(АРХИВА)СВЕДОШТВА ОД ЗАТВОРОТ „ИДРИЗОВО“: „Невини гниеме во затвор, бараме правда, а не милостина“!

by fokus

Текстот е објавен на 27 март 2014 година, во неделникот „Фокус“, во бројот 964

Пишува: Валентина СТОЈАНЧЕВСКА

Речиси 90 проценти од обвинетите во Македонија, кои во текот на една година завршиле со лисици на рацете, а се товарат за убиства, кражби, грабнувања и за други кривични дела, во судница тврдат дека се невини. Сепак, и покрај нивното негирање, во својата невиност не успеваат да ги убедат делителите на (не)правдата, па дури 80 проценти од нив, на крајот, добиваат сместување зад решетки или се соочуваат со условна казна.

По ваквиот епилог, дел од нив се помируваат со судбината и во затворот ја признаваат вината, но другите и по неколку години одлежани во ќелија, и понатаму велат дека се невини. А патот што треба да го минат за да го докажат тоа речиси е непрооден. На едниот крај се тие, клекнати на колена, а против нив е целиот судски систем во државата, кој нема слух за нивните објаснувања.

Во ваква ситуација е 39-годишниот Дејанче Николески од Прилеп, кој по пет години поминати во ќелија, сè уште ја бара својата правда. Осуден е на единаесетгодишна казна затвор за соучество во убиство, за кое тврди дека не го сторил.

Неговата приказна неделникот „Фокус“ ја раскажа уште пред повеќе од три години, но сега новината е дека тој ја изгуби и најмалата шанса да ја докаже својата невиност. И Врховниот суд ја аминува пресудата на Апелација, отфрлајќи го барањето за вонредно разгледување на пресудата.

Но, правниот пораз не го доживеа само Николески. На колена остана и правосудниот систем бидејќи, иако стави еден човек зад решетки, сепак не успеа да го најде убиецот. Тој е на слобода, а Николески ја плаќа казната за сите.

БЕЗ ДОКАЗИ ОСУДЕН ЗА УБИСТВО!

На 31 декември 2004 година, додека сите славеле Нова Година, во една куќа во скопското село Раштак се случувал вистински хорор. Двајца непознати напаѓачи најпрвин го убиле кучето, кое стражарело пред куќата, а потоа го застрелале и неговиот сопственик, 60-годишниот Миле Мојсовски. По убиството, ги врзале сопругата и гостинката на Миле, барајќи да кажат каде е сефот со пари, а на малолетниот син му наредиле да молчи. Откако го зеле пленот, избегале со џипот на убиениот.

Дури четири години по убиството, Николески и еден другар биле уапсени откако ограбиле стан. Но, наместо да го гонат со обвинение за кражба, за Дејанче настапува шок. Инспекторите му велат дека е препознаен како сторител на убиство и тешко разбојништво. Му пресудуваат експресно, со само четири одржани рочишта, одмерувајќи му 12-годишна казна за ладнокрвно убиство, со елементи на свирепост, измачување и тортура.

Подоцна, делото е преквалификувано, па од ладнокрвен убиец, го прават соучесник, за што добива 11-годишна казна. Она што е спорно за осуденикот, но и за неговото семејство, е тоа што обвинителството немало докази кои на каков било начин го поврзуваат со злосторството.

Од местото на злосторството биле земени влакна, плунка од догорче на цигара, како и од возилото со кое се превезувале убијците, но по извршената ДНК-анализа се покажало дека тоа не се траги од обвинетиот Дејанче. И отпечатоците оставени низ куќата на убиениот не биле негови.

Пресудата против него се заснова единствено на сведочењето на сопругата на Миле, Лујза Мојсоска. Според нејзиното кажување, двајцата напаѓачи носеле качулки на главите, а наводно лицето на едниот го видела на две секунди. Па така, по дури четири години се сетила дека тоа бил Николески?! Другиот сведок, пак, секретарка на убиениот, сведочела во негова корист, односно опишала сосема различна личност.

Сведок на грозоморната глетка бил и осумгодишниот син на Миле, кому, ниту во присуство на стручни лица, не му било дозволено да сведочи. Па, така, судот се крстел единствено во изјавата на Лујза, а без размислување ги отфрлил 17-те сведоци на Дејанче кои тврделе дека биле заедно со него во новогодишната ноќ, и тоа во Прилеп.

Сестрата на Николески, Габриела Богоеска, била најупорна во докажувањето на неговата невиност, но сепак ни таа не успеала.

„Со сигурност тврдам дека е наместен, но прашањето е од кого? Трагајќи по вистината отидов и до селото Раштак, па и во Босилево, родното место на Лујза. Таму слушнав многу информации за животот на Миле и за неговото опкружување, кои полицијата од некоја причина не сакала да ги слушне“, вели Габриела, која додава дека нејзиниот брат ниту имал мотив за убиството, ниту, пак, го познавал убиениот.

Таа додава дека им останува уште да го чекаат одговорот од судот за човекови права во Стразбур, бидејќи македонските судски институции го кажале своето.

„НЕ СУМ ЦВЕЌЕ, НО НЕ СУМ УБИЕЦ“

Својата приказна, преку писмо испратено до редакцијата на „Фокус“, накратко ја раскажа и најмногу засегнатиот, Дејанче. Ни пиша од ќелијата во „Идризово“, каде што ги одбројува годините до неговото излегување на слобода. Вели дека не бара милостина од никого, туку единствено бара правда!

„Признавам дека не сум цвеќе за мирисање, ама да ме обвинат за убиство беше незамисливо. Јас сум крадел, ама со глава тврдам дека не сум убиец. Мене душата ми е чиста, но ме боли многу за детето кое ми страда, додека јас лежам невин. Ме затворија без око да им трепне, и тоа без ниту еден доказ. Па, јас ниту знам каде се наоѓа тоа село Раштак. Мојата нога никогаш не стапнала таму“, вели Дејанче.

Тој објаснува дека целосно ја изгубил вербата во македонските институции, коментирајќи дека од нив не очекува правда.

„Треба да се жалам кај тие што ми го монтираа делото. Тие дури не сакаа ниту да ги прифатат моите 17 сведоци, кои тврдеа дека биле или се виделе со мене во критичната ноќ. А, од друга страна, не ги гонат за лажно сведочење, па каде е тука логиката“, прашува Николески.

Тој вели дека му била нудена и опција да се извлече од обвинението, но само доколку се појави како сведок во друг случај. Ги одбил бидејќи, како што објаснува, полесно ќе ја носел тежината и на доживотната казна, отколку грижата на совест ако заради неговото лажно сведочење некој невин човек заврши во затвор.

Она што е невообичаено и неочекувано е тоа што и децата од првиот брак на Мојсовски сметаат дека зад решетки не се наоѓа вистинскиот човек.

„Поради тоа што доказите што биле пронајдени не укажуваа на обвинетиот, сметавме дека тој не е виновникот. Чудно е што при толку докази, не се најдоа вистинските злосторници. Се сомневам дека некој ги штити вистинските извршители, но не можам да тврдам кои се“, вели Менче, ќерката на Мојсовски.

Осудениот Николески, летото, по повод празникот Илинден, побарал помилување од претседателот Ѓорѓе Иванов, за што добил препорака и од командирите во затворот поради примерното однесување, но, за жал, не добил никаков одговор. Вели дека, бидејќи одлежал една третина од казната, му следува и викенд на слобода, но од непознати причини не му било дозволено да ја помине вратата на ќелијата.

Прилепчанецот знае дека еден ден ќе излезе на слобода, но вели дека стравува од можноста вистината за крвавата новогодишна ноќ никогаш  да не се дознае, а со тоа и доживотно да биде извалкан со крвта што не ја пролеал.

ДОБИЛЕ ДОЖИВОТЕН ЗАТВОР, А СÈ УШТЕ ТВРДАТ ДЕКА СЕ НЕВИНИ

Затворската решетка сè повеќе ги притиска и затворениците Игор Мирчески и Анте Ристевски, кои се осудени на доживотен затвор за две убиства. Едното го признаваат, но за другото велат дека се чисти како солза. Па, така, обвинетите признаа дека до смрт го претепале Радослав Божиноски, но негираа дека ја убиле и Митра Силјановска. И покрај нивното негирање, пред речиси една деценија, ја добија најстрогата казна.

Мала надеж дека, сепак, ќе ја докажат својата вистина добија кога МВР покрена истрага за сериските убиства во Кичево, во кои се вброи и она на Митра, а како осомничен беше посочен новинарот Владо Таневски. Но, надежта тлееше кратко, бидејќи со мистериозната смрт на Таневски во кичевскиот затвор, замина и вистината за кичевката Митра.

Адвокатот на Игор и Анте поднесе барање за повторно судење, бидејќи портпарол на МВР излезе со јавен сомнеж за нов извршител на убиството на старицата, повикувајќи се и на ДНК-докази, но судот го одби барањето.

Откако го уапсија Владо Таневски, ние веднаш поднесовме барање за обновување на случајот, но нè одбија поради тоа што против мртво лице не можело да се води постапка, а ја снема и ДНК-анализата со која можевме да докажеме дека ние не сме сторителите“, објаснува на писмено нашиот соговорник, доживотно осудениот, Мирчески.

И Мирчески вели дека тој и Ристевски не бараат милостина, туку трагаат само по правдата.

„Ако сакаат нека ни ја остават доживотната пресуда, но само нека ни го тргнат убиството што не сме го извршиле. Еве, веќе девет години лежиме за дело што не сме го направиле“, вели осуденикот на доживотна робија.

Повторното отворање на случајот за убиството на Митра Силјановска би значело и нова шанса за двајцата, бидејќи ќе добијат можност да ја оспорат доживотната казна и повторно да продолжат со животот.

Во затворот „Идризово“, покрај Игор и Анте, кои се во триесеттите години од животот, најстрогата казна ја одлежуваат уште 28 затвореници. Иако казната во буквален превод значи дека до крајот на животот ќе останат зад решетки, сепак и за нив постои втора шанса. Односно по одлежување 15 години, на секои шест месеци осудениците имаат право да побараат казната да им се преиначи или да им се намали. Ова барање е вонреден правен лек, а конечната одлука ја носи Врховниот суд.

До затворањето на неделников не добивме одговор од Управата за извршување санкции за тоа колку од овие затвореници побарале нивната казна да се намали.

Според Судот за човекови права во Стразбур, доживотната казна затвор е прогласена за спротивна на универзалната декларација за човекови права. Причината за противењето е што оваа казна не ја постигнува основната цел на казнената политика, а тоа е да го „преработи“ осуденикот, односно да му го врати на општеството по извесно издржување на казната во нормална состојба, односно свесен дека погрешил и дека е подготвен да се вклучи во нормалниот живот без да ја повтори грешката.

Во Македонија, пак, по сè изгледа, многу лесно се посегнува по оваа казна, која е воведена во 1996 година. А оние, кои живеат со неа, велат дека е потешка дури и од смртната. Раскажуваат дека на овој начин умираш пополека, секојдневно. Нивното размислување секако дека нема да го прифатат оние чии најмили биле убиени; напротив ќе бараат злосторството да го платат скапо.

Но, уште поголемо злосторство е доколку оваа казна на своите плеќи ја носат луѓе кои не се виновни, ама по вина на судскиот систем го изгубиле највредното, правото на живот. Тука улогата, но и одговорноста на џелат, ја презема правниот систем!

ИВАНОВ ПОМИЛУВА ДВАЈЦА ОСУДЕНИ ЗА УБИСТВО

Сепак, постојат примери кои сведочат дека и за најтешкото кривично дело, убиство, постои милостина и шанса за нов почеток. Па така, со последното помилување на претседателот Ѓорге Иванов, кое по традиција се применува за позначајните празници, беа делумно или целосно помилувани педесетина затвореници, од кои двајца обвинети за убиство.

По 3,5 години поминати во затвор за убиство на соселанецот, 33-годишниот Бени Салиу, беше помилуван осуденикот Р.У. Убиството се случи во јуни 2009 година кога соселаните се сретнале и почнале расправија. Расправијата финиширала со убиството на Салиу, кој бил застрелан со два куршума.

Три години пред истекот на единаесетгодишната казна затвор, на слобода излезе и делчевецот Т.К., кој во 2005 година беше осуден за убиство на љубовницата, мајка на три деца. Убиството се случило во домот на осуденикот, кој по караница со љубовницата, ја убил, нанесувајќи ѝ 23 убоди со ловечки нож. Во текот на судењето убиецот го признал убиството, раскажувајќи во детали што се случило.

Поврзани новости