(АРХИВА) Власта чека помош и од Груевски за уставни измени, ќе заигра ли пак ножот во грб во опозицијата?

„Фокус“ пред нецела година пишуваше дека власта и меѓународната заедница активно работат на обезбедување двотретинско мнозинство за уставни промени, при што активирани биле комуникациски канали и со Груевски, кој бил посетен од функционер на ДУИ!

by Фокус

Текстот е објавен на 24 ноември 2022 година во неделникот Фокус со број 1.416.

Откако беа усвоени измени на Кривичниот законик, со кои се скратија казните за „злоупотреба на службена положба“ и „злосторничко здружување“ и на тој начин се овозможи побрзо застарување на овие дела, се појавија разни тврдења и интерпретации за мотивите и причините. Додека владејачките СДСМ и ДУИ се правдаат дека станува збор за усогласување со европските законодавства, опозициската ВМРО-ДПМНЕ обвини дека целта е да се изврши тивка амнестија на владејачки функционери. Дополнително, албанската опозиција истакна дека крајната цел е да се амнестира поранешниот премиер Никола Груевски во замена за поддршка на уставни измени, за што, според нив, владина делегација била во Будимпешта. Во меѓувреме, Груевски и Христијан Мицкоски влегоа во отворен конфликт – Мицкоски го обвини дека е во тајна комуникација со власта, а Груевски му врати дека предизвикува раскол во партијата. За потсетување, „Фокус“ пред нецела година пишуваше дека повторно може да заигра ножот во грб во опозициската партија, бидејќи власта и меѓународната заедница активно работат на обезбедување двотретинско мнозинство за уставни промени, при што активирани биле комуникациски канали и со Груевски, кој бил посетен од функционер на ДУИ!

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Иако опозицискиот лидер Христијан Мицкоски тврди дека ниту еден негов пратеник нема да гласа за промена на Уставот, па дури оди и чекор понатаму, ветувајќи повлекување од политиката ако тоа се случи, претставници на власта постојано уверуваат дека на крајот ќе се обезбеди двотретинско мнозинство, неопходно за отворање на преговарачките поглавја со ЕУ.

Па, се поставува прашањето на што премиерот Димитар Ковачевски и Али Ахмети го темелат оптимизмот дека ќе успеат да убедат уште најмалку 6 пратеници од опозицискиот табор да гласаат за промена на Уставот, спротивно на генералниот став на нивната матична партија? Дали станува збор за провокации како дел од психолошка војна? Или, пак, навистина нешто се случува во заднина?

Доброупатени извори велат дека власта и меѓународната заедница синхронизирано дејствуваат во насока на создавање атмосфера за внесување на Бугарите во Преамбулата. Ако таквиот амбиент не го одоброволи Мицкоски да учествува во процесот, под гаранции дека македонскиот идентитет и јазик се бетонирани, тогаш се разработуваат и резервни варијанти.

Неофицијално дознаваме дека се активираат комуникациски канали и со поранешниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, кој веќе неколку години е унгарски азилант. Односно, власта и странците го тестираат дали е расположен да помогне, доколку му обезбедат терен да се врати како слободен граѓанин, но настрана од политичкиот живот.

Дали Груевски е рамнодушен на тоа, засега е непознато, но тие што го познаваат, посочуваат дека неговиот прв братучед Сашо Мијалков веќе беше директно ангажиран во обезбедувањето вмровски пратеници за претходните уставни измени. Нема дилеми дека одредени центри сакаат да режираат иста или слична операција.

Доколку успеат, повторно ќе се врати омилената вмровска тема за предавство, која се провлекува уште од историското ВМРО. Во модерно време, Груевски се отклони од Љубчо Георгиевски, со обвинување дека му забил нож во грб, а десетина години подоцна го напушти кормилото со многу ножиња во грбот. Дали сега може да се сменат улогите, па, фигуративно кажано, Груевски да му забие нож во грб на Мицкоски?!

ПОЗИЦИИ И АРГУМЕНТАЦИЈА

Како што е познато, премиерот Ковачевски свика лидерска средба, со цел да побара поддршка, не само од 80, туку од сите 120 пратеници за уставни измени, кои, како што рече, се потребни за понатамошно напредување кон ЕУ. Според него, секој пратеник има обврска кон граѓаните и државата во однос на европската иднина.

Наспроти тоа, ВМРО-ДПМНЕ, барем според досегашните изјави на нејзини најистакнати експоненти, смета дека тоа нема да ја поттурне, туку само дополнително ќе ја отежни интеграцијата кон ЕУ. Затоа Мицкоски вели дека решението е во враќање на процесот на почетокот и одново преговарање со официјална Софија.

Во меѓувреме, пак, првиот вицепремиер и министер за политички систем Артан Груби изброја дека во моментов има 74 пратеници во Собранието што се „за“ уставните измени, па, како што порача, потребни им се уште 6 пратеници од „проевропската опозиција“. Покрај другото, тој изјави дека процесот ќе го помогне и Европската народна партија, чија членка е ВМРО-ДПМНЕ.

За волја на вистината, меѓународната заедница отворено вели дека ќе има двотретинско мнозинство за уставни измени. Дури, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, за време на посетата на земјава, истакна дека е сигурна оти во македонскиот парламент ќе поминат уставните измени за внесување на Бугарите.

Арно ама, претседателот Стево Пендаровски има далеку попесимистички очекувања во споредба со оние од владата, потхранувани и од меѓународната заедница. Според него, нема сигнали дека некој од опозициските пратеници ќе го смени ставот, оверен и со нотарски изјави дека нема да гласаат за уставни измени под овие околности.

Сепак, интересна е аргументацијата на Кастриот Реџепи, кој дејствува како независен пратеник, откако пред точно една година беше исклучен од Беса, бидејќи отсуствуваше од собраниската седница за изгласување недоверба на владата: „Верувам дека ќе се постигне двотретинско мнозинство, зашто сам сум гласал против позицијата на политичката партија…“.

РЕПРИЗНО СЦЕНАРИО

Меѓу другото, тој потсетува и на последните уставни промени, кои се правеа согласно обврските од Преспанскиот договор со Грција, кој, по цена на промена на уставното име и низа други обврски, ни овозможи влез во НАТО. Но, се испостави дека овој компромис не е доволен и за преговори со ЕУ.

За потсетување, Уставот се промени со помош на 8 пратеници од тогашната опозиција. Подоцна, дел од нив станаа пратеници под дресот на СДСМ, други станаа владини и државни функционери, а трети не добија ништо, освен, се разбира, ослободување од кривичен прогон за крвавиот упад во Собранието на 27 април.

Дали сега е можно, под одредени околности и со употреба на ист или сличен пристап, да се обезбедат 6 опозициски пратеници за уставни измени? Или, пак, ако тоа е преамбициозна мисија, можно ли е да се обезбеди барем еден, со цел Мицкоски да се стави во тесно, имајќи ја предвид неговата најава дека заминува во политичка пензија ако и еден пратеник го изневери?

Како што неофицијално вели висок функционер на СДСМ, активно се работи на тоа. Воедно, според неговите зборови, не станува збор за операција водена само од СДСМ, ДУИ или од домашни фактори, туку, според него, нивото е многу повисоко. Што значи тоа?

Практично, тој објаснува дека вклучен е влијателен надворешен центар, кој прво му шепна на Реџепи да ја одржи во живот оваа влада на СДСМ и ДУИ, а потоа и на Африм Гаши да ја внесе неговата Алтернатива во парламентарното мнозинство, со цел да ѝ обезбеди кислород на владејачката гарнитура во пресрет на предизвиците што следуваа.

Набргу потоа, стаса таканаречениот „француски предлог“, кој со тешки маки успеа да мине и во Скопје и во Софија. Иако овој договор успеа да обезбеди пробив во интеграцискиот процес во земјава, сепак, работата е далеку од завршена…

ВНАТРЕШЕН КОНФЛИКТ

Она што сега се наметнува како дилема е дали овој ист странски центар има такво влијание и во ВМРО-ДПМНЕ, какво што бездруго има врз ДУИ, но и врз другите албански партии, поучени од минатото искуство дека движењето против ветрот ги води кон распад?

Оваа игра е поголема од СДСМ, ДУИ и од владата. Се игра на повеќе функционери во ВМРО-ДПМНЕ, кои важат за неспорно прозападно и проевропски ориентирани. Целта е токму тие да го направат притисокот во рамки на партијата и да го стегнат обрачот околу Мицкоски и да поминат уставните измени – вели нашиот соговорник од СДСМ.

Од друга страна, ваквите тврдења од Бихаќка целосно ги отфрлуваат од најголемата опозициска партија, од каде што велат дека нема никакви внатрешни поделби и несогласувања по ниту едно прашање, а особено во однос на договорот со Бугарија, од кој како обврска произлегуваат уставните измени.

Како што вели висок функционер на ВМРО-ДПМНЕ, нема ниту една кршлива точка во најтесното раководство, ниту во партиските органи, ниту во пратеничката група. Иако станува збор за значителна бројка од 44 пратеници, сепак, тој е уверен дека сите се под контрола, потенцирајќи дека се внимателно селектирани од страна на сегашното раководство.

За разлика од претходниот пратенички состав, кој го избираше поранешното раководство, сегашните пратеници се внимателно избрани и сите од прв до последен се лојални и доверливи. Плус, ја научија лекцијата дека предавството не се исплати. Сите гледаме како лошо завршија пратениците што го направија тоа со Преспанскиот договор – вели функционерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Впрочем, пратениците што гласаа за уставни промени во време на Мицкоски беа избрани од Груевски, кој директно не поддржа промена на името, но на чуден начин избега од државата. Ако за тоа уште многумина имаат прашалници, дефинитивно сигурно е дека во „убедувањето“ на осумтемина пратеници учествуваше неговиот прв братучед Мијалков, кој поради тоа беше и исклучен од партијата.

КАМБЕК НА БЕГАЛЕЦОТ?

Уште неколку месеци пред Груевски да ја напушти државата и да побегне во Будимпешта, каде што доби азил само веднаш откако заработи правосилна пресуда во еден од предметите на некогашното СЈО, каде што беше обвинет за незаконска набавка на мерцедес, „Фокус“ објави: „Дали власта ќе го пушти Груевски да избега во Унгарија, ако пратеници на ВМРО-ДПМНЕ го поддржат договорот со Грција“.

Тогаш ретко кој обрна внимание на овој напис, кој на сите им доби многу поинаква димензија откако се случи бегството. И покрај неофицијалните информации дека се правел пазар на штета на правната држава и правдата, сите негираа дека Груевски е „пуштен“ да испари од земјава и да прелета неколку други држави до крајната дестинација.

Односно, надлежните тврдеа дека тој ги изиграл институциите со помош на унгарската служба, иако подоцна се обзнани дека знаеле оти повлекол пари од личната банкарска сметка. Патем, тој ги „ослободил“ од должност телохранителите доделени од државата, непосредно пред да тргне во акција.

Згора на тоа, Зоран Заев и Оливер Спасовски најавуваа дека истрагата ќе ги даде одговорите на сите прашања, меѓутоа на крајот испадна дека таквите силни најави биле во функција на смирување на јавноста и купување време. А, времето покажа дека истрагата водена од обвинителката Ленче Ристоска не даде одговор на ниедно прашање.

Оттука, факт е дека Груевски не гласаше за уставни промени, но тоа го сторија доволен број пратеници избрани од него, а организирани од неговиот братучед Мијалков. Дури власта во неформални разговори се фалеше дека во резерва имала уште неколку пратеници, но едноставно немале потреба да ги активираат.

Што било – поминало. Сега прашањето е дали Груевски, како и Мијалков, повторно може да се вклучат во одредени внатрепартиски разврски во ВМРО-ДПМНЕ, во контекст на претстојните уставни измени? Има ли кај Груевски желба и мотив да преземе такви чекори и што би барал за возврат? Можен ли е негов камбек во државава!?

БИЗНИС-ИНТЕРЕСИ

Информациите што ги добивме од висок функционер на ДУИ, пак, откриваат на кој начин власта, или поточно, дел од власта, бара помош од Груевски. Како што вели тој, се одржуваат и користат одредени комуникациски канали и се рециклираат стари контакти. За што станува збор?

Според нашиот извор, во посета на Груевски во Будимпешта скоро бил пратеник од редовите на партијата на Ахмети, поранешен градоначалник и некогашен сопственик на голема нафтена компанија, која во меѓувреме му ја препушти на неговиот син. Тој и Груевски, според нашиот извор, со години имаат блиски и коректни односи.

Ако е точно дека, како што ни тврди соговорникот од ДУИ, неговиот сопартиец скоро бил во Будимпешта, тогаш се поставува прашањето која била целта на посетата? Дали станува збор за обично пиење кафе или јадење гулаш меѓу некогашни двајца блиски пријатели и соработници? Или, пак, посетата имала конкретна цел?

Според нашиот соговорник, имало две главни теми на разговор. Една од нив било носењето урбанистички план во рамки на Општина Карпош, каде што посетителот од ДУИ има свој интерес, а Груевски сѐ уште има редовна комуникација со градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимоски. Така, зборот бил дали може да се лобира да се убрза постапката.

Случајно или не, притисок за истиот ДУП вршел и Мијалков, од причина што, според нашите сознанија, имал одредени амбиции за делот каде што треба да никнат нови објекти. Според нашиот соговорник, тој бил на линија со еден од главните министри на ДУИ, кои, освен политика, ги поврзува и секторот со игри на среќа, каде што неодамна не помина предлогот за отворање второ онлајн-казино.

Не дека Јакимоски има проблем со носењето на овој урбанистички план, доколку, се разбира, се испочитува еден негов играч од сферата на градежништвото, туку проблемот е што се измеша работата во општинскиот совет, каде што треба да се изгласа секој план. Работата е таква што по разделбата на градоначалникот и ВМРО-ДПМНЕ, никој нема мнозинство.

ПРОМЕНЕТА РЕТОРИКА

Што се однесува до средбата во Будимпешта, станало збор и за уставните измени, вели функционерот на ДУИ. Се опипувал плус на Груевски дали би можел да се вклучи и да помогне да се надмине процесот, а за возврат да добие олеснување во дел од судските процеси, но, уште побитно, и при одредени идни конфискации.

Во едно екстензивно фејсбук-обраќање, Груевски наведе дека се рашириле, како што ги нарече, лаги дека со него преговарале структури од актуелната власт или странски преставници, со цел, посочи тој, да се постигне наводен договор во кој тие би изработиле прекин на политичкиот прогон кон него, ако помогнел „за носење штетни за македонската нација одлуки во парламентот или создавање кризи во ВМРО-ДПМНЕ“.

„Такво нешто не постои. Ниту сум имал такви разговори со претставници на СДСМ или некој од власта, ниту со некои преставници на други држави. А и доколку имало, тоа сигурно ќе било одбиено! Впрочем доколку јас сакав на таков начин да го запрам политичкиот прогон кон мене, имав шанси, имав прилики и понуди уште додека бев во Скопје“, напиша Груевски.

Воедно, тој истакнува дека нема никаква комуникација со Мицкоски. Дополнително, Груевски посочува дека никој не побарал средба со него за време на посетите во Будимпешта, при што малку пецнува – зошто не побарале, тие си знаат. Истовремено, и можеби најинтересно, потенцира дека со дел од постапките на неговата поранешна партија не се согласува.

Индикативно е што ова писание следува само неколку дена откако Мицкоски во едно интервју порача дека секој што е бегалец од правдата треба да се соочи со последиците, а правосилно осудените треба да одговараат. Исто така, тој јасно предочи дека кога ќе дојде на власт, нема да ја укине меѓународната потерница по Груевски.

Секој што е правосилно осуден, треба да си одговара – рече Мицкоски, со што предизвика жестока реакција од Јакимоски, кој, застанувајќи во одбрана на Груевски, возврати: „Па нели ова беше „Русковска-судство“, нели таму место право се делеше неправо, Груевски да оди во затвор, за ти да уживаш…“.

„ПРОЕВРОПСКА“ ОПЦИЈА

Оттука, Груевски првпат одлучи отворено да се произнесе за неговите релации со раководството на ВМРО-ДПМНЕ, откако претходно Мицкоски јасно му порача дека нема намера да го амнестира ако дојде во таква позиција. Дотогаш, Мицкоски избегнуваше да одговара што било за Груевски.

Дали во Белата палата знаат или чувствуваат дека власта работи на операција на враќање на Груевски, под услов тој, директно или преку братучедот, сеедно, да им помогне за уставни измени?! Или, пак, партијата е загрижена Груевски да не направи упад преку блиски луѓе, штом заземаат став кој во превод значи – „ако веќе се враќаш, треба да лежиш“?!

Одредени сознанија говорат дека по судирот со скопската градоначалничка Данела Арсовска, партиското раководство се сомневало дека постои замешателство и од Будимпешта. Во однос на таквите обвинувања, кои стасале и до Груевски, наводно тој одговорил дека неговото евентуално мешање би имало многу поразорни ефекти, а во тоа допрва ќе се уверат.

Дали и кога би се случил евентуален камбек на Груевски и под кои услови, ќе покаже времето, кое претходно ги потврди нашите сознанија дека тој планира бегство. Она што е сигурно, власта со надворешна поддршка работи на операцијата наречена уставни измени, а експремиерот, па и неговиот братучед, тука добиваат соодветен третман.

Ако Груевски учествува во таков план и операцијата успее, тогаш повеќе од сигурно е дека Мицкоски целата вина ќе ја префрли кон него, како што минатиот пат ја префрли врз Мијалков. Ако тој, пак, одбие да биде дел од таков план, тогаш упатените споменуваат уште едно сценарио.

Ако не обезбеди бројки, власта ќе оди на предвремени парламентарни избори напролет. Од една страна, ќе биде проевропската коалиција на СДСМ и ДУИ, а од друга ВМРО и Левица. Но, клучно е што на сцена треба да настапи „проевропска“ вмровска структура, која преку нова партија или независна листа ќе се обиде да му скине што повеќе гласови на ВМРО. Тоа можеби ќе биде доволно за победа, но дали ќе биде и за двотретинско мнозинство?

 

Контакт преку посредник
КОЈ Е ВРСКАТА ЗА КОМУНИКАЦИЈА?

Иако сака да се прикаже како заслужен пензионер и привремен турист во Унгарија, кој по макотрпната служба кон државата и народот сега дејствува само преку фејсбук-статуси, Никола Груевски не е оставен сам на себе.

Имено, одредени сознанија говорат дека со него комуникација одржува еден од нашите надлежни служби за дејствување надвор.

Оваа комуникација се остварува преку поранешен разузнавач, кој сега работи како адвокат, кој всушност е врската со поранешниот премиер.

 

Врбување пратеници
ТАТКО НА ФУНКЦИОНЕР МУ ПРИСТАПИЛ НА ПРАТЕНИК!

Близок роднина на еден од водечките владини функционери веќе се обидува да врбува опозициски пратеници за уставни измени.

Според нашите неофицијални информации, тој му пристапил на пратеник од еден од помалите коалициски партнери на ВМРО-ДПМНЕ, кој, сепак, му дал негативен одговор на неговиот сограѓанин.

Меѓутоа, дали тој ќе опстои на овој став и како ќе помине разговорот со други пратеници, останува да видиме.

Поврзани новости