Текстот е објавен на 29.12.2017 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1159
„Фокус“ неодамна пишуваше дека Градот Скопје на чело со Трајановски во изминатите години потроши над 13 милиони евра за идејни решенија, основни проекти и изведба и реконструкција на фасади во центарот на градот. Но, новите податоци што ги обезбедивме покажуваат дека ниту скопските општини не штеделе средства за фасади, така што Карпош и Центар за стотина објекти досега потрошиле близу 6 милиони евра. Притоа, скоро 2 милиони евра завршиле кај компанијата „Тетрагон МК“, чиј сопственик Горан Самоиловски неодамна доби првостепена пресуда за даночно затајување во долгогодишен судски процес, кој моментално е пред апелацискиот суд.
Пишува Влатко СТОЈАНОВСКИ
Петре Шилегов ја сопре изградбата на 95 барокни фасади во центарот на градот кои требаше да се вклопат во амбиентот на проектот „Скопје 2014“. На тој начин, новиот „градски татко“ донекаде го спречи процесот на барокизација на Скопје, меѓутоа не може да го спречи трошокот од градската каса за оваа намена, со оглед дека претходната администрација на Коце Трајановски спровела набавки и склучила договори со фирми кои не можат да се раскинат без да се плаќаат пенали.
„Фокус“ пред неколку недели пишуваше дека Градот Скопје од 2010 година до крајот на мандатот на Трајановски на локалните избори оваа година обновил 25 фасади во центарот за Скопје, за што потрошил над 12 милиони евра само кон градежни компании, меѓу кои може да се сретнат и фирми блиски до поранешната власт на ВМРО-ДПМНЕ. Но, доколку кон оваа сума се додадат парите за изработка на идејни и основни проекти, произлегува дека градот за оваа намена потрошил над 13 милиони евра.
Како што веќе пишувавме, ликот на главниот град практично се измени врз основа на идејните решенија на неколку архитекти, пред се на Никола Стакинов, Лазар Димов и Жарко Чушевски, кои преку компаниите „Жагра-ком“ и „Архитектоника“ изработиле и низа основни проекти за изведба и реконструкција на фасади. Градежните работи, пак, ги изведувале неколку добро познати градежни компании, при што најмногу средтва инкасирала „Пелагонија“ АД Гостивар, а значаен дел од средствата добиле и „Бауер БГ“, „Трансмет“, „Жикол“…
Но, според новите податоци што ги обезбедивме врз основа на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, значителни средства за изградба на фасади не потрошил само Градот Скопје, туку и скопските општини со урбано јадро. Сепак, доколку за фасадите резлизирани преку постапки во градот може слободно да се каже дека се класично шминкање на централното градско подрачје, бидејќи се изведуваат само предните страни од зградата, општините Центар, Карпош и Аеродром изведувале и енергетски ефикасни фасади, кои се драстично поскапи.
Се на се, овие три општини во изминатиот период потрошиле околу 6 милиони евра за фасади, при што два милиони евра завршиле кај една компанија, која ги добивала тендерите откако нејзиниот сопственик заработил кривична пријава за даночно затајување и фалсификување и уништување на деловни книги, а неодамна беше и првостепено осуден.
ПОЛОВИНА ОД ПАРИТЕ НА ЦЕНТАР ЗА ФАСАДИ КАЈ ЕДНА КОМПАНИЈА
Податоците што ни ги доставија од Општина Центар откриваат дека во периодот од 2012 година досега реконстуирале 27 фасади, во вкупен износ од околу 1,8 милиони евра. Притоа, во 2012 година биле потрошени околу 377.000 евра за 11 фасади, во 2013 биле потрошени 202.000 евра за 3 фасади, во 2014 – 303.000 евра за 3 фасади, во 2015 година биле потрошени 386.000 евра за 4 фасади, во 2016 – 444.930 евра за 4 фасади и во тековната 2017 година потрошени се 122.000 евра за фасада на еден објект.
Оттука произлегува дека поранешниот градоначалник на Центар од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Тодоровиќ, во последната година од мандатот во 2012 година потрошил 377.000 за 11 фасади. По локалните избори во следната 2013 година, локалната власт ја презема Андреј Жерновски, избран од коалицијата предводена од СДСМ, во чие време централната скопска општина потрошила скоро милион ипол евра за изведба на фасади на 16 објекти. Причината за оваа разлика во цената произлегува од тоа што за време на Тодоровиќ се вршела типична обнова на фасади од естетски причини, додека во времето на Жерновски се правеше изведба на термички фасади, што ја дуплира цената на чинење.
За време на овој 6-годишен период, најмногу договори за реконструкција на фасади Општина Центар склучила со „Тетрагон МК“, која преку 9 тендери за време на мандатот на Жерновски инкасирала над 870.000 евра. По неа следува градежната компанија „Пелагонија“ АД Гостивар, која реконструирала 8 фасади за сума од нецели 400.000 евра. Меѓу компаниите што соработувале со општината се и „Гермак“, која реконструирала две фасади со, исто така, термичка компонента, за сума од 284.500 евра. А остатокот од средствата заминал кај „Изградба-Комерц“ (99.000 евра), „М.М.Л. Инжинеринг“ (92.500 евра), „Анизор“ (22.000 евра) итн.
Покрај тоа што склучила најмногу договори, компанијата што имала најплодна соработка со Општина Центар инкасирала средства и по основ на неколку анекс-договори. Така, општината во 2015 година склучила договор со „Тетрагон МК“ за изведба на фасада на објекти на „Мито Хаџивасилев Јасмин“ и „Илинденска“ во износ од 222.500, односно 76.500 евра, за потоа во 2016 година да склучи анекс-договори за непредвидени работи од дополнителни 20.000, односно 6.000 евра. Исто така, двете страни склучиле анекс-договор во висина од 10.000 евра за фасадата на објект на „Климент Охридски“, чиј основен договор тежи 80.000 евра.
СО ИСТАТА ФИРМА НАЈМНОГУ СОРАБОТУВАЛА И ОПШТИНАТА КАРПОШ
Уште повеќе пари за изведба на фасади потрошила Општина Карпош. Имено, во периодот од 2009 до 2017 година, според Програмата за уредување на градежно земјиште и комунални работи за реконструкција и обнова на фасади и објекти, општината чело со веќе поранешниот градоначалник, лидерот на ГРОМ Стевчо Јакимовски, спровела 60 тендерски постапки во вредност од над 4,1 милиони евра. Информациите што ги добивме од општината говорат дека од вкупно 60 објекти завршени се 36, во тек на изведба се 16, додека за 8 објекти е објавен тендер. Овде треба да се истакне дека за еден од завршените објекти општината и компанијата што ја реализирала фасадата водат судски процес.
Инаку, фасадите на територија на Карпош ги изведувале 11 компании, меѓу кои и веќе споменатата „Тетрагон МК“. Освен со Општина Центар, оваа компанија склучила најмногу и највисоки договори за реконструкција на фасади и во соседната Општина Карпош, споредено со сите други фирми. Конкретно, „Тетрагон МК“ добил 12 тендери од Карпош во вкупен износ од над еден милион евра, при што највисок е оној за реконструкција на фасадите на објекти на „Никола Тесла“ и на „Партизанска“ од по 230.000 евра.
Според средствата инкасирани од Карпош за изведба на фасади, по водечката „Тетрагон МК“ следува „Алдинг Инжинеринг“, која реконструирала 12 фасади за сума од 605.500 евра. Потоа следуват: „Електроводомонт“ со 440.500 евра за 7 фасади, „Гермак“ со 388.000 евра за 6 фасади, „Ентер Дизајн“ со 288.000 евра за 6 фасади, „Елинг“ со 205.000 за 3 фасади, „Глигоров Трејд“ со 118.000 за 3 фасади. На крајот, со по една изведена фасада, доаѓаат „Аполо Инженеринг“ (136.000 евра), „Евроизградба“ (49.000), „Трго инженеринг“ (49.000), „Раритет“ (40.500) и „Дон Хаус“ (28.455).
Исто така, и Општина Аеродром потрошила пари на граѓаните за обнова на фасади во истиот период, но далеку помалку во однос на другите општини. Од податоците што ги добивме од оваа општина произлегува дека во 2011 година склучиле договор со „Инком инженеринг“ за реконструкција на основното училиште „Браќа Миладиновци“ во износ од 73.000 евра, а во актуелната 2017 година склучила два договори со „Ми Комерц 2000“ од Кавадарци за 11 објекти од вкупно 620.000 евра. Па така, општината за време на владеењето на Ивица Конески од ВМРО-ДПМНЕ потрошила половина милион евра за оваа намена.
ИНДИЦИИ ЗА ФАВОРИЗИРАЊЕ И ПРОБЛЕМИ СО ЗАКОНОТ
Очигледно, од сите компании што соработувале со трите скопски општини за изведба на фасади најмногу се издвојува „Тетрагон МК“, која склучила најмногу договори со Центар и Карпош, чиј вкупен износ достигнува скоро 1,9 милиони евра. Проверката во системот на Бирото за јавни набавки покажува дека целокупната работа на компанијата со државните институции и органи се сведува на соработката со овие две општини. Токму за ваквата спрега неодамна реагираше невладината „Транспарентност Македонија“, која во еден од извештаите објави дека „склучувањето на повеќе последователни договори со една фирма за одредена јавна набавка може да создаде сериозно сомневање дека се работи за нејзино фаворизирање, што е спротивно на принципот на фер конкуренција и еднаков третман“.
Според податоците од Централниот регистар, „Тетрагон МК“ е основана на почетокот во 2008 година од страна на Горан Самоиловски (поранешен сопруг на Ганка Самоиловска-Цветанова, екс министерка за култура од ВМРО-ДПМНЕ), кој е сопственик и управител на ова друштвото за трговија со текстил. Сепак, во рамки на компанијата функционира подружница за градежни работи, преку која веројатно се изведуваат фасадите, како и маркетинг агенција, чиј управител, исто така, е Самоиловски. Воедно, тој е сопственик и управител на уште една компанија со сличен назив – „Тетрагон“ ДОО, која се занимава со трговија на мало со весници и канцелариски прибор.
Овие две компании беа споменати во кривична пријава што Министерството за внатрешни работи во 2011 година ја поднесе до Јавното обвинителство против десетина лица за даночно затајување и фалсификување и уништување на деловни книги. Според МВР, управители и вработени во неколку компании, меѓу кои и „Тетрагон“ ДОО и „Тетрагон МК“, во перидот од 2007 до 2011 година, со затајување на данок се стекнале со противправна имотна корист, оштетувајќи го буџетот во вкупен износ од над еден милион евра. Врз основа на оваа кривична пријава, пак, струмичкото јавно обвинителство поднесе акт до струмичкиот суд, кој на почетокот на годинава носи осудителна првостепена пресуда.
Според пресудата што ја поседува „Фокус“, „Тетрагон“ ДОО се осудува на парична казна од еден милион денари, „Тетрагон МК“ на казна од 200.000 денари, додека одговорното лице се осудува на затворска казна од 2 години и на парична казна од 5.000 евра. Во пресудата се наведува дека како управител на двете компании, со намера правните лица да одбегнат плаќање на ДДВ и персонален данок на доход, Г.С. дал лажни податоци за книговодствените евиденции на фирмите, при што стоката ја водел на залиха, иако истата била отуѓена со што, според судот, за 2011 година не пресметал и не платил ДДВ во износ од 10.432.076 денари и персонален данок на доход во износ од 7.597.913 денари.
Овој предмет моментално се наоѓа пред надлежен апелациски суд, кој треба да одлучи дали предметот во кој е опфатен сопственикот и управител на компанијата што инкасирала најмногу средства од Карпош и Центар за изведба на фасади ќе го врати на повторно одлучување, или, пак, ќе ја верификува првостепената во правосилна пресуда.
Одбраната тврди
ПРЕДМЕТОТ ЌЕ ПАДНЕ НА АПЕЛАЦИЈА
„Фокус“ упати неколку прашања до „Тетрагон“ ДОО и сопственикот и управител на компанијата Горан Самоиловски, вклучително и за забелешките од Транспарентност Македонија и за судскиот процес, меѓутоа до затворањето на овој број од весникот не добивме одговори.
Сепак, успеавме да стапиме во контакт со струмичкиот адвокат кој е дел од одбраната во овој судски процес, Ване Андреев, кој вели дека случајот моментално се наоѓа пред надлежен апелациски суд.
– Сметам дека има големи шанси случајот да падне на апелација, бидејќи првостепената пресуда се темели на неиздржани докази – изјави Андреев.