Текстот е објавен на 24 јули 2025 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.555.
Владејачките ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ веќе најавија дека ќе имаат отворена и директна соработка на локалните избори, која ќе подразбира поддршка на кандидатите за градоначалници на партнерите уште во првиот круг. Помагајќи му на ВЛЕН, ВМРО-ДПМНЕ всушност си помага и себеси, бидејќи колку подобар изборен резултат постигне ВЛЕН, толку помал ќе биде притисокот од ДУИ за предвремени парламентарни избори и промена на албанскиот партнер во власта. Наспроти тоа, нејасно е дали и како ќе соработуваат опозициските СДСМ, ДУИ и Левица, чии меѓусебни односи се исклучително компликувани. Дали СДСМ ќе соработува со ДУИ директно или индиректно преку двете крила на АА, во замена за албански гласови во општини каде што имаат шанса за успех? Или, пак, можеби ќе соработуваат со ВЛЕН, во замена за помош од ВЛЕН, но и од ВМРО-ДПМНЕ со цел да задржат одреден број на општини? Дали ВМРО-ДПМНЕ ќе најде интерес да му помогне на СДСМ да го зачува статусот на водечка опозициска сила пред Левица?
Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ
Како што се наближуваат локалните избори, политичките партии сè повеќе ги откриваат адутите со кои ќе ја бараат поддршката од граѓаните, а некои од нив веќе отворена водат предизборна кампања, иако таа формално сè уште не е почната.
Ако нема никакви дилеми за изборниот исход во, условно кажано, македонскиот блок, каде што се очекува да се репризираат резултатите од минатите двојни избори, тогаш се очекува исклучително интересна и неизвесна битка во албанскиот табор.
Имено, владејачкиот партнер ВЛЕН сака со позитивен резултат да го потврди легитимитетот што им го спори опозицијата, која тврди дека нивните противници станале дел од владата како губитници на последните парламентарни избори.
Од друга страна, пак, ДУИ сака коалицијата што ја предводи, која од Европски фронт треба да се ребрендира во Национален фронт за интеграција, со убедлива изборна победа да ги расчисти сите недоумици дека се водечки албански фактор, кој тешко може да го игнорира македонскиот фактор.
Се чини дека токму на таа точка ќе се прекрши идната политичка диманика и ќе се определат следните политички процеси, од проста причина што, ако ДУИ јасно и недвосмислено победи на изборите, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе биде под притисок да го замени албанскиот партнер во владата.
Всушност, дури и ако ВМРО-ДПМНЕ успее 100-0 да победи на следните локални избори и на евентуалните предвремени парламентарни избори, тешко ќе може да продолжи комотно да владее со албански партнер кој нема мнозинска или макар значајна доверба меѓу Албанците.
Па, таквиот развој на настаните може да го натера ВМРО-ДПМНЕ да размислува за владина соработка со малку реформирана ДУИ, што може да има големи импликации врз поддржувачите на ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи партијата предизборно, меѓу другото, бараше гласови за да ги прати интегративците во опозиција.
Aко веќе се знае дека владејачките ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ ќе имаат отворена и цврста соработка на изборите, нејасно е дали и како ќе соработуваат опозициските СДСМ, ДУИ и Левица, чии меѓусебни односи се исклучително компликувани.
ГЛАВНИ ИЗБОРНИ БИТКИ
Бездруго, главните битки на овие избори, од кои ќе зависи стабилноста и иднината на актуелната влада, но и генералната политичка атмосфера, ќе се одиграат во големите мнозинско албански општини, пред сè скопските Чаир и Сарај, потоа Тетово, Гостивар, Струга, Кичево, Дебар…
Инаку, ДУИ веќе објави дека кандидат за градоначалник на Чаир ќе биде партискиот потпретседател Бујар Османи, кој е поранешен владин министер за здравство и за надворешни работи, додека уште еден партиски потретседател – Бајрам Реџепи ќе биде кандидат за градоначалник на Тетово.
Практично, тие треба да се судрат со фронтмените на конкурентскиот ВЛЕН, со оглед дека веќе од подамна е познато дека актуелниот тетовски градоначалник Биљал Касами ќе бара уште еден мандат, а вицепремиерот Изет Меџити повторно ќе се кандидира за градоначалник на Чаир – општина која своевремено ја водеше во 3 мандати.
Токму во овие две општини се очекува најжестока и најтесна борба меѓу ДУИ и ВЛЕН, но ништо помалку значајни ќе бидат и другите големи општини, кои „интегративците“ им ги отстапија на Зијадин Села и Арбен Таравари, некогашни блиски соработници кои предизборно влегоа во судир, што резултираше со поделба на Алијанса за Албанците.
Поточно, Села или некој негов сопартиец ќе истрча во Струга, каде веќе како независен кандидат се претстави бизнисменот Менди Ќура, кој ќе биде поддржан од владејачките ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ. Освен Струга, Алијанса на Села ќе ги добие и Дебар и Арачиново.
Што се однесува до другата фракција на Алијанса, таа ќе ги добие Гостивар, бастион на Таравари, кој може директно да влезе во изборна битка, ако се покаже дека тежи повеќе од в.д. градоначалникот Валбон Лимани. Воедно, тој ќе ги добие и Врапчиште, Теарце, како и влијателната скопска општина Сарај, каде што ќе го кандидираат Блерант Рамадани.
На крајот, од големо реално и симболично значење ќе биде битката во Кичево, каде што ДУИ традиционално постигнувал најголеми победи, пред сè поради тоа што партискиот лидер Али Ахмети потекнува од кичевски Зајас. Таму веќе неколку мандати градоначалник на ДУИ е Фатмир Дехари.
Наспроти тоа, ВЛЕН треба да настапи со министерот за социјална политика Фатмир Лимани, кој е во роднинска врска со Ахмети. Сепак, Лимани долго време води битка против Ахмети, а на претходните локални избори настапи како независен кандидат, освојувајќи респектабилен број гласови. По овие избори, тој се приклучи на БЕСА…
НАРАТИВ И ТРАНСФЕР
Иако има многу фактори што ќе го определат изборниот исход земено генерално, но и општина по општина, сепак, се чини дека двете страни во албанскиот камп главно се потпираат на неколку параметри кои им одат во прилог, надевајќи дека ќе им ја донесат посакуваната изборна победа.
Откако падна во опозиција, ДУИ веднаш почна да гради и пласира наратив дека победникот ВМРО-ДПМНЕ не ја испочитувал волјата на Албанците, со тоа што не формирал Влада со нив, туку тоа го сторил со ВЛЕН, која како коалиција имаше помалку гласови од Европскиот фронт.
Без обѕир што овие изборни резултати беа предмет на интерпретација, така што ВЛЕН тврдеше дека нивните над 100 илјади гласови биле чисто албански, додека ДУИ на свое конто собра и турски, ромски и бошњачки гласови, факт е дека ДУИ има одреден политички профит од ваквиот наратив против ВЛЕН како сервилен партнер на ВМРО, а колкав е точно тој ефект, ќе се измери на изборите.
Згора на тоа, партијата од Мала Речица, со помош на официјална Тирана и албанскиот премиер Еди Рама, успеа да изведе еден маневар, кој несомнено направи штета врз ВЛЕН, поддржана од косовскиот премиер Албин Курти. А, тоа е извлекувањето на Таравари од ВЛЕН и од Владата и неговата преселба во опозиција. Зошто ова е битно?
Независно што сите лупинзи на Таравари го компромитираа неговиот авторитет, сигурно е дека неговата одлука да ја напушти ВЛЕН ја оштети коалицијата, дотолку повеќе што на сите анкети тој имаше најголем индивидуален рејтинг од другите лидери на ВЛЕН и втор највисок рејтинг на албанската политичка сцена по Ахмети.
Оттука, ДУИ смета дека перцепцијата дека ВЛЕН сака власт по секоја цена и дека е подреден партнер на ВМРО-ДПМНЕ, аминувајќи низа, според нив, антиалбански политики, во комбинација со трансферот на Таравари од коалицијата ВЛЕН кон фронтот на ДУИ, ќе им донесе одличен изборен резултат, кој премиерот Христијан Мицкоски ќе мора да го признае.
Во секој случај, така не мисли ВЛЕН, од каде што тврдат дека „интегративците“ прават погрешен есап со Таравари. Од таму сметаат дека Таравари имал голема вредност кога пред последните избори одлучи да му сврти грб на ДУИ и да се приклучи кон ВЛЕН, на тој начин запечатувајќи ги промените во албанскиот кампус.
Меѓутоа, ВЛЕН смета дека сега не е исто, бидејќи Таравари јава на погрешен бран. Односно, од таму посочуваат дека тој имал успех кога одлучил АА, која е создадена како антипод на ДУИ, да ја поведе против ДУИ, додека сега кога се враќа во ДУИ, членството нема да го следи, а најдобар доказ за тоа е раѓањето на трета фракција на чело со вицепремиерот Арбен Фетаи.
ПРИВИЛЕГИИ И РЕСУРСИ
Понатаму, од ВЛЕН посочуваат дека ДУИ не е во таква офанзива како што сака да се прикаже во јавноста. Дека партијата сè уште е грогирана по падот во опозиција, според нив, докажува тоа што мораат да соберат десетина коалициски партнери од вкупно 4 етнички заедници за можат да бидат конкурентни со ВЛЕН.
Дополнително, од таму велат дека откако ДУИ за првпат по 2 децении падна во опозиција, повеќе не може да се потпира на полугите на власта и да ги користи ресурсите и привилегиите што ги носи власта, поради кои, патем речено, и Таравари сакаше да остане дел од власта откако излезе од ВЛЕН.
Паралелно со тоа, и ВЛЕН има свој наратив против ДУИ, кој се темели на премисата е ДУИ е партијата која за време на долгогодишното владеење се криминализирала, дека нивни истакнати функционери се осомничени, обвинети или на црни листи итн.
Меѓутоа, на страна на ВЛЕН оди уште еден елемент, кој од таму не го потенцираат од причина што тоа го доведува прашањето на нивниот реален капацитет и потенцијал, бидејќи подразбира да се потпрат на голема помош од поголемиот коалициски партнер ВМРО-ДПМНЕ.
Фактички, оваа помош значи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги поддржи кандидатите за градоначалници на ВЛЕН во Чаир, Сарај, Тетово, Гостивар, Струга, па и во Кичево, а оваа поддршка многу лесно може да биде и пресудна, бидејќи во овие мнозинско албански средини ќе се води мртва трка, а етничките Македонци во најголем број инклинираат кон десницата, т.е. ВМРО-ДПМНЕ.
Веќе јавно беше соопштено дека ВМРО-ДПМНЕ нема да исфрли кандидати за градоначалници во доминантно албанските општини и ќе ги поддржи кандидатите на ВЛЕН уште во првиот круг, што ќе значи дека тие ќе бидат бустирани со контигенти на гласови на ВМРО-ДПМНЕ.
Една од целите на овој потег е да се компензираат загубите на ВЛЕН што ги направи Таравари и нивните кандидати да изгледаат посилно уште во старт. Но, треба да се има во предвид дека нивната реална тежина ќе ги откријат советничките листи на ВЛЕН, каде ВМРО нема да им помогне, бидејќи ќе имаат свои листи.
На тој начин, ВМРО-ДПМНЕ ќе му помогне на ВЛЕН да има поголеми шанси за победи во големите општини, но воедно си помагаат и сами на себе, бидејќи колку подобро помине ВЛЕН на локалните избори толку повеќе ќе го намалат притисокот од ДУИ за предвремени парламантерни избори и замена на албанскиот партнер на Илинденска.
МАТЕМАТИКА И РЕЛАЦИИ
Ако ситуацијата меѓу владејачките партнери е релативно чиста, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ најавува соработка и со ЗНАМ, тогаш нејасно е дали и како ќе соработуваат опозициските СДСМ, ДУИ и Левица? Можна ли соработка меѓу нив, и ако е така – под кои услови и во кои општини?
Исто како и ВМРО-ДПМНЕ, и СДСМ ги откри кандидатите за градоначалници во поголем број од општините и воедно најави дека и тие нема да исфрлат кандидати за градоначалници во доминантно албанските општини. Но, засега не откриваат каква стратегија ќе имаат во овие средини.
Официјално, тие велат дека ќе одлучуваат општина по општина зависно од спецификите, кандидатите, програмите, вредностите… Меѓутоа, неофицијално велат дека ќе одлучат како да се постават во одредена општина, зависно од договор за цел пакет, кој вклучува друга или други општини.
Конкретно, гласовите на СДСМ може да бидат битни во големите урбани мнозински албански општини, но дали ќе ги пренасочат кон ДУИ или кон ВЛЕН ќе зависи од тоа кој ќе сака и ќе може да им обезбеди што повеќе албански гласови во општини каде тие имаат амбиции, како на пример што се Куманово, Крушево и др.
Но, дали СДСМ ќе се одлучи за ДУИ или за ВЛЕН? Во неколку наврати, партискиот лидер Венко Филипче вели дека ја научиле лекцијата од коалицирањето со ДУИ, поради што очигледно е дека СДСМ бега од било какво поврзување со интегративците, барем на транспарентно и официјално ниво.
Истовремено, пак, мора да се нотира дека Филипче имал средби со Кренар Лога, близок соработник на Села, како и со лидерот на другата фракција на АА – Таравари. Па, се поставува прашањето дали можеби СДСМ ќе соработува со двете крила на Алијанса, што би значело и индиректна соработка со ДУИ, бидејќи ДУИ е во коалицијата и со Села и со Таравари?
Или, пак, СДСМ ќе соработува со ВЛЕН и ќе ги поддржи нивните кандидати за градоначалници во Чаир, Тетово, Гостивар…? Можеби ВЛЕН не контролира толку гласачи како ДУИ во општините каде СДСМ има потреба од албански гласови, меѓутоа за СДСМ може многу поопортуна да испадне отворена соработка со ВЛЕН, имајќи предвид дека плати голема цена од коалицијата со ДУИ.
Кога се прави оваа анализа, мора да се наведат неколку факти. Филипче не крие дека има другарски релации со неговиот претходник Зоран Заев, кој, пак, уште додека СДСМ беше на власт, се залагаше ДУИ да се прати во опозиција, вклучително и преку моделот на заедничко владеење на СДСМ и ДУИ. Освен тоа, Заев одамна има солидни релации и со Меџити, кои проработеа кога ДУИ се дистанцираше од ВМРО-ДПМНЕ на Никола Груевски, кога се спасуваше владата на СДСМ со помош на Кастриот Реџепи итн.
ИНТЕРЕСИ И СЦЕНАРИЈА
Кога сето тоа ќе се земе во обѕир, СДСМ е пред избор да одигра на опозициска карта и, тајно, полутајно или јавно да му помогне на ДУИ во замена поголем број албански гласови во други општини, или, пак, да проработат други калкулации, интереси и контакти, кои ќе значат СДСМ да му помогне на ВЛЕН?
Ако се одлучи за второто, СДСМ ќе добие помал број гласови, но во јавноста ќе прати порака дека навистина се дистанцирала од ДУИ, која сè уште се доживува како црн ѓавол меѓу етничките Македонци и македонските партии. Но, ако му помогне на ВЛЕН против ДУИ, тогаш СДСМ истовремено би му помогнала и на главниот ривал ВМРО-ДПМНЕ.
На прв поглед, тоа нема никаква логика и резон, но по дебаклот на последните избори СДСМ се наоѓа во вонредна состојба, па сè е можно и ништо не би требало да зачудува, особено ако се земе предвид еден друг аспект, кој укажува дека и ВМРО-ДПМНЕ би можел да најде одреден интерес да му помогне на СДСМ.
Како што е познато, СДСМ се бори на овие избори да го подобри резултатот од последните парламентарни избори и да задржи барем неколку од сегашните петнаесетина градоначалнички места. Познавачите велат дека СДСМ има некакви шанси за победа во Центар, но, пред сè, такви шанси има во некои помали општини, како Крива Паланка, Крушево, Валандово…
Хипотетички, сосема можно делува сценариото, според кое, СДСМ ќе му помогне на ВЛЕН и така посредно и на ВМРО-ДПМНЕ, а за возврат ВЛЕН, но и ВМРО-ДПМНЕ да му помогне на СДСМ да задржи неколку општини, за да не остане на нула на овие избори. Со тоа, ВМРО-ДПМНЕ би постигнала уште една битна цел.
Според низа анкети, СДСМ во многу општини заостанува и зад Левица, која отворено пројавува амбиција на овие избори да го подобри резултатот од претходните избори и да се наметне како водечка опозиција сила пред СДСМ.
Имајќи го тоа предвид, ВМРО-ДПМНЕ може да процени дека многу поконструктивен ривал за нив би бил СДСМ отколку Левица, па, гледано подалекурочно, зошто да му помогне на СДСМ на овие избори да го задржи статусот на водечка опозициска сила, особено во ситуација кога таа помош нема да им предизвика безмалку никаква штета?
Се разбира, на крајот може да се случи во опозицискиот блок да има чиста опозициска соработка, која би се остварувала тајно или посредно. Меѓутоа, треба да се има во предвид дека ако ДУИ води битка за да стане дел од власта, СДСМ и Левица водат битка кој да биде главен во опозиција, за еден ден во иднина да ја предизвика власта.