Текстот е објавен на 04 мај 2023 година во неделникот Фокус со број 1.439.
Владимир Пјетeрѓокај, прв човек на албанската „Пе-Вла-Ку“, која го купи бизнис-центарот „Соравиа“ заедно со внукот на Али Ахмети – Дрин Ахмети, говореше дека се обидувал да добие повеќе јавни зделки во земјава, но не успеал иако нудел најниска цена. Притоа, тој посочи дека конкурирал и за автопатот до Блаце, но не бил избран. Неодамна, „Фокус“ пишуваше за двата тендери вредни вкупно 28 милиони евра за автопатската траса кон Блаце од 2 километри, што ги доби градежната компанија „Гранит“, која во меѓувреме го продала опожарениот хотел на Попова Шапка за 55 илјади евра на фирма-загубар со еден вработен. Документацијата што ја обезбедивме открива како се спровеле тендерите, зошто првиот договор се покажал недоволен и се јавила потреба за нов милионски договор, какви проблеми на терен се јавиле…, но никаде не се појавува името на албанската „Пе-Вла-Ку“.
Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Пред околу 2 месеца, „Фокус“ објави дека градежната компанија АД „Гранит“ го продала опожарениот хотел на Попова Шапка за 55 илјади евра на фирма-загубар со еден вработен – „Еуро Ком Лигхтинг“, и тоа непосредно пред да го добие вториот милионски тендер за комплетирање на автопатската траса кон Блаце од 2 километри.
Значи, во време кога викендички на Попова Шапка се продаваат двојно и тројно поскапо, особено во пресрет на најавите за инвестиции во регионот од страна на италијански концесионер, „Гранит“ продал плац со маркичка за хотел на фирма што неколку години работи со загуба, која била основана од актуелниот претседател на ФК Шкупи, своевремено ангажиран и во Царинската управа.
Откако ја објавивме сторијата, стапивме во контакт со повеќе луѓе поврзани со угостителско-туристичкиот бизнис на Попова Шапка. Како што тврдат тие, пред да одлучи да го продаде хотелот на „Еуро Ком Лигхтинг“, „Гранит“ имала многу поатрактивни понуди, која не ги прифатила. Според нив, сопственикот на еден од соседните хотели понудил 160.000 евра, друг 180.000 евра итн.
Притоа, наидовме на целосен молк од страна на „Гранит“, која не чувствува потреба да објасни зошто продала хотел на фирма-загубар со еден вработен, додека на маса имала далеку повисоки понуди? Првично, и во ЈП за државни патишта ги игнорираа нашите прашања поврзани со двата тендери за автопатската делница кон Блаце од 2 километри, досега вредни цели 28,5 милиони евра само во делот на изведба.
Затоа, потребните податоци за спроведувањето на тендерските постапки и за реализацијата на договорите ги побаравме и обезбедивме според Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Документацијата со која располагаме открива како се продолжувал рокот и вредноста на првиот договор и зошто воопшто се јавила потреба за нов милионски договор.
ХРОНОЛОГИЈА НА НАСТАНИТЕ
Како што веќе објавивме, ЈП за државни патишта, тогаш предводено од Зоран Китанов од СДСМ, и „Гранит“ на 16.01.2020 година го склучија првиот договор за изградба на 2 километри од автопатската делница кон Блаце, кој првично изнесувал 14, а на крајот достигнал 17 милиони евра. Но, овој договор и 5 анекс-договори не биле доволни за реализација на проектот, па двете страни на 24.01.2023 година, кога на чело на јавното претпријатие веќе е Ејуп Рустеми од ДУИ, склучија нов договор за докомплетирање на трасата во вредност од 11 и пол милиони евра.
Притоа, огласот за тендерот е објавен на 21.10.2022 година или само неколку дена откако на 17.10.2022 година во Катастарот на недвижности е запишана промена на сопственоста на хотелот „Гранит“ на Шапка. Според катастарската евиденција, се работи за земјиште од 150 квадратни метри, со објект со внатрешна површина од 278 квадрати, лоциран на катастарска парцела 1/37, во рамки на катастарска Општина Лисец-вон град, Тетово.
Уверението за историски преглед на извршените запишувања покажува дека оваа парцела се формира во 1999 година, кога со решение ѝ се доделува на „Гранит“. Во 2013 година, пак, градежната компанија успева да го легализира со елаборат, врз основа на Законот за легализација на бесправно изградени објекти. Нема промени во сопственоста сѐ до минатата 2022 година, кога имотот преминал во сопственост на компанија за осветлување „Еуро Ком Лигхтинг“.
Во историјатот нема податоци кога точно е склучен договорот и на која сума, но успеавме да го обезбедиме овој договор, кој е склучен на 15.08.2022 година, а потоа солемизиран на 14.10.2022 година, што се случува пред да биде склучен договорот за јавна набавка меѓу „Гранит“ и ЈП за државни патишта. Всушност, договорот открива дека овој имот за 55 илјади евра го купила „Еуро Ком Лигхтинг“, чија главна дејност е електрорасвета, но, како што ни посочија од таму, се занимаваат и со трговија со разновидна стока, консалтинг, логистика, посредување.
Моментално, според податоците од Централниот регистар, компанијата е во сопственост на еден македонски и еден турски државјанин – Беким Лимани и Хусамеддин Озтурк. Финансиските извештаи на друштвото што ги обезбедивме од надлежните институции, пак, покажуваат дека таа работи со загуби во последните години, кога впрочем решила да влезе во инвестициски зафат.
КОЈ СТОИ ЗАД КОМПАНИЈАТА?
Конкретно, годишните сметки покажуваат дека загубата на компанијата во 2019 година изнесува 411.923 денари, а во 2020 година 884.340 денари. Овој тренд продолжува и во 2021 година, кога приходите на друштвото изнесувале 106.254.289 денари, а расходите биле 106.712.851 денари, што значи загубата била 358.562 денари. Од 5 вработени во минатите години, компанијата паднала на еден вработен во 2021 година.
Историјатот на промени на компанијата покажува дека таа првично била основана од актуелниот претседател на ФК Шкупи Суат Аљија, кој бил нејзин сопственик и управител од 2009 до 2011 година. Потоа, тој официјално го нема во органите на друштвото, а не фигурира ниту во други компании. Во овој период, тој се јавува како дел од органите на Шкупи, а од неодамна е претседател на клубот од Чаир.
Честопати, Аљија може да се види на трибините на стадионот како го бодри тимот во друштво на истакнати владини претставници. Јавнодостапните фотографии сведочат дека неодамна бил во друштво на вицепремиерот Артан Груби. Но, во една таква прилика тој може да се забележи и со лидерот на ДУИ Али Ахмети, како и лидерот на СДСМ и премиер Димитар Ковачевски.
Своевремено, тој бил ангажиран и во Царинската управа. Како што нè информираа од таму, бил вработен на како советник во Секторот за меѓународна соработка и европска интеграција, со договори на определено работно време од август 2018 година до декември 2021 година. Во кус разговор со „Фокус“, Аљија тврди дека нема никаква поврзаност со „Еуро Ком Лигхтинг“ и посочува дека заминал од Царината на негово барање.
Во Управниот одбор на ФК Шкупи на чело со Аљија, пак, членува и Омер Буњаку, за кого медиумите пишуваа дека е водач на навивачката група „шверцери“. Воедно, тој му бил советник за млади и спорт на првиот вицепремиер Груби, кој, исто така, бил дел од оваа навивачка група. За потсетување, на добро познатите инциденти на Кале учествуваше и Груби, кој држеше говор, додека Буњаку беше приведен од полицијата па ослободен по интервенција на тогашниот заменик-министер за полиција од ДУИ, Џеват Бучи.
КАКО СЕ СПРОВЕЛА ТЕНДЕРСКАТА ПОСТАПКА?
Тоа е делот што се однесува на отуѓувањето на хотелот и на заднината и линковите на компанијата-купувач, но што открива документацијата за вредниот тендер за автопатот кон Блаце што во меѓувреме го добила компанијата-продавач? Да почнеме со првата тендерска постапка, во чии рамки ЈПДП и „Гранит“ склучиле договор за изградба на 2 километри од автопатската делница кон Блаце на самиот почеток на 2020 година во вредност од 14 милиони евра, кој по 5 измени стасал до 17 милиони евра.
Имено, информациите од Бирото за јавни набавки покажуваат дека во постапката учествувале уште две компании покрај „Гранит“. Едната е АД „Бетон“ на Минчо Јорданов, која во меѓувреме пропадна, додека втората е бугарската „ИСА 2000 ЛТД“. Од сите нив, само „Бетон“ користел поддршка од друга компанија, односно од „Еуромак Контрол“.
Извештајот од спроведената постапка што го обезбедивме открива дека сите три компании ја минале фазата на евалуација, бидејќи ги исполнувале условите од тендерската документација, кои, меѓу другото, предвидуваа годишен приход од 10 милиони евра во последните 3 години, како и најмалку еден реализиран проект за изградба на автопатска делница во должина од 5 километри во последните 5 години.
На почеток, најниска понуда доставила бугарската „ИСА 2000“, која изнесувала 748.239.717 денари, што било за 1.760.229 денари пониско од првичната понудата на „Гранит“, која изнесувала 749.999.946 денари. Но, на електронската аукција понудата на „ИСА“ останала иста, а „Гранит“ одлучил да ја спушти на 747.239.717 денари, што претставува намалување за 2.760.229 денари во однос на нивната првична понуда. На крајот, „Гранит“ ја добил зделката со понуда за 1.000.000 денари пониска од второрангираната на бугарската компанија.
Но, што е интересно во оваа ситуација? Од една страна, „Гранит“ ја намалил својата првична понуда за нецели 3 милиони денари, со цел да има пониска понуда од главниот конкурент за еден милион денари и на тој начин да го добие договорот. Од друга страна, пак, „Гранит“ на крајот добил 3 милиони евра плус преку 5 анекси на основниот договор, со цел пролонгирање на времетраењето на договорот, како и внесување позиции што не биле опфатени со предмер-пресметката, заради „квалитетно завршување на работите“.
КАКВИ ПРОБЛЕМИ СЕ ЈАВИЛЕ НА ТЕРЕН?
Како и да е, испаѓа дека „Гранит“ инкасирал повеќе средства од овој проект во споредба и со понудата што ја дал и треторангираниот „Бетон“ во висина од 963 милиони денари или 15 и пол милиони евра, која била драстично повисока од оние на конкурентите поради што била далеку од победничка. Меѓутоа, и покрај првично предвидените 14 милиони евра и конечно потрошените 17 милиони евра, тоа не било доволно за реализација на оваа двокилометарска автопатска траса.
Како што нѐ информираа од ЈП за државни патишта, реализирани се нецели 80 проценти од основниот договор склучен со „Гранит“ на почетокот на 2020 година. Воедно, од таму додаваат дека измените на основниот договор се направени поради неусогласеност на некои позиции во проектната документација во однос на технички услови, како и поради пропуштени и помали количини во проектната предмер-пресметка.
„По започнување на работите и геодетската проверка на природниот (реален) терен на трасата, на делот каде што е предвидено со проектот да се изведе армиран насип со обложен ѕид од габиони, од страна на изведувачот и надзорот е констатирано дека постои разлика меѓу нивото на теренот од проектот и нивото на реалниот терен, што беше причина да се направи препроектирање (нов проект) на армираниот насип“, велат од ЈПДП.
Понатаму, во официјалниот одговор што го добивме од таму се наведува дека во текот на изведбата на земјените работи – ископ во природниот терен за оформување на проектираните косини на усекот, се појавила подземна вода. Поради тоа, се наведува во дописот, на делови од усекот каде што косините според проектот биле со пострмен наклон настанало обрушување.
„Свлекување на косините настана во почетниот дел на трасата (карпест материјал) и при крајот на трасата (земјен материјал). Треба да се напомене дека забелешките на надзорниот орган главно се однесуваа на пропустите во проектната (техничката) документација“, истакнуваат од јавното претпријатие, додавајќи дека за деловите каде што се појавија свлечишта на косините се направи препроектирање на наклонот на косините и се предвидоа мерки за нивна заштита.
ИЗВЕДУВАЧОТ УПАТУВА КОН ПРОЕКТОТ
Со оглед дека Законот за јавни набавки забранува вкупната вредност на измените на еден договор за јавна набавка да надмине 20 отсто од вредноста на основниот договор, а во случајов со петте анекси се зголемил основниот договор за трасата кон Блаце за околу 18 отсто, ЈП за државни патишта одлучува кон крајот на минатата 2022 година да спроведе нов тендер за комплетирање на делницата.
Во рамки на оваа постапка, претпријатието на почетокот на годинава повторно склучил нов договор со „Гранит“ во вредност на дополнителни 11 и пол милиони евра. За разлика од првата тендерската постапка, во втората немало конкуренција, па бил склучен нов договор со „Гранит“ како единствен понудувач. Но, овојпат „Гранит“, не настапил самостојно, туку со техничка поддршка од друштвото „Геоконтрол“.
Инаку, надзор и на двата договори за изградба на оваа автопатска траса кон Блаце вршел, односно врши „Градежниот институт – Македонија АД“. Официјалните податоци покажуваат дека ЈП за државни патишта првиот пат склучил договор за надзор во вредност од 480 илјади евра, додека вториот пат склучил договор со истиот економски оператор од 228 илјади евра, или вкупно над 700 илјади евра.
Па, кога на трошоците за изведување ќе се додаде и трошокот за надзор, цената на чинење на проектот се приближува кон 30 милиони евра, или по 15 милиони евра по километар, без притоа да се сметаат трошоците за експропријација (види рамка), како и под услов да нема анекси за постоечкиот договор, како што имаше на претходниот.
Од одговорите што ги добивме од ЈПДП, како инвеститор произлегува дека забелешките на „Градежниот институт – Македонија“ како надзорен орган, по кои морал да поставува изведувачот „Гранит“, главно се однесувале на пропустите во проектната документација. Оттука, се поставува прашањето кој го изработил проектот за овој проект?
ОБЕМНА ДОКУМЕНТАЦИЈА
Станува збор за „ИПФ 7 Конзорциум“ предводен од американската „Хил Интернационал“, кој ја изработил проектно-техничката документација за автопатската траса кон Блаце, врз основа на која се изготвени техничките спецификации за првата пократка траса од 2 километри што веќе се гради, додека истиот конзорциум веќе изработил нацрт-идеен проект за втората делница во должина од 10 километри, за која е обезбеден странски заем од 167 милиони евра, плус 20 милиони евра од грантови, ама се уште не е спроведен тендер.
Поточно, за автопатот кон Блаце е изработена обемна документација во долг период, почнувајќи од 2000 и 2002 година, кога е изработен идеен и основен проект за средишната делница од страна на „Гранитпроект“. Низ годините се изработуваат извештаи и студии за геотехнички истражувања, за животната средина, за сообраќај, а во 2016 година е изработена физибилити-студија за целосната делница од страна на „Мот Мекдоналд“, која воедно изработила и идеен проект за двете подделници.
Така, „ИПФ 7“ предводен од „Хил“ во 2019 година прво изработува детален проект за подделница 1, која сѐ уште се гради поради пробивањето на временскиот рок и финансиската конструкција. Една година подоцна, односно во 2020, истиот конзорциум изработува и проект за детална инфраструктура на оваа траса долга 2 километри. Иако првиот договор предвидуваше трасата да се изгради до средината на 2021 година, тоа не се случи, па со новиот договор годинава рокот се постави на 3 години или до 2026 година.
Со цел побрза и поекономична реализација на проектните активности, владата во 2018 година донесе одлука проектот за изградба на овој автопат да се подели на две подделници. Додека се гради првата траса со големи маки и проблеми, за втората траса од 10 километри се изработува идеен проект врз основа на претходно избрана алтернатива за конкретниот патен правец по сите анализирани аспекти: техничко решение, финансии, животна средина и социјални аспекти.
Доколку се оди со исто темпо како со првите 2 километри, чија изведба почна во 2020, а, според најоптимистичко сценарио, треба да биде готова во 2026 година, под претпоставка да не се јават нови проблеми на терен, овој проект ќе се гради долго и ќе биде исклучително скап. Во меѓувреме, никој не презема одговорност и сите го вперуваат прстот на друга адреса за пролонгирањето на роковите и зголемување на цената на чинење.
ОСВЕН НА ШАПКА, „ЕУРОКОМ“ ПОСЕДУВА НЕДВИЖНОСТ И ВО СТРУГА
Компанијата „Еуро Ком Лигхтинг“, која купи хотел на Попова Шапка за 55 илјади евра од „Гранит“ пред оваа компанија да добие втор вреден тендер за изградба на автопат кон Блаце, не располага со голем недвижен имот.
Покрај новостекнатата недвижност, според податоците од Катастарот на недвижности, оваа компанијата поседува стан во станбена зграда во Струга, лоцирана покрај Охридско Езеро.
ЕКСПРОПРИЈАЦИЈА НА 105 ПАРЦЕЛИ НИЗ КОЈА МИНУВА АВТОПАТОТ КОН БЛАЦЕ
Во врска со изградбата на проектот Скопје – Блаце, предмет на експропријација биле вкупно 105 катастарски парцели со вкупна површина од 39.909 квадратни метри.
Како што нѐ известија од ЈП за државни патишта, сите 105 катастарски парцели се експроприрани, од кои дел од нив се предадени во владение со одлука на влада, а друг дел со правосилни акти за експропријација.
Не добивме информација колку пари се потрошени за оваа цел.