Спорна продажба на недоградениот хотел на „Гранит“ во Дојран за 150.000 евра!

Градежната компанија „Гранит“ склучила договор за продажба на хотелот во Дојран-затворена карабина од над 7 илјади квадрати со транспортната фирма „Руски-Транс“ во вредност од 150 илјади евра, но Државното правобранителство прво го оспорило решението на Општина Дојран за промена на инвеститор во одобрението за градење издадено пред 4 децении пред Министерството за транспорт и врски, а потоа поднело и тужба пред Управниот суд, пишува неделникот „Фокус“.

by Фокус

Уште во далечната 1982 година, тогашната државна градежна компанија „Гранит“ добила одобрение за изградба на хотел покрај Дојранско Езеро со површина од над 7 илјади квадрати. Четири децении подоцна, хотелот не е целосно изграден, иако тоа го налагало самото одобрение. Сепак, градежниот гигант, сега веќе во приватна сопственост, одлучува да го продаде објектот во фаза на затворена карабина, па неодамна склучил договор на сума од 150 илјади евра со охридската транспортна компанија „Руски-Транс“. Потоа, Општина Дојран издава решение за промена на инвеститор, кое го потврдило и Министерството за транспорт и врски. Но, Државното правобранителство ја оспорило постапката пред Управниот суд. Додека судската постапка е во тек, објектот паднал под хипотека!

Влатко СТОЈАНОВСКИ

Во изминатиот период, „Фокус“ во серијал од неколку текстови ги обработуваше милионските договори што Јавното претпријатие за државни патишта ги склучи со „Гранит“ за изградба на автопатската делница кон Блаце, додека во меѓувреме оваа градежна компанија за багатела го продала хотелот на Попова Шапка на човек-фирма што работи со загуба.

„Гранит“ одбил тројно повисоки понуди пред да го продаде хотелот на Шапка на фирма-загубар и да добие нов тендер за автопатот кон Блаце?!

Во рамки на нашето најново истражување, пак, дојдовме до податоци кои откриваат дека „Гранит“ се ослободува од недвижен имот и на други локации. За еден таков случај пишуваме во последниот број на неделникот „Фокус“. Станува збор за хотел во Дојран, кој, според документацијата со која располагаме, компанијата почнала да го гради уште пред 40 години, а сега сака да го отуѓи во корист на охридска транспортна фирма.

Според податоците од Катастарот на недвижности, градежната парцела е со површина од 10.720 квадратни метри, од кои изградена површина или земјиште под зграда се 1.998 квадрати.  На ова градежно земјиште подигнат е комерцијално-угостителски објект-хотел со приземје и 3 ката, кој моментално е во состојба на затворена карабина со внатрешна површина од 7.079 квадрати.

Всушност, објектот е изграден од „Гранит“ врз основа на одобрение добиено уште во 1982 година од Општина Гевгелија, во чии административни граници тогаш влегувал и Дојран. Но, во мај 2018 година, компанијата објавува јавен оглас за продажба на хотелот во Дојран и успева да најде купувач. Тоа е охридската компанија „Руски-Транс“, која се занимава со товарен патен транспорт.

Така, двете страни на почетокот на 2020 година склучуваат договор за купопродажба, со кој практично се врши продажба на хотелот, но воедно се префрла и правото на трајно користење на земјиштето. Па, Членот 2 од договорот што го поседуваме открива дека купопродажната цена изнесува 150.000 евра, со тоа што во неа не е пресметан ДДВ од 18 отсто.

Неколку месеци по потпишувањето, Општина Дојран носи решение за промена на инвеститор во одобрението за градење, потпишано од актуелниот градоначалник Анго Ангов. На тој начин, правото што произлегува од одобрението издадено на „Гранит“ во 1982 година го презела „Руски-Транс“. Сепак, во целата приказна се вмешува Државното правобранителство.

Прво, поднело жалба против решението на Општина Дојран до второстепената комисија во Министерството за транспорт и врски, а потоа го искористила и правото да поднесе тужба пред Управниот суд. Нашите информации говорат дека правобранителството има и суштински забелешки (околу одобрението за градење) и формални забелешки (околу договорот за купопродажба). Сепак, не успеавме да добиеме официјална потврда од ДП, со образложение дека „постапката е во тек“.

Ве известуваме дека се преземени сите неопходни дејствија во постапката, во насока на заштита на имотните права и интереси на РСМ. Постапката по предметот сè уште не е правосилно завршена и во моментот е во фаза на управен спор, односно од страна на ДП е поднесена тужба до Управниот суд за поништување на второстепеното решение на Министерството за транспорти врски“, ни посочија од Државното правобранителство.

Во потрага по одговори, го побаравме и добивме одобрението за градење согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Во него се наведува дека на „Гранит“ му се одобрува да го изгради хотелот под услов да се придржува до градежно-техничките прописи, одобрената локација и проект. За да го добие одобрението, градежната компанија приложила и решение за доделување на земјиштето од 1978 година, за локација од 1982 година и низа други документи.

Меѓутоа, во самото одобрение може да се види еден член кој може да претставува извор на проблемот. Имено, експлицитно стои обврска објектот да се изгради во рок од една година или во спротивно престанува важноста на одобрението. Имајќи предвид дека од тогаш до денес, 40 пати измина овој рок од една година, се поставува прашањето како ова одобрение е уште во сила, па може да се префрла од еден на друг субјект?

Згора на тоа, промената на носителот на одобрението е прва промена на одобрението. Досега, како што не известија од Општина Гевгелија, која го издала одобрението за време на поранешна социјалистичка Македонија, како дел од СФР Југославија, не е регистрирана друга промена на одобрението. Значи, никогаш не бил продолжен ниту рокот во кој требало да биде изграден објектот.

Во време на Југославија, градењето се регулирало преку Законот за изградба на инвестициони објекти. Проверките што ги извршивме во архивата на „Службен весник“ покажуваат дека неколкупати се носел ваков закон. Но, во случајов не интересира Законот донесен во 1973 година, кој претрпел неколку измени се до 1983 година, кога бил донесен нов закон.

Токму Законот со важност од 1973 до 1983 година бил на сила, кога во 1982 година тогашниот началник на Одделението за имотно правни и станбено-комунални работи во Општина Гевгелија, Предраг Андреев, го потпишал одобрението за градење на објектот во Дојран на тогашната градежна работна организација „Гранит“.

Инаку, овој Закон предвидувал дека одобрението за градење го дава надлежниот општински орган на управата, а постапката за давање одобрение е итна. Особено битен е членот 15, кој пропишува дека одобрението за градење престанува да важи ако градењето не започне во рокот определен во одобрението, со тоа што „рокот не може да биде пократок од шест месеци ниту подолг од две години“.

Оттука, Законот предвидува рок од 2 години во кој мора да почне изградба на објектот, но нема рок кога треба да биде комплетирана изградбата согласно инвестиционо-техничката документација. За разлика од тогаш, сега, според важечкиот Закон за градење, постои истата обврска за почеток на градбата во рок од 2 години. Но, плус има обврска инвеститорот да ја изгради градбата во рок од 10 години.

На тој начин, одобрението за градење на хотелот на „Гранит“ во Дојран останало живо 40 години, бидејќи е издадено во време кога на сила бил закон што немал одредба против тоа, иако во самото одобрение има рок од една година за завршување на објектот. Наспроти тоа, носителот на одобрението ја користи можноста за промена на инвеститор од сегашниот закон, за да го отуѓи во корист на „Руски-Транс“ за 150.000 евра.

И покрај тоа што Општина Дојран го одобрила барањето на „Руски-Транс“ за промена на инвеститор, не може да се смета дека цела работа е завршена додека трае судската постапка. Тоа ќе може да се каже дури по одлука на Управниот суд и евентуално по одлука на Вишиот управен суд, доколку незадоволната страна поднесе жалба.

Во меѓувреме, успеавме да пронајдеме објава за Договор за залог-хипотека склучен кон средината на минатата 2022 година меѓу „Руски-Транс“ и „Стопанска банка-Битола“. Поточно, основано е заложно право врз хотелот во Дојран во корист на банката како заложен доверител. Таа, пак, на „Руски-Транс“ како заложен должник, кој има право на градење преку лист за предбележување со број 2654, му определува користење парични средства во износ од 3 милиони денари.

Уште пред 2 месеци, официјално се обративме до „Руски-Транс“ околу оваа тема, но сè уште не добивме никакви одговори. Според податоците од Централниот регистар, компанијата е основана во 1998 година со дејност за товарен патен транспорт. Моментално, таа е во сопственост на Никола Јованоски и Александар Јованоски, а своевремено била основана од Коста Јованоски.

Исто така, прашања упативме и до „Гранит“, но не добивме одговори. Оваа компанија била формирана како друштво за конструкција на патишта за потребите на СРМ, согласно владината одлука од 1952 година, но се трансформираше од државна компанија во акционерско друштво преку приватизацијата во 1996 година. Според Централниот депозитар на хартии од вредност, најголеми акционери во „Гранит“ се Ивана Милковска-Симева и Зоран Милковски, ќерка и син на Страшо Милковски.

Целиот текст прочитајте го во новиот број на неделникот кој можете да го купите и во електронска форма на овој линк.

Поврзани новости