Текстот е објавен на 9 февруари 2017 година, во неделникот „Фокус“, во бројот 1114
Пишува: Валентина ВУРМО
На 10 март 2015 година, додека во Универзалната сала одекнуваше осмата бомба од прислушуваните разговори, односно додека лидерот на СДСМ, Зоран Заев, ја обвинуваше власта за изборен грабеж, му стигна абер од МВР, дека го гонат за мито. Во моментот додека Заев објавуваше над 40 снимки од кои можеше да се слушне како тогашните министри Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Зоран Ставрески, потоа Мартин Протоѓер, Кирил Божиновски и други зборуваа за фалсификување лични карти, кражба на изборни листи и закани за вработени, портпаролот на МВР, Иво Котевски, на прес конференција го обвини дека зел околу 200.000 евра поткуп, за приватизирање на градежно земјиште.
Така, „свиркачот“ кој објавуваше криминал, наеднаш стана осомничен криминалец.
ЗАЕВ НЕ ЗЕЛ ПАРИ, А БАРААТ ДА ГИ ВРАТИ!?
Според обвинителниот акт за случајот „Поткуп“, кој влезе во судските лавиринти на Основниот суд Скопје 1, Заев во својство на службено лице, градоначалник на Општина Струмица, од струмичкиот бизнисмен Иван Николов, кој сега се води како оштетен во случајот, побарал поткуп од 163.924 евра, односно по 2 евра за еден метар квадратен градежно земјиште во Струмица, за кое Николов бил заинтересиран да го приватизира. Наводно, една половина од парите требало да бидат за Заев, а другата за изградба на црква во Струмица.
Според МВР, Заев кривичното дело го вршел од ноември 2013 година, па се до 2015 година, односно цели две години, континуирано, барал мито од струмичкиот бизнисмен!? Ова во најмала рака е небулозно, бидејќи е нејасно зошто на бизнисменот му било потребно толку многу време за да го пријави?
Според правниот тим на Заев, во обвинението не може да се бара ниту правна логика, оценувајќи го како контрадикторно, правно неиздржано, тенденциозно и непрецизно. Еден од главните аргументи на одбраната е дека Заев не ги примил парите за кои се товари за поткуп, а постапките за откуп на градежното земјиште биле законски завршени, па затоа и да сакал, не можел допрва да го уценува бизнисменот и да му бара пари.
Иако и во самото обвинение е наведено дека Заев не примил пари, нејасно е зошто МВР и обвинителството сепак одлучуваат да го гонат според член 357 став 5 во врска со став 1 и став 2 од Кривичниот законик. Точно е дека во самиот член е наведено дека казниво е и самото барање за поткуп, без да се прими, но сепак, нејасно е зошто обвинителството се повикува на став 5, во кој пишува „примениот подарок или имотна корист ќе се одземат“? Поточно, дилемата е како ќе му одземат нешто за што и самите тврдат дека не е кај него!
НИКОЈ НЕ ОДГОВАРАШЕ ЗА ПРОТЕКУВАЊЕ НА СНИМКАТА
По два месеци, откако му ја поднесоа кривичната пријава, поточно во мај 2015 година, во јавноста протече и видео снимка на која можеше да се види и слушне како разговараат Заев и бизнисменот Николов од Струмица, која беше претставена како доказ за наводниот поткуп.
Во обидот да се убеди јавноста дека Заев е криминалец, некој стори кривично дело, односно објави снимка обезбедена со Посебни истражни мерки, што значи дека смее да се користи само за судски потреби и тоа зад затворени врати, далеку од очите на јавноста.
Снимката, која нели, „случајно“ се најде на Јутјуб, а потоа беше пренесена од речиси сите медиуми, е во траење од 3 минути и 35 секунди, и на неа може да се слушне како Заев и бизнисменот зборуваат за процедурата за плаќањето на земјиштето.
Но, тоа не е целата снимка, туку она што е емитувано, според лидерот на опозицијата е сечено, па и лепено, како што милуваат да кажат функционерите од ВМРО-ДПМНЕ за снимките што ги објавуваше тој.
Според Заев, недостасуваат два битни дела, кои, доколку се слушнат, како што тврди, ќе се сфати дека тој не бара мито, туку зборуваат за донација за храмот Пресвета Богородица. Тој појаснува и дека било јавно познато дека се собираат донации за црквата, а тој апелирал до бизнисмените да помогнат, бидејќи дел од нив приватизирале земјиште, за многу поволна цена, па затоа ги повикал и да донираат за изградбата.
– Од снимката беа исечени два дела. Во едниот јас му велам на Николов дека доколку не може на сметка да донира пари за црквата, нека оди нека купи железо, бетон, градежни материјали. Другиот дел, пак, што недостасува, е во продолжение кога го споменувам брат ми, Вицето. Кога бизнисменот го спомнува едното евро, јас му велам, еве, оди кај брат ми во менувачница, каде што работи и смени ги. Значи, му велам дека таму може да ги смени, а не да му ги даде, појаснува за „Фокус“ Заев.
Заев додава дека во судница ќе побара снимката да биде пуштена во целост, како што досега и неколкупати им била презентирана во фазата на истрагата, и тоа во присуство на новинарите, за да можат сите да ја слушнат вистината.
Лидерот на СДСМ појаснува дека тој класично бил наместен од бизнисменот.
–Имаше еден економски настан, на кој присуствуваа и бизнисмени. По завршувањето, ми пријде Николов и ми рече дека сака, но не може да донира за црквата бидејќи ќе го масакрирале од ВМРО-ДПМНЕ, ќе му прателе инспекции, па да се изнајде некој начин да донира тајно. Затоа и се случи средбата подоцна, на која тој ме намести и ме снимаше, вели Заев.
Адвокатот на Заев, Ване Андреев, вели дека против Николов, но и против припадници на МВР поднеле кривична пријава за лажно пријавување и нудење поткуп, која е земена во работа од страна на Специјалното јавно обвинителство (СЈО). Тој појаснува дека бизнисменот бил специјално обучуван и подготвуван од припадниците на МВР како да го намести Заев, за што имало дури неколку обиди.
СНИМКАТА ЈА ОБЈАВИЛЕ СУДИЈАТА, ОБВИНИТЕЛОТ ИЛИ ПОЛИЦИСКИ СЛУЖБЕНИЦИ
Според правниот тим на Заев, освен за класичната местенка, одговорност треба да се понесе и за протекувањето на снимката во јавност, бидејќи според нив, очигледно е дека службено лице сторило кривично дело. Затоа, веднаш поднесоа кривична пријава до Скопското јавно обвинителсво, но од таму не добиле повратна информација.
– Оваа снимка со јавното објавување е девалвирана како доказ и не смее да биде употребена, поради што треба да биде издвоена од доказите. Покрај тоа, мора да се открие оној кој ја објави, бидејќи бројот на луѓето кои имале пристап до неа е многу мал, вели адвокатот Медарски.
Пристап до снимката обезбедена со употреба на посебни истражни мерки имаат неколкумина, и тоа судијата, во случајот Дијана Груевска- Илиевска, обвинителот Владимир Милошевски и неколкумина оперативци во МВР. Ова значи дека доколку обвинителството на Гордана Гешкоска има волја, за многу кратко време може да открие кој ги прекршил службените овластувања. Но и по речиси две години, од таму има само молк. Не добивме одговор ниту на нашите прашања дали постапувале по поднесената кривична пријава и во која фаза е истрагата.
Ова не е првпат во јавноста да протечат тајни снимки, за што се одговара кривично. Наместо да се користат исклучиво за судска употреба, во неколку наврати политичарите од ВМРО-ДПМНЕ, директно или индиректно, ги користеа за да ги оцрнат политичките противници.
Па така, Заев уште неседнат на обвинителна клупа за случајот „Пуч“, во јавноста протече снимка на која се гледа и слуша како во кабинетот на тогашниот премиер Никола Груевски разговараат во врска со нелегалното прислушување. Снимката, иако беше направена со употреба на посебни истражни мерки, Груевски ја искористи за да го оцрни Заев. И самиот Груевски призна дека снимката е тајна, бидејќи знаел дека неговиот кабинет е озвучен и под видео надзор, опрема поставена од МВР.
Сосема „случајно“ беше објавена и тајна снимка која беше искористена како доказ во случајот „Кампања“, во која лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски, беше осуден на петгодишна затворска казна. И за овој скандал досега никој не презеде одговорност.
Во тоа е и најголмата иронија, бидејќи додека траеше судскиот процес, а се разгледуваат доказите прибавени со ПИ-мерки, новинарите беа бркани од судница, бидејќи така налага законот, но потоа, наместо да се чуваат во тајност, со невидена леснотија овие материјали стануваат достапни за јавноста и тоа само за една цел, дополнително да се омаловажи или оцрни личноста која е на снимките.
ДОНАЦИИ ЗА ЦРКВАТА СЕ СОБИРААТ УШТЕ ОД 2005 ГОДИНА
Донирањето за православниот храм „Пресвета Богородица“, пак, не се вршело на таен или нелегален начин, туку низ годините постоеле неколку јавни повици и апели. Првиот повик е уште од мај 2005 година, кога и се врши проекција на новиот соборен храм во Струмица.
–Навистина, тоа ќе биде најубав храм во Македонија, според естетиката и историското значење. Ги имаме и Плаошник и „Света Софија“ во Охрид, но според убавината и големината, ова ќе биде најубавиот и најголемиот храм во Македонија, изјави г. Наум, митрополит на Струмичката епархија, пред 12 години.
На проекцијата бил присутен и градоначалникот Заев.
-Со изградбата на еден ваков капитален објект мислам дека ќе има една слика за Струмица, која ќе го измени буквално изгледот на градот, истакнал тогаш Заев.
Тогаш беше најавено дека храмот ќе биде висок 30, широк 47 метри, а ќе се простира на површина од 1.500 метри квадратни, но и дека изградбата ќе чини околу шест милиони евра, средства што ќе бидат донирани од бизнисмените и верниците.
Уште тогаш беа собрани и првите донации. Групата „Мизар“ организираше концерт и ги донираше собраните пари, а фондацијата „Мобимак за Македонија“ отвори телефонска линија, преку која со секое јавување се донираа 100 денари.
Една година подоцна, општината поведе иницијатива за продолжување на изградбата, бидејќи таа беше запрена поради недостиг на средства. И тогаш Заев најави дека изградбата ќе продолжи со средства од општинскиот буџет, од спонзори, донации и од други извори.
Во 2012 година беше организирана презентација на идејното решение на храмот. Заев тогаш најави дека како граѓанин на Струмица се вклучува да ја води целата организација околу изградбата на Соборниот храм, заедно со бизнисмени, донатори и самите граѓани.
–Самиот проект само по себе значи обединување на сите. Се работи за огромен христијански објект, Божји дом за кој што сите треба да дадеме свој придонес внатре, повикал Заев.
Заев вели дека досега за црквата донирале голем број бизнисмени и граѓани, а самиот тој на жиро сметка уплатил 10.000 евра.
НА ТОДОРОВСКИ ВЕЌЕ 9 ГОДИНИ МУ СУДАТ ЗА НАВОДНО МИТО
За наводно мито од 100.000 евра, и тоа исто така за донација за црква, беше обвинет и поранешниот градоначалник на Аеродром, Кирил Тодоровски. МВР му поднесе кривична пријава за примање поткуп од газдата на фирмата ЕЛИНГ, како подарок за издавање дозвола за изградба на станбена зграда во населбата Мичурин. Но кога започна судскиот процес, се дозна дека 100-те илјади евра биле барани или дадени, сеедно, како донација за изградба на црквата Свети Пророк Илија во општината Аеродром. Така и се постави дилемата за еврата: поткуп или донација? Парите биле дадени на 29 февруари, за што биле склучени и договори во шест примероци, а градоначалникот беше уапсен по 40 дена. Дел од парите беа уплатени на здружението, а дел беа во општинската каса.
Тодоровски беше уапсен во 2008 година, а и по девет години се уште трае неговата судска голгота. Последната информација што ја добивме од Основниот суд Скопје 1 е дека во 2014 година е донесена трета првостепена осудителна пресуда, откако претходно во два наврати Врховниот суд го враќаше случајот од почеток. Според последната пресуда, Тодоровски е осуден на казна затвор од три години, а Апелација во 2015 година ја потврдила оваа одлука. Сега предметот повторно е во Врховниот суд.
За тоа дали апсењето на Тодоровски беше последица на неселективната борба против криминалот или, пак, сепак беше одмазда за партиска непослушност, мора да потсетиме на фактите.
Во април 2005 година Тодоровски беше избран за прв градоначалник на новоформираната скопска општина Аеродром, како предлог на ВМРО-ДПМНЕ. Иако првично ја имаше поддршката од партијата, на фотелјата седна без поддршка од Груевски, Јанакиески, Јанкулоска и Сашо Мијалков. Како што раскажа во интервју за „Фокус“, партиското раководство во пет до дванаесет од него побарало да се повлече од градоначалничката трка. Се плашеле дека нема да биде избран, бидејќи немал блескаво минато. Но, тој не се откажува, па упорен во својата намера успева да победи на локалните избори. По три години, почнуваат неговите проблеми.
И ГРУЕВСКИ БАРАШЕ ДОНАЦИИ ЗА ИЗГРАДБА НА ЦРКВА
Тодоровски сметаше дека целиот случај му е монтиран. Уште на самиот старт на процесот изјави дека наводно бил рекетиран од партијата за дел од општинските пари да ги префрли на нивна сметка.
По неколкуте судски рочишта, и пет месеци поминати во притвор, беше осуден на три години затвор. И покрај изречената затворска казна, сепак и обвинителството доживеа пораз, бидејќи не успеа да докаже злосторничко здружување на градоначалникот со уште неколкумина вработени, по што го повлече ова обвинение.
Донации за изградба на црква прибираше и доскорашниот премиер Груевски, но тој ниту во еден момент не беше под сомнеж дека на овој начин рекетира бизнисмени. До 2014 година беа организирани три донаторски конференции за изградба на црквата Св. Константин и Елена. На една од нив, со повик за донирање, пред присутните банкари, сопственици, министри и пратеници се обрати и Груевски.
–Животот е минлива категорија. Многу работи ќе поминат и кариерата и функцијата и бизнисот. Она што останува е сеќавањето и споменот, што сме направиле и колку сме направиле. Во овој дух би ве повикал уште еднаш да ја продолжиме убавата градителска традиција во Македонија, изјави во декември 2014 година тогашниот премиер Груевски, на свечениот ручек во хотелот Александар Палас, додавајќи дека сега е „времето на нашата мисија“.
Инвеститор на црквата беше фондацијата „Св. Цар Константин“, која ги организира и донаторските конференции, а градежните работи ги изведе скопската компанија АД „Бетон“.
Црквата се изгради, но тајна остана колку чинеше изградбата. „Топ сикрет“ остана и кои бизнисмени, институции и луѓе колку пари донирале.
Ова покажува дека Заев и Груевски, сепак имаат нешто заедничко. И двајцата сакаат народот да ги запамети како функционери кои изградиле цркви. Разликата е во тоа што Груевски за ваквиот чин е претставен како голем верник, а Заев како криминалец.
СКАНДАЛОЗНО ОДНЕСУВАЊЕ НА СУДИЈКАТА ГРУЕВСКА-ИЛИЕВСКА
Досега судењето за „Поткуп“ се одложуваше неколку пати, а на последното рочиште, на 23 јануари, судијката Груевска-Илиевска, инсистираше да почне по секоја цена, грубо газејќи врз законската процедура. Имено, одбраната реагираше дека на обвинителот Милошевски му завршил мандатот во Одделот за организиран криминал на 30 ноември 2016 година, па затоа не може да го застапува обвинението. Тие од судот побараа да донесе решение дека Милошевски не е надлежен обвинител, на што судијката се повлече на 10 минути за Советот да донесе решение. По речиси еден час, кога судијката се врати назад, во судница веќе пристигна обвинителот Златко Биковски, кој истакна дека е замена за колегата со истечен мандат.
Откако судијката нотираше дека Биковски ќе го застапува обвинението, а тој потврди дека е подготвен за презентирање на воведните зборови, реагираше одбраната, бидејќи побара негово изземање. Одбраната смета дека тој не може да го застапува обвинението, бидејќи тој беше обвинител и во случајот „Пуч“, во кој исто така до неодамна беше обвинет Заев, а нивниот сомнеж е дека не постапувал објективно, туку се водел по наредби и политичко сценарио. Адвокатите побараа време од 1 до 3 дена, за да можат да ги комплетираат доказите за изземањето, но судијката одби да им даде рок и рече дека им дава два часа да го испратат барањето на одлучување кај обвинителот Марко Зврлевски, а тој, ако му требало време и докази, да ги повика адвокатите да му ги достават. На ова остро реагираа адвокатите, обвинувајќи ја судијката дека грубо го крши Законот за кривична постапка и го спречува нивното право на одбрана. На нивна страна застана и обвинителот Биковски, кој и укажа на судијката дека донела избрзана одлука, односно дека не може судот да прејудицира кој обвинител ќе решава по барањето за неговото изземање.
–Вие барањето треба да го препратите до ОЈО за гонење на организиран криминал, а ако има пречки, ние согласно нашата хиерархија ќе го испратиме кај надлежен обвинител, ја подучи обвинителот Биковски судијката, која воедно е и заменик претседател на Кривичниот суд.
Но судијката Груевска не прифати дека греши, па им понуди на адвокатите да изберат дали сакаат ново рочиште за два дена или пауза од два часа за да одлучел Зврлевски, очигледно сакајќи по секоја цена да го истурка предметот. Одбраната веднаш реагираше дека не може да закаже судење за два дена, бидејќи од едно до друго рочиште мора да поминат најмалку осум дена. На оваа забелешка судијката возврати дека тоа неа не ја интересира, по што даде пауза од два часа. Адвокатите и возвратија дека тие сепак ќе го почитуваат законот и дека доказите за изземањето на обвинителот ќе ги достават до судот, а таа нека ги прати каде што мисли дека треба. По ова, адвокатите и обвинителот си заминаа, а судијката го одложи рочиштето за еден месец.
Што уште да се каже по вакво скандалозно судско рочиште, каде што наместо судијката да дели правда, одбраната и обвинителот се најдоа во улога да и делат правни лекции. Уште сега мириса дека и пресудата ќе биде како и доказите, сечена, лепена и монтирана!
Парите собрани преку донации – црковна тајна!
Колку пари досега собрале за изградба на храмот Пресвета Богородица во Струмица не сакаа да ни одговорат ниту од струмичката епархија. Откако побараа прашањата да ги испратиме на имејл, за да можат да се посоветуваат, телефонски ни возвратија дека сепак нема да ни одговорат, бидејќи не сакале да се мешаат во политика!?
Кога се обидовме да им објасниме дека нема политика во одговорот колку пари се собрани преку донации, како и во одговорот на прашањето до која фаза е изградбата на црквата, туку дека станува збор за отчет пред јавноста, ни возвратија дека немале обврска нам да ни приложуваат сметка.
АНДРЕЕВ: ОБВИНЕНИЕТО Е НЕОСНОВАНО
Од обвинителниот акт може да се прочита дека обвинителството прави обид да докаже дека Заев незаконски постапувал по едно од барањата за приватизација на земјиште, поднесено од бизнисменот Николов, а за возврат барал мито. Инаку, претходно општина Струмица постапувала по уште две барања за приватизација на земјиште, поднесени од Николов, кои биле во целост завршени.
Адвокатот на Заев, Ване Андреев, вели дека наводите во обвинителниот акт се неосновани во целост.
–Нема никакви дејствија преземени од страна на обвинетиот Заев во постапките за приватизација на предметите, а кои не би смеел да ги преземе, како што се тврди во обвинителниот акт. Поточно, се што презел е во согласност со неговите овластувања и обврски, вели Андреев.
Во обвинението стои дека Заев постапувал по барање за откуп на земјиште, во површина од 57.661 метар квадратен, поднесено од бизнисменот Николов, односно „АД Конзервна фабрика“, иако знаел дека надлежно да постапува е Министерството за финансии, а не општина Струмица.
Според обвинението, тоа произлегувало од фактот што „АД Конзервна фабрика“ имала право на користење на земјиштето, а општината не смеела да поведе постапка за одземање на корисничкото право.
Ном според Андреев, од увидот во поднесеното барање за приватизација од бизнисменот Николов, се гледало дека предмет на приватизација е земјиште во државна сопственост, а негов корисник е АДМС „ЗИК Струмица ДОО Плодно поле Хамзали“, а не „АД Конзервна фабрика“, што се докажува и од имотниот лист.
Корисникот на земјиштето, пак, во 2003 година оди во стечај. Бидејќи правниот субјект престанал да постои во трговскиот регистер, согласно Законот за приватизација и закуп на градежно земјиште во државна сопственост, подносител на барањето за бришење на корисникот на земјиштето кој престанал да постои, е лице кое има правен интерес за тоа, во случајот Општина Струмица.
Во обвинението е наведено и дека барањето за приватизација Николов требало да го достави до Министерството за финансии, а не до општината, но и ова според адвокатот Андреев не е точно, бидејќи доказите што ги поседуваат покажуваат дека надлежна е општината.
–АД Конзервна фабрика постапката мора да ја води пред општината, а не пред Министерството за финансии, бидејќи акционерското друштво е настанато со трансформација на претпријатието во општествена сопственост АДМС ЗИК Струмица, а според Законот за приватизација и закуп на државно земјиште, надлежна да постапува во ваква ситуација е општината. Во тој однос наводите дека градоначалникот Заев презел дејствија што не смеел да ги преземе се во целост неосновани и неточни, објаснува Андреев, кој додава дека во овој случај обвинителството ги крши законите.