзани новости