(АРХИВА) Потрошија речиси 8 милиони евра само за оваа наставна година, а сѐ уште недостигаат учебници!

by Fokus

Учениците во трето и во шесто одделение во септември нема да добијат нови учебници согласно новата Концепција за основно образование. Наместо тоа, учениците ќе учат од помошни материјали кои ги изработува Бирото за развој на образованието (БРО). „Фокус“ во март пишуваше за тоа колку пари се трошат за оваа намена, а учебници нема.

Текстот е објавен на 30 март, 2023 година  во неделникот „Фокус“ во бројот 1434

По 3 децении независност, во кои се сменија многу министри за образование од разни партии, мора да се констатира дека властите се покажаа неспособни макар да обезбедат учебници за сите ученици, а камоли да спроведат суштински образовни реформи. Во последната деценија, за книги се потрошија 30 милиони евра, а само за оваа учебна година се издвоија безмалку 8 милиони евра од буџетот. Сепак, на 2 месеца пред крајот на учебната година, сѐ уште нема доволно книги за сите ученици

Пишува: Ирена МУЛАЧКА

Знаењето е сила, знаењето е моќ“. Овој слоган одекна во далечната 2007 година од устата на сега пребегнатиот поранешен премиер Никола Груевски, кој за време на своето десетгодишно владеење се фалеше со образовните „реформи“, кои само повеќе го турнаа овој сектор во амбис.

Груевски не избираше средства за да ја постигне својата цел. Истураше милионски суми на буџетски пари за рекламни спотови, кои со месеци се вртеа по телевизиските екрани. Спотовите за кампањата, покрај на македонски, се објавуваа и на ромски и на албански јазик.

Во еден здив, пред речиси 16 години, експремиерот „бомбардираше“ со сите реформи направени во образованието во „вмровско време“, како што беа проектот за модернизација на образованието, јавно-приватното партнерство за изградба на 100 нови училишта, изградбата на 180 фискултурни сали…

Ако сега го вратиме филмот назад, можеме да видиме дека од сето тоа останаа само празни ветувања, потрошени огромни државни пари, а многу ученици и ден денес учат во распаднати и руинирани училишта.

Секоја реформа што ќе ја најавеше Груевски само создаваше поголем револт кај учениците, студентите и кај професорите.

Но, неколку години подоцна, поточно во 2013 година, тогашната влада ја најавува најрадикалната реформа во историјата на македонското образование – „Кембриџ-програмата“.

Тогашниот министер за образование, Спиро Ристовски, со воспев ќе каже дека македонските деца ќе учат од најквалитетните учебници, кои се употребуваат во 171 училиште во Лондон. Во 2014 година, по новата програма почнаа да учат основците, додека 2 години подоцна стартуваа и средношколците.

Тука почнаа и првите негодувања, а едно по едно почнаа да „пукаат“ и скандали околу програмата. Од тоа дали книгите се воопшто по „Кембриџ“ или само добра копија на оригиналот, како и кои се компаниите што ги печатат книгите по лондонски терк.

Образовните „реформи“ се множеа, тендери фрчеа, исти фирми печатеа, а образованието продолжи да тоне и по промената на власта. И едните и другите, заедно, дозволија во последната деценија да се одлеат повеќе од 30 милиони евра државни пари за книги, од кои до ден денес нема доволно.

Вкупно 12 министри за образование се смениле од 2002 година наваму. Најзастапени се „интегративците“, со оглед на тоа што ДУИ 2 децении постојано е на власт, а ресорот образование често е на маса при коалициските пазарења.

Речиси секоја втора година има нов министер за образование, а најмногу на оваа функција се задржа Азис Положани токму од ДУИ, кој владееше од 2002 до 2006 година. Во моментов, тој ја извршува функцијата ректор на еден од најмладите универзитети – „Мајка Тереза“ во Скопје.

УЧЕБНИКАРСКИ БИЗНИС ТЕЖОК МИЛИОНИ

Но, да се вратиме на главниот проблем. Има уште два месеца до крајот на оваа учебна година, а учениците сѐ уште не ги добија учебниците по сите предмети.

Иако Министерството за образование располага со буџет од 450 милиони евра, сепак, на крајот на денот испаѓа дека нема доволно пари за најбитните, односно за учениците, кои се колатерална штета на овие образовно-реформаторски експерименти на властите.

Кога на 1 септември 2022 година чукна училишното ѕвонче и го означи почетокот на новата учебна година, основците од прво до петто одделение се вратија во училишните клупи, но годината ја почнаа без учебници. Затоа, пак, ги пречекаа брошури.

Само 2 месеца пред стартот на новата учебна година, лани во јули беше распишан тендер за печатење учебници, кој поради технички грешки претрпе неколку измени, пред да дојде ред компаниите да ги достават понудите.

Според Бирото за јавни набавки, на овој тендер за набавка на учебници, за кои авторските права ги поседува МОН, се пријавуваат 5 фирми, при што најголемиот дел, вреден дури 4,6 милиони евра, го добива печатницата „Европа 92“.

Покрај тоа, треба да се појасни дека преку тендер се набавуваат и учебници за кои МОН не ги поседува авторските права, туку тие се во сопственост на издавачките куќи.

Па, за оваа намена се исплатени дополнителни 3,2 милиони евра на 10 издавачки куќи, од кои фирмата „Арбериа дизајн“ добива речиси 1,3 милион евра.

Во оваа група се вбројува и компанијата „Арс Ламина“, која за разлика од претходните години, сега добива многу помалку вреден  од 31.000 евра.

Дел од конкурентските фирми, пак, ги оспорија тендерските постапки и поднесоа жалби, но експресно им беа одбиени од страна на второстепената жалбена комисија, со единствено образложение како неосновани.

Официјалните податоци покажуваат дека најниската цена не била пресудна за да се добие тендерот, туку како единствен критериум е наведен најдобар однос меѓу цената и квалитетот. Притоа, цената носи 70 бода, додека, пак, квалитетот на учебниците 30 бода.

Компанијата што ја доби големата бизнис-зделка е една од најстарите печатници, основана пред повеќе од три децении, поточно во далечната 1990 година.

Според податоците од Централниот регистар, како нејзин сопственик се води Ратко Димитровски, кој во јавноста е познат како поранешен градоначалник на Кочани од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, додека, пак, како управител фигурира Влатко Димитровски.

Арно ама, сите учебници сѐ уште не се испечатени, а очигледно главната вина за тоа оди кај МОН. Барем така произлегува од одговорот што „Фокус“ го доби од печатницата „Европа 92“:

Процесот на печатење и испорака се одвива според договори за одреден број учебници. Досега имаме склучено 11 поединечни договори и сите 69 наслови на учебници според нив се отпечатени и испорачани заклучно со 17.3.2023 година.

Ние како печатница вршиме печатење на веќе одобрени и електронски подготвени учебници. Кај нас процесот на печатење трае најмногу до 7 работни денови и уште толку за испорака.

Одобрувањето и електронската подготовка на учебниците се фази, кои се завршени пред тие да бидат пратени кај нас за печатење и ние не можеме да влијаеме врз нив“.

КАДЕ ЗАСТАНАА ЕДНИТЕ, ПРОДОЛЖИЈА ДРУГИТЕ

Поранешниот вмровски градоначалник и актуелен бизнисмен има завидна кариера позади себе. Тој беше и пратеник, а неговата печатница беше ангажирана и во „преродбеничкиот“ проект насловен како „Превод на 1.050 книги“, за кој, според медиумските истражувања, беа потрошени вртоглави 19 милиони евра, додека илјадници книги беа оставени да скапуваат во подрумите.

Името на Димитровски се најде и во еден од предметите што го почна Специјалното јавно обвинителство со кодно име „Поштенска банка“, а подоцна заврши во архивите на редовните обвинителства.

Девет лица се обвинети за перење пари, а на Димитровски на товар му се става дека сторил продолжено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Овој начин околу печатењето на учебниците се провлекува години наназад. Уште во времето на ВМРО-ДПМНЕ – а тоа не се промени ниту со доаѓањето на СДСМ – „Арбериа“ и „Арс Ламина“ го имаа ексклузивното право за печатење на книгите по таканаречената „Кембриџ-програма“.

Како што веќе пишуваше „Фокус“, „Арбериа дизајн“ во последните десетина години склучила над 180 договори за јавна набавка во вкупна вредност од милијарда денари, главно од институции раководени од ДУИ, при што највредни се договорите со МОН за набавка на учебници.

Оваа тетовска компанија за издавање, печатење и дизајн постои од далечната 1998 година, меѓутоа нејзиниот подем почнува кога истовремено почнува и да соработува со државни институции и јавни органи, главно раководени од кадри ДУИ, на чија сметка легнала и една донација од оваа компанија.

Имено, оваа тетовска компанија со 3 подружници во Скопје, чиј единствен сопственик и воедно управител е Хасим Хамзаи, се јави како најголем донатор на ДУИ за 2015 година со донација од 20.000 евра.

Без скандали не помина и доделувањето свидетелства лани во август, кога всушност свидетелства и немаше. Но, затоа имаше 2 тендери на контото на „Арбериа дизајн“ во висина од 13 милиони денари за оваа цел.

Додека учениците од повеќе паралелки чекаа писмен доказ за нивниот успех, оваа компанија се понуди и победи на тендерот на Министерството водено од Артан Груби, за да ја организира прославата за одбележување на Рамковниот договор. Така, на нејзино конто легнаа 100.000 евра за хотелско сместување, озвучување, хостеси, пејачи и кетеринг.

Како што погоре споменавме, „Арс Ламина“ на последниот тендер, откако со образованието раководи Јетон Шаќири од ДУИ, добива најмал тендер, но затоа претходните години беше една од водечките компании.

Според податоците од Централниот регистар, како нејзини сопственици фигурираат Слободан Голубовски и Дарко Фидановски, додека со компанијата управува Горан Црвенковски.

МИНИСТЕРСТВОТО СТАНА ИЗДАВАЧКА КУЌА

Откако се сменија неколку министри на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, на министерското столче во образовниот сектор седнаа и кадри на СДСМ. Па така, прво тоа беше универзитетската професорка Рената Десковска, која подоцна беше заменета со Мила Царовска.

Таа на оваа функција се задржа само една година, во која се обиде да спроведе нови реформи, кои, исто така, наидуваа на голем отпор во јавноста.

Нејзиното министерување ќе биде запаметено по предложената реформа да нема класични учебници, туку дигитална настава, што предизвика голем револт кај учениците и нивните родители.

Тоа беше планирано да се протне и во закон, но на протест се кренаа сите засегнати, кои сметаат дека дигиталните учебници ќе ги уназадат основците и средношколците.

И таа ја заврши неславно својата министерска кариера во овој сектор, иако на самиот старт постоеше одредена надеж дека на толку сменети министри во најсензитивниот сектор, сепак Царовска ќе ги помести работите од мртва точка, имајќи го предвид нејзиното искуство како министерка за труд и социјала, каде што направи голем пробив.

Исто така, пред 2 години, државата зеде кредит од над 20 милиони евра од Светска банка за реформи во основното образование, при што веќе се потрошени над 6 милиони евра. Со овие пари се набави мебел и таблет-компјутери, но дали тоа суштински ќе го подобри образованието, кое се соочува со недостиг од учебници и наставен кадар, а згора на тоа, во многу училишта има запуштени тоалети.

Универзитетскиот професор и поранешен заменик-министер за образование, од редовите на СДСМ, Петар Атанасов, во изјава за „Фокус“ вели дека начинот на кој се набавуваат учебниците е лош.

– Нема структура што ќе гарантира ниту временска достава, ниту квалитет. Ова е една сериозна дејност и ние целосно тука потфрливме. Кога правите систем, мора да балансирате меѓу државни и приватни интереси, како и меѓу можностите и неспособностите. Министрите што се поставуваат наназад со години не се способни да го обезбедат тоа – вели Атанасов.

Според него, главниот виновник е Министерството за образование и, како што посочува, нивната неспособност да го контролираат овој процес.

– Сѐ е така поставено за да се мешаат надворешни фактори. Откако почна програмата „Кембриџ“, во целиот процес има и корупција и политичко замешателство. Се разбира, не се виновни од таму некое одделение, туку од врвот на Министерството за образование.

Се знае како се прават учебници, барем оние основни и фундаментални во образованието. Ги прават тимови и соодветни професионалци. Кај нас е направен општ хаос. Има и немарност од страна на Министерството. Проблемите почнаа кога МОН стана издавачка куќа и сѐ се наруши – истакна поранешниот заменик-министер за образование.

Една од последните анкети направена за образованието во Македонија од страна на „Детектор“ покажува дека високи 57,3 отсто од македонските граѓани сметаат дека државава има неквалитетно образование, а 35,6 отсто се убедени дека има квалитет.

Основното образование заедно со средното е најниско оценето од граѓаните. На скалата од 1 до 5, основното образование има средна оценка 2,65, а средното 2,64, додека средната оценка за високото образование е 2,73.

Тоа го докажува и фактот што сѐ повеќе млади ја напуштаат државата, кои изиграни од системот бараат излез од бесперспективноста во европските земји.

Во меѓувреме, државата нема стратегија како да спречи одлив на мозоци, па и за овој проблем, како и за сѐ друго, се крсти во членството во ЕУ, што се продава како магично решение за сите проблеми.

УЧЕБНИЦИ НЕМА ИЛИ СЕ ПОЛНИ СО ГРЕШКИ

На крајот на годината изби уште еден скандал поврзан со некои од учебниците од кои се учи, а кои во себе содржат бројни грешки. Се работи за истите оние учебници, кои треба да претставуваат отскочна штица на младите во понатамошното образование.

Па така, новиот учебник по историја предизвика лавина негативни реакции, откако родителите во него најдоа низа неправилности. Стануваше збор за учебник за петто одделение, чии автори се Анита Ангеловска и Гликерија Илиоска, а издавач е МОН.

Во делот каде што се опишуваат географските карактеристики на Македонија, наведено е дека земјава на исток се граничи со Република Албанија, а на запад со Република Бугарија.

Но, тука не завршува сѐ. Во новиот учебник по историја и општество се наведува дека највисокиот врв на светот, Монт Еверест на Хималаите е висок 8.849 метри.

Двете авторки на учебникот веднаш писмено реагираа, убедувајќи дека проблемот не е во нив, туку дека се направени грешки при печатењето на материјалот.

Како и да е, ова е само еден од учебниците што влезе во печатница, а на кој не можеа да му се избројат грешките. На тој начин, образованието трпи сериозни последици.

Времето поминува, се ближи крајот на годината, речиси 8 милиони евра се дадени, а повеќето книги никако да стигнат. И тоа што е најжално, нема никаква одговорност, иако таа главно се лоцира во Министерството за образование.

Актуелниот министер Шаќири, кој речиси една година седи на министерското столче, не се чувствува повикан да поднесе оставка, а за недостигот од учебници најде објаснување во недостигот од средства, иако институцијата под негова раководна палка располага со милионски буџет.

Поранешниот заменик-министер за образование, Атанасов, пак, вели дека тендерите секогаш ги добиваат фирми што имаат некакви релации или конекции со власта.

Како и во сите други сектори. Тоа е јавна тајна. Но, тоа е и милионски бизнис и најчесто партиите преку своите министри имаат влијание врз целиот процес.

Тоа што нема учебници е една голема неспособност на министерот да го спроведе тоа што му е работа, децата навреме да добијат учебници со некаков квалитет. Ние во оваа дејност не стагнираме, ние одиме наназад, тонеме поради негативната селекција и партизацијата воопшто – дециден е тој.

РАМКА 1

Министерство за образование

НАБАВЕНИ СЕ СИТЕ ОДОБРЕНИ УЧЕБНИЦИ!

Од Министерството за образование во изјава за „Фокус“ велат дека сите учебници што се одобрени за користење во основното образование се набавени, односно испечатени и испорачани до училиштата.

Но, како што додаваат, за неколку учебници во моментов постапките за одобрување се уште траат, така што по нивното завршување, уверуваат од таму, ќе се испечатат и испорачаат.

„Воедно, ќе следи и печатење на 50-тина учебници за средно стручно образование, кои се одобрени од Националната комисија за учебници и за првпат ќе се користат оваа година.

Потсетуваме дека Националната комисија е телото што ги одобрува учебниците што се применуваат во основното и средното образование, односно ја носи конечната одлука за прифаќање и примена на еден учебник по што toj се набавува.

Дел од учебниците се набавуваат со откуп, односно тоа се оние учебници за кои МОН не ги поседува авторските права и тие се во сопственост на издавачки куќи. По овој основ, за учебната 2022-2023 година исплатени се 197 милиони денари на 10 издавачки куќи за учебници во основното и во средното образование.

Додека учебниците за кои МОН ги поседува авторските права се печатат од страна на економски оператор, кој ги исполнил сите услови наведени во тендерската документација од постапката за јавна набавка и доставил најповолна понуда.

Годинава, тоа е издавачката куќа „Европа 92“, со која е склучена рамковна спогодба во вредност од 282 милиони денари, кои се реализираат етапно во зависност од потребите за графичко уредување, печатење и испорака на учебници за основното и средното образование“, велат од МОН.

Воедно, од Министерството информираат дека веќе работат на подготовка на ново законско решение, кое, како што истакнуваат, ќе го подобри овој процес и ќе го зголеми квалитетот на содржината на учебниците.


Пишман-министер
ШАЌИРИ КАЖА ДЕКА НЕМА ПАРИ ЗА КНИГИ, ПА СЕ ПРЕМИСЛИ

Министерот за образование, Јетон Шаќири, во интервју за „Детектор“ изјави дека МОН реално нема пари за учебници по сите предмети во средното образование.

Според податокот што сега го имам, не верувам дека целосно можеме да го затвориме стручното образование со учебници зашто се работи за многу предмети. Реално, за средното образование немаме за сите предмети. За основното се обезбедени за сите предмети и за новата концепција и делот што останува за средното образование ќе се надополнува – рече тој.

Подоцна, тој се коригираше и додаде дека мислел дека има пари за учебници за основното и за средното образование, но проблем претставува стручното образование.


Постојани рокади во витален сектор
НАЈМНОГУ ПРОМЕНИ НА МИНИСТЕРСКАТА ФОТЕЛЈА ВО ОБРАЗОВАНИЕ

Образовниот сектор е еден од виталните сектори, каде што политиките треба да се кројат стратешки за период од 10 години. Сепак, токму во овој ресор има чести промени на министри.

Само од 2002 година досега се смениле дури 11 министри за образование: Азис Положани од ДУИ, Сулејман Рушити од ДПА, Перо Стојановски, Никола Тодоров, Панче Кралев и Спиро Ристовски од ВМРО-ДПМНЕ, Абдулаќим Адеми и Пиштар Лутфиу од ДУИ, Рената Дескоска и Мила Царовска од СДСМ, Арбер Адеми од ДУИ.

Последно, со него управува Јетон Шаќири, кој, исто така, доаѓа од редовите на ДУИ и важи за близок до струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, кој поседува приватен универзитет, каде што своевремено работел министерот Шаќири.

Поврзани новости