(АРХИВА) Спорна продажба за 150.000 евра на хотелот на „Гранит“ во Дојран што чека да биде дограден цели 4 децении!

by Фокус

Текстот е објавен на 08 јуни 2023 година во неделникот Фокус со број 1.444.

Уште во далечната 1982 година, „Гранит“ добила одобрение за изградба на хотел покрај Дојранско Езеро со површина од над 7 илјади квадрати, но четири децении подоцна хотелот не е целосно изграден, иако тоа го налагало самото одобрение. Како што неодамна пишуваше „Фокус“, градежниот гигант одлучува да го продаде објектот во фаза на затворена карабина, па склучил договор на сума од 150 илјади евра со охридската транспортна компанија „Руски-Транс“. Набргу потоа, Општина Дојран издава решение за промена на инвеститор, кое го потврдило и Министерството за транспорт и врски, но Државното правобранителство ја оспорило постапката пред Управниот суд. Инаку, овој напис следуваше откако претходно истражувавме како „Гранит“ добил два тендери вредни над 28 милиони евра за изградба на 2 километри автопат кон Блаце, додека во меѓувреме го продал опожарениот хотел на Попова Шапка за 55 илјади евра на фирма-загубар со еден вработен.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Во изминатиот период, „Фокус“ во серијал од неколку текстови ги обработуваше милионските договори што Јавното претпријатие за државни патишта ги склучи со „Гранит“ за изградба на автопатската делница кон Блаце, додека во меѓувреме оваа градежна компанија за багатела го продала хотелот на Попова Шапка на човек-фирма што работи со загуба.

Иако првично беше предвидено да чини 14 милиони евра, оваа траса во должина од само 2 километри ќе чини најмалку 28 милиони евра, и тоа под услов до моментално важечкиот рок во 2026 година не се склучуваат нови анекси поради проблеми и предизвици во текот на реализација на проектот.

Она што е индикативно, пред да го добие вториот тендер за комплетирање на автопатската делница од ЈПДП на чело со директорот од ДУИ Ејуп Рустеми, „Гранит“ го продал опожарениот хотел на Попова Шапка за 55.000 евра на фирма за осветлување, основана од актуелниот претседател на ФК „Шкупи“, кој можел да се види во друштво на првите луѓе на власта.

Покрај тоа, новите податоци што ги обезбедивме покажуваат дека „Гранит“ се ослободува од недвижен имот и на други локации. Таков е случајот со хотелот во Дојран, кој, според документацијата со која располагаме, компанијата почнала да го гради уште пред 40 години. Но, никогаш не го доградила, па сега сака да го отуѓи во корист на охридска транспортна компанија.

Станува збор за објект во фаза на затворена карабина со површина од над 7 илјади квадратни метри, кој „Гранит“ почнал да го гради по добиено одобрение во далечната 1982 година. До денес, објектот не е комплетиран, но компанијата не го загубила одобрението, иако во самото одобрение стои обврска градбата да биде завршена за една година. Сепак, таква обврска немало во тогашното законодавство.

Како и да е, 4 децении подоцна откриваме дека „Гранит“ склучил договор за купопродажба со „Руски-Транс“ на сума од 150 илјади евра. Врз основа на овој договор, Општина Дојран донела решение за промена на инвеститор, кое било потврдено и од Министерството за транспорт и врски како второстепен орган. Арно ама, Државното правобранителство го оспорила решението пред Управниот суд, каде постапката е во тек!

КУПОПРОДАЖБА И ПРОМЕНА НА ИНВЕСТИТОР

Овој објект е лоциран покрај Дојранско Езеро, на катастарска парцела број 348/1, катастарска општина Стар Дојран. Според податоците од Катастарот на недвижности, градежната парцела е со површина од 10.720 квадратни метри, од кои изградена површина или земјиште под зграда се 1.998 квадрати. Формално, како сопственик на земјиштето се води државата преку имотен лист со број 18.

На ова градежно земјиште подигнат е комерцијално-угостителски објект-хотел со приземје и 3 ката, кој моментално е во состојба на затворена карабина со внатрешна површина од 7.079 квадрати. Всушност, објектот е изграден од „Гранит“ врз основа на одобрение добиено уште во далечната 1982 година од Општина Гевгелија, во чии административни граници тогаш влегувал и Дојран.

Но, во мај 2018 година, „Гранит“ објавува јавен оглас за продажба на хотелот во Дојран, повикувајќи ги сите заинтересирани страни да поднесат понуди. Според информациите што ги потврдивме со соодветна документација од надлежните институции, градежната компанија успева да најде купувач. Тоа е охридската компанија „Руски-Транс“, која се занимава со товарен патен транспорт.

Така, двете страни на почетокот на 2020 година склучуваат договор за купопродажба, со кој практично се врши продажба на хотелот, но воедно се префрла и правото на трајно користење на земјиштето. Па, Членот 2 од договорот што го поседуваме открива дека купопродажната цена изнесува 150.000 евра, со тоа што во неа не е пресметан ДДВ од 18 отсто.

Дополнително, во договорот стои дека купувачот има обврска оваа сума да ја исплати во целост во рок од 10 дена од неговото потпишување, по што стекнува сопственост и владение врз имотот. Од друга страна, пак, се наведува дека продавачот гарантира оти „не постојат правни пречки за остварување на неговото право“.

Неколку месеци по потпишувањето, Општина Дојран носи решение за промена на инвеститор во одобрението за градење, потпишано од актуелниот градоначалник Анго Ангов. На тој начин, правото што произлегува од одобрението издадено на „Гранит“ во 1982 година го презела „Руски-Транс“. Сепак, во целата приказна се вмешува Државното правобранителство…

ОДОБРЕНИЕ СТАРО 4 ДЕЦЕНИИ СО ПРОПУШТЕН РОК

Прво, Државното правобранителство поднело жалба против решението на Општина Дојран до Министерството за транспорт и врски, каде функционира второстепена комисија. Како што ни појаснија од Министерството, по поднесената жалба тие доставиле неколку укажувања до Општината, која постапила по нив пред да го донесе конечното решение за промена на инвеститор.

Очигледно, Државното правобранителство останало незадоволно, па го искористила правото да поднесе тужба пред Управниот суд. Нашите информации говорат дека правобранителството има и суштински забелешки (околу одобрението за градење) и формални забелешки (околу договорот за купопродажба). Сепак, не успеавме да добиеме официјална потврда од институцијата задолжена за заштита на државните интереси, со образложение дека „постапката е во тек“.

„Ве известуваме дека се преземени сите неопходни дејствија во постапката, во насока на заштита на имотните права и интереси на РСМ. Постапката по предметот сè уште не е правосилно завршена и во моментот е во фаза на управен спор, односно од страна на ДП е поднесена тужба до Управниот суд за поништување на второстепеното решение на Министерството за транспорти врски“, ни посочија од Државното правобранителство.

Во потрага по одговори, го побаравме и добивме одобрението за градење согласно Законот за слободен пристап до информации. Во него се наведува дека на „Гранит“ му се одобрува да го изгради хотелот под услов да се придржува до градежно-техничките прописи, одобрената локација и проект. За да го добие одобрението, градежната компанија приложила и решение за доделување на земјиштето од 1978 година, за локација од 1982 година и низа други документи.

Меѓутоа, во самото одобрение може да се види еден член кој може да претставува извор на проблемот. Имено, експлицитно стои обврска објектот да се изгради во рок од една година или во спротивно престанува важноста на одобрението. Имајќи предвид дека од тогаш до денес, 40 пати измина овој рок од една година, се поставува прашањето како ова одобрение е уште во сила, па може да се префрла од еден на друг субјект?

Згора на тоа, промената на носителот на одобрението е прва промена на одобрението. Досега, како што не известија од Општина Гевгелија, која го издала одобрението за време на поранешна социјалистичка Македонија, како дел од СФР Југославија, не е регистрирана друга промена на одобрението. Значи, никогаш не бил продолжен ниту рокот во кој требало да биде изграден објектот.

РОК ЗА СТАРТ, НО НЕ И ЗА КОМПЛЕТИРАЊЕ НА ГРАДБАТА

Во време на екс Југославија, градењето се регулирало преку Законот за изградба на инвестициони објекти. Проверките што ги извршивме во архивата на „Службен весник“ покажуваат дека неколкупати се носел ваков закон. Но, во случајов не интересира Законот донесен во 1973 година, кој претрпел неколку измени се до 1983 година, кога бил донесен нов закон.

Токму Законот со важност од 1973 до 1983 година бил на сила, кога во 1982 година тогашниот началник на Одделението за имотно правни и станбено-комунални работи во Општина Гевгелија, Предраг Андреев, го потпишал одобрението за градење на објектот во Дојран на тогашната градежна работна организација „Гранит“.

Инаку, овој Закон предвидувал дека одобрението за градење го дава надлежниот општински орган на управата, а постапката за давање одобрение е итна. Особено битен е членот 15, кој пропишува дека одобрението за градење престанува да важи ако градењето не започне во рокот определен во одобрението, со тоа што „рокот не може да биде пократок од шест месеци ниту подолг од две години“.

Понатаму, Законот предвидувал дека по завршената изградба на инвестициониот објект може самостојно да се користи, со тоа што претходно треба да се изврши технички преглед на изградениот објект, заради проверка на неговата техничка исправност. Патем, техничкиот преглед го врши органот што го издал одобрението за градење.

Оттука, Законот предвидува рок од 2 години во кој мора да почне изградба на објектот, но нема рок кога треба да биде комплетирана изградбата согласно инвестиционо-техничката документација. За разлика од тогаш, сега, според важечкиот Закон за градење, постои истата обврска за почеток на градбата во рок од 2 години. Но, плус има обврска инвеститорот да ја изгради градбата во рок од 10 години.

На тој начин, одобрението за градење на хотелот на „Гранит“ во Дојран останало живо 40 години, бидејќи е издадено во време кога на сила бил закон што немал одредба против тоа, иако во самото одобрение има рок од една година за завршување на објектот. Наспроти тоа, носителот на одобрението ја користи можноста за промена на инвеститор од сегашниот закон, за да го отуѓи во корист на „Руски-Транс“ за 150.000 евра.

ДАЛИ КУПУВАЧОТ ПРВО ПЛАТИЛ, ПА ПОВЛЕКОЛ ПАРИ?

Според Член 70 од Законот за градење, доколку во текот на градењето се смени инвеститорот, за настанатата промена новиот инвеститор е должен да го извести органот надлежен за издавање на одобрението. На новиот инвеститор со решение ќе му се признае статус на инвеститор на градба, доколку со преземањето на правото за градење ги преземе и правата и обврските на претходниот инвеститор.

И покрај тоа што Општина Дојран го одобрила барањето на „Руски-Транс“ за промена на инвеститор, не може да се смета дека цела работа е завршена додека трае судската постапка. Тоа ќе може да се каже дури по одлука на Управниот суд и евентуално по одлука на Вишиот управен суд, доколку незадоволната страна поднесе жалба. Од Управниот суд не одговорија на нашето прашање кога може да се очекува одлука.

Во меѓувреме, успеавме да пронајдеме објава за Договор за залог-хипотека склучен кон средината на минатата 2022 година меѓу „Руски-Транс“ и „Стопанска банка-Битола“. Имено, основано е заложно право врз хотелот во Дојран во корист на банката како заложен доверител. Таа, пак, на „Руски-Транс“ како заложен должник, кој има право на градење преку лист за предбележување со број 2654, му определува користење парични средства во износ од 3 милиони денари.

Додека сè уште трае управната судска постапка, се наметнуваат неколку дилеми. Дали „Руски – Транс“ ги исплатил оние 150.000 евра кон „Гранит“, како што налага договорот? Дали „Руски-Транс“ повлекол 48.000 евра од банката? И, ако е така, што доколку банката ја активира хипотеката, а на крај судот одлучи дека „Гранит“ не смеел да го префрли правото за градење или уште полошо – дека многу одамна го загубил одобрението од причина што со години не ја довршил градбата?

Уште пред 2 месеци, официјално се обративме до „Руски-Транс“ околу оваа тема, но сè уште не добивме никакви одговори. Според податоците од Централниот регистар, компанијата е основана во 1998 година со дејност за товарен патен транспорт. Моментално, таа е во сопственост на Никола Јованоски и Александар Јованоски, а своевремено била основана од Коста Јованоски.

На официјалниот сајт на компанијата стои дека нуди голем опсег на услуги од областа на транспортот и дека врши транспорт од Македонија, Албанија и Косово до европските земји и обратно, но никаде не стои дека се занимаваат со хотелиерство, туризам и сл. Освен тоа, на интернет може да се најдат информации дека компанијата донирала амбулантско возило за охридската болница, како и за веќе споменатата Општина Дојран.

ПО 5 АНЕКСИ, СЕ СКЛУЧИЛ НОВ ДОГОВОР

Исто така, и до „Гранит“ испративме прашања во врска со хотелот во Дојран, но не добивме одговори, речиси исто како и претходно кога ја истражувавме продажбата на хотелот на Попова Шапка, што беше симптоматично само по себе, бидејќи купувачот е фирма за осветлување со еден вработен. Но, уште посимптоматично беше кога тоа ќе се ставеше во временска корелација со тендерите за автопатот до Блаце.

За потсетување, се работи за 2 тендерски постапки. Во рамки на првата постапка, Јавното претпријатие за државни патишта тогаш предводен од Зоран Китанов од СДСМ и „Гранит“ склучија договор на самиот почеток на 2020 година во вредност од 14 милиони евра, кој по 5 измени стасал до 17 милиони евра. Во постапката учествувале уште две компании – домашната „Бетон“ и бугарската „ИСА 2000 ЛТД“.

На почеток, најниска понуда доставила бугарската „ИСА 2000“, која изнесувала 748.239.717 денари, што било за 1.760.229 денари пониско од првичната понудата на „Гранит“. Но, на електронската аукција понудата на „ИСА“ останала иста, а „Гранит“ одлучил да ја спушти на 747.239.717 денари, што претставува намалување за 2.760.229 денари во однос на нивната првична понуда. На крајот, „Гранит“ ја добил зделката со понуда за 1.000.000 денари пониска од второрангираната на бугарската компанија.

Од една страна, „Гранит“ ја намалил својата првична понуда за нецели 3 милиони денари, со цел да има пониска понуда од главниот конкурент за еден милион денари. Од друга страна, на крајот добил 3 милиони евра плус преку 5 анекси на основниот договор, со цел внесување позиции што не биле опфатени со предмет-пресметката.

Со оглед дека Законот за јавни набавки забранува вкупната вредност на измените на еден договор за јавна набавка да надмине 20 отсто од вредноста на основниот договор, а со петте анекси се зголемил основниот договор за трасата кон Блаце за околу 18 отсто, ЈПДП одлучува кон крајот на минатата 2022 година да спроведе нов тендер за комплетирање на делницата.

Во оваа постапка, претпријатието на почетокот на годинава повторно склучил нов договор со „Гранит“ во вредност на дополнителни 11 и пол милиони евра. За разлика од првиот тендер, овојпат немало конкуренција, па бил склучен нов договор со „Гранит“ како единствен понудувач. Но, „Гранит“ не настапил самостојно, туку со техничка поддршка од друштвото „Геоконтрол“.

ПРОДАЖБА НА ХОТЕЛ МЕЃУ 2 ВРЕДНИ ТЕНДЕРИ

Непосредно пред да го добие вториот милионски тендер за од ЈПДП на чело со Рустеми, „Гранит“ го продал хотелот на Попова Шапка на „Еуро Ком Лигхтинг“, во сопственост на Беким Лимани и Хусамеддин Озтурк. Првично, компанијата била основана од актуелниот претседател на ФК Шкупи Суат Аљија, кој можел да се види како во друштво на Артан Груби, Али Ахмети и Димитар Ковачевски следи фудбалски натпревари, а своевремено бил ангажиран и во Царинската управа.

Поточно, огласот за тендерот е објавен на 21.10.2022 година или само неколку дена откако на 17.10.2022 година во катастарот е запишана промена на сопственоста на хотелот „Гранит“ на Попова Шапка, кој беше опожарен во 2013 година. На земјиште од 150 квадратни метри, лоциран е објект со внатрешна површина од 278 квадрати на катастарска парцела 1/37, во рамки на КО Лисец-вон град, Тетово.

Уверението за историски преглед на извршените запишувања што го обезбедивме покажува дека оваа парцела се формира во 1999 година, кога со решение и се доделува на „Гранит“. Во 2013 година, пак, градежната компанија успева да го легализира со елаборат, врз основа на Законот за легализација на бесправно изградени објекти.

Нема промени во сопственоста се до минатата 2022 година, кога имотот преминал во сопственост на компанија „Еуро Ком Лигхтинг“. Во историјатот нема податоци кога точно е склучен договорот и на која сума, но „Фокус“ успеа да дојде до овој договорот, кој е склучен на 15.08.2022 година, а потоа солемизиран на 14.10.2022 година, што се случува пред да биде склучен договорот за јавна набавка меѓу „Гранит“ и ЈПДП.

Воедно, договорот открива дека овој имот за 55 илјади евра го купила „Еуро Ком Лигхтинг“, чија главна дејност е електро расвета. Сепак, како што ни изјавија од таму, компанијата се занимава и со трговија со разновидна стока, консалтинг во делот на микроменаџирање, логистички услуги и посредување при остварување на деловни односи. Патем, негираа поврзаност со Аљија.

Откако ги објавивме овие информации, стапивме во контакт со повеќе луѓе од угостителско-туристичкиот бизнис на Попова Шапка. Како што тврдат тие, пред да одлучи да го продаде хотелот, „Гранит“ имал многу попривлечни понуди што не ги прифатил за овој имот, кој станува дополнително атрактивен поради најавите за модернизација на Шапка од страна на концесионер од Италија.

 

Приватизацијата на „Гранит“
ОД ДРЖАВНО ПРЕТПРИЈАТИЕ ВО АКЦИОНЕРСКО ДРУШТВО

„Гранит“ била формирана како компанија за конструкција на патишта за потребите на Социјалистичка Република Македонија, согласно владината одлука од 1952 година. Но, се трансформираше од државна компанија во акционерско друштво преку приватизацијата во 1996 година.

Моментално, според Централниот депозитар на хартии од вредност, најголеми акционери во „Гранит“, со сопственост врз околу 8 проценти од акциите, се Ивана Милковска-Симева и Зоран Милковски.

Тие се ќерка и син на Страшо Милковски, поранешен пратеник од редовите на СДСМ и долгогодишен директор на градежниот гигант, кој моментално претседател на Управниот одбор.

Поврзани новости