(АРХИВА) Токсична атмосфера и тешки зборови – како помина Самитот на ОБСЕ во Скопје?

by Фокус

Текстот е објавен на 07 декември 2023 година во неделникот Фокус со број 1.470.

Русија се обиде да го прикаже настанот како место за тајни преговори по неуспехот на украинската контраофанзива, но Блинкен и Борел буквално, со бегство, во последен момент ги осуетија овие намери. Паралелно на светските случувања и домашните политичари го искористија присуството на големите светски имиња. Ковачевски доби безрезервна и отворена поддршка од Блинкен, а Мицкоски доби најтешки укори, кои веројатно дополнително ќе му го подобрат рејтингот.

Пишува: Дејан АЗЕСКИ

Скопје барем за кратко минатата недела стана вистински главен град на светот. Нашата престолнина не памети настан од ваков калибар во последниве сто години, а имињата што продефилираа низ арената „Борис Трајковски“ и во следниов век ќе се споменуваат дека некогаш биле кај нас.

Со оглед на нашата склоност како држава кон дипломатски гафови и скандали, овој самит на ОБСЕ помина навистина беспрекорно и точна е констатацијата на досегашниот претседавач на организацијата, Бујар Османи, дека во Скопје беше спасена или барем кратко продолжена иднината на оваа асоцијација.

Но, за жал, сето ова што го зборуваме е само целофанот на целата приказна, која во пракса покажа дека внатре во организацијата, а со тоа и во светот постојат поделби какви што историјата не памети.

Па така, за само два дена се испослучија толку дипломатски изненадувања и заплети, кои не ги оставија рамнодушни ни најискусните дипломати.

НЕНАДМИНЛИВИ РАЗЛИКИ

Зрак надеж дека токму од Македонија ќе се испратат првите пораки на мир по речиси двегодишна војна, дадоа ненадејните најави дека Бугарија го отворила воздушниот простор за да може да стигне руската делегација.

Со оглед на фактот дека присуството на американскиот државен секретар Ентони Блинкен веќе беше потврдено (плус првите луѓе на европската и британската дипломатија), сите помисливме дека се подготвува теренот за од Скопје да бидат испратени некои историски мировни пораки или барем договор за некакво краткотрајно примирје.

И веќе следниот ден, шок во стилот на Џејмс Бонд филмовите. Прво Бугарија го смени својот став, наводно поради портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, која летала во истиот авион, а потоа лично Блинкен во последен момент ги смени плановите и го напушти аеродромот Петровец, само еден час пред да слета Сергеј Лавров или само неколку часа од кога слета во Скопје.

Пораката беше јасна, Стејт департментот не сакаше да им остави физичка можност на Русите да шпекулираат дека Блинкен и Лавров, сепак, тајно се сретнале на маргините на самитот.

Со тоа што Блинкен буквално непланирано избега без воопшто да се појави на самитот за кој беше дојден, однапред беше осуетен рускиот наратив дека сега кога Украина де факто е поразена на фронтот, Америка мора да преговара јавно или тајно.

Ова очигледно го испровоцира Лавров (дипломат со четиридецениско искуство) и својот директен колега го нарече „кукавица“, израз кој веројатно не е употребен во дипломатијата ни за време на целата Студена војна.

Вториот голем удар Лавров и Русија требаше да го доживеат веќе утредента, кога претставникот на Луксембург (кој зборуваше меѓу првите) го откри сценариото дека се подготвува напуштање на салата при настапот на рускиот министер.

И навистина по антируската канонада што ја изрекоа барем дваесетина западни министри за надворешни работи, тие станаа и го завртија грбот на обраќањето на Лавров, кое требаше да биде одговор на сите нивни дотогашни напади.

Но, како што искоментираа некои многу поискусни надворешно политички експерти, никогаш не се проблем тие што заминуваат, туку тие што остануваат. Па, така на масата, не само за време на обраќањето на Лавров, туку и генерално, се покажа дека, и покрај сѐ, Русија има пријатели среде Европа.

Најголемо изненадување беше ставот на австриската делегација, која, ако гледаме црно-бело, де факто ѝ даде поголема поддршка на Москва отколку унгарската, која беше очекувана.

Ивица Дачиќ од Србија стандардно се изгушка со стариот другар Лавров. Тука беа и Словенија и Словачка, кои веќе цела деценија испраќаат проблематични пораки (за Вашингтон), а мора да се земе предвид и дека Црна Гора, Бугарија и Босна и Херцеговина, исто така немаат до крај дефинирани ставови по овие прашања.

Ако на ова се додадат уште Турција и Холандија, се доаѓа до бројка од десет држави среде Европа и НАТО пактот, кои дефинитивно ја кршат монолитноста на блокот. Плус секако единаесеттата и најважна Германија, каде што од ден на ден сѐ поголема е свесноста и гневот дека, всушност, тие, ни криви, ни должни, економски ја плаќаат најголемата цена за оваа војна.

Но, она што, исто така, се виде на самитот е дека, покрај балтичките држави, кои воопшто не дојдоа, и скандинавските имаат подеднакво радикални ставови, и дека ако на тоа се додаде Полска, во тој регион веќе е формиран блок од дури осум држави, кои не се подготвени ни милиметар да отстапат пред Москва.

Ова јасно ни кажува дека ако навистина дојде до проширување на војната надвор од границите на Украина, во кој регион на Европа ќе бидат најголемите борби.

Нормално, тоа важи како втора фаза од проширувањето на војната, бидејќи Лавров токму од Скопје веќе директно предупреди дека Молдавија ќе биде следната безбедносно-проблематична точка на Стариот континент.

АВТОМОБИЛОТ НА О’БРАЈАН И МИЦКОСКИ

За домашната јавност, сепак, поважни беа маргините на самитот, каде што нашиот политички врв за само една вечер оствари значајни дипломатски средби колку за една просечна година. Тука пораките беа јасни колку што воопшто можат да бидат.

Димитар Ковачевски се сретна и беше дури и нестандардно испофален лично од американскиот државен секретар Блинкен. Христијан Мицкоски, од друга страна, беше буквално повикан на рибање кај заменикот на Блинкен, Џејмс О’Брајан, кој за нашиот лидер на опозицијата не изрече само политички, туку и лични квалификации.

Преку пораката дека од таков човек не би купил ни автомобил, де факто го нарече недомаќин, а можеби и преварант. Уште еден преседан од самитот, кој никогаш досега не сме го чуле, ни виделе дури ни во најцрните денови на уривањето на Никола Груевски со булдожер-дипломатијата.

Во некои нормални времиња, тоа не би можело да се оквалификува никако поинаку, освен како дрско мешање во внатрешно-политичките процеси на една суверена држава, и тоа непосредно пред избори.

Но, со оглед дека живееме таму каде што живееме, и тоа во време-невреме, ваквите пораки на САД се јасна најава дека тие стојат зад веќе нескриениот изборен инженеринг во најава, каде што веќе од денес се формира проевропски блок, кој со помош на албанските гласови треба да го анулира огромниот рејтинг што во меѓувреме го стекна ВМРО-ДПМНЕ кај македонските гласачи.

Или просто кажано, САД само сакаат да го повторат она што веќе го изведоа во 2016 година, со 70.000 албански гласови на контото на СДСМ со назнака дека сега ќе требаат барем трипати повеќе албански гласови, бидејќи токму за толку е паднат рејтингот на владејачката партија.

Проблемот е што веќе одамна не е 2016 година и што отворените напади од страна на Американците (особено на вака високо ниво), наместо да му го уриваат рејтингот, веројатно му ја зголемуваат популарноста на Мицкоски кај широките народни маси.

Веројатно од таму и доаѓа неговата храброст над линијата на дрскост да му одговори директно на О’Брајан дека како професор на Машинскиот факултет по предметот моторика може предавања да му држи за купување возила.

Ова сигурно е веќе нотирано со црвено и пренесено, што само ќе ја зголеми одлучноста кај најголемата светска сила тука и понатаму да инсталира влада по свој терк за да не им се случува словачко сценарио. И навистина, математиката на Американците им е точна.

Ако успеат во европскиот блок да обезбедат само 70 проценти од гласовите, кои успеаја да ги изнесат на неуспешниот референдум во 2018, СДСМ коалициски ќе има убедлива победа, а ВМРО ќе стане нешто како италијанските комунисти во Студената војна, кои десетпати по ред победуваат на избори, а ниеднаш не им беше дозволено да формираат влада.

Но, поголемото прашање е каква ќе биде таа влада, во чија структура македонскиот елемент ќе учествува само со третина од гласовите, или некои реални помалку од 200.000 што може да ги освои СДСМ? Зар тоа само по себе нема да биде проблем во најава, особено во ваква наелектризирана атмосфера на поделби?

ДУРИ НИ ЛАВРОВ НЕ ОСТАНА НЕМ НА КИСЕЛАТА АТМОСФЕРА

По смртта на големиот Хенри Кисинџер (токму на денот на самитот), Сергеј Лавров веројатно останува едно од најголемите живи имиња на светската дипломатија.

Човекот има преку дведецениско искуство на чело на руската дипломатија, а претходно е претставник на Москва во Обединетите нации, во Њујорк, што е подеднакво важна функција.

Малкуте наши министри што го познаваат и лично можат да ви кажат дека е културен и пријатен човек, кој речиси ништо не може да го извади од колосек (неопходни особини за голем дипломат). Но, од тоа скоро ништо не видовме во Скопје.

Лавров и првата вечер, и вториот, и третиот ден, постојано беше во некаков грч. Не отиде на заедничката вечера, се поздрави со Бујар Османи со стегната насмевка, видно беше револтиран од очигледната провокација со НАТО ливчето на неговото столче, го навреди лично Блинкен на прес-конференцијата и дури се конфронтираше со македонските новинари следниот ден.

Заклучокот е едноставен – ако најискусниот дипломат во големата историјата на Русија нема стомак да ги издржи провокациите што однапред знаеше дека го очекуваат, тогаш светот навистина е во многу понапната и потешка ситуација од колку што сите можеме да претпоставиме.

Поврзани новости