АРХИВА Заев и Мицкоски да испратат заедничка порака за работа на иста платформа

by Fokus

Текстот е објавен на 6 јули, 2018 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1187

Разговараше: Јадранка КОСТОВА

ФОКУС: Дадовте оставка од функцијата претседател на Управниот одбор на Македонскиот народен театар. Го презедовте овој чекор повеќе во знак на револт од состојбите во МНТ или ваше разочарување што изостанаа очекуваните промени?

ПОПОВСКИ: Јас сум по природа весел човек со голем мерак за оптимизам. Не ги сакам луѓето кои однапред знаат што ќе се случи и цинично одбиваат да направат што било. Сакам да верувам дека можам да ги променам работите. МНТ ми е голема љубов. Прва севда и најголема изгора. Го сакам бидејќи таму ми е почетокот. Не ми беше сеедно што сè се случуваше во изминативе десетина години. Не ми беше сеедно кога гледав како заталкани естрадни ѕвезди влегуваат на отворањето, а јас не добивам покана. Не ми се допаѓаше патетичната и претенциозна естетика и етика што се промовираше. Ме нервираа мјузиклите во националната куќа со образложение дека имало публика. Најмногу од сè ме нервираа уметниците во служба на политиката и буџетот на РМ.

НЕ САКАМ ДА УЧЕСТВУВАМ ВО ТАА ФАРСА

ФОКУС: И што очекувавте да промените кога прифативте да бидете претседател на УО на МНТ?

ПОПОВСКИ: Прифатив да бидам член на Управниот одбор само за да помогнам да биде овозможена транспарентна процедура за избор на директор. Да инсистираме на човек со програма и визија, без да може политиката да назначува или фаворизира. Во изминатава година можев да видам, а повеќе да слушнам, што сѐ се случувало во тој театар. Работите што ги слушнав се страшни, ама не можам ништо да сторам со тоа бидејќи тоа се зборови на едни луѓе, а не документи. Документите кои едвај успеавме да ги добиеме од правната служба на МНТ, пак, покажаа многу интересна ситуација. Во графата за плати за уметнички директор – празно место, а исплатувана е плата. Истиот тој човек, пак, фигурира на работно место режисер, место што не постои во систематизацијата и ние како управен одбор не сме го одобриле.

ФОКУС: Ова се однесува на ексдиректорот на МНТ, Пројковски? Што е со оние 150.000 евра за кои искажавте сомнеж за проневера?

ПОПОВСКИ: Третата работа се токму долговите што се појавија. По неколку обиди да се расчисти ситуацијата и во самата куќа и со апел до надлежните институции, немаше никаков резултат, напротив имаше обид да се релативизира и да продолжи ситуацијата статус кво.

Сево ова ме натера да реагирам со оставка, со желба да предизвикам реакција, пред сè, кај надлежното Министерство. Ако тие не се заинтересирани за реномето и за редот во најзначајната македонска театарска куќа, тогаш сè станува бесмислено и јас во таа фарса не сакам да учествувам.

ФОКУС: Имало ли криминал или немало во МНТ? 

ПОПОВСКИ: Јас инсистирав од самиот почеток дека ние не сме  полиција и дека каков било сомнеж поврзан со злоупотреби мора да им биде даден на надлежните институции. Исто така, и сега и во својата оставка никаде не велам дека тоа е проневера, мене само ме интересира тоа да се провери. Ако сè е во ред, животот ќе продолжи понатаму. Ако не е во ред, сакам гласно да се каже дека не е во ред и тоа соодветно да се санкционира. Бидејќи сè друго од нас прави будали, а од оние другите не. Јас не сакам да сум будала.

ПРОЈКОВСКИ ВО МОМЕНТОВ Е ЈАГОТКАТА

 ФОКУС: Сте се сретнале со ексдиректорот на МНТ, Пројковски? Што работи тој сега?

ПОПОВСКИ: Во моментов тој се води како режисер. МНТ има вработено пет режисери. Тој е шестиот и не знам кога е отворено тоа работно место. Инаку, ја прима платата на уметничкиот раководител.

Уште една работа тука би сакал да кажам. Кога завршував академија во МНТ, имаше еден вработен режисер од времето. Ние викавме од комунизмот останал. Беше смешно што театрите имале вработен режисер на плата. Многу години подоцна направена е една катастрофална одлука на Министерството за култура со која во сите театри се вработени режисери. И тогаш и сега кажувам дека тоа е една од најголемите глупости која ќе нè чини многу.

ФОКУС: Во која смисла ќе нè чини многу…

ПОПОВСКИ: Не финансиски. Наместо да се обезбедат проекти за сите тие луѓе, со евтин популистички трик тогашната министерка им ги затна устите на сите. Ги вработи. Уште тоа беше и прогласено за успех. Цената што ќе ја платиме во театарска смисла ќе биде огромна. Тоа е како на забот да му го извадиш живецот. Театарските луѓе требаше да добијат проекти и работа, не да бидат вработени по институциите. Некои од нив се вработени веднаш по академија и немаат никакво искуство. Тие ќе останат таму до крајот на работниот живот. Не знам како никој не ја сфаќа смртоносноста на оваа идеја. А Дејан Пројковски во моментов е јаготката.

ФОКУС: Говоревме на микроплан за МНТ, но гледате ли раздвижувања генерално во културата?

ПОПОВСКИ: Постојат битни промени во однос на претходната култура. Пред сè во исполитизираната култура, која имаше единствено идеолошки прeдзнак. Сè што се создаваше и сè што беше производ на таа култура имаше удел во пошироката идеолошка дефиниција. Така се добиваа проекти, така се добиваа награди, такви луѓе имаа моќ да создаваат. Постоеше државна посакувана култура. Најголемата промена е што денес уметникот нема обврска да твори во идеолошки одредена форма. Државата и Министерството во овој момент не ја дефинираат естетиката, ниту етиката. Уметникот може да создава по сопствена потреба.

ДА ГО СКРШИМЕ ЛАЖНОТО ОГЛЕДАЛО

ФОКУС: Што сметате дека влегува на негативното конто на оваа власт?

ПОПОВСКИ: Процесот на ослободување на културата е само делумно завршен, бидејќи да се ослободиш, не значи и да бидеш слободен. Ќе објаснам. Се ослободивме од политичката култура, но не почна да се создава новата култура. Се чекаат одлуки, параграфи, закони, дополненија на законите, конкурси… Треба да се работи. Вистински луѓе на вистинските места, и да се работи. Кога ти ќе поставиш некого кој е мајстор во свој занает, ти знаеш дека тој заради себе нема да дозволи да стојат работите во место. Не разбирам што чекаме. Помина една година. Јас знам дека системите се уништени, ама ајде да ги воспоставиме новите. И да почнеме да живееме нормално. И да ја замениме идеолошката матрица со културолошка.

ФОКУС: Но, тоа е процес…

ПОПОВСКИ: Јас знам дека е процес, ама дека треба да чекаме пет години за тој процес, не се согласувам. Нам Груевски ни покажа дека може за два дена! Нелегално, со неправилности и со насилство, ама сосема ги сврти процесите. Се разбира дека тука не мислам дека треба да ги користиме истите методи. Знам дека кога предолго се гледа во амбисот, амбисот почнува да гледа во тебе. Ослободувањето носи и свои обврски, а тие се негување на слободата. Тоа е фаза во која треба сега да влеземе многу похрабро. Доста е со стари приказни, треба да почнеме да работиме. Еве прост пример, МТВ порано и МТВ сега. Исто! Не може. И сè уште немаат емисија од културата! И сè уште не известуваат за ништо што сум направил! И сè уште Иванов не ме поканил да ми честита. Еве, вчера пак добив награда! Тоа значи дека сè е како порано. Јас не се ослободував за да биде како порано, сакам да биде како поново.

ФОКУС: Но, многумина влегоа во филмот дека светот настанал од нас.

ПОПОВСКИ: Десет години ни се креираше слика за нас самите, дека сме високи русокоси момчиња со способност за јавање коњи и мечување со една рака. Стопати повторената лага станува вистина. Многу луѓе поради тоа не можат да ја погледнат вистинската слика. Ние сме народ со средна висина и со костенлива коса и можеби посилни на перото отколку на мечот. Треба да се сакаме онакви какви што сме и да престанеме да глумиме лудило. Да го скршиме еднаш тоа лажно огледало што ни покажува искривена слика за нас.

СЕГА Е ВРЕМЕ НА УМ И РАЗУМ

ФОКУС: Да, но сликата што десет години е креирана не може да се урне преку ноќ.

ПОПОВСКИ: Има еден лик во „Тетовирани души“ од Горан Стефановски. Тој зборува за тоа како сиот свет качен на голем брод плови низ океанот и пие шампањ. А тој, тој ќе го дигне бродот во воздух. Знам дека тој тип на романтизам е заводлив, ама тоа никогаш нема да се случи. Цибра до крајот на драмата не го дига бродот во воздух, затоа што еден круг на луѓе сѐ уште мисли дека работите се решаваат во Македонија, а работите и целата слика, всушност, се излезени од границите на Македонија. Ние во овој момент сме на бришан простор, каде што дуваат различни ветрови, каде што нема врска ситното пазарење. Во овој период се случуваат крупни промени, кои не се врзани директно со нашите постапки. Ние во овој процес можеме да влеземе или можеме да испаднеме. Нема гаранции за Цибра дека, кога  ќе се качи еден ден на бродот, ќе се напие од шампањот. Ама, мора да проба. Идејата со дигањето бродови ја пробавме. И пред сто години, а ја пробавме и сега. Резултатот не можеме да кажеме дека е фантастичен. Сега е време да пробаме нешто ново.

ФОКУС: Но, некои работи и од нас зависат. Реформите мораме самите да ги спроведеме…

ПОПОВСКИ: Затоа сметам дека сега е време на ум и разум. Сега почнува едно ново поглавје. Како ќе постапиме во таа приказна битно ќе ги одреди годините што се пред нас.

Интересно е што кога ги слушам противниците на процесот, тие само негираат и користат милитантни формулации, но не кажуваат што е нивната опција. А не кажуваат затоа што друга опција не постои. Тие самите знаат дека низ овој процес мораме да поминеме и дека не постои друга опција. Затоа сметам дека мораме да бидеме сите заедно во овој процес и мораме да бидеме многу паметни. Бидејќи, покрај главниот план кој се гледа на површината, мораме да имаме и план Б. За секој случај, за да не нѐ изненади некоја друга опција.

ФОКУС: Која е според вас таа друга опција?

ПОПОВСКИ: Доколку овој процес не се изменаџира паметно, јас мислам дека нас нѐ чека една „ничија земја“, во која ќе почнат да владеат некои чудни правила. Во моментов сè изгледа дека се движиме кон прегратките на Европа и НATO, но една мала грешка и работите можат да нѐ вратат во некоја нејасна ситуација во која почнуваат семакедонски движења, албански континенти, турски серии, српски певаљки, бугарски сценарија и сите оние пикантерии, кои толку долго ги живееме и од кои сме бескрајно уморни. Ние пробавме од секоја од тие манџи во изминативе години. Сега ни се нуди една друга приказна и мислам дека паметно треба да ја прифатиме и да ја раскажеме заедно, без разлика на која политичка или верска страна припаѓаме. Во ова треба да бидеме заедно како граѓани на Република Македонија. И пак ќе кажам, во тој процес мора да бидат сите умови со кои располагаме, односно кои ни останале на располагање.

НА КРИМИНАЛЦИТЕ ИМ Е СУПЕР

ФОКУС: Вие го прифаќате договорот со Грција.

ПОПОВСКИ: Тука не станува збор само за договор со Грција. Ние решаваме за сопствената иднина на еден сосема уникатен начин и навистина ни се потребни многу внимание и памет. Што помалку воeна реторика, што повеќе мудрост. Мислам дека сега е многу едноставно да се инаетиме. Многу потешко е да се исплови жив и здрав, со главата на раменици, на копно под нозете. Мораме да внимаваме да не се однесуваме како да не ги гледаме работите вон Македонија. Шекспир вели дека мудриот човек се сокрива кога чувствува дека доаѓа бурата. Нешто се случува таму надвор и жал ќе ми биде ако одреагираме како ветрот да не ни може ништо. Ние тој ветар треба да го искористиме за да полетаме.

Ние сите други опции досега ги пробавме и… тука сме, кај што сме. Јас знам дека на криминалците им е супер, ама живот мора да има за сите, не само за нив. Јас искрено верувам дека е возможно да биде добро за сите. Кога правилата ќе бидат јасни и законите чесни, а Македонија онаму каде што сакаме да биде, тогаш пак делете го политичкиот колач. Сега не е време за тоа, сега е време за УМ.

ФОКУС: Кои особини ги има македонскиот јунак, според Вас?

ПОПОВСКИ: Кирил и Методиј ги сметам за нашата главна мисла. Нашиот храм. Итар Пејо го сметам за основоположник на методологијата за справување со кризи. Сиљан Штркот за креативец.

Коста Рацин Солев за дефиниција за прагот на болката.

ФОКУС: Режиравте два филма, „Балканот не е мртов“ и „Збогум на 20 век“. Во кој жанр би ги сместиле овие дваесетина години на Македонија кога би правеле филм?

ПОПОВСКИ: Тука е главниот проблем, што ние сѐ уште се движиме на полето на битова драма. Сѐ уште сме на територијата на „Македонска крвава свадба“. Таму, кога ќе го гледате филмот, има една смешна сцена, мислам дека Турчинот прашува: „Стој, кој иде?“ А од другата страна некој одговара: „Ние, македонскиот народ“. Го слушав и шефот на опозицијата, кој ја даде истата изјава кога го прашаа: „Каде бевте вие?“ „Со народот“. Криењето под зборот народот е нешто што е карактеристично за крајот на 19 век и почетокот на 20 век. Денес да се движиме во таа зона е многу опасно и неменувањето жанр, застанувањето во битовата македонска драма ни оневозможува да се развиеме, односно да го развиеме мускулот на новото македонско општество. Сега имаме многу добра шанса, под услов сите да го користат паметот.

КУЛТ КОН АМАТЕРИЗМОТ

 ФОКУС: Како можат, на пример, судии кои суделе поданички за да ѝ удоволат на власта, сега наеднаш да станат професионалци со интегритет?

ПОПОВСКИ: Лично мислам дека не можат. Оној кој еднаш ја погазил сопствената професионална етика, според мене, треба да го загуби правото да се занимава со истата. Што се однесува до владеењето на Никола, тој изгради култ кон аматеризмот. Култот на aматерите успеа да направи да биде тешко да се утврди разликата помеѓу читателот и писателот, помеѓу уметникот и спин-докторот, помеѓу уметноста и рекламата, помеѓу аматерот и зналецот. Резултат? Пад на квалитетот и на веродостојноста на информацијата што ја добиваме, со што се искривува, ако не и уништува, нашата национална граѓанска свест.

Друга работа е дали во стварноста ќе го видиме тој пример со кој ќе се исправи неправдата.

ФОКУС: Ама секој обид да се исправи неправдата се прогласува за реваншизам од страна на опозицијата.

ПОПОВСКИ: Ќе се појават извртени теории за реваншизам и работите можат да останат на истото место. Всушност, ќе се испушти можноста да се направи разлика помеѓу правото и кршењето на правото. И затоа сме ние со години збунети луѓе. Затоа што не постојат јасни бои, како црната и белата. А тие се основни и ако не знаеме и немаме систем кој ни покажува како да ги разликуваме, ќе останеме осудени на тоа да живееме во СИВ свет. Здраво општество не можеш да градиш на гнилеж. Секој доктор ќе ви каже дека заболеното место мора да биде отстрането за телото да може да преживее. Останува да се дефинира начинот.

ФОКУС: Верувате дека Заев ќе го истурка процесот докрај?

ПОПОВСКИ: Заев досега ги завршува работите за кои зеде обврска дека ќе ги заврши. И тоа е неговата најголема предност. Се дефинира низ конкретни акции. Друга работа е дали ни се допаѓаат или не.

Прво, мислам дека секој од нас треба да се праша дали, доколку ги има во свој посед сите оние БОМБИ, би влегол во таква неизвесна авантура на објавување. Притоа, во еден период кога навистина тоа беше многу опасно по животот на многу блиски луѓе. Јас прв ви кажувам дека не сум сигурен дека би имал храброст за тоа. Затоа никако не можам да не му ја признаам таа сила.

Втора работа, симнувањето на груевизмот се изведе без да падне крв по улица. Падна, за жал, во парламентот. Улицата не прокрвави и тоа е исто така многу важно, бидејќи тие дамки тешко се измиваат.

ФОКУС: Но, она што ги дразни опозиционерите се договорите со Грција и Бугарија?

ПОПОВСКИ: Процесите и договорите со Бугарија и Грција не се ниту лесни ниту популарни. Мене ми се допадна кога Заев рече дека знае дека може да се удави како политичар и дека неуспехот на процесот е за него крај на политичката кариера. Мора да признаам дека ми се допаѓа тој тип на преземање одговорност. Се сеќавам кога во југословенскиот парламент го напаѓаа Анте Марковиќ дека идејата со стабилниот динар нема да успее. Тој во еден момент стана и ги праша критичарите: А што ако успее?

Она што останува нејасно е дали откако ќе ги заврши зададените задачи, кои, главно, се на полето на меѓународното позиционирање на земјата (што мислам дека е важно), ќе отвори исто таков процес во земјата. Дали ќе ги одблокира и процесите дома?

ЗОШТО БИ ЈАДЕЛЕ КАМЕЊА?

ФОКУС: Опозицијата е ни риба, ни девојка за евроинтеграции, ама против договорот со Грција. Како без нивна поддршка да се оди напред?

ПОПОВСКИ: Јас мислам дека Мицкоски моли бога Заев да не се тргне. Бидејќи да ја добие топката, не да ќе мора да го направи истото, туку ќе мора да направи многу повеќе од ова. И тој самиот многу добро знае дека на масата не постои, не подобра, туку не постои друга понуда. Тој сега само секој ден се обидува да купи нешто што останало на пазарот на гласови. Потоа тука се и некои игри од типот скапо продавање на кожата на одредени бивши функционери кои чекаат понуда. Само што мислам дека понуда овој пат нема да има.

ФОКУС: Сѐ што е подоцна доаѓа како полошо решение. Во 1992 година, иста експлозија од емоции имаше кога владата на Црвенковски и претседателот Глигоров дадоа предлог пред пратениците Република Македонија (Скопје)…

ПОПОВСКИ: И преовлада емотивното. Да се вратиме назад: од овие 20 страници текст на договорот со Грција, тогаш ќе имаше половина страничка текст. Замисли тогаш некој да имаше доволно мудрост и визија и да го затвореше ова прашање. Во меѓувреме се насобраа толку многу работи што денес тој проблем со Грција е ирационален. Затоа има 20 страници. Затоа што не ги решававме работите, туку ги размножувавме. И ние и тие.

ФОКУС: Како да им се објасни ова на нашите иселеници, кои се загрижени дека ова е пропаст за Македонците?

ПОПОВСКИ: Нема потреба да се јавуваат загрижените од Австралија и да нѐ проколнуваат и порачуваат да јадеме камења само името да не го даваме. Зошто би јаделе камења? Тоа прво не е здраво. Второ, ние сме дел од западната цивилизација. Таму припаѓаме. Таму сакаме да бидеме, дел од тоа царство. Тогаш не гледам ништо страшно ако тоа и го направиме.

Една жена ја гледав на телевизија. Плаче. Дојдена од Германија. Вели дека се родила како Македонка и сака да умре како Македонка. Тука е главниот проблем што мораме да го разбереме. Ние се раѓаме како луѓе. Човек се раѓа, а не национална припадност. И човек умира. Освен ако дејствијата на земјата не направиле да умреш како говедо.

ФОКУС: Сепак, и Иванов и ВМРО-ДПМНЕ се против Договорот, кој е услов за нашата европска интеграција.

ПОПОВСКИ: Јас, сепак, мислам дека по ова срамно однесување на Иванов, треба заедно да седнат Мицкоски и Заев и да испратат заедничка порака за работење на истата платформа. Потоа се разбира дека Мицкоски ќе треба малку да поддржи и демонстрации на улица. Но, дека идејата е заедничка, дека целта е заедничка, тоа мора да го направат.

НЕ ГО ГЛЕДАВ „ТРЕТО ПОЛУВРЕМЕ“

ФОКУС: Правиш разлика меѓу Мицкоски и Иванов? Веруваш дека Мицкоски е искрено за евроинтеграции, но има проблем во партијата со тврдокорните, со овие бившите функционери што одат на суд?

ПОПОВСКИ: Човек со негово образование, мислам дека е инженер и доктор на науки…

ФОКУС: Но, и Иванов е доктор на науки…

ПОПОВСКИ: Точно. Значи ми паѓа теоријата. Во секој случај, верувам дека кај Мицкоски има шанса да му преовлада разумот, бидејќи не е доволно долго во политиката, бидејќи се занимава со егзактна наука и може да рационализира. Само ќе треба многу да внимава бидејќи вокабуларот му е страшно лош, па ќе треба малку да поработи на своето хуманистичко образование. Значи, кога го користи зборот капитулација, се преместува на терен на војна. А ние не сме на терен на војна. Ќе одговара за нешто што може да биде нов крвав четврток. Користењето на таквиот вокабулар го става во позиција да биде соучесник. Не смее да падне крв никако повеќе. Тоа не смее да се случи. Затоа говорот мора да го префрли на друг терен.

ФОКУС: Дали комуницирате со Дарко Митревски? Бевте заедно во „Мирко и Славко“ – Прва партизанска продукција и сега сте, јас би рекла, на две различни страни по ставовите. Тој е на страната на тие што сметаа дека би требало и корења да јадеме.

ПОПОВСКИ: Јас не комуницирам со него подолг период. Така што не ги ни следам неговите ставови. Ги претпоставувам, но не ги следам.

ФОКУС: Кога дојде до такво разидување?

ПОПОВСКИ: Додека беше добро, беше навистина добро и периодот кога работев со него е еден од најубавите периоди во мојот живот. Кога престанавме да функционираме, се договоривме да не функционираме. И оттогаш се трудиме да немаме комуникација, така што јас овој човек денес не го ни познавам. Тоа е како да зборувам за некој што не знам ни кој е.

ФОКУС: Како го оценувате „Трето полувреме“?

ПОПОВСКИ: Не го гледав „Трето полувреме“.

ФОКУС: Не ми е за верување! Зошто повеќе сте вреднувани надвор од Македонија, или вие повеќе сте посветени да работите во другите држави во регионот отколку во Македонија?

ПОПОВСКИ: За мене тоа повеќе не е тема. Решив да фрлам пепел на таа приказна и да одам напред. Јас сум тука роден и тука сум направил досега 3 претстави во МНТ, 2 во Драмски,  1 во Битолски театар, 1 во Велес и 2 во Турскиот театар. Вкупно 8. Сè заедно имам 57 претстави. Благодарен сум за таа можност. Многу ми значеа претставите дома и се надевам дека ќе можам да ги имам уште. Веќе договарам со Прилепскиот театар по повод 70-годишниот јубилеј да работиме драмски мјузикл по мотивите на Цепенков. Сега како зрел режисер ќе почнам само јубилеи да режирам. Знаеш, многу е смешно сега, кога ќе сретнам луѓе кои зборуваа против мене и ми правеа 300 пакости, веднаш ми се фрлаат во прегратка. Чудна појава.

НЕ СЕ ИСПРОФИЛИРА ЈУНАК

 ФОКУС: Бевте еден од погласните противници на барокната градежна еуфорија. Што би направиле вие, на пример, би го вратиле ли оригиналниот изглед на зградата на Владата?

ПОПОВСКИ: Она што претходната власт го направи со зградата на Владата е истото што е правено со нашите фрески кога се премачкувани со вар. Тоа е истата работа. „Скопје 2014“ ние треба да го третираме на исто рамниште како земјотресот од 1963 година. Значи, лузната што земјотресот ја остави е речиси еднаква со оваа што ја остава „Скопје 2014“.

ФОКУС: Со години расправаме за „Скопје 2014“, но нема конкретен план за промени.

ПОПОВСКИ: Додека ние се занимаваме со оваа идеолошка приказна, околу нас се случува најголемиот криминал. Значи, Скопје го добива најголемиот грабеж, каде што секој празен простор се одзема, се прават бесправно згради, а всушност тие ставија црвено марамче во центарот на градот. Таа идеолошка матрица, еве ви, тука пењавете се, тука бунете се, полни очи, празни раце, а ние за тоа време ќе го запалиме намерно Институтот во Тафталиџе за да може тука да дигнеме нова зграда од 140 ката. Значи, од Скопје можеме слободно да си ги спакуваме куферите и да се преселиме на некое друго место. Ова што е направено во последниве 15 години е најголемото злосторство, кое самите себеси си го направивме.

ФОКУС: Вие направивте бум со претставата „М.М.Е кој прв почна“. Имате ли одговор кој прв почна овде за да дојдеме до ова дереџе по две децении?

ПОПОВСКИ: Каде е почетокот на нашата грешка? Можеби тоа не е грешка, можеби тоа е еден пех на еден народ, кој е фатен со спуштени гаќи во момент во кој треба да има униформа на себе, не воена, туку униформа за визија. Распадот на Југославија, сепак, нѐ дочека, за разлика од некои други земји, малку неспремни. Ние имавме среќа во тој период да имаме релативно добро политичко раководство при одлуката да не бидеме дел од судирот. Мислам дека тогаш имавме шанса, но за жал не се испрофилира јунак… некогаш навистина е потребно да повлечеш потег кој не е многу популарен кај луѓето за утре да им биде добро.

СТИРОПОР-МИСЛА

ФОКУС: Па, лидер предводи, популисти се затскриваат зад народот.

ПОПОВСКИ: Популизмот е диктатура на аматерите. За сопствените потреби се негира струката и професионалноста и се добива една смеса, која се движи во посакуваниот правец, иако тој правец води кон анусот. Притоа, често се извикува УРААА и ТАКААА Е! Со извикувањето на овие два збора се заглушува секоја рационална мисла бидејќи таа има запирка и точка и повеќе од два збора. Популизмот потоа се решава да отвори свој приватен факултет и аматерите да ги обезбеди со соодветни дипломи. Полуписмените со награди, кои самиот ќе ги додели. На несигурните им дава моќ, а фрустрираните ги вооружува. Така се добиваат нус-појави, кои денес со задоволство ги нарекуваме стиропор-мисла. Стиропорот, всушност, е главниот изум и резултат на владеењето на популизмот. Бев во Битола пред два дена и ги гледав столбовите од Киното на Манаки. Граѓаните ги исчукале со прсти за да се уверат дека некој (не некој, се знае точно кој) навистина ги направил од стиропор.

ФОКУС: Како да ја победиме стиропор-мислата?

ПОПОВСКИ: Сега е време да почнеме да размислуваме поинаку. Моментов е голем и бара да бидеме многу фокусирани. Сега можеме да се редефинираме и, ако можам така да се изразам, да станеме ПОДОБРИ. Секогаш сум им се восхитувал на луѓето кои можат да гледаат напред, да се видат себеси таму некаде по десет години. Да ги предвидат настаните, да ги избегнат подводните гребени и да ја совладаат бурата. Замисли, кога ќе седиме за десетина години со пиво во раката, со шопска на масата и со насмевка на лицето ќе раскажуваме како мудро сме постапиле. Јас сакам да верувам дека сме способни за такво дело.

Рамка 1

НЕ САКАМ ДА БИДАМ ДЕЛ ОД ТОЈ БЕТОН

ФОКУС: Отворате одредени дубиози за директорувањето на Пројковски, кадар на претходната влада. Но, каква било промена на кадрите што биле нивен фаворит опозицијата ја прогласува за реваншизам.

ПОПОВСКИ: Треба да разделиме две работи, реваншизам и владеење на правото. А не сум сигурен дека видов некаква промена. Каде гледате еден човек кој бил нивен фаворит да е сменет кадар? Сите се таму каде што биле и досега. Во МНТ не постои никаква кадровска промена. Сè е фино забетонирано, како столбовите на галиите во Вардар. Па, затоа и си одам, поради тоа што не сакам да бидам дел од тој бетон. Кому му е добро, нека вика и понатаму „ура“.

Рамка 2

ИВАНОВ ПОВЕЌЕ НЕ Е ДЕЛ ОД ПРОЦЕСОТ

ФОКУС: Како да ги тераме процесите за кои говорите со претседател од калибарот на Ѓорге Иванов?

ПОПОВСКИ: Тој не е повеќе дел од процесот, само што тоа сè уште тој не го разбрал. Оваа земја во моментов има многу поважни задачи од тоа да му ги објаснува основните законитости на физиката на неговото височество. Сега е важно да разбереме што сè се случува околу нас и да успееме да се видиме себеси во поголемата слика од локал-патриотската. Затоа, наместо да се убедуваме со него, треба да се фокусираме на она што нè чека.

Рамка 3

ПРОФЕСОРКИ КОИ БЕА ЦУТОТ НА БОЛНАТА МИСЛА

 ФОКУС: На кој начин да ја санираме моралната ерозија?

ПОПОВСКИ: Многу потешко ќе го поправиме етичкото или моралното заздравување. Тој дел, кој не е базиран на документи и телефонски разговори. Всушност, недокажлив, и тука штетата е многу поголема. Она што дел од нашите професори си го дозволија трајно остава лузна на многу генерации. А особено нашите професорки, кои беа цутот на болната мисла.

Рамка 4

ДОБРО Е ШТО ИМА ПРОТЕСТИ

 ФОКУС: Како да им се објасни големата слика на граѓаните, кои со многу негативни емоции ја доживуваат промената на уставното име?

ПОПОВСКИ: Не е лесно да си го смениш името. Не можеме да се радуваме на тоа. Глупаво е да се очекува општа радост поради промената на името. Мислам дека е добро што има протести. Само да се внимава да не се претворат во насилни. Сето тоа е во ред, ама не е најважно. Во моментов е најважно каква ќе биде нашата финална реакција. Како големите мајстори на источните вештини, како Брус Ли, со користење мудрост, силата што другите ја користат ќе ја пренасочиме во наша корист.

Спорот ќе биде решен со нас или без нас. Јас мислам дека е подобро со нас. Бидејќи  не сум сигурен дали ќе ни се допадне начинот на кој ќе биде решен без нас.

Рамка 5

СКОПЈЕ НЕ МОЖЕ ДА СЕ ОПРАВИ

ФОКУС: Препорачувате да се преселиме од Скопје! Сакате да порачате дека градот нема шанси да се оправи?

ПОПОВСКИ: Сега Скопје повеќе не може да се оправи. Погледнете што има во Вардар! Што да правиме со бетонските галии, што да правиме со постамент за некакво тркало?! Тоа е лудило, но сега ние со тоа лудило ќе живееме. Сѐ повеќе и повеќе ќе има шизофрени луѓе на нашите улици бидејќи тоа прави едно пореметување на луѓето за кое медицината нема да знае одговор, ќе ги лечи со разно-разни дијазепами, но тоа нема да помага.

Поврзани новости