(АРХИВА) Приватна фирма купи опожарени дрва, па доби државна дозвола да ги извезува во време на криза!

Компанија од Општина Брвеница склучила договор со делчевската подружница на „Шуми“ во 2022 година, кој предвидува откуп 24.122 кубни метри црн бор во вредност од 21,3 милиони денари, а токму за црн бор компанијата добила одобрение за извоз, и тоа непосредно пред забраната за извоз поради недостигот и високите цени на енергенсите, која земјава ја воведе многу подоцна од Србија, БиХ, Црна Гора...

by Фокус

Текстот е објавен на 25 август 2022 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1.403.

По големите шумски пожари во 2021 година, ситуацијата во тој поглед беше горе-долу под контрола неколку летни сезони, односно се до годинава. Имено, шумски пожари беснејат низ цела држава и надлежните институции и доброволните друштва се уште се справуваат со огнените жаришта. Во меѓувреме, се разгледуваат идеи и се предлагаат опции како во иднина да се спречат овие пожари, кои најчесто се последица на запалени стрништа и пасишта, но има и намерно предизвикување од страна на пиромани.
Воедно, во втората категорија влегуваат и бизнис-мотивите, бидејќи, како што рече Стојанче Ангелов во интервју за „Фокус“, луѓе свесно ги палат шумите бидејќи подоцна изгорените дрва ги сечат за поефтина шума. Во тој контекст, на политичката сцена се разменија неколку предлози, а еден од нив е да се забрани градење на опожарени места, но, исто така да се забрани и тргување со опожарените дрва, со цел да се обесхрабрат криминалците да ги палат шумите.
После големите пожари пред 3 години, пишувавме дека „шумските пожари проголтаа 30 милиони евра, а има само еден систем за рана детекција“. Подоцна, пак, објавивме и сторија за компаниите кои ја откупиле опожарената дрвна маса, меѓу кои имаше и фирма од Брвеница, која потоа ја добила единствената дозвола за извоз на дрво во период од 5 години, и тоа непосредно пред забраната за извоз поради недостигот и високите цени на енергенсите, воведена многу подоцна од Србија, БиХ, Црна Гора.

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

За да се спречат и избегнат последиците предизвикани од зголемената побарувачка на населението за огревно дрво и пелети, предизвикана од енергетската криза на светскиот пазар, Владата пред еден месец донесе одлука за ограничување на извозот на овие производи со времетраење до крајот на годинава.

Набргу потоа, на Илинденска „падна“ одлука и за ограничување на заработката, така што се утврди дека највисоката маржа за огревно дрво од даб и бука и пелети за огрев за сите трговци може да биде 10 проценти за сите трговски друштва и трговци-поединци, без да се смета транспортот за испорака на стоките до крајните потрошувачи.

Всушност, ваквиот развој на настаните следуваше откако вицепремиерот Фатмир Битиќи ги повика инспекциските служби да излезат на терен и да проверат дали се точни реакциите на граѓаните дека не можат лесно да најдат огревно дрво и пелети, а кога успеваат да најдат – плаќаат двојно поскапо.

По ваквиот апел, веднаш постапи Државниот пазарен инспекторат, кој, како што соопшти, на крајот на минатиот месец извршил над 100 вонредни инспекциски надзори над трговци со пелети низ целата територија на државата, при што била утврдена вкупна залиха на пелети од 5.696.600 килограми.

ДАЛИ ЗАБРАНАТА БЕШЕ ЗАДОЦНЕТА?

Притоа, инспекторите утврдиле дека продажната цена на пелетите се движи од 15 до 26 денари за килограм, односно од 220 до 390 денари за вреќа од 15 килограми. Оттука, било констатирано дека маржата на трговците изнесувала дури и до 65 отсто, зависно од типот на пелетите.

Инаку, во земјава има 8 компании што се занимаваат со производство на пелети, но тие задоволуваат само околу 20 отсто од потребите на домашниот пазар. Дури 80 отсто се задоволуваат од увоз, главно од Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, кои, пак, го ограничија извозот на пелети и одредени дрвни сортименти многу порано отколку што тоа го направи Македонија.

Од таа гледна точка, се поставува прашањето: зошто чекаа македонските власти? Од една страна, забраната за извоз на соседните земји го оневозможуваше увозот во земјава од странство. Истовремено, пак, ние дома не ги штитевме залихите што ги имаме, во ситуација кога побарувачката на Запад е огромна поради украинско-рускиот конфликт.

„Фокус“ обезбеди податоци, кои откриваат дека непосредно пред да се донесе забраната за извоз, Министерството за земјоделство предводено од Љупчо Николовски издало одобрение за извоз на дрво. Се работи за извоз на црн бор, каков што фирмата-извозник претходно откупила од ЈП „Македонски шуми“ на еден од повиците за продажба на опожарената дрвна маса од ланските шумски пожари…

ПРВО ОДОБРЕНИЕ ПО 5 ГОДИНИ?!

Според информациите што ги добивме од Владата, вo последните 5 години не било издадено ниту едно одобрение за извоз на огревно дрво. Односно, првото одобрение после толку години е издадено токму годинава (2022), во време на енергетска криза, поради која соседните држави забрануваа извоз. Пред тоа да го стори и земјава, било издадено одобрение за извоз на 120 кубни метри, од кои досега се извезени 28,4 кубни метри.

Во согласност со Законот за шумите, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство дава одобрение за извоз на огревно и техничко дрво (трупци) и други производи од дрво на барање на правното лице. Toa значи дека Министерството со самото издавање на одобренија за извоз го ограничува количеството што се извезува“, ни одговорија од Владата.

Па така, се обративме и до Министерството за земјоделство, од каде првично го одбија нашето барање упатено согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Всушност, го побаравме одобрението за извоз на трупци, огревно дрво и други видови дрва, заедно со информација за правниот субјект што го извршил извозот.

Одобренијата се издаваат преку ЕХИМ-системот, кој е во сопственост на Царинската управа, а ние како институција имаме право на користење на истиот преку посебни електронски дозволи, кои се со доверливи информации и може да располага само и единствено лицето кое е задолжено со електронскиот потпис“, гласи образложението на Министерството со кое го отфрли нашето барање.

ДАНОЧНА И СЛУЖБЕНА ТАЈНА

Во таква ситуација, истото барање го упативме и до Царинската управа како сопственик на ЕХИМ-системот. Арно ама, и оваа институција го одби нашето барање, со објаснување дека по спроведениот тест за штетност утврдиле дека бараната информација не претставува информација од јавен карактер, ниту, пак, со нејзиното необјавување би се загрозил јавниот интерес.

„Се утврди дека бараната информација е информација чие давање би значело повреда на заштита на даночната постапка. Согласно Законот за даночна постапка, службените лица се должни како даночна тајна да ги чуваат сите документи, информации, податоци или други факти за даночниот обврзник до кои дошле во даночна, прекршочна или судска постапка…“, стои во решението на Царината.

Но, оваа институција не застанува тука, па ни дава дополнителна експликација дека, согласно Царинскиот закон, сите информации кои се по природа доверливи или се добиени врз доверлива основа, царинскиот орган е должен да ги чува како службена тајна.

„Доверливите информации нема да се откриваат од страна на царинскиот орган без согласност на лицето или органот од кое истите се добиени. Доставувањето на доверливи информации е допуштено кога со важечките прописи, за заштита на податоците, царинскиот орган е должен или овластен да ги открие или да ги даде информациите во врска со конкретните правни постапки“, наведуваат од таму.

КАКОВ ИНТЕРЕС СЕ ЗАШТИТУВА?

Затоа, двете решенија ги обжаливме на второстепената Комисија за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер, која ги уважи нашите жалби, истовремено наложувајќи им и на двете државни институции предметот да го вратат на повторено одлучување.

Поточно, Агенцијата и укажа на Царинската управа дека Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер не познава категорија „службена тајна“. Воедно, Комисијата предочува дека Царината само таксативно навела законски одредби, но не објаснува какви се штетните последици врз интересот што се заштитува со недоставувањето на бараната информација.

Барателот бара назив на правни субјекти и количина, а не податоци кои се во функција или произлегуваат од поведена даночна постапка“, констатира Комисијата во решението, со кое бара Царинската управа да постапи според нејзините напатствија. И покрај тоа, оваа институција сѐ уште не ги доставила бараните информации.

Од друга страна, Министерството за земјоделство постапи според упатствата на жалбената Комисија, која претходно му посочи на надлежното Министерство дека доколку тврди дека нема надлежност да постапи по барањето и не располага со бараната информација, тогаш требало да го препрати барањето до надлежен орган. Но, тоа не се случило!

КОНЕЧНО ОТКРИВАЊЕ НА ИЗВОЗНИКОТ

Арно ама, токму ова Министерство е надлежно за извозот на дрво, како што впрочем ни посочија и од самата Влада. Со оглед на тоа, од таму вториот пат позитивно одговорија на нашето барање, откривајќи го правниот субјект што го извршил извозот, во време на намалена достапност на огревно дрво и пелети и значителен скок на цените.

Според новото решение што ни го достави ресорот раководен од министерот Николовски, компанијата што го извршила извозот на трупци, огревно дрво и други видови дрво, како што стои и во издаденото одобрение што го добивме, е Golden Bag Recycling, од село Милетино, Општина Брвеница. За каква компанија станува збор?

Податоците од Централниот регистар покажуваат дека оваа фирма е  основана во 2015 година. Моментално, сопственици се Лаурент Зејнулаху и Башким Зејнулаху, кој воедно е и управител. Историјатот на промени, пак, покажува дека порано во структурите на друштвото бил и Саким Емини.

Основната дејност на оваа компанија стара 7 години е „производство на останати производи од дрво, производство на предмети од плута, смoла и плетарски материјал“. Фактички, станува збор за компанија, која, според јавно достапните информации, се занимава со продажба на пелети и брикети.

ОТКУП НА ОПОЖАРЕНА ДРВНА МАСА

Меѓу другото, во одобрението што ѝ било издадено на оваа компанија стои дека извозот може да се изврши ако дрвото е прописно жигосано со шумски жиг, снабдено со испратница и потврдено со записник за количина и класа од инспектор од Инспекторатот за шумарство и ловство. Патем, од документот со кој располагаме се дознава дека извозот бил извршен на црн бор.

Она што е интересно, оваа компанија се наоѓа и на листата на фирми што склучиле договори со јавното претпријатие „Македонски шуми“ за откуп на опожарената дрвна маса од ланските големи шумски пожари во Источна Македонија. Згора на тоа, според листата со која располагаме, „Голден Баг“ откупил токму црн бор, каков што и извезла.

Откако за време на ланските пожари само во регионите на Делчево, Пехчево и Берово изгоре дрвна маса со површина, која, според различни официјални извори, варира од 380 до 395 илјади кубни метри, додека шумската штета се проценува на околу 24 милиони евра, од „Македонски шуми“ побаравме одговор што се случи со опожарената дрвна маса?

Првично, од јавното претпријатие не известија дека во февруари годинава објавиле повик за интерес на кој се пријавиле заинтересирани купувачи. Од таму посочија дека досега склучените договори се однесуваат за 120.000 кубни метри, или околу една третина од вкупно опожарената дрвна маса што треба да се отстрани во рок од 2 години.

ДЕСЕТИНА КОМПАНИИ НА СПИСОКОТ

Сепак, од таму првично одбија да откријат со кои компании биле склучени договорите, како и колку изнесува вредноста на овие договори. Иако испративме и дополнително прашање, сепак, повторно изостана одговор. Затоа, и во овој случај го искористивме Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Иако помина законскиот рок од 20 дена, сѐ уште немаше одговор на прашањето. Тогаш, од јавното претпријатие побараа дополнителни 10 дена за одговор, поради обемноста на материјалот. Меѓутоа, изминаа и тие дена без одговори, кои ги добивме дури откако директно се обративме до директорот Валентин Груевски.

Како и да е, документацијата што ни ја доставија открива дека јавното претпријатие, преку подружниците во Берово, Делчево и Пехчево, склучило вкупно 32 договори за откуп на опожарена дрвна маса со десетина компании. Меѓу нив е и веќе споменатата „Golden Bag Recycling“, која неодамна го добила единственото одобрение за извоз на дрво.

Конкретно, оваа компанија склучила договор со делчевската подружница на „Шуми“ на почетокот на јуни, кој предвидува откуп 24.122 кубни метри црн бор во вредност од 21,3 милиони денари со вклучен ДДВ, или околу 348 илјади евра. А, токму за црн бор компанијата го добила одобрение за извоз…

РЕКОРДЕН ОТКУП НА ЦРН БОР

Кога ќе се земат предвид сите договори што ги склучило ЈП „Македонски шуми“ за откуп на опожарена дрвна маса, произлегува дека договорот со компанијата од Брвеница е меѓу најголемите поединечни договори. Меѓутоа, други компании склучиле по неколку договори, како што е „Еко Лајф“ од Ранковце, која беше отворена во присуство на Николовски и други владини функционери.

Според податоците со кои располагаме, оваа компанија за производство на пелети склучила 3 договори со делчевската подружница на „Шуми“ за откуп на 32 илјади кубни метри црн бор во вкупна вредност од 28,8 милиони денари или 468 илјади евра. Највисок е договорот од април годинава, кога двете страни ставиле потпис на договор за откуп на над 20 илјади кубни метри дрво за сума од околу 20 милиони денари.

Исто така, 3 договори со делчевската подружница на „Шуми“ склучила и тетовската „Алпине Вуд“. Во име на компанијата, договорите за откуп на над 20 илјади кубни метри за 16,2 милиони денари ги потпишал првиот човек на компанијата Бекир Черкези, чие име и презиме одговара на некогашниот кандидат за градоначалник на Желино.

Исто толку договори склучила и пехчевската компанија „Би Груп-18“ со пехчевската подружница. Се работи за 3 договори за речиси 14 илјади кубни метри црн бор во вредност од околу 14 милиони денари или 227 илјади евра. Сите други десетина компании склучиле по еден помал договор…

Која фирма добила одобрение за извоз на дрво непосредно пред владината забрана?

Без одговор
КАДЕ КОМПАНИЈАТА ИЗВРШИЛА ИЗВОЗ?

До компанијата „Golden Bag Recycling“, која го добила единственото одобрение за извоз на дрво во последните 5 години, упативме неколку прашања по официјален пат, за кои одговорите не се содржат во документацијата.

Во таа смисла, прашавме и во која држава е извршен извоз, дали имале соработка со шпедитерска куќа, и ако е така – за која шпедитерска куќа се работи?

Но, не добивме никакви одговори.

Инспекциски надзори
ПАРИЧНИ КАЗНИ ПОРАДИ НЕПРАВИЛНОСТИ

 

При инспекциските надзори на Државниот пазарен инспекторат, утврдени биле вкупно 7 неправилности, за што се изречени соодветни санкции согласно големината на субјектот.

 

Според информации од ДПИ, кај правно лице од Скопје е утврдено дека евиденцијата во трговијата не се наоѓа во деловната просторија каде што се врши трговија, за што е изречена глоба од 200 евра за правното лице и 40 евра за одговорното лице.

 

За правно лице од Охрид, пак, се издадени два прекршочни платни налози – глоба во износ од 240 евра, бидејќи евиденцијата за набавка и продажба на стоките во трговијата на мало не се наоѓа во продажниот простор.

 

Потоа, на правно лице од Струга му е изречена глоба во износ од 120 евра, зашто нема пријава за исполнување на МТУ за објектот. За истата причина е казнето и правно лице од Штип.

 

Дополнително, глоба од 200 евра за правното лице и 40 евра за одговорното лице му е изречена на правното лице од Гостивар зашто евиденцијата во трговијата не се наоѓа во деловната просторија каде што се врши трговија.

 

Понатаму, глоба од 800 евра за правното лице и 60 евра за одговорното лице е изречна на правното лице од Битола, а за магацин во Струга е констатирано дека не води евиденција за набавка и продажба во трговија и нема пријава за МТУ.

Релација Смолари-Словенија
ОСВЕН ОПОЖАРЕНО, СЕ ИЗВЕЗУВАЛО И ОГРЕВНО ДРВО!

Откако обелоденивме дека Министерството за земјоделство во 2022 година одобрило извоз на техничко дрво-црн бор десетина дена пред Владата да воведе забрана за извоз на огревно и необработено дрво и пелети поради енергетската криза, подоцна обезбедивме дополнителни податоци, според кои во еден наврат истата година бил извршен извоз и на огревно дрво во Словенија од страна на фирма од Смолари, Ново Село.

Откако Министерството за земјоделство првично не упати да бараме информации за извозот на трупци, огревно дрво и други видови дрва од Царинската управа, како сопственик на ЕХИМ-системот преку кој се издаваат одобренијата за извоз, од оваа институција побаравме податоци кои правни субјекти биле извозници на огревно дрво за време на 2022 година и колкави количини биле извезени преку секој од нив?

Меѓутоа, Царината го одби нашето барање испратено согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, со објаснување дека по спроведениот тест за штетност утврдиле дека бараната информација не претставува информација од јавен карактер, ниту, пак, со нејзиното необјавување би се загрозил јавниот интерес. Од таму понудија дополнителна експликација дека, согласно Царинскиот закон, сите информации кои се по природа доверливи или се добиени врз доверлива основа, царинскиот орган е должен да ги чува како службена тајна.

Сепак, ова решение го обжаливме до Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, која ја уважи жалбата и предметот го врати на повторно постапување. Притоа, Комисијата и предочи на Царината дека само таксативно навела законски одредби, но не објаснила какви се штетните последици врз интересот што се заштитува со недоставувањето на бараната информација.

По ваквиот расплет на настаните, добивме известување од Царинската управа дека се одобрува нашето барање, бидејќи овојпат се утврдило дека „давањето на бараната информација не претставува повреда на обврската за чување на службена тајна и дека објавувањето на информацијата нема да предизвика повреда на заштитениот интерес“. Меѓутоа, од таму само делумно одговорија на нашето барање!

Имено, во новото решение што го добивме се наведува дека во 2022 година извршен е еден извоз на огревно дрво во количина од 28 кубни метри, односно 22.700 килограми, од страна на фирма-извозник од селото Смолари, во рамки на Општина Ново Село.  Арно ама, не се открива називот на компанијата, иако претходно Комисијата посочи дека тоа не спаѓа под „податоци кои се во функција или произлегуваат од поведена даночна постапка“.

Релација Смолари-Словенија: Освен опожарено, годинава се извезувало и огревно дрво!

Поврзани новости