(АРХИВА) „Поцрнетите“ од американската листа може да се гонат и без измени на законот за рестриктивни мерки

by Fokus

Текстот е објавен на 15 февруари во неделникот „Фокус“ со број 1480

Проширувањето на „црната листа“ на САД со нови имиња, градоначалникот на општина Карпош и актуелен кандидат за претседател, Стевче Јакимовски и поранешната специјална обвинителка, Катица Јанева ги скара партиите и повторно ги актуелизираше измените на законот за рестриктивни мерки.  Измените на вој закон со кој се предвидува забрана за вршење на јавна функција е заглавен во собраниска процедура бидејќи се уште не е закажана седница на матичната комисија за надворешна политика, ело кое го предводи пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.  Заменик министерката за правда, Викторија Аврамовска Мадиќ тврди дека „црните листи“ ќе се спроведат со постапување по Законот за рестриктивни мерки, додека пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков вели дека за овој закон е потребна јавна расправа. Но доколку тие настојуваат да се донесе овој закон, тогаш може претседателот на Собранието да му ја одземе надлежноста на претседателот на Комисијата, и тој да ја свика седницата. Според него, лицата од „црната листа“ може да се гонат и со постојните закони. -Членот 16 од Законот за меѓународна соработка во кривична материја, Вам како Министерство за правда ви дозволува со замолница да се обратите до надлежна институција во Вашингтон и да ви достават списи, информации и материјални докази за одредени истраги, тврдеше Лефков.

Пишува: Фросина ФАКОВА-СЕРАФИНОВИЌ

Поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, бизнисмените Орце Камчев и Сергеј Самсоненко, струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, кои се дел од американската „црна листа“, може да се „зацрнат“ и во Македонија и без носење измени на Законот за рестриктивни мерки.

Измените што веќе се најдоа во собраниска процедура, власта еднаш ги повлече, но пак ги прати во Собрание со забелешките што ги имаше.

Министерството за правда, пак, тврдеше дека предлогот е противуставен, спротивен на системот на казнено право, но и на европската конвенција за човекови права.

Овие измени беа предложени откако се прошири американската „црна листа“ и со нив се предвидува листата на санкции на САД, но и онаа на Обединетото Кралство да бидат основа за воведување санкции на лица во земјава.

Власта ги претставува како конечен удар за криминалните политичари и бизнисмени. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој ги предложи измените, тврди дека со нив, обвинителството ќе биде обврзано да отвори постапка за тој што ќе се најде на овие „црни листи“.

– По добиената информација дека има правен акт од САД, Обединетото Кралство или од ЕУ, предлагачот има можност да предложи до владата рестриктивни мерки.

По донесување на рестриктивната мерка, владата иницира, односно го задолжува предлагачот да ги собере и да ги пренесе сите информации и факти до Јавното обвинителство, кое е должно веднаш да отвори процедура согласно роковите и процедурите во Законот за кривична постапка.

Согласно овој закон, јавниот обвинител е должен до судот веднаш да бара привремени мерки за обезбедување. Судот може да донесе таква одлука на барање на јавен обвинител доколку се исполнети условите, односно има обвинение и на барање на јавен обвинител, судот може да донесе привремена мерка, сѐ до правосилна судска одлука“, објаснуваа од Министерството за надворешни работи.

Според измените, Судот, на предлог на јавен обвинител, ќе може да носи привремени мерки како забрана за вршење јавна функција или забрана за учество на тендер на функционер или фирма ставена на црна листа.

Предлагачот тврдеше дека овие мерки ќе важат само за оние што во иднина ќе бидат ставени на „црните листи“, со образложение дека законот не може да важи ретроактивно. Ако се земе како точно ова тврдење, и да се донесат измените, Законот нема да важи за оние кои се досега ставени на американската „црна листа“.

И правно, Османи е во право, законите не можат да важат ретроактивно, освен ако не станува збор за закон што е поповолен за лицето, а во случајов не е поповолен.

И ЗКП ВРШИ РАБОТА

Но, како што објаснуваат за „Фокус“ од Коалицијата „Сите за правично судење“, од друга страна, државните органи и сега имаат можност да поведат постапки согласно Законот за кривичната постапка и во рамки на таа постапка да се изречат привремени мерки, врз основа на доказите и индициите кои странските држави ги користат за да креираат вакви „црни листи“.

Тоа значи дека обвинителствата и судовите може да отвoраат постапки и да ги гонат функционерите и бизнисмените што се сега на американската „црна листа“ и врз основа на постоечките закони.

Всушност, доказите врз основа на кои САД ги зацрни нашите бизнисмени и функционери ги собраа од нашите институции.

Американската амбасадорка во Македонија, Анџела Агелер, во еден од своите јавни настапи порача дека ќе ги употребат сите алатки со кои ќе се овозможи сите оние кои се вклучени во коруптивни активности да одговараат, без разлика на нивните позиции и моќ.

– Не е до мене како американски амбасадор во Скопје да ѝ кажувам на која било институција што следно да направи. Бевме во можност да најдеме доволно докази против овие личности и тие докази се собрани овде, во земјава.

Значи, ова не се темели на информации собрани од Вашингтон, информациите се достапни, работевме со институциите во оваа земја за овие случаи да продолжат да се работат. Но дали, кога и какви ќе се следните мерки, зависи од надлежните органи тука – рече Агелер.

Иако доказите се кај нас, внатре во институциите засега кривична одговорност нема за никого што досега е ставен на „црна листа“.

Таа, во декември, дури и јавно потврди дека, иако поминале шест месеци откако на „црната листа“ осамна името на струшкиот градоначалник, ниту еден правосуден орган или институција не се обратила до САД за да побара споделување на доказите со цел да се отвори постапка и во земјата.

– Само со именување на корумпираните актери, ние можеме да помогнеме – рече Агелер, откако листата беше надополнета и со Анѓушев, но посочи дека по секое објавено ново име, изостанува реакција кај судската и извршната власт.

Од јавното обвинителство, за „Фокус“, велат дека согласно своите надлежности, ЈО постапува секогаш кога постојат сомненија дека се исполнети обележјата на конкретно кривично дело.

Обвинителството тврди дека против повеќето од лицата што се наоѓаат на т.н. „црна листа“ на САД, обвинителството веќе води постапки за различни кривични дела.

ПОСТАПКИ ИМАЛО ВО ЈО

– Согласно потребите на соодветните постапки, еден дел од обвинителствата што водат вакви предмети се во комуникација со Амбасадата на САД со цел размена на информации за лицата што се ставени на листата.

Јавното обвинителство нема надлежност да изрекува привремени мерки за кривични дела од кои произлегува имотна корист или штета, туку да ги предлага до надлежен суд и тоа во строго определена процедура и врз основа на докази обезбедени по наредба на јавниот обвинител, онака како што налага Законот за кривична постапка – велат од обвинителството за „Фокус“.

Други детали од обвинителството не соопштуваат, ниту конкретни имиња за кои лица од листата, какви постапки се водат, со образложение дека предистражните постапки се тајни. Но, факт е дека ниту една од овие постапки и да се водат, нема стигнато до обвинение, а уште помалку до суд.

На обвинителството сега им е тешко да ги изброи постапките што ги имаат отворено и сега овие постапки се предистражни, иако кога Мерко беше ставен на „црната листа“, под притисок на јавноста ги избројаа и ги објавија сите предистражни и истражни постапки за струшкиот градоначалник.

Контроверзниот градоначалник го проби мразот и беше прв во дополнението на американската листа, каде што се најде поради корупција и мешање во судството.

Тогаш, специјално формираната комисија на Јавното обвинителство вршеше вонреден надзор над работата на Основното јавно обвинителство Струга, Вишото јавно обвинителство Битола и на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

Во јули беше објавено дека бил извршен увид во дури 30-тина заведени предмети во кои е поврзан Мерко, но кабает никој не се најде.

Дури и претставници на Судскиот совет беа во посета на Основниот суд во Струга за да проверат дали и какви пропусти се случувале, но и таму ништо спорно не се најде.

А додека се чекало некој предмет за Мерко да се процесуира, според јавно објавените информации, кои од обвинителството не ги потврдуваат, 14 веќе застареле, а другите 16 најверојатно застареа со последните измени на Кривичниот законик и на Мерко нема да му се суди за злоупотреба на службената положба според членот 353, кој се укина.

Втор македонски државјанин што стана персона нон грата за САД беше бизнисменот Орце Камчев. Него го означи Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на Соединетите Американски Држави.

ОБВИНЕНИЈА И СУДЕЊА НЕМА

Во соопштението, пак, на американското Министерство се наведува и кривичното досие на Камчев.

„Бизнисменот Јордан „Орце“ Камчев (Камчев) интензивно се занимава со корупција, вклучително и злоупотреба на службената положба, перење пари и други прекршоци повеќе од една деценија, почнувајќи од раните 2000-ти години“, е наведено во официјалното известување.

Американските власти потенцираат дека Камчев, во 2022 година беше осуден во судскиот процес на предметот „Парцели на Водно“, за учество во шема за перење пари поврзана со незаконско купување земјиште.

Притоа се потсетува дека тој се изјасни за виновен за тешка злоупотреба на случајот „Империја“, во кој беше осомничен за злосторничко здружување, измама, перење пари и други кривични дела поврзани со неговите бизниси.

Американците не го забораваат ниту неговото учество во случајот „Рекет“, во кој беше главен актер и сметаат дека токму предметот предизвика крај на Специјалното јавно обвинителство и прекин на многу случаи за корупција против функционери и бизнисмени слични на Камчев.

Присуството на „црната листа“ на САД значи блокирање на имотот на Камчев во САД, но и имотот на нему блиски лица и компании… но и сите финансиски конекции со Америка, како и со американски државјани и компании.

Сепак, пред македонските државни институции, сите постапки за Камчев се затворени, освен случајот „МПМ“, кој со години стои, беше дел од „Империја“, а се однесува на затворањето на дневните весници „Дневник“, „Вест“ и „Утрински“.

На Камчев му се придружија и Сергеј Самсоненко, неговата сопруга Ирина и Ратка Куновска-Камчева, мајката на Камчев. На листата се ставени и компаниите Систина Лајф Кеар Центар, Орка Холдинг, Бет сити, Орка Фајнанс, Камчев консалтинг.

Самсоненко, Ирина и Камчева се именувани поради „материјално помагање, спонзорирање или обезбедување финансиска, материјална или технолошка поддршка, како и стоки и услуги  за поддршка на Јордан Камчев, кој веќе е ставен на црната листа на САД.

Основата за ставањето на црна листа за брачната двојка Самсоненко и мајката на Камчев се трансакциите опфатени со случајот „Парцели на Водно“, во кој Русинот сведочеше, а Камчева со синот Орце беше обвинета за перење пари.

Последен на кого САД му забранија влез е поранешниот вицепремиер, Кочо Анѓушев „поради неговата вмешаност во значителна корупција“, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на Стејт департментот.

– Анѓушев, додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во нивните владини институции и јавни процеси – се вели во објавата.

За него, во обвинителството, од она што е јавно познато не се води постапка. Неговото име единствено се споменуваше во предистрагата што ја отвори Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција за тендерската документација за изградба на модуларните болници откако се случи трагедијата во Тетово, кога загинаа 14 пациенти во тетовската ковид-болница.

Агелер не ги коментира предлог законските решенија, но ги поздравува и ги поддржува сите напори за истраги на криминални активности. За неа се добредојдени сите реформи што ја зголемуваат транспарентноста и ја зајакнуваат борбата против корупцијата, а за граѓаните е добредојдено сѐ што ќе ги разбуди институциите.

НОВИ ЗАКОНСКИ РЕШЕНИЈА ЗА „ЦРНАТА ЛИСТА“ ЌЕ ПРЕДИЗВИКААТ САМО ПРОБЛЕМИ

Наместо државата да вложува напори за практична примена на законите што ќе се донесени, како и да вложува во надградување на капацитетите на органите на прогон,кој треба да го сузбиваат организираниот криминал и корупцијата, таа воведува нови паралелни законски решенија, кои во практиката ќе предизвикаат само повеќе нови проблеми отколку што ќе ги решат постоечките проблеми со кои се соочуваме со децении.

Ова е реакцијата на Коалицијата „Сите за правично судење“ за предложените измени на законот за рестриктивни мерки, но и предложениот текст на Законот за конфискација во граѓанска постапка.

Најголемите забелешки што ги имаме на предложениот текст на измените на Законот за рестриктивните мерки се однесуваат токму на фактот што Законот не е доволно јасен и предизвикува дилеми и полемики, кои се однесуваат дури и на прашања, како што е суверенитетот, но и поделбата на власта и улогата што судовите треба да ја имаат, како и на фактот што со предложените измени повторно се врши регулирање на материја, која и досега е регулирана – велат од Коалиција за „Фокус“.

ПРАВНАТА ДЕЛА СО ПРЕПОРАКИ ЗА ИЗМЕНИТЕ

Здружението за кривично право и криминологија по јавната дебата испратило препораки до Министерството за правда и Владата за измените на Законот за рестриктивни мерки, кои веќе се испратени во Собрание.

Академикот Владо Камбовски и јавно кажа дека Законот принципиелно не е поставен врз добра концепциска основа, бидејќи се мешаат две работи.

Од една страна се рестриктивните мерки донесени од меѓународни организации, како ОН и Совет на безбедност во кои членува и земјава, а од друга страна, рестриктивни мерки од САД и Велика Британија донесени врз база на Магнитски акт.

Слични закони како овој акт се донесени и во други земји, како Канада, Австралија, Чешка, Естонија, Литванија и Латвија, со што останува отворено прашањето како ќе се адресираат правните акти што во овие држави би се однесувале на наши државјани.

Значи имате однос со друга држава, во која подобар ефект се остварува кога тие мерки директно би комуницирале, не со Владата, која нема законски, уставни остварувања да донесува одлуки, туку непосредно со органите за примена на законот каде што поголеми ефекти може да се постигнат ако тие директно одат на едно координативно тело, раководено можеби од државниот јавен обвинител.

Тело што понатаму ќе проследи соодветни иницијативи за активности на Финансиската полиција, Управата за финансиско разузнавање, пониските јавни обвинителства и итн. – смета Камбовски.

Поврзани новости