Текстот е објавен на 31 мај 2019 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1234

Скендер Бузаку, кој се смета за легален поглавар на Исламската верска заедница, побара реисот Сулејман Реџепи да го напушти челното место во верската организација, или во спротивно, најави тој, јавно ќе објави докази за негови криминални дејства. Долгогодишниот шеф на ИВЗ Реџепи постојано е мета на напади за недомаќинско и контроверзно управување со средствата на институцијата, а еден таков случај неодамна обелодени и Фокус. Имено, ИВЗ, застапувана од Реџепи, во 2015 година купила два апартмани во „Инекс-Горица“ покрај Охридското езеро за сума од 510.000 евра, и тоа од компанија поврзана со охридки бизнисмен Божо Илоски, кој на реисот, според негово признание, му подарил „ролекс“. За овој случај е поднесена и кривична пријава до обвинителството!

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

Еве јавно нека биде, нема проблем. Часовникот ми е подарок, го имам од еден пријател кого одамна го познавам. Тој е сопственик на хотелот „Горица“ во Охрид. Тој е Македонец по националност, православен по вера. Толку, не сакам да објаснувам повеќе…“. Oва деновиве го изјави поглаварот на Исламската верска заедница Сулејман Реџепи, откако новинарка среде интервју забележа впечатлив часовник на неговата лева рака, па директно го праша за колку пари го купил? Ваквиот јавен настап го отвори прашањето – кој е тој бизнисмен кој на Реџепи му подарил скап часовник и дали нив ги поврзува само пријателство, или, пак, овде се крие и нешто друго?

Имено, „Фокус“ обезбеди документи кои поглаварот на ИВЗ го доведуваат во деловна врска со компанија блиска до човекот што самиот индиректно го посочува како долгогодишен пријател. Станува збор за охридски бизнисмен кој е косопственик на хотелско-угостителскиот комплекс „Инекс Горица“, каде ИВЗ веќе неколку години поседува два атрактивни апартмани во вредност од половина милион евра, доколку се земе во обзир нивната купопродажна цена. Токму за оваа зделка е поднесена кривична пријава до Јавното обвинителство, во која се наведува дека поглаварот во име на верската организација склучил штетен договор, спротивен на актите на ИВЗ, и тоа по повисока цена од реалната пазарна вредност.

ДОМИНАНТЕН АКЦИОНЕР

Инаку, „Инекс-Горица“ важи за препознатлив бренд уште во поранешна Југославија, кога овој хотел е дел од југословенскиот синџир на таканаречени „Инекс“ хотели. По осамостојувањето на поранешните држави што беа дел од СФРЈ и почетокот на процесот на приватизација, овој субјект се дели на повеќе правни субјекти кои претежно го задржуваат називот Инекс. Па, така, во земјава овој хотел заедно со уште неколку други хотелско-угостителски објекти и кампови на охридското крајбрежје беа дел од акционерско друштво со многу помали поединечни акционери, кои со текот на времето исчезнаа од акционерската книга. Дел од нив своеремено покренаа судски процес за продажбата на хотелот „Цавтат“ во Дубровник во рамки на приватизацијата на „Инекс Горица“, меѓутоа случајот се затвори откако охридскиот основен суд во неколку наврати ја отфрли нивната тужба.

Моментално, овој хотел потпаѓа под АД за угостителство, туризам и трговија „Инекс Горица“, чија основна главнина е претставена преку 4.845.000 евра, односно преку 95.000 акции со вредност од 51 евро по акција. Според податоците од Централниот депозитар на хартии од вредност, овие акции се распоредени кај пет акционери, од кои четворица се физички лица и едно е правно лице. Известувањата што акционерското друштво ги доставувало до Македонската берза, пак, откриваат дека најголем поединечен акционер е охридскиот бизнисмен Божо Илоски, кој поседува 62,6 отсто од акциите, по кого следува македонскиот иселеник во САД Гоце Блажевски со 23,3 отсто од акциите. Другите акционери поседуваат помал процент од акционерскиот капитал.

Тековната состојба на правното лице покажува дека овластено лице на акционерското друштво, формирано како правен субјект во 2006 година, е Анета Бар, која воедно членува во Управниот одбор на друштвото. Покрај неа, во УО членуваат уште Наџи Сулејман, Силвана Николовска, Зоран Манев, Мимоза Филчевска, како и мнозинскиот акционер Илоски и неговата сопруга Олгица Илоска, според која неодамна хотелот „Инекс-Горица“ е ребрендиран во „Инекс-Олгица“. Во Надзорниот одбор на друштвото, чија задача и обврска во ваков модел на управување е да врши надзор и контрола врз работењето на УО, пак, членуваат Жанко Симиноски, Илсен Салиоска – Патлиоска и Владо Печијарески.

Во рамки на друштвото, функционираат неколку подружници, од кои едната се однесува токму на веќе споменатиот хотел „Инекс-Горица“, односно „Инекс-Олгица“. Понатаму, другата подружница се однесува на познатиот автокамп „Градиште“, кој влегува во истата групација. Меѓутоа, мнозинскиот акционер во друштвото Илоски, преку неговата градежна компанија „Ремис“, го поседува соседниот хотел „Парк“, кој пред неколку години никна на местото на стариот истоимен хотел, како и многу други недвижности. Како што е познато, овој некогашен симбол на охридското хотелиерство беше урнат и на негово место беше изграден нов поголем и луксузен објект, кој всушност не функционира како класичен хотел, туку како апартмански комплекс.

ДЕСЕТИЦИ КОСОПСТВЕНИЦИ

Според податоците од Централниот регистар, Илоски е единствен сопственик и управител на градежната компанија „Ремис“, основана во далечната 1995 година за изградба на станбени и нестанбени згради, со основен капитал од 336.288 денари. Како што се наведува на официјалната интернет-страница на компанијата, меѓу клиентите на „Ремис“ е и битолската компанија „Пелистер“ на Силјан Мицевски, која прединичи според приходите што ги остварува од АД ЕЛЕМ за ископ и транспорт на јаглен за потребите на РЕК Битола. Потоа, во листата на клиенти на охридската градежна компанија уште напишани се компаниите „Гранит“, „Електроелемент“, „Брилијант“, „Илинден“, „Ин Пума“, „Кнауф“, „Роломатик“, „Проспера“, „Озон“, „Топлина“, „Галеб“ и други, од кои дел значително работеле на јавни проекти во минатиот период.

Според Катастарот на недвижности, „Ремис“ на Илоски е сопственик на катастарската парцела со број 5972/3, која впрочем претставува градежно изградено земјиште со површина од 5.640 квадратни метри, каде е изграден објект со површина од 3.464 квадратни метри. Тоа е новиот хотел „Парк“, кој има намена А2- 1, што, според Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и Правилникот за премер на недвижности, претставува „станбени куќи со дворови-самостојни“. Освен тоа, компанијата ги поседува и соседните парцели во правец кон Охридското езеро со број 5972/27 и 5971/3, со површина од 568, односно 83 квадратни метри, кои се водат како градежно неизградено земјиште, што значи дека на оваа површина во Деталниот урбанистички план е вцртана градежна маркица.

За разлика од хотелот „Парк“, или поточно станбениот објект со апартмани изграден на местото на стариот хотел „Парк“, кој практично има еден сопственик, во комплексот „Инекс Горица“, т.е. „Инекс-Олгица“, кој главно се протега на КП 5972/2 со површина од 2.740 квадратни метри и на КП 5972/15 со површина од 1.123 квадратни метри, има десетици сопственици на станбените единици. Според податоците од Катастарот на недвижности, меѓу субјектите што поседуваат станбени единици во овој компекст со намена А2-1 (станбени куќи со дворови-самостојни), А4 (времено домување) или Б5-1 (хотелски комплекси) се „Ремис“ како компанија, нејзиниот сооственик Илоски како физичко лице, како и уште неколку луѓе кои го носат презимето Илоски.

Меѓутоа, меѓу сопствениците на станбени единици и на заедничкиот простор за користење влегуваат неколку компании што се наоѓаат на листата на клиенти на „Ремис“, вклучително и „Пелистер“ на Мицевски, која самостојно поседува дел од комплексот издвоен на посебна парцела со број 5972/21 со површина од 173 квадратни метри и станбена единица од 80 квадрати. Дополнително, косопственици на значителен дел од „Инекс-Горица“ се и кичевската компанија „Марготри Груп“ на Горан Трипуноски и охридската компанија „Екстра Скопско“ на Кире Колески, кои, исто така, плус поседуваат дел од објектот издвоен во посебни парцели со број 5972/23 (594 квадрати), односно 5972/20 (180 квадрати), како и дузина други компании и лица.

ДОГОВОР ЗА КУПОПРОДАЖБА

Меѓу многуте правни и физички лица, во листата на косопственици на „Инекс Горица“ се наоѓа и една верска организација – Исламската верска заедница. Според Катастарот на недвижности, ИВЗ поседува два апартмани од по 91 квадратен метар, заедно со помошни простори од по 20 квадрати, чија намена е А4-7 (времено сместување). „Фокус“ го обезбеди договорот за купопродажба, солемнизиран кај нотарката Тања Топалоска, од кој произлегува дека ИВЗ ги купила двата апартпамни со број 44 и број 59, сосе помошните простории, во 2015 година за вкупна сума од 31.365.000 денари со вклучен ДДВ, или 510.000 евра. Како што се наведува во нотарската потврда, сите пари биле исплатени веднаш од банкарска сметка.

Во договорот за купопродажба, пак, стои дека ИВЗ застапувана од Реџепи ги купила апартманите за над половина милион евра од охридската градежна компанија „Градежник“, која за време на продажбата пред четири години била претставувана од Ристе Тренески. Историјатот на промени на компанијата покажува дека Тренески бил нејзин сопственик и управител од формирањето во 2003 година се до крајот на 2015 година, што е неколку месеци по склучувањето на договорот со ИВЗ, кога на негово место доаѓа Тони Илоски. Според нашите информации, тој е внук на Божо Илоски, сопственик на „Ремис“, чие седиште се наоѓа на иста адреса како и седиштето на „Градежник“, на улица „Партизанска“ во центарот на Охрид.

И покрај нашите обиди, не успеавме да добиеме одговори од засегнатите страни на следниве прашања: како „Градежник“ стекнал сопственичко право над двата апартмани во „Инекс-Горица“; како дошло до договор меѓу компанијата и Исламската верска заедница за продажба, односно купување на апартманите; зошто ИВЗ одлучила да инвестира половина милион евра во апартмани покрај езеро и за што најмногу ги користела во текот на овие четири години; каква деловна поврзаност и соработка имаат „Градежник“ и „Ремис“, со оглед дека нивните сопственици се во тесна роднинска врска..? Сепак, најбитното прашање е дали пријателството меѓу Божо Илоски и Сулејман Реџепи, за кое јавно проговори поглаварот на ИВЗ, е причина за зделката со апартманите, или, пак, пријателството е последица од ваквата зделка?

При обидот да стапиме во контакт со Илоски, од „Ремис“ ни беше кажано дека сопственикот и управител на компанијата е на службено патување, но до затворањето на овој број од весникот не добивме одговори на прашањата што се договоривме да ги испратиме до компанијата по електронски пат. Исто така, прашање упативме и до „Градежник“, но и од таму изостана било каква реакција. Истовремено, се обративме и во Исламската верска заедница, но од таму повторно решија да ги игнорираат нашите прашања, исто како што сторија неодамна во врска со прашањето за формирањето на новото хуманитарно здружение „Хилал“, во чија сопственичка структура, за разлика од веќе постоечката невладина организација со ист назив и исти цели, покрај ИВЗ влегува и поглаварот Реџепи како физичко лице, како и неколку негови блиски соработници.

КРИВИЧНА ПРИЈАВА

За купувањето на овие два апартмани, поранешни функционери во ИВЗ, меѓу кои Скендер Бузаку, кого граѓанскиот суд го прогласи за легален поглавар на ИВЗ, Африм Тахири, поранешен генерален секретар на верската организација, Ибрахим Шабани, поранешен скопски муфтија, поднесоа кривична пријава во 2016 година до Јавното обвинителство против Реџепи, поради тоа што, според нив, тој склучил договори со „Градежник“ надвор од процедурата предвидена во актите на ИВЗ. Според нив, такви договори не можел самостојно да склучува Реџепи, туку морало ресорното муфтивство да формира комисија која ќе изврши испитување на пазарот, па врз основа на добиените податоци на крајот одлуката ја носи Ријасетот, а Собранието одлучува за буџетот.

Во кривичната пријава со која располагаме, тие наведуваат дека сумата од 510.000 евра за двата апартмани од вкупно 182 квадратни метри, заедно со помошни простории од вкупно 40 квадратни метри, е далеку над пазарната цена на недвижности во тој регион. Според нив, Реџепи за овие два штетни договори добил подарок рачен часовник, кој, како што напишале до обвинителството, е од реномираната швајцарска марка „Ролекс“ и вреди 35.000 евра. Од обвинителството не одговорија на нашето прашање какви активности се преземени по поднесувањето на оваа кривична пријава и дали досега е поднесено обвинение, и доколку не е – дали, односно кога може да се очекува да биде покренат обвинителен акт пред судот.

Содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.