Текстот е објавен на 4 октомври 2019 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1252
Првиот човек на ДУИ во Охрид и член на општинскиот совет, Нефи Усеини, кој стана познат за пошироката јавноста поради дивоизградената тераса во рамки на неговиот ресторан „Луна“ и бетонска база покрај Охридското езеро, деновиве повторно е актуелен откако функционери на ВМРО-ДПМНЕ во еден објавен разговор говорат за четири згради кои биле дел од негов изборен договор. Неодамна, Фокус пишуваше дека Усеини долги години поседува градежна компанија што изгради дузина објекти во градот, а паралелно добиваше тендери од охридски јавни претпријатија. Но, тој на самиот крај на 2017 година формирал уште една фирма во партнерство со албански државјанин, која добила концесија за експлоатација на варовник во струшко Климештани за период од 30 години, при што компанијата била единствен учесник во постапката, отпочната нецела година по формирањето на друштвото…
Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ
Нефи Усеини, охридски бизнисмен и локален функционер од редовите на албанската владејачка партија – ДУИ, за кусо време стана најексплоатирано име во јавноста, употребувајќи се како илустрација за локален моќник кој ги користи политичките релации за бизнис интереси, па дури и како насилник кој нема проблем да примени и физичка сила за да реши одредени проблеми, на професионална или лична основа, сеедно. Но, оправдано или не, охриѓанецот Нефи истовремено стана симбол за долгодишна градежна узурпација на градот познат како македонскиот Ерусалим, кој поради природните убавини и културното наследство е под капата на специјалната агенција на Обединетите нации за за образование, наука и култура – УНЕСКО.
Токму поради силувањето на Охрид, охридското крајбрежје и националниот парк Галичица, каде во минатите години преку ноќ беа подигнати илјадници нелегални градби, почнувајќи од куќи и надградби за индивидуално домување, завршувајќи до угостителски објекти – ресторани, хотели, УНЕСКО побара од македонските власти уривање на над илјада дивоградби, за градот да не биде ставен на листата на загрозено културно наследство. Меѓу евидентираните дивоградби беа и терасата на ресторанот на Усеини во непосредба близина на охридскиот Чинар, но и бетонската база што неодамна почна да ја гради на самиот брег на Охридското езеро, на имот на Исламската верска заедница. И едниот и другиот објект, според општина Охрид, немаат одобрение за градење, како и други потребни дозволи.
Во неколку настапи во медиумите, барем во оние каде одлучи да не одговара на прашањата лаконски и саркастично, Усеини порача дека не е против уривањето на дивоградбите, но тој воедно додаде дека кога веќе се урива треба да се уриваат сите дивоградби преку неселективен пристап. Откога започна овој процес, пак, охридскиот огранок на ДУИ, на чело со Усеини, повика на протест пред општината со образложение дека наместо да се рушат спорните дивоградби покрај езерото, се рушеле дел од џамијата и куќи за индивуално домување, на тој начин давајќи му етничка боја на процесот. Набргу потоа, Нефи се правдаше дека некој му го злоупотребил профилот.
Како и да е, во меѓувреме реагираше и Комисијата за спречување на корупција и судир на интереси, која побара јавните субјекти да не склучуваат договори со компанијата на Усеини, бидејќи, според Комисијата, тој како член на охридскиот совет не може да добива тендери, особено од јавни претпријатија кои се подредени на Општина Охрид. Покрај тоа што една од компаниите на Усеини во последниот период добила тендери од општинските претпријатија во вредност од над 200 илјади евра, „Фокус“ открива уште еден индикативен случај со можни законски импликации. Имено, друга компанија, каде Усеини се јавува како косопственик и управител, годинава добила државна концесија за експлоатација на варовник во селото Климештани на период од цели 30 години!
ТЕНДЕРИ ОД ОПШТИНСКИ ПРЕТПРИЈАТИЈА ЗА ОПШТИНСКИ СОВЕТНИК
Од Регистарот на концесионери што го води Министерството за економија, произлегува дека министерството, во име на владата, склучило 358 концесиски договори за експлоатација на минерални суровини, кои моментално се активни. Меѓутоа, еден ваков неодамна бил склучен со компанијата „НЕФИ&А ИНВЕСТ ДОО“, која, според податоците обезбедени од Централниот регистар, е основана на крајот на 2017 година (12.12.2017) со седиште во Охрид (ул.Гоце Делчев бр.10), чија основна дејност е вадење на чакал и песок. Патем, друштвото има двајца косопственици, при што едниот е албанскиот државјанин од Берат Албин Папа, а вториот е веќе споменатиот Усеини, кој воедно фигурира и како управител на компанијата.
Инаку, на истата адреса е лоцирано и седиштето на градежната компанија со назив „НЕФИ ИК ДООЕЛ“, каде Усеини е единствен сопственик, додека како управител се јавува Мирајет Усеини, член на неговото потесно семејство. Од формирањето во 2010 година досега, оваа компанија важи за една од најуспешните градежни фирми во Охрид, каде се јавува како изведувач на голем број станбени објекти. Во рамки на компанијата функционера и подружница што се однесува на ресторанот „Луна“, чија нова тераса всушност неодамна беше свечено пуштена во употреба со сечење црвена лента од страна на струшкиот градоначалник од редовите на ДУИ Рамиз Мерко, иако уште додека се градеше овој дел беше повеќе од јасно дека не се работи за урбана опрема, туку за дивоградба.
Според Бирото за јавни набавки, само по промената на локалната власт што се случи на локалните избори одржани во втората половина на 2017 година, постарата компанија на Усеини – „НЕФИ ИК ДООЕЛ“ до денес добила десетина тендери во вредност од околу 230.000 евра. Така, во конкуренција на сите договори за јавна набавка, предничат оние со охридското јавно комунално претпријатие, така што двете страни најголемиот договор го склучиле на средината на минатата 2018 година за набавка на услуги од градежна машина и возило за транспорт, чија вредност изнесува над 105.000 евра. Според известувањето за постапката, набавката била поделена на два лота, при што и двата дела ги добила компанијата на Усеини како единствен понудувач.
Понатаму, оваа компанија склучила договори и со други јавни претпријатија кои впрочем се основани и му полагаат сметка на Советот на Општина Охрид, чиј член е сопственикот на компанијата Усеини, а член на неговото семејство, пак, е управител на компанијата. Затоа, Комисијата за спречување на корупција и судир на интереси побара општината и општинските претпријатија да не склучуваат нови договори со „НЕФИ ИК ДООЕЛ“ и да ги раскинат постоечките договори поради постоење судир на интереси. Законската поткрепа за оваа одлука лежи во член 52 од Законот за антикорупција, кој предвидува дека „правно лице чиј основач или сопственик било или е избрано или именувано лице или чиј основач или сопственик е или бил член на неговото семејство, не може да биде корисник на грант, заем односно финансиска поддршка од државата или од единица на локалната самоуправа“.
КОМПАНИЈА СЕ ФОРМИРАЛА НЕЦЕЛА ГОДИНА ПРЕД ДА ПОЧНЕ ПОСТАПКАТА
Од таа гледна точка, се поставува прашањето и за законитоста на концесијата што ја добила другата компанија на Усеини – „НЕФИ&А ИНВЕСТ ДОО“, која била единствен кандидат за оваа зделка со државата. Во одлуката за почнување на постапката за доделување на концесијата за експлоатација на минерална суровина – варовник на локалитетот Климештани на површина од 0,24996 квадратни километри, донесена од страна на владата и објавена во Службен весник на 02.10.2018 година, меѓу другото, се наведува дека целта на концесијата е „создавање на услови за рамномерно искористување на минералната суровина и создавање на услови за нејзина експлоатација“. Оттука произлегува дека постапката за концесијата била започната нецела година од формирањето на компанијата што ја добила.
Нецели два месеци подоцна, односно на 28.12.2018 година, пак, објавен е и јавниот повик за доделување на концесијата, во кој се пропишува дека право на учество имале сите домашни и странски лица и конзорциуми кои ќе ги исполнат пропишаните услови. Во тендерската документација, покрај останатото, стои дека заинтересираните страни треба да достават финансиски извештаи за периодот откога постојат, без дополнително да се бара компанијата да има повеќегодишно искуство, со тоа што единствено се барало правното лице да ги исплатило сите давачки по основ на даноци, придонеси и сл. Па, со оглед дека рокот за поднесување на понудите истекувал на 30.01.2019 година, „НЕФИ&А ИНВЕСТ ДОО“ имала една календарска година зад себе, во која, според годишната сметка, остварила приходи од 150.000 евра и речиси никакви расходи.
Сепак, како главен критериум за доделување на концесијата бил утврден највисокиот понуден концесиски надоместок, кој морало да биде макар ист или поголем од почетно предвидената цена. Арно ама, овој услов донекаде губи од својата смисла, од причина што во случајов, како што не информираа од надлежното Министерство за економија, само една компанија учествувала во постапката – „НЕФИ&А ИНВЕСТ ДОО“, чија понуда изнесувала 1.229.900 денари или 20.000 евра. Треба да се истакне дека овој надоместок се однесува само на учество во постапката, додека концесионерот плаќа дополнителен надоместок на годишно ниво заради користење на просторот и за експлоатација на суровината, кој, според официјалниот тарифник, изнесува 100.000 денари по квадратен километар, односно 3 отсто од минералната суровина.
На крајот, според информациите со кои располагаме, Владата претставувана од Министерството за економија и „НЕФИ&А ИНВЕСТ ДОО“ управувана од охридскиот советник Усеини, го склучиле концесискиот договор на 01.07.2019 година за период од 30 години, што значи дека тој е со времетраење до 2049 година, се разбира, доколку се почитуваат одредбите од концесискиот договор. Колку за информација, во Комисијата што ја спровела постапката членувале претставници од кабинетот на премиерот Зоран Заев и на вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, како и од Министерството за финансии, земјоделство, транспорт и врски и животна средина. Сепак, сите членови се избираат на предлог на првиот човек на Министерството за економија кое фактички ја води целата постапка, Крешник Бектеши, кој е избран на оваа функција како кадар на ДУИ, чиј партиски функционер е и Усеини, косопственик и управител на концесионерот.
АНТИКОРУЦИОНЕРИТЕ ЌЕ ГО РАЗГЛЕДУВААТ СЛУЧАЈОТ
Поради ваквата поврзаност меѓу владата што ја доделува концесијата и министерството што ја води постапката, од една страна, и косопственикот и управителот на компанијата што ја добила концесијата, од друга страна, се обративме до Антикорупциската комисија, која, според членот 38 од Законот, „може да врши увид во документацијата за јавна набавка и за договори поврзани со остварување на профит склучени меѓу државни органи, органи на локалната самоуправа, јавни претпријатија и други правни лица што располагаат со државен капитал со домашни или странски правни лица, како и сите дозволи, концесии и други одлуки со кои на правни лица им се признаваат права или повластици определени со закон или им се одземаат или ограничуваат таквите права или поволности“.
Како што не известија од Комисијата, го разгледуваат нашиот допис и дополнително ќе заземат став дали ќе постапуваат и ќе покренат постапка за концесијата. Но, од таму велат дека дефинитивно ќе постапуваат околу друг елемент поврзан со компанијата-концесионер за кој ги известивме од аспект на неспоивост на функции. Фактот што управителот на компанијата е истовремено и советник во Општина Охрид претставува кумулација на функции, така што Усеини мора да се откаже од советничката функција или пак да му го препушти управителското место во компанијата „НЕФИ&А ИНВЕСТ ДОО“ на друго лице, како што сторил со „НЕФИ ИК ДООЕЛ“.
За овој случај, „Фокус“ официјално се обрати до двете компании што се во сопственост на Усеини, но до затворањето на овој број од неделникот не добивме никаков одговор. Во една прилика, тој посочи дека е бизнисмен кој долги години напорно работи, уредно ги плаќа обврските кон државата и воедно обезбедува плати за 500 вработени. Арно ама, не споменува дека освен што ги плаќа долговите кон државата, исто така, добива и јавни средства преку тендерите и пристап до јавно добро преку концесиите, што во одредена мера е незаконско. Во крајна линија, тоа е апсолутно неетички, ако се има предвид неговата функција во локалниот совет и позиција на моќ што ја има како прв локален човек на владејачка партија.
Дека не се дивоградбите, незаконските тендери и спорната концесија единствени причини што го привлекуваат вниманието на јавноста, покажуваат сознанијата од официјалниот регистар на судски пресуди, според кои Усеини бил дел од десетина судски процеси, најчесто како обвинет. Во таа насока, бил гонет од обвинителството и по иницијатива на приватни лица за нарушување на јавен ред и мир, за напад врз службено лице, за бесправно градење и за други кривични дела, но во најголем дел тој бил ослободуван од вина и од охридскиот првостепен суд, но и од апелацискиот суд во Битола, надлежен за тоа подрачје. Кога сето тоа ќе се собере, повеќе од јасно е дека целата прашина што се крева околу Усеини не е за џабе.
Нефи Усеини, локален функционер и бизнисмен
СИТЕ ПИШУВААТ ЗА МЕНЕ, НЕКА ЗЕМАТ СТАВ ЗА КРИМИНАЛОТ СО ЈАНЕВА И ДРУГИ РЕКЕТИ!
Ако се рушат дивоградбите за кои има решенија пред 10 години, нека одат по датуми, изјави неодамна Нефи Усеини, уверувајќи дека неговите објекти не се дивоградби.
– Да биде правда за сите. Да застанеме со овие медиуми, со овие лажни вести, со овие лажни медиуми, кои пишуваат само – Нефи, Нефи. Нефи си работи од 5 наутро, до 4 навечер, со два саати спиење за да му помогне на народот и 500 вработени кои работат кај мене. Сите што зборуваат, немаат еден вработен, ниту платено еден придонес кон државата. Ова е политичка хајка и замолувам да сопрат. Нека не удираат по мене што работам до четири или два навечер и во градежништвото и во ресторанот, нека земат став за криминалот кои тие го прават со Катица Јанева и други рекети. Нека не се покриваат со мојата тераса. Нека медиумите ги видат нивните криминали, рече Усеини.
Тој додаде дека предизборно имал договор со локалните функционери на СДСМ за вработувања во јавните претпријатија и истовремено негира дека се однесувал насилно и непристојно кон сограѓани и службени лица.