(АРХИВА) Шема на лажни и манипулативни реклами за лекари

by Fokus

Микробиологот Никола Пановски се најде на листата на лекари, чие име на  онлајн медиум беше злоупотребено за промоција на некој лек.

Пановски најостро демантира дека рекламирал било каков чај за паразити или лек, тврдејќи дека „криминалци“ неовластено се богатат со нивниот углед како лекари и професори. „Фокус“ уште пред пет месеци пишуваше на оваа тема, објавувајќи ги сите проблеми со кои се соочуваат лекарите.

Текстот е објавен на 26 мај, 2022 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1390

„Детоник“, „диатеа“, „простамид“, „кето диет“, „кардиол“сите овие „чудесни лекови“ ја демантираат науката и ветуваат брзо излекување на дијабетесот, простатата, уринарните инфекции, срцевите болести… Ваквите лажни објави за лекови, кои наводно можат да ви помогнат, во најмала рака се неетички и нехумани, а истовремено можат да бидат опасни и да го загрозат здравјето на луѓето. Многу од лекарите се злоупотребени во приказната со цел да се дојде до побрза заработувачка. Црвен аларм е вклучен и кај надлежните институции, но да видиме кој, колку си ја завршил работата?

 Пишува: Ирена МУЛАЧКА

„Министерството за здравство проценува дека над 200.000 луѓе во Македонија ќе починат од срцеви заболувања во 2022 година. Секој петти Македонец умира од срцев удар. Како да го избегнете ова и да го продолжите животот за 12 до 17 години“.

Ова е само една од рекламите за производ, кој се преставува како лек и за кој се наведува дека со користење од само два месеца ги прочистува вените, го „уништува“ крвниот притисок и експресно го лекува срцето.

Вакво чудо сѐ уште не се појавило на фармацевтскиот пазар, но затоа, пак, лажната реклама го тврди токму спротивното. Во случајот станува збор за производот „хипертеа“, кој, според напишаното во текстот, растопува и отстранува четири килограми наслаги од холестерол за само шест недели.

На непознатиот портал, каде што се промовира „лекот“, може да се најде неговата амбалажа и првичната цена од 4.800 денари, кој наводно во моментот е на попуст и може да се купи за 2.400 денари. Тука е објаснет и начинот како да се порача, преку кој формулар, до кога ќе трае наводниот попуст и уште колку пакувања се останати на залиха.

Да не зборуваме за расплинетиот начин на објаснување – кои се здравствените придобивки од користењето на овој производ?

Наплив од илјадници вакви реклами ги преплавија интернет-порталите, а за да привлечат повеќе продажба, во текстовите се користат маркетиншки трикови, како 50 проценти попуст, „останати се три пакувања“, со што читателите можат да наседнат, да направат брза порачка, која нормално нема да им ги реши здравствените проблеми.

Овие „лекови“ не можат да се најдат во аптеките, туку се порачуваат директно од фабрика, по наводно пониски цени, а, според пишувањата, не можеле да соработуваат со аптеките, бидејќи од тоа што лекот е многу ефикасен, цената одела и до 12.000 денари.

На листата со вакви бомбастични најави може да се најде и „кардиол“, производ за стабилизација на притисокот, кој наводно го регулира крвниот притисок за само неколку недели и во следните пет години не се „поместува“ од 120 со 80.

„Детоник“, „диатеа“, „простамид“, „кето диет“, сите овие „чудесни препарати“ ја демантираат науката и ветуваат брзо излекување на дијабетесот, простатата, уринарните инфекции, срцевите болести…

Ваквите лажни објави за лекови, кои наводно можат да ви помогнат, во најмала рака се неетички и нехумани, а истовремено можат да бидат опасни и да го загрозат здравјето на луѓето.

Црвен аларм е вклучен и кај надлежните институции, но да видиме кој, колку си ја завршил работата?

ЗЛОУПОТРЕБЕНИ ИМИЊА НА ЛЕКАРИ

 Со само еден клик на интернет, неверојатниот „лек“ е порачан, а следниот ден се јавуваат оператори како преставници на компанијата за само да ја потврдат нарачката и во рок од 3 до 5 работни дена ја добивате на домашна адреса.

„Фокус“ провери како функционира оваа шема, па се обидовме во два наврати да порачаме два производи, едниот „кардиол“, за регулирање на притисокот, и другиот „диатеа“ за лекување дијабетес.

Веднаш штом кликнавме на производот, ни стигна порака дека нарачката е извршена. Експресно, во текот на следниот ден ни се јавија оператори, за да ги потврдиме нашите лични податоци, но ние преку телефон ја откажавме порачката на „моќните лекови“.

Од тоа што успеавме да забележиме, многу од граѓаните досега наседнале и сѐ уште наседнуваат на овие манипулативни најави, барајќи побрз начин да се „спасат“ од опасната болест.

Од друга страна, самата реклама за лекот уште поверодостојна ја прави и „интервјуто“ со познат лекар, кој треба да претставува авторитет за пациентите и на полесен начин да ги убеди да го купат производот. Како што дознава „Фокус“, имињата на многу познати лекари се најдоа на листата на злоупотребени за побрза заработувачка.

Еден од нив е и познатиот кардиохирург Сашко Кедев, кој многу години е професор и работи на скопската Клиника за кардиологија. На непознат портал е објавено интервју, наводно со него, во кое тој промовира лек за прочистување вени.

Се обративме и до кардиохирургот, кој тврди дека никогаш не дал такво интервју и дека неговото име и фотографија се злоупотребени.

Пред точно две недели, тоа го пријавив во Агенцијата за заштита на лични податоци и во Министерството за внатрешни работи. Сѐ уште од таму немам повратни информации. Ви благодарам за интересот бидејќи овие измислени интервјуа може многу да им наштетат на пациентите“, вели доктор Кедев во изјава за „Фокус“.

Но, тој не е единствениот доктор, чие име е злоупотребено кога се пари во прашање. На оваа листа се најде и лекар од приватната клиника „Жан Митрев“, кој уште пред неколку години се нашол во реклама на портал за козметички препарат, без да знае дека тој го промовира.

„До ДСЗИ не е поднесена претставка, но е извршен вонреден инспекциски надзор во ПЗУ КБ „Жан Митрев“ по допрен глас, во врска сo текст-реклама објавен на повеќе портали, во кој се рекламира производот „хондрокрем“ од страна на лекарот Константин Митев, вработен во таа здравствена установа.

Надзорот е извршен на 19 декември 2017 година и е констатирано дека името на лекарот е злоупотребено поради што лекарот го пријавил случајот во МВР, а болницата писмено се огради од случајот. Од страна на ДСЗИ, на 16 јануари, 2018 година, писмено е известено МВР за понатамошно постапување“, велат од Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

За ваквите многубројни случаи, со мошне поостар став реагира и микробиологот Никола Пановски, кој тврди дека многумина треба да бидат уапсени.

Треба „Малмед“ да реагира. Тоа е работа и за МВР, сѐ тоа треба да се уапси. Пишува: „Во Македонија, следната година, 200.000 лица ќе починат од срцев удар“!!! Врз основа на изјавата дека секој петти Македонец умира од срцев удар, тие направиле ваква глупава пресметка и на мојот коментар на ова дека за 9 години така ќе умреме сите, тие го бришат коментарот. Од 20.000 до 25.000 умрени годишно, од срце би починале 5.000, а не 200.000 пациенти“, тврди доктор Пановски во изјава за „Фокус“.

Тој вели дека на ваков текст е потпишан и лекар, кој сигурно е злоупотребен во целата приказна.

И на таков глупав текст се цитира академикот С.К. И тој не знам дали е злоупотребен, секако би требало да реагира. Пишува дека тој работи на Универзитетот по медицина и фармација, таков не постои. Инаку, досега докторите се измислени, не постојат, а се даваат со слика или се злоупотребени“, додава Пановски.

ШЕМА НА БРЗА ЗАРАБОТУВАЧКА

Откако повеќето од лекарите реагирале, шемата малку се потсменила, поточно „лековите“ продолжиле да се промовираат, но сега со измислени имиња на доктори и со слики извадени од интернет со непознати ликови.

Па, така на истиот портал „prirodnoljecite.com“може да се најде и интервју со извесна докторка Кристина Билбиловска, наведена како шеф на Одделот за ендокринологија, која спасила милиони животи и е најуспешен лекар во лекувањето на дијабетес во земјава.

Таа, според рекламата, ги промовира капките „диадропс“, кои експресно го регулираат нивото на шеќерот во крвта и ја враќаат функцијата на панкреасот за само два месеца.

Но, тоа што е уште пострашно во целата приказна, е тоа што таква лекарка ниту постои на скопска Ендокринологија, а ниту, пак, производот е регистриран во Македонија. Сето тоа е измислено, за, како што велат лекарите, некој нивна сметка да дојде до поголема финансиска добивка. А, каде се тука пациентите и нивното здравје?

Исто така, се случува и фотографија од интернет да кружи на повеќе портали, а во самата реклама се наведува име и презиме на извесен ендокринолог Зоран Чолаков, кој не постои во Македонија, промовира лек против шеќерна болест, но истата таа фотографија може да се најде и на сосема друг портал, само што сега ендокринологот добива ново име и презиме.

„Фокус“ се потруди да најде повеќе вакви реклами и искрено бевме шокирани што сѐ се појавува, како се манипулираат граѓаните, а целиот интернет е преплавен со „волшебни и чудесни лекови“ и суплементи, кои лекуваат со брзина на светлината. Сѐ само да се дојде до пари.

На тоа реагираат и од Лекарската комора:

Како професионално здружение на сите доктори по медицина, најостро ги осудуваме сите обиди за злоупотреба на професионалниот интегритет и авторитет на лекарите преку различни форми на реклами за лекови, помошни средства за лекување и додатоци во исхраната, во кои се злоупотребува нивниот идентитет.

Бараме од надлежните институции навремено да постапат по поднесените кривични пријави и да ги санкционираат овие случаи, со што би се спречило нивно повторување“, се наведува во изјавата од Лекарската комора за „Фокус“.

Од таму уште додаваат дека надлежните треба да испитаат кој, како и за која цел ги поставува овие сомнителни содржини и согласно утврдената состојба да ги санкционира сторителите.

Лекарите е важно овие случаи да ги пријавуваат и да ја информираат јавноста дека без нивна согласност и одобрение, некој се претставува во нивно име или го користи нивниот професионален интегритет.

Исто така, би ги посоветувале пациентите, кога одлучуваат да ја променат терапијата, да почнат нова или во постоечката да вклучат нов препарат, задолжително да се консултираат со својот матичен лекар или специјалист, бидејќи само тие можат да помогнат да донесат правилна одлука за нивното здравје и во никој случај не смеат да се поведуваат по реклами на интернет и по туѓи искуства“, велат од ЛК.

Од друга страна, на адресата на Министерството за внатрешни работи веќе се пристигнати и неколку пријави од лекари, чии имиња се злоупотребени и искористени за лажни и манипулативни реклами. „Фокус“ испрати неколку прашања и до МВР, но до затворањето на весникот, од таму не добивме повратни одговори.

Мора да признаеме дека ова што се случува е страшно.

Од една страна, лекарите се злоупотребуваат, а, од друга страна, во опасност се става животот на пациентите, кои под влијание посегнуваат да купат од „волшебните лекови“, кои ги лекуваат „тивките убијци“ од болести за еден до два месеца. МВР мора сериозно да си ја сфати работата и да ги спаси и пациентите и лекарите.

Рамка1:

 

Никола ПАНОВСКИ:

 

ОВА Е ЈАВЕН КРИМИНАЛ И ТРАЕ СО ГОДИНИ

Микробиологот Пановски тврди дека лек не смее да се рекламира и дека е забранет секаков вид промоција.

Помошно лековито средство треба прво да се регистрира и може да се рекламира само со дозвола од Министерството за здравство и Комисијата за лекови, кои ја одобруваат содржината на текстот.

Треба да реагира и Здружението на новинарите, како и Агенцијата за аудиовизуелни услуги. Ова е јавен криминал и трае со години“, вели Пановски.

 

Рамка2:

 

МАЛМЕД: ПОСТОЈАТ ИЛЈАДНИЦИ ВАКВИ РЕКЛАМИ

 

Дополнителен проблем во приказната преставува и тоа што многу од овие лекови и препарати што се рекламираат, воопшто не се регистрирани во Македонија.

Постојат вакви илјадници реклами и лекови, кои воопшто не се регистрирани. Ние можеме да го контролираме сето тоа што е регистрирано и што постои во аптеките“, тврди Лирим Шабани, директор на агенцијата за лекови „Малмед“.

 

Рамка3:

 

МИНИСТЕРСТВО ЗА ЗДРАВСТВО СО АПЕЛ ДО ПАЦИЕНТИТЕ

 

Од Министерството за здравство директно не одговорија на сите прашања на „Фокус“, туку испратија само апел до пациентите.

 

Апелираме пациентите да ја користат пропишаната терапија од специјалистите во здравствените установи зашто овој пристап е според медицината, базирана на докази.

Исто така, доколку се сомневаат за можна нерегуларност или злоупотреба, како и во ефектите од неа, ги охрабруваме пациентите да пријават во инспекциските органи со цел утврдување на фактичката состојба и разгледување на сите аспекти од евентуалната нерегуларност или злоупотреба, односно доколку не се работи согласно медицината базирана на докази“, се наведува во одговорот од ресорното Министерство.

 

 

 

Поврзани новости