(АРХИВА) Плацовите на Груевски ги „ќари“ Самсоненко, а становите ќе му ги „лапне“ државата!

Како се доближува до крајот, така случајот за тајниот имот на екс премиерот Никола Груевски доведе до финален заплет. Излезе дека екс премиерот ги трампал плацовите за луксузни станови, бидејќи јавноста дознала дека тој е тајниот сопственик. Сега и обвинителството мора да направи трампа, односно не може да ги бара и плацовите и становите. Решението е да го одмрзне земјиштето, а да ги замрзне становите. Вредноста е иста, околу 1,3 милион евра.

by fokus

Текстот е објавен во неделникот „Фокус“ во број 1.382, на 30 март 2022 година.

Пишува: Валентина ВУРМО

Имот вреден околу 1,5 милион евра ќе конфискува државата доколку обвинетите во случајот „Плацови на Водно“ бидат прогласени за виновни. Поточно, од само декларираниот бескуќник, поранешниот премиер и сѐ уште актуелен бегалец Никола Груевски ќе бидат одземени три луксузни стана на Водно, два стана во Кисела Вода, едно атрактивно земјиште на Водно и два плаца во викенд-населба во Крушево, кои, според обвинителството, ги поседувал во тајност.

Во листата недвижнини недостасува луксузното земјиште со вкупна површина од 11.000 квадратни метри во местото викано „Шербетница“, на Водно, но на негово место се впишуваат трите стана, од истата елитна населба, со вкупна површина од 750 квадратни метри. И земјиштето и становите се со приближна вредност од околу 1,3 милиони евра.

Оваа замена на имотот се случи при самиот финиш на судскиот процес, односно по сведочењата дека Груевски го „трампал“ земјиштето за три елитни апартмани во комплексот „Панорама“.

КУМ ЗА КУМАШИН, СИРЕЊЕ ЗА ПАРИ!

Новиот пресврт, односно новите детали за имотот на Груевски испливаа пред неколку дена, кога обвинетите Ристо Новачевски и Орце Камчев одлучија да ја кажат својата вистина. Исказот на Новачевски, односно признанието дека неговиот кумашин Груевски побарал од него да основа фирма зад која ќе ги крие плацовите, одекна како „бомба“ во јавноста. Но, таа не беше изненадување за останатите присутни во судницата.

Новачевски уште за време на истрагата сведочел во таа насока, но прашањето беше дали до крај ќе опстои на кажаното. Тој, и покрај притисокот од кумската врска и долгогодишната дружба, сепак, го откри маестралниот план на екс премиерот.

Па така, кон средината на 2011 година, тогашниот премиер го повикал и му кажал дека сака да отвори градежна компанија во Македонија, за што му треба човек од доверба, кој ќе биде управител. Кумот Новачевски се согласил, па така се основала „Сирах  инженеринг“, фирма ќерка на офшор-компанијата „Сирах лимитед“ од Белизе.

Сопственик на офшор-компанијата, пак, бил Ненад Јосифовиќ, кој ја отстапил фирмата на Александар Ивановски (Алек Теранова), кој му рекол дека фирмата е за потребите на тогашниот премиер Груевски.

По некое време, од формирањето на фирмата-ќерка, Груевски му кажал на кумот дека сака да купи земјиште на Водно, кое го нашол Алек.

Набргу на сметката на фирмата легнале парите и имотот бил платен. Станува збор за плацот за кој Груевски, во еден разговор со тогашниот министер Миле Јанакиески вели дека го нашол за „џабалак“.

Во тој период се договараат и измени на Главниот урбанистички план (ГУП) и на Деталниот урбанистички план (ДУП), бидејќи земјиштето е купено како зелен појас, односно шума, а не како градежна парцела.

Следниот период следувало затишје. Една година подоцна, во 2013 година стигнало известување за неплатен данок на имотот. Новачевски го известил Груевски, а тој му рекол дека на сметката ќе легнат пари и со нив да плати.

Кога во јавноста, пак, почнува да се шпекулира дека таен сопственик на ова земјиште е премиерот Груевски, следува нов план за прикривање на имотот. Па така, уделот во „Сирах инженеринг“ го купува „Орка холдинг“, во сопственост на Камчеви, а парцелата се цепка на три помали.

Парцелите се со големина од 4.470, 750 и 4.923 квадратни метри.

КАМЧЕВ ГИ ОТКРИ СТАНОВИТЕ НА ГРУЕВСКИ

Но, Камчев во судница истакна дека тој доброволно не го купил земјиштето, туку тоа го направил откако Груевски „замолил“ преку неговата сестра Кристина Камчева.

Размисливме што да правиме, познавајќи го и неговиот карактер на одмаздољубивост, одлучивме да го купиме земјиштето, сведочеше Камчев.

Камчев тврдеше дека тој го платил земјиштето, односно била направена трансакција. Но, обвинителката Лиле Стефанова, пак, тврди дека оваа трансакција била фиктивна, повикувајќи се на документите што ги добила преку меѓународна правна помош од Кипар. Според неа, парите биле пуштени, свртеле круг низ неколку компании и потоа се вратиле во фирмите на Камчеви, што, според неа, докажува дека плаќањето било фиктивно.

Може само да се претпостави дека и Камчев соочен со овие докази, реши да ѝ даде нов тек на досегашната приказна. Па, откри нови детали, односно дека во замена за плацовите Груевски добил три луксузни стана на Водно, во комплексот „Панорама“.

Но, за сѐ да биде легално, како што тврдеше бизнисменот, бидејќи тој не сакал да го крие Груевски, побарал од него да обезбеди фирма, која ќе биде соизведувач во зградата. Договорот наводно бил, кога ќе заврши изградбата, фирмата да го врати уделот, а за возврат да добие три стана од 750 квадратни метри.

Новата фирма зад која се крие тогашниот премиер е „СС Инвесмент ДООЕЛ“, која, пак, од 2015-2016 година била на зетот на Камчев, Мето Стојчевски. Тој сведочеше дека Мијалков му барал фирма за да на неа се префрли имот, а за кој подоцна му признал дека е на Груевски. По овој разговор следувало префрлање на уделот од комплексот „Панорама“. Кога се завршило со градбата, пак, тогаш, наместо уделот на име на фирмата, се препишале три стана и неколку гаражни места.

Камчев тврдеше дека овие станови се чуваат за Груевски, а Стојчевски бил нереален сопственик. И тој самиот истакна дека становите не се негови.

Или, сума сумарум, сите креваат раце од овие три стана и му ги препишуваат на Груевски, а тој, пак, од Будимпешта со судни маки, преку фејсбук-преписки, се обидува да докаже дека становите не се ниту негови.

„ПЛАЦОВИТЕ НА ВОДНО“ СТАНАА „СТАНОВИ НА ВОДНО“

И додека се расправаат чии се милионските станови, обвинителката Стефанова побара од судот да ги замрзне.

Еден од становите се наоѓа на сутерен, а два од овие луксузни апартмани се наоѓаат на поткровјето на комплексот. Сите се со вкупна површина од 750 квадратни метри.

Апартманите се луксузно опремени, а од балконот со површина од околу 70 квадрати, Груевски требало да имал неверојатна глетка кон цело Скопје. Клучевите сѐ уште го чекаат него, но сѐ поверојатно е дека на крајот од нив ќе се офајди државата.

Но, со замрзнувањето на становите, ќе мора да се одмрзнат плацовите, оние во „Шербетница“.

Овие плацови, пак, на крајот ќе завршат во рацете на Ирина Самсоненко, сопругата на рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко. Тие во 2019 година од Камчев ја купија компанијата Друштвото за трговија, услуги, одмор и рекреација на пензионери „Лајф кеар центар“ ДОО Скопје.

– „Лајф кеар центар” е моја фирма, која е купена на име на жената, по моја наредба, значи на мојата фамилија е. Во сопственост нема ништо, освен плац од 10.000 квадрати, отприлика, сведочеше бизнисменот.

Тој истакна дека плацот го платил 110 милиони денари, а на него сакал да гради куќа.

Сега, откако плацот ќе се одмрзне, бизнисменот ќе може да си ја реализира желбата.

Ваквата промена од плацови до станови, не го загрижува обвинителството, бидејќи тие го следат патот на парите, кои според обвинението, Груевски ги присвоил од партиското чекмеџе. Нивната цел е, пак, да ги вратат во државната каса.

Теоријата на обвинителката Стефанова е дека Груевски, од 2006 до 2012 година, како претседател на ВМРО-ДПМНЕ, си присвојувал дел од партиските донации што ги добивал, лично или преку општинските комитети, па така прибрал најмалку 1,3 милион евра.

Наводно Груевски ги вадел парите од партиските сефови, а преку фирми стигнувале до офшор-компанијата во Белизе, односно легнувале на сметката отворена во кипарска банка. Од нив, пак, се купувал имотот, што значи повторно се враќале во државата, но испрани.

ОСТАНУВААТ ЗАМРЗНАТИ СТАНОВИТЕ НА БИХАЌКА

Доколку биде осуден, Груевски ќе остане и без два стана во зградата на Бихаќка. Тој пред да избега живееше во дуплекс, односно два споени стана со површина од над 140 квадратни метри. Но, тој имал уште два стана на истиот кат, со вкупна површина од 100 квадратни метри, а во вредност од 100.000 евра.

Едниот го користел како библиотека, а другиот како работна соба.

Овие станови се на име на секретарката на Алек Теранова, Татјана Стојановска, која сведочеше дека становите се нејзини само на хартија, но никогаш не ги користела, ниту, пак, влегла во нив.

Становите на нејзино име биле запишани во 2008-2009 година, од кога и Груевски почнал да ги користи.

Пред да избега во Унгарија, во 2018 година, потпишале договор за закуп од Груевски, но не да плаќа месечна кирија, туку да ги реновира!?

Освен становите, државата се очекува да го ќари и плацот на кој Груевски планирал да гради барокен замок. Ова земјиште од околу 2.700 квадратни метри се наоѓа во близина на резиденцијата на Вилма Трајковска на Водно, а на јавно наддавање го купила фирмата „ИТК Инженеринг“, но за тогашниот премиер.

Според скицата од архитектонскиот план, бегалецот сакал да изгради грандиозен објект на два ката, а над нив се простира огромен балкон. Исто така, може да се види и вцртан голем базен.

Општина Центар, одобрението за градба го издало во октомври 2011 година, односно за изградба на резиденцијален објект. Во 2020 година, пак, решението за градба е прогласено за ништовно, бидејќи не било почнато со градба во предвидениот рок, иако биле платени комуналии од 3,5 милиони денари.

ЌЕ ОСТАНЕ И БЕЗ ПЛАЦОВИТЕ ВО КРУШЕВО

Но, за сликата да биде целосна, недостасува и барем една викендичка. Е неа, Груевски, планирал да ја гради на најубавото место во Крушево, во елитната викенд-населба „Вршник“. Таму на име на кумот купил два плаца, кои се продавале на јавно наддавање, за 1 евро по квадрат.

Оваа викенд-населба се наоѓа веднаш под крстот во Крушево, во близина на манастирот „Св. Преображение“, или познат како манастирот на Тоше.

Продажбата на вкупно 21 парцела се вршела во периодот од 2012 до 2015 година, а шпекулациите се дека соседи на Груевски му се уште неколкумина функционери од тогашната власт.

Дека требало да се населат важни станари може да се заклучи и брзината со која се реализирала изградбата на инфраструктурата, за која финансиски помагала и тогашната влада. Поточно, според нашите сознанија, за да се направи пристапен пат, државата потпомогнала со околу 1,5 милион евра, а под изговор дека се гради пат за ски-центарот Мусица.

Па така, со полн елан, во 2013 година, механизацијата излегла на терен, а лично во надзор бил и тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, за што сведочат фотографии и новинарски написи од летото 2013 година.

По неполни  две години од неговата посета веќе завршиле инфраструктурните зафати, со изградена атмосферска и фекална канализација, како и со асфалтирање на улиците и поплочување на тротоарите.

Но, иако сите услови за градба биле овозможени, Груевски не ја реализира својата замисла за изградба на викендичка. Односно, токму во тој период опозицијата почна да ги пука „бомбите“, па очигледно не бил поволен период за градба.

И додека останатите обвинети полека, но сигурно си ја ишкаат мувата од капата, бегалецот им се лути од Будимпешта и ги обвинува дека се пазареле со обвинителството.

Па, што очекуваше? Дека додека тој ужива во слободата, тие, за негов имот, ќе лежат долгогодишна робија во затвор?

ИВАНОВ ГО ПОМИЛУВА ГРУЕВСКИ ЗА „ПЛАЦОВИТЕ НА ВОДНО“

Доколку Судот за човекови права во Стразбур ја прифати аболицијата на екс претседателот Ѓорге Иванов, која им ја даде на поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ, тоа би значело и спас на Груевски од „Плацовите на Водно“.

Поточно, Иванов го аболира Груевски за неколку кривични дела, меѓу кои и за „Противправно стекнување и прекривање на имот“.

Одлуката од Стразбур се очекува годинава.   

КАМЧЕВ БИ МОЖЕЛ ДА СЕ „ИЗВЛЕЧЕ“ СО 1 ГОДИНА ЗАТВОР

 По расплетот на судењето „Плацовите на Водно“, наскоро се очекува и завршница на случајот, односно пресуда.

По одбраната на Камчев, но и Новачевски, се очекува судот да биде поблаг кон нив, па нема да биде изненадување доколку се извлечат со ниски казни, доколку бидат прогласени за виновни.

За кривичното дело за кое се гонат, „Перење пари“, им се заканува затвор од 1 до 10 години, но по дадените одбрани, може да се очекува да се „извлечат“ и со една година затвор.

 

 

 

Поврзани новости