Текстот е објавен на 9 декември 2020 година во неделникот Фокус со број 1.314.
Апелацискиот суд ја укина првостепената пресуда со која на вкупно 25 години затвор беа осудени организаторите на „крвавиот четврток“, за што се товареа поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски, поранешните министри, Спиро Ристовски и Миле Јанакиески и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Владимир Атанасовски. Меѓу организаторите осомничени се и поранешниот премиер, Никола Груевски и екс-разузнавачот Никола Бошкоски, на кои не им се суди оти се во бегство. Една од забелешките на Апелација е и тоа што Кривичен ги занемарил приговорите на одбраната во однос на примената на Законот за амнестија кој пропишува под кои услови се ослободуваат од кривично гонење дел од вмешаните за упадот во Собрание што се случи на 27 април 2017 година, кога разгневена толпа упадна во Собранието и „мета“ им беа пратениците на тогашната опозициска СДСМ, но и новинарските екипи. Дел од оние кои влегоа во Собрание, 15 на број, беа помилувани со Закон за амнестија, а 16 беа осудени за „тероризам“ и добија вкупна казна од 188 години затвор. Обвинетите за организирањето на упадот беа првостепено осудени на многу помали казни, а на судењето за нив се појави поранешниот премиер Зоран Заев, кој со своето сведочење практично „амнестираше“ дел од организаторите. Оваа одлука на Апелација доаѓа откако пратениците не го прифатија предлог-законот поднесен од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, а на претходна иницијатива на адвокатите Јанаки Митровски и Драган Пешевски. Предлогот беше сите оние кои се осудени на казни затвор до десет години да бидат ослободени, а за осудените над десет години да се ослободат од 50 отсто од казната.
Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ
Села го убивме, Заев ти си следниот. Убиј го Заев, убиј ги пратениците. Фатете ги предавниците. Бевме раскрвавени од удари и по главата и по телото. Јас имав шест исеченици на главата, од кои три на лицето. Дел од луѓето се обидуваа на секој можен начин да одземат живот. Тие два часа изгледаа како цела вечност, во тие часови очекував да го изгубам животот.
Вака сведочеше премиерот Зоран Заев на 8 септември 2018 година на судењето за крвавиот упад во Собранието во најобемниот предмет за овој настан од 2017 година, за којшто веќе има првостепени пресуди со затворски казни од вкупно 211 години. По неколку месеци од своето сведочење, Заев им прости на сите за 27 април и беше донесен Закон за амнестија, со кој 15 од вкупно 33 –ца обвинети во овој судски процес беа амнестирани.
Сега им се суди на организаторите на крвавиот четврток, а Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, ги гони поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, поранешниот собраниски спикер, Трајко Вељаноски и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски. Меѓу организаторите осомничени се и поранешниот премиер, Никола Груевски и поранешниот разузнавач Никола Бошкоски, на кои не им се суди оти се во бегство.
Заев се појави во суд и сведочеше и во овој случај, но овојпат, на предлог на одбраната, два дена по контроверзното интервју што го даде за бугарската агенција БГНЕС. И во судница се претстави со нова амнестија.
Новинарите што биле присутни и го следеле сведочењето на Заев, за „Фокус“ велат дека неговото тврдење дека Ристовски, Јанакиески и Вељаноски биле изманипулирани од Груевски и не се виновни за организирање на крвавиот четврток ги изненадило сите во судницата.
Заев во изјава за „Фокус“ го дообјаснува своето сведочење и не отстапува од неговите тврдења дека Јанакиески, Ристовски Вељаноски не се организатори на крвавиот напад врз него и неговите соработници. Сепак, тврди дека зад ова сведочење нема никаква политичка позадина.
НЕМА ПОЛИТИЧКИ ДОГОВОР ЗА МОЕТО СВЕДОЧЕЊЕ
Луѓето што се гонат повеќе немаат никакви политички функции, ниту какво било политичко влијание, така што нема здрава логика некој да зборува за некаков политички договор. Тие луѓе поединечно или како членови на група и организација имаат направено многу работи лично против мене, против СДСМ, против граѓани, многу горчина и болка предизвикани кај мене за многу работи, а верувам и кај други луѓе, објаснува Заев.
Вели дека тие, според сите негови сознанија, не треба да одговараат за ова дело како мотиватори, осмислувачи и организатори на настаните од 27 април.
-Јас бев само сведок и кажав искрено тоа што мислам како сведок, но и како жртва од настаните на 27 април 2017. Да се гонат овие луѓе за мотиватори, осмислувачи и организатори на настаните од 27 април и да им се заканува казна поголема од 10 години затвор… не е тоа правда. Правдата мора да биде правда. Без разлика дали тоа мене или на некому му се допаѓа, или не му се допаѓа. Се сметам за прва цел на тој грозоморен чин, секоја секунда заедно со колегите пратеници и медиумски работници во тие повеќе од два часа чекавме да го изгубиме животот и тие два часа нема да ги заборавам додека сум жив, но правдата мора да биде правична до крај, заснована на докази, додава тој.
Но, она што е најконтроверзно е што Заев, како претседател на Владата и на СДСМ, но и како цел на овој напад тврди дека нема доказ тие да бидат осудени за тоа дело.
–Доказите во нашиот правен систем се богови во постапката и тие мора да ги има и да се доволни. Сѐ друго не е правда, односно е неправда. А истовремено знам дека некои од обвинетите за тоа дело, дека имаат вина по други предмети и тука немам никакво сомневање и верувам дека соодветно на доказите и аргументите, ќе има осудителни пресуди, Но, за мотиватори, осмислувачи и организаторите на настаните на 27 април, според сите мои сознанија како добро информиран човек, како цел на тие напади, нема доказ за да бидат судени за ова дело за кои е пропишана казна поголема од 10 години. Тоа е само мое мислење. Секоја одлука од судот ќе ја почитувам, објаснува Заев за „Фокус“.
ОБВИНЕТИТЕ НЕ СЕ МАЛИ ДЕЦА
Иако овие негови тврдења се дадени во својство на сведок и цел на нападите на крвавиот четврток, сепак, тие го поткопуваат обвинението на Русковска која тврди дека има докази против сите обвинети за организирање на крвавиот четврток. По неговото сведочење таа излезе пред медиумите и рече дека не била изненадена од сведочењето на премиерот, со оглед на тоа дека како долгогодишен обвинител се соочила со многу ситуации во судница.
–Апсолутно не се сложувам дека биле изманипулирани, обвинетите не се малолетни лица за да може било кој да ги изманипулира, особено што долги години беа на едни од највисоките функции во државата. Јас искрено се надевам дека судот ќе ги цени како материјалните докази предложени од обвинителството и одбраната и изјавите на сведоците и дека ќе донесе правилна и законита одлука, рече Русковска.
Неговото сведочење ја изненади дури и одбраната на обвинетите, кои побараа обвинението да се повлече.
–Ако првиот човек на државата во изминатите четири години како премиер со пристап до сите безбедносни информации каже дека организатори за настаните од 27 април 2017 во Собранието сигурно не се Спиро Ристовски, Миле Јанакиески и Трајко Вељаноски, мислам дека е сосема релевантна информација која може да се земе предвид и ова обвинение треба во таа насока и да оди, односно истото да биде повлечено, изјави адвокатот Еленко Миланов, кој е бранител на Вељаноски, Ристовски и Јанакиески.
ЗАЕВ НЕ МУ Е ШЕФ НА СУДСТВОТО
Долгогодишниот адвокат и правник Александар Тортевски не е вклучен во судските процеси за 27 април, но вели дека премиерот никако не може да разбере дека не му е шеф на судството.
– Како сведок требало само да зборува што видел дента и што му е познато за настанот. Воопшто не му е дозволено тој да кажува за тоа за какво дело треба да им се суди на обвинетите. Тоа е во исклучива надлежност на судот и Јавното обвинителство, вели Тортевски.
Адвокатот Звонко Давидовиќ, кој е бранител, пак, на двајца осудени во првиот предмет за крвавиот четврток вели дека Заев може да има свое мислење и убедување, но тоа не е битно за судската постапка.
–Сведоците и нивните искази се само едно од многуте доказни средства предвидени во Законот за кривична постапка. Сведок е лице за кое постои веројатност дека ќе може да даде известување за кривичното дело и сторителот и за други важни околности. Сведокот зборува и дава исказ за она што тој лично и непосредно го забележал, видел и осознал, а не прераскажува што му кажале други и не дава свое мислење по однос на кривичното дело. Тој како сведок може да има свое мислење, уверување или некое свое видување за настанот, но тоа не е битно за судот ниту за постапката, туку се битни фактите кој тој ги забележал или видел лично, објаснува Давидовиќ.
Според него, сведочењето на Заев е битно во судската постапка само во делот на она што тој видел во смисла кој го нападнал, кој го удрил, со што, кој биле напаѓачите, динамика на настанот итн.
ЗА ШТО СЕ ОБВИНЕТИ ЈАНАКИЕСКИ, РИСТОВСКИ И ВЕЉАНОСКИ?
Според обвинението на Русковска, во почетокот на 2017 година, по неуспешните преговори за формирање влада, обвинетите Груевски, Вељаноски, Јанакиески, Ристовски, Атанасовски и Никола Бошковски, изготвиле план со намера да го загрозат уставниот поредок и безбедноста на Република Македонија со акти на насилство за да оневозможат примопредавање на власта на новоформираното парламентарно мнозинство,
Груевски како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ги повикал граѓаните на протести со повикот „народот да не седи дома во папучи и да ја земе судбината во свои раце“. Вељаноски во својство на претседавач на Собранието, требало да го оневозможи изборот на претседател на Собранието. Јанакиески и Ристовски директно и секојдневно ги контактирале и координирале Градскиот комитет на Скопје и Месните комитети на партијата како и организаторите на протестите „За заедничка Македонија“.
Поранешниот директор на УБК, пак, Владимир Атанасовски и поранешниот разузнавач Никола Бошкоски кој сега е во бегство, ги мобилизирале и координирале членовите на групата предводена од осудените Александар Василевски-Нинџа и Никола Митревски-Кољо.
Истиот ден, Вељаноски испратил порака до Груевски со содржина: „Да Ве информирам дека Заев имаше прес во Собрание и процедурално на седница и најави дека мнозинството ќе го избере претседател на Собрание. Местото може да е во сала во Собрание, во ходник, на скали, во МАНУ, на Правен факултет….“.
Груевски пак му вратил: „од П.К.: од ДУИ информација од човек што дојде од состанок со Т .. денес за попладне после 17,00 часот се спрема избор на Т. за претседател по иницијатива на СДСМ“.
–Ќе слушнете како Миле Јанакиески и Спиро Ристовски се јавувале по партиските штабови за што поголема масовност на протестот и за влегување во Собранието. Ќе ги слушнете и ќе ги видите пораките што тој ден се испраќани до членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Несомнено знаеме кој ги отвори вратите, но знаеме дека ги отворија оти така им беше кажано од обвинетите пред вас и од нивниот лидер Никола Груевски, кој толку сакаше да се соочува со народот на избори, но кога требаше да се соочи со правдата најкукавички избега. Ова несомнено нè носи до Трајко Вељаноски, тогаш претседател на Собранието, и по функција втор човек во државата. Тој одби да се изврши промена на дневниот ред по барање на Оливер Спасовски, кој имал поддршка од 10 пратеници, ама затоа не заборави да се допишува со лидерот Никола Груевски, преку ред му даде збор на Зекирија Ибраими и не можеше да го спречи да ја испее химната на Албанија, што беше иницијална каписла за тоа што следуваше, рече Русковска во воведните зборови.
Нинџа, пак, се појави како сведок на обвинителството и во овој процес, но за разлика од Заев, тој тврдеше дека Никола Груевски никогаш не му дал наредба за 27 април, туку бил во комуникација со Спиро Ристовски и Сашо Мијалков.
АМНЕСТИЈАТА ЌЕ ВИСИ КАКО НЕПРАВДА ЗА „КРВАВИОТ ЧЕТВРТОК“
Судскиот процес за крвавиот упад во Собранието траеше вкупно седум месеци, а 16 обвинети беа осудени на вкупно 211 години затвор. На највисока затворска казна од 18 години беше осуден поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков. Неговите колеги од оперативниот штаб што го формирал Чавков, Митко Пешов и Душко Лазаров, осудени се на 15 години затвор.
Најниски затворски казни, под законскиот минимум, добија припадникот на собраниското обезбедување Абдулфета Алими и Александар Василевски-Нинџа. Алими се товари дека ги донел клучевите за да се отворат вратите во Собрание, но како олеснителна околност судот го зеде предвид, тоа што му го спаси животот на пратеникот Зијадин Села, кој беше најтешко повреден.
Нинџа, пак, според Судот, не бил воопшто во Собранието и никого не тепал, но јавноста го памети неговото сведочење во кое откри дека цел упад се организирал и се координирал од штабот на ВМРО-ДПМНЕ. Сите се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок. Единствено ослободен беше оперскиот пејач Игор Дурловски, бидејќи обвинителството не обезбедило докази дека тој извршил кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок“. Влегол во Собранието, но никого не тепал.
Чавков и припадниците во МВР, кои биле членови на оперативниот штаб „Платформа“, се осудени бидејќи, иако знаеле за тепањето во Собранието, не издале наредба и не ги повикале специјалните полициски единици, а Чавков во моментот на упадот, наместо во МВР, бил во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Нинџа ја организирал групата која упадна во Собрание и бил цело време во комуникација со поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, а другите обвинети тепале и пратеници и новинари.
Со оваа пресуда се казнети само дел од учесниците во крвавиот четврток. За овој случај како неправда ќе виси Законот за амнестија што го изгласаа пратениците и со кој се спасија 15 обвинети, меѓу кои и пратениците што ги отворија вратите, Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Јохан Тарчуловски и Љупчо Димовски, а потоа дел од нив гласаа во Собрание за уставните измени за промена на името на државата. Амнестија добија и Богдан Илиевски – Бетмен, Борис Дамовски и Владо Јовановски.
– Амнестија не смееше да има и не треба да има, ама не требаше да има ни вакви небулозни квалификации за терористичко загрозување кои се апсурдни.
Но, ако веќе е спроведена амнестија за делот на обвинетите кои и требаа на власта од различни причини тогаш треба истото да се стори со сите. Нечесно е и нефер едни да одговараат, а други не за истиот настан, истите дејствија и последици, вели адвокатот на Александар Василевски-Нинџа и Душко Лазаров, Звонко Давидовиќ.
Овие осудени сега ја чекаат одлуката на Апелацискиот суд, каде што во април се одржа јавна седница по жалбите на обвинетите.
–Замислете и сетете се колку доби оној кој ја влечеше пратеничката за коса и ја удираше, а колку доби Душко Лазаров кој и не бил во Собрание, или колку доби Абдуљфета Алими, кој го спасуваше пратеникот Села или Мунир Пепиќ кој службено бил во Собранието, вели Давидовиќ.
И покрај тоа што вториот судски процес за организаторите на 27 април не е формално завршен и сѐ уште нема првостепена, а камоли, правосилна пресуда, се добива впечаток како да станува збор за два различни кривично-правни настана. Единствено, како да им е заедничко, тоа што се случило во истиот ден и се повторуваат и преклопуваат дел од актерите.
Барем, за сега како да е најважно тоа што се утврди кои се извршителите и какво било учеството на високите полициски структури во настанот, но не и кои биле инспираторите и организаторите, по што станува јасно дека првите го извлекле подебелиот крај со утврдена вина и високи затворски казни. Во вториот предмет, како да се прави обид (причината може само да се нагаѓа) да се релативизира вината на политичарите што се наведени како организатори, а целата вина да се сведе на Груевски – кој е далеку и на безбедно – во Будимпешта.
КАЦАРСКА: НЕ ЈА КОМЕНТИРАМ ИЗЈАВАТА НА ЗАЕВ
Судијката Добрила Кацарска, која го водеше најобемниот судски процес за „крвавиот четврток“ и која досуди вкупно 211 години затворски казни за 16 обвинети за овој настан, сега веќе е избрана за судија во Уставниот суд.
Во изјава за „Фокус“ вели дека нема да го коментира последното сведочење на премиерот Зоран Заев на судскиот процес за организаторите на 27 април.
– Тоа не е сведочење во мој предмет, но во никој случај, тоа не може да ја поткопа мојата пресуда со оглед дека мојата пресуда не се однесува за организаторите, како што се нарекуваат во јавноста, додава Кацарска.
Ружица НИКОЛОВСКА, адвокат:
ОВА НЕ Е ПРАВОСУДСТВО, ОВА Е ВЛАДОСУДСТВО!
Ружица Николовска, адвокатка на обезбедувањето на собранискиот спикер, Горан Ѓошевски-Леви, беше присутна во целиот судски процес што се водеше против првата група на обвинети за 27 април. Таа смета дека сведочењето на премиерот Зоран Заев има политичка заднина, со оглед на тоа, како што вели, е склон на менување на ставовите и изјавите.
– Очигледно е дека во секој момент каде што има таков амбиент тој го користи во своја политичка полза. Тоа се случува во сите покрупни судски процеси, случаите на СЈО, Рекет и 27 април, во кои се гледа селективно постапување и политичка заднина. Јас секојдневно сум во комуникација со луѓе, стручњаци од областа на правото и многу од нив велат. „Ова не е правосудство, ова е владосудство“. Јас не велам дека целото судство е политичко има и чесни судии, но довербата на народот е разнишана.
Конкретната изјава на премиерот Заев, според неа, има за цел дефокусирање на јавноста од прашањето со Бугарија од разнебитувањето на државата и националните интереси.
Зијадин СЕЛА, лидер на Алијанса на Албанците
ЗАЕВ НЕКОЛКУПАТИ МИ ЗАБИ НОЖ ВО ГРБ, ИАКО МУ ЈА СПАСИВ ГЛАВАТА
Лидерот на опозициската Алијанса за Албанците, Зијадин Села, кој беше претепан и едвај се спаси од разгневената толпа која влезе во Собранието на 27 април и денес не е задоволен од правдата за овој случај.
–Заев треба да даде одговори зошто оди таму во судот и сведочи дека тие не се виновни Ако тој знае со сигурност дека не се виновни, може и тој е еден од организаторите на 27 април. Тоа е тема да седнеме со него и да разговараме. За 27 април е осуден човек кој ми ја спаси главата, тоа не е правда. Груевски имаше причина да ме убие, но каква причина има Заев да ми забива нож во грб неколку пати, иако му ја спасив главата, вели Села.
Според него, имињата и презимињата на актерите кои стојат зад нападот јавноста ги знае.
–Дел од нив се во затвор, некои се надвор од државата, еден од главните организатори, Груевски избега, еден е во „Мериот коалицијата“, договараат и преговараат влада со Заев, еден беше министер за внатрешни работи во време кога се случи нападот, Агим Нухиу, а потоа продолжи да биде заменик- министер во владата на СДСМ. Ако овој правен систем се дрзнува некојси вработен како обезбедување да е во затвор, како може министер да нема ингеренции да си ја преземе командата. Кај живееше тој, на сите полицајци Албанци им беше даден одмор“, рече Села во гостување на ТВ 24 по сведочењето на Заев.