АРХИВА Уште еден промашен проект на Тодоров: Лекарските обуки во странство се пералница за пари

by Fokus

Текстот е објавен на 06 ноември, 2015 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1048

Пишувал Ирена МУЛАЧКА

Пред три години, во февруари 2012 година, министерот за здравство Никола Тодоров ја посети болницата „Токуда“ во бугарската престолнина Софија, каде веќе неколку години како абдоменален хирург работи екс министерот за здравство во владата на СДСМ, Владо Димов, против кого беше покренато обвинение дека незаконски вработил членови од својата матична партија во струмичката болница. За иронијата да биде уште поголема, Тодоров со почнувањето на проектот за обуки на лекари во странство, најпрвин отиде во оваа болница каде се сретна очи во очи со Димов.

Оттука започна новиот „реформаторски“ подвиг на министерот, кој тргна на турнеја по реномираните болници во странство за да договара обуки на лекари, а на крајот сето тоа, зад затворени врати, со амин на Владата го внесе и во Законот за здравствена заштита. Тоа е еден од главните аргументи на владата на Никола Груевски, кој кога ги анализира состојбите во јавното здравство постојано се фали колку вложуваат во лекарите и нивната стручност со тоа што ги праќаат на скапи обуки во странство. Дури, и во последната партиска изборна програма „Избери дела“  проектот се истакнува како еден од најзначајните, кој придонесува за поквалитетно јавно здравство. Тоа редовно се слушаше и на митинзите, посебно во третата изборна единица каде министерот за здравство беше носител на изборната листа.

Но, да и погледнеме на реалноста во очи. По три години откако е воведен овој проект, работите во јавното здравство не мрднале од мртва точка. Повеќето од лекарите – стручњаци си заминаа во приватните клиники или на работа во странство, а тие што останале во Македонија постојано се жалат на лошите услови за работа и лекување на пациентите.

„Фокус“ истражуваше колку лекари досега заминале на скапи обуки во странство и колку народни пари се потрошени за овој проект. Зошто министерот за здравство ги обврзува лекарите задолжително да одат на едукации? Зошто воведува вртоглави суми пари како казни, за сите што не сакаат да одат на едукација или ако, пак, порано од предвиденото го напуштат јавното здравство? Дали на тој начин смета дека ќе го спречи одливот на медицински кадар од македонските болници?

ЗА ЛЕКАРСКИТЕ „ЕКСКУРЗИИ“ ДОСЕГА СЕ ПОТРОШЕНИ 1,5 МИЛИОНИ ЕВРА

Повеќе од 1.500 лекари-специјалисти од 44 болници во последните три години заминаа на доусовршување во реномирани медицински центри во САД, Европа и Австралија за што досега од здравствената каса се потрошени повеќе од 1,5 милиони евра народни пари. Најчести дестинации каде што заминуваат лекарите се болницата „Гемили“ во Италија, потоа болницата „Флоренс Најтингел“ во Турција, болницата во Хамбург и клиниката Нинберг во Германија. Исто така, лекарите на едукации беа и во приватната болница „Сент Џон“ во Австралија и неколку болници во Америка и во Велика Британија. Обуките во странство во моментов се на сметка на Министерството за здравство, а секој лекар во зависност од тоа, во која болница престојува добива 500 евра месечно. Во трошоците се пресметани сместувањето, патните трошоци и еден оброк. Според проектот, престојот може да трае од еден месец до неколку години, во зависност од обуката.

Секој што ќе прочита, веднаш ќе помисли – колку многу ресорното министерство вложува во македонските лекари и постојано ги праќа на скапи обуки во реномирани медицински центри, и тоа на државна сметка. Но, дали е тоа навистина така и дали овој проект има друга позадина е најчестото прашање кое си го поставуваат повеќето лекари кои веќе ги посетиле обуките.

Некои од нив тврдат дека на тие обуки одат како на екскурзии, но ништо не научиле, затоа што немаат никаков пристап ниту до пациентите кои се лекуваат, ниту учествуваат во операциите, ниту пак лекарите кои работат таму им дозволуваат да им се мешаат во работата. Според нив, тие ги игнорираат, а назад во Македонија се враќаат само со еден лист хартија, наречен сертификат, а не со нови знаења. Со таа потврда го правдаат престојот во елитните светски медицински центри.

Нормално е дека секој лекар сака да се доусовршува во својата област и да оди на различни семинари и обуки во странство, но проблем е тоа што ние губиме по цел месец, па наместо нешто да научиме, ние си одиме на екскурзии и шетање. Повеќе ги гледаме знаменитостите во државата во која сме пратени, отколку што се обучуваме во болницата. Тие пари што ни ги даваа за таму, да ги вложеа во нашите болници немаше да имаме ваков колабиран систем – тврди лекар кој веќе ја поминал обуката и сака да остане анонимен.

Целиот процес почнува така што, од ресорното министерство со потпис од првиот човек во здравството до директорите на клиниките и болниците редовно стигнува писмо во кое се бара да се направи список на лекари кои наредната година ќе одат на обука во одредена болница во странство. Откако ќе се направи списокот, се враќа повратно во Министерството за здравство.

Според лекарите, тие на едукациите во странство можеле да учат само од гледање, затоа што нивните домаќини таму постојано ги игнорирале и ги третирале како „инвентар“.

– Како можеме да воведеме некој нов метод кога ќе се вратиме назад, кога ние немаме никаков пристап ниту до пациентите, ниту до медицинската опрема. Никој не научил само од гледање. Па, многу често се прашуваме зошто воопшто си ги трошиме парите и тоа наши народни пари. Не ги извадил министерот од својот џеб. Никој не е против обука, ама не ваква – додава истиот лекар.

За разлика од него, министерот за здравствоТодоров лани се пофали дека стекнатото знаење, лекарите го пренесуваат на своите колеги во матичната установа каде што работат, а новите методи што ги научиле таму веќе се применуваат во болниците.

Според статистичките податоци, во 2012 година на обука се испратени 69 лекари, во 2013 година – 501 лекар, а во 2014 година реализирани се 514 едукации. Последната година, според тврдењата на Груевски, на обука до септември биле испратени 600 лекари, а до крајот на годината таа бројка ќе се зголеми на 1.000 обуки во странство.

ЧАКАРОВСКИ: ОБУКИТЕ ВО СТРАНСТВО, ПЕРАЛНИЦА НА ПАРИ

Во последните неколку години, дел од лекарите го напуштија јавното здравство и заминаа на работа во приватните болници, а дел отидоа на работа во странство, во Германија, Италија и Канада каде земаат од 6.000 до 15.000 евра плата, во зависност од областа во која работат. Преплашен од заминувањето на лекарите, Министерот Тодоров ги воведе овие обуки, со што ги обврза – за едно доусовршување во реномиран медицински центар во странство, наредните неколку години да останат да работат во јавното здравство.

Дел од лекарите сметаат дека овој проект е промашена инвестиција на Министерството за здравство, а според нив, уште пострашно е тоа што никој не може да дојде до податоците – колку точно пари се потрошени.

– Од искуство на колегите, знам дека овој проект е промашен и претставува пералница на пари. Лекарите одат божем да научат нешто таму, а тие само седат и гледаат како се извршува некоја интервенција. За што се трошат парите, за гледање? Или, некој го користи проектот, за да дојде до паричка. Прво, нашата лиценца не важи никаде во светот, за ние да можеме да работиме по болници во странство – вели доктор Гоце Чакаровски од битолската Клиничка болница.

Според него, тие и така немаат доволно медицински персонал што ќе работи, а не, пак, да испраќаат лекари на обуки во странство.

Кај нас, пред некое време, од министерството побараа да се испратат лекари во странство на обуки, но не дозволија. И така нема кој да работи, а не и лекари да заминат во странство. Што ќе правиме тогаш, кој ќе ги лекува пациентите? Сите тие пари што ги дадоа за обуки во странство, од кои лекарите немаа никаква корист, да ги вложеа тука во болниците, немаше да имаме колабирано здравство  – додава доктор Чакаровски.

Со сличен став како неговиот е и поранешениот министер за здравство Ѓорѓи Оровчанец, кој смета дека овој проект е уште една популистичка мерка на владата на Груевски.

Како не им е срам да зборуваат и да ни презентираат дека рози цветаат во јавното здравство кога состојбата е катастрофална. Целта на овој проект е да ги задржат лекарите, затоа што и така нема кој повеќе да работи. Партизацијата е доведена до највисоко ниво, а последните години во здравството нема ништо ново, освен мртви – истакна Оровчанец.

Во јавноста се вртат муабети дека неколку странски болници во кои македонските лекари оделе на доусовршување ќе ги прекинат договорите со Министерството за здравство и повеќе нема да примаат документи и лекари од македонските болници. Една од болниците, за која најгласно се зборува е „Гемили“, лоцирана во италијанскиот град Рим. Нашите извори од таму тврдат дека болницата веќе подолго период планира да ја прекине соработката, но се очекува во најскоро време за тоа да го извести ресорното министерство.

ДРАКОНСКИ КАЗНИ ОД 25.000 ЕВРА ЗА НАПУШТАЊЕ НА ЈАВНОТО ЗДРАВСТВО

 Од лани, по директен налог на министерот за здравство Тодоров, околу 1.000 лекари и медицински персонал мораше да отидат на обука во странство, бидејќи во спротивно следуваат драконски казни и назадување во работата. Тој неколку пати на прес-конференции појасни дека нема да остане лекар во јавното здравство, што нема да отиде на едукација во странство. Тодоров нагласи дека вкупно 1.000 лекари од кои 800 доктори и 200 медицински сестри и болничари ќе одат на обука во некоја странска болница од својата област. Но, намерно или не, министерот не ги соопшти деталите за проектот.

Затоа, пак, „Фокус“ деталите ги пронајде во Законот за здравствена заштита и Законот за континуирано доусовршување во странство од полани, со дополнувања и измени во 2014 година. Според овој закон, член 179б, став 4, доктор на медицина, стоматолог и фармацевт што работат во терцијарно здравство, во рок од седум години за воведување нов здравствен метод или постапка имаат должност да поминат една година во странство на стручно доусовршување.

Во спротивно, ако во тие седум години лекарите не поминат една година на обука во странство, тогаш ќе бидат префрлени на секундарно ниво, односно на работа во поликлиники. Во Законот, исто така се наведува дека секој доктор е должен да оди на обука во странство. Ако случајно одбие, тогаш ќе се соочи со казна од 5.000 до 7.000 евра. Според законот, откако докторот ќе отиде на доусовршување, после тоа потпишува договор, дека во наредните три години нема да го напушти јавното здравство. Доколку се случи да си замине порано од тие три години, тогаш е должен да врати вртоглави 25.000 евра. Се ова е веќе објавено во Службен весник.

За да биде уште поапсурдно, сите лекари кои ќе отидат на обука мора да снимаат видео спот што ќе се врти на веб-страницата на ресорното министерство, презентација за методот што го усовршиле  и откако ќе се вратат од обука, мора да вршат едукации на своите колеги.

Но, ништо од сето ова не е чудно, затоа што откако Тодоров седна на министерското столче сите проблеми во јавното здравство ги „решава“ со драконски казни, без разлика дали се работи за специјализација или за обуки во странство. Најважно е здравствената каса или некој џеб да крцка!

Рамка:

СРПСКИ ЛЕКАРИ НЕ ДОЈДОА ДА РАБОТАТ ВО МАКЕДОНИЈА

Освен тоа што Министерството за здравство испраќа лекари на обуки во странство, сепак пред една година од таму пуштија оглас во кој бараа српски лекари да работат во болниците во Македонија. Во огласот се наведуваше дека лекарите мора да имаат десетгодишно искуство и да бидат од областа на офталмологијата, гинекологијата, ортопедијата и урологијата.

До ден денес, од министерството нема никаква информација дали некој од српските лекари се пријавил за работа и ако има такви, колкави плати земаат. Единствен лекар кој од Србија дојде да држи обуки во земјата е очниот хирург, кој пред неколку години му извршил операција на окото на таткото на Тодоров, Стојан.

Рамка:

„РЕФОРМИТЕ“ НА ТОДОРОВ НОСАТ МРТВИ ПАЦИЕНТИ

Екс министерот за здравство Ѓорѓи Оровчанец вели дека статистичките податоци покажуваат дека „реформите“ на Тодоров само ја зголемиле стапката на смртност во земјата.

Во овој момент, целото јавно здравство е во кома. За да се спаси ситуацијата мора да се направи целосна реорганизација. Фондот за здравство треба конечно да почне да си ја врши работата и да се грижи за пациентите. А, ако не сака, тогаш нека се укине. Исто така, мора кадровски да се реши проблемот, бидејќи за пет години ќе биде тотална катастрофа – додава Оровчанец.

Поврзани новости