АРХИВА Пивковски: Стравувам дека Субрата Рој може да биде втор Моше Баум

by Fokus

Текстот е објавен на 26 август, 2013 година во неделникот „Фокус“ во бројот 934

Пишувала Ирена МУЛАЧКА

„Тие што зло мислат и зло прават, нашиот народ вели зло ги снаоѓа, кога-тогаш! Ако не сега, до седмо колено зло ќе ги следи. Затоа немојте да мислите на лошо, немојте да мислите на зло зашто злото ќе си дојде. Мислете на добро и правете добри дела“. Вака на млекарите од Могила во 2009 година им се обрати шефот на државата Ѓорѓе Иванов на митингот за време на претседателските и локалните избори, кои се одржуваа истовремено. Тогаш млекопроизводителите тоа го сфатија како клетва и многу се налутија. Снимката од тој говор на Иванов досега не беше јавно експонирана, но ако се просурфа на интернет, многу лесно може да се најде видеото објавено на Јутјуб. Додека Иванов држеше говор, симпатизерите на владејачката партија викаа и свиркаа по него, лути затоа што никој не им ги исплатил парите од млекото продадено во „Сведмилк“. Тој, наместо да ја смири ситуацијата, вината ја префрли на опозицијата и, како што велат могилчани, „ни фрли клетва“. Денес, четири години подоцна, со потсмев велат дека сѐ уште мака мачат да ја уништат фрлената „клетва“.
А дека жителите на овој земјоделски крај никако не можат да се разберат со власта или со претставниците на власта, покажаа и минатите локални избори.
Премиерот Никола Груевски на последните локални избори, како речиси никогаш дотогаш, жестоко се нафрли врз независниот кандидат за градоначалник Стево Пивковски, кој, патем, беше член на неговата партија. Но, и тој не му остана должен, на боксерот му возврати со боксерски удар. Денес е градоначалник на ова битолско село.
Во општина Могила, 16 години наназад владееше ВМРО-ДПМНЕ, можеби затоа е толку голема болката што градоначалничката фотелја ја запоседна друг човек, кој не е по мерка на премиерот Груевски.
Кои и какви „гревови“ имаше Пивковски, како денес се снаоѓа во градоначалничката фотелја, му пречат ли заканите што на негова сметка ги упатува владејачката партија, како овој некогашен борец за правата на млекарите гледа на сегашната економска ситуација, дали смета дека Џумајлија со Субрата Рој може да биде спас за млекопроизводството или ќе се отвори нова рана? Доволно предизвикувачки прашања за екипата на „Фокус“ да се упати во местото каде што се водеше една од најинтересните битки за градоначалник!
На локалните избори се кршеа копјата меѓу Славко Велевски, кандидат за градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, кој владееше 16 години со општината, и Стево Пивковски, кој на изборите настапи како независен кандидат.

ПРЕМИЕРОТ МИ БЕШЕ ГОСТИН, А ОД МИТИНГОТ МИ СЕ ЗАКАНИ“

Могила, срцето на Пелагонија, како што го нарекуваат неговите жители, е претежно земјоделско-сточарски крај, во кој се одгледуваат сите раноградинарски култури, се произведува тутун и се чува добиток. Неговите жители велат дека земјата е толку плодна, што дури раѓа човек.
Во центарот на ова пелагониско место е сместена општината, споменикот на македонскиот револуционер Димче Могилче и споменикот на битолската Мајка Тереза, хуманитарната добротворка Захарија Шумљанска. Интересно е тоа што и двата споменика се направени во антички стил.
Во Могила живеат околу 1.500 жители, а заедно со околните села се околу 6.000. Неколку жители беа наши водачи низ ова пелагониско место. Сликата што можеше да се забележи на терен се големите површини земја на која се произведуваат раноградинарски култури и тутун. Локалните жители велат дека не се плашат затоа што има што да работат и да заработуваат. Но, тврдат, дека честопати имаат проблеми со нередовната исплата на производите од страна на откупувачите.
Тие се револтирани од зачестените инспекции, кои ги казнуваат со над 3.000 евра, ако на пример ги фатиле со дрва.
„Знаат да дојдат и да нѐ казнат со по неколку илјади евра, а не знаат да го ценат тоа што ние го правиме за оваа општина. Во последниот период има зачестени пожари на планината. Сите бараат помош од нас. Зошто јас да отидам да ја спасувам планината, кога претходно ме казниле 3.000 евра. Не ме интересира, како што нив не ги интересира“ – раскажува за „Фокус“ еден од жителите на Могила.
По кратката прошетка низ ова пелагониско место, во центарот на Могила затекнавме млади луѓе заседнати на пладневно кафе. Тие ни објаснија дека ова е единственото кафуле каде што излегуваат во вечерните часови, но нагласија дека тука доаѓаат големи музички ѕвезди од Македонија и од Србија.
На топлото време, по нивите можеа да се забележат мал број луѓе кои береа тутун, додека другите чекаа времето да залади и да се скрие сонцето за да се фрлат на работа.
Локалните жители нѐ пречекаа со своите маки и проблеми. Тие сѐ уште се борат да почнат да газат на асфалт и да добијат чиста вода за пиење. Повеќето со кои разговаравме не бараат вработување, туку бараат земја за обработка.
„Во Могила жителите сакаат да работат, желни се за работа. Тука успева секоја култура од домат, пиперка, тутун, но луѓето немаат земја“, како во хор објаснуваат тие.
За време на локалните избори, неколку дена пред 24 март, премиерот Никола Груевски со жесток говор го нападна независниот кандидат Стево Пивковски.
„Следниот ден првпат го гледаме на телевизија Стево. Тогаш видов кој бил ортакот на криминалецот. Се појави, вика, напаѓа, се заканува. Пак ми се јавува тој што сега е во затвор и ми вели, гледаш ли со кого имаш работа. Сакаш утре пак да ти ги донесам. Затоа Стево нека си ги гледа своите 90 илјади евра со кои изгради фарма и нека е среќен што не е веќе во друштво со ортакот, а Могила да си тера со чесен и исправен човек – рече Груевски пред локалните избори.
Тој заборави да каже дека „криминалецот“ Пивковски е член на ВМРО-ДПМНЕ повеќе од 15 години. Со партиска книшка. На митингот, Груевски, исто така, заборави да спомне дека често ја посетувал фармата за крави на независниот кандидат.
„Недостоинствено е еден премиер да се заканува на обичен човек како мене. Го слушнав целиот говор и напад од премиерот и сѐ уште не можам да поверувам дека тоа се негови зборови и дека може за мене да го каже тоа. Затоа што тој најдобро знае кој е Стево Пивковски?! На почетокот на својот мандат доаѓаше кај мене на фармата за крави. Не знам од каде излезе поврзувањето со Велија Рамковски“, вели за „Фокус“, новиот градоначалник на Општина Могила, кој, се чини, сѐ уште се чуди од каде толкава жолч во настапот на премиерот!

ПИВКОВСКИ ЖРТВА НА „СВЕДМИЛК“

Самиот тек на приказната нѐ тера да се вратиме неколку години наназад во времето кога актуелни беа „Сведмилк“, изиграните млекопроизводители и Моше Баум. Таа приказна се забошоти, а „Сведмилк“ им остана должен куп пари на млекарите.
Новиот градоначалник на Општина Могила, Стево Пивковски, беше дел од таа приказна што Никола Груевски го искористи за напад врз него и обвинувања дека бил ортак на Велија Рамковски, иако за волја на вистината, никогаш ниту се откри, ниту власта трагаше по некаква поврзаност на Рамковски со „Сведмилк“. Шведската млекарница, всушност, беше отворена во 2006 година, како една од првите „големи инвестиции“ кои ги најави токму преродбата. Нејсе, Пивковски за „Фокус“ во целост ја раскажува приказната за „Сведмилк“. Тој негира дека Груевски посакал да се сретне со него. Децидно ги негира сите обвинувања. Се колне во своите три деца дека воопшто не профитирал од „Сведмилк“, туку дека таму сѐ уште му стојат заглавени 50.000 евра за предаденото млеко и уште околу еден милион евра на могилчани.
„Јас веќе подолг период имам фарма за крави. Јас се борев во тоа време да се обесштетат млекарите затоа што ја знаев нивната мака. Ние бевме десетина пати на разговори во Владата за да се најде решение и да излеземе од таа криза. Со драга волја сакав да помогнам, а сметав дека тоа што сум член на ВМРО-ДПМНЕ само ќе ги олесни работите. Чувањето на кравите е една од десетте најтешки работи во светот“, објаснува Пивковски.
Првиот човек на општината вели дека му е нејасно во каков контекст и зошто воопшто бил поврзан со името на Велија Рамковски, кога, нагласува Пивкоски, „јас него го познавав само од телевизија“.
„Да ме ставаат во поврзаност со „Сведмилк“ е трагично затоа што јас таму изгубив 50.000 евра. Освен мене, таму загубија уште многу луѓе и пропаднаа многу фарми. Повеќе бев исплашен со случувањата во „Сведмилк“, кога застанаа толпа граѓани, отколку од заканите на Груевски. Случувањата со „Сведмилк“ ми беа најголемата тежина“, тврди Пивковски.
Според него, вистината не може да му биде закана.
„Кога беа настаните со „Сведмилк“, тука нема ВМРО-ДПМНЕ, нема СДСМ. Тогаш настрадаа сите сточари од земјава. Изборите не ми беа тешки и не можат да се споредат со тоа што го преживеав во „Сведмилк“ – истакна Пивковски.
За него подолг период се пуштале информации дека ги зел парите од „Сведмилк“, станал цел на напади на одредена група луѓе и тогаш донел одлука да се повлече.
„На луѓе од СДСМ им должеа по 100.000 евра. И што требаше ние да направиме? Да се разделиме политички и едни на други да си копаме очи. Сите имавме една заедничка цел – да си ги вратиме парите. Премиерот со заканите против мене ми направи услуга. Сите што мислеа дека јас сум ги зел парите од „Сведмилк“, по нападот од него ми се извинија. Груевски ми заврши голема работа. Понатаму што сака нека се случува. Понекогаш животот не вреди ако за нешто си лажно обвинет. Се спротивставив затоа што душата ми е чиста како солза“, вели новиот градоначалник на Могила.
Бидејќи неговиот главен бизнис е одгледување крави, го прашавме дали може да ни објасни за земјиштето во Џумајлија, кое го зема индискиот бизнисмен Субрата Рој и како таму ќе се чуваат 20.000 крави.
„Ова е навистина зачудувачки со Субрата Рој, дека ќе донесе толку крави! Баш би сакал да го видам тоа чудо! Во Џумајлија има доволно површина, но не знам дали има систем за наводнување. Ако нема систем за наводнување, тогаш многу тешко. Јас викам да не биде втор Моше Баум. Кога во срцето на Пелагонија нема услови за одгледување толку крави, јас не знам дали таму воопшто тоа може да профункционира. Живи били, па видели“ – истакна првиот човек на општината.

МОГИЛА ОСЛОБОДЕНО ОД „РОПСТВОТО“ НА СТАЛИН

По заканите од премиерот, Пивковски ги добил и симпатиите на опозициските партии и на неопределените гласачи. Во првиот круг, тој имаше 50 гласа разлика од неговиот противник Славко Велевски, за во вториот круг таа предност да за зголеми за повеќе од 600 гласа. Владејачката партија по 16 години ја загуби градоначалничката битка во Општина Могила. Цели четири мандати прв човек на општината беше Славко Велевски, кој ВМРО-ДПМНЕ го кандидираше за петти мандат. Могила на овие локални избори изгледаше како во каубојски филм на Дивиот Запад. Битката се биеше како за парламентарни избори. Луѓе од власта доаѓале да ги убедуваат жителите да гласаат за Велевски, а според нивните наводи и поткупувале гласачи со брашно и со масло за јадење, им ветувале работни места. Во тој период се шпекулираше дека работата била дојдена до таму што приврзаниците на двајцата кандидати почнале и физички да си ги одмеруваат силите.
Новиот градоначалник ја објаснува целата голгота што ја преживеал од владејачката партија.
„Јас сум член на ВМРО-ДПМНЕ. За кандидат за градоначалник аплициравме повеќемина од партијата, ама раководството на партијата повторно се одлучи за Славко Велевски. Пред да се избере конечниот кандидат, останавме уште неколку луѓе. Мислев ќе нѐ викнат на разговор, но тоа не се случи. Мандатот повторно му беше доверен нему. Тогаш јас одлучив да се кандидирам за независен. По толку мандати на еден ист човек, јас мислев дека се потребни промени и дека нема да биде тој човек, раскажува Пивковски.
Тој додава дека и на локалното население им здодеало од истиот човек и сакале некој нов да ја преземе градоначалничката функција.
„Тој самиот си призна дека имало партиски вработувања и дека си сместувал свои луѓе. Јас претходно никогаш не сум бил дел од општината. Да не се лажеме, сите знаеме како функционираат работите во државата и како се вработуваат луѓето, само со партиски книшки“, тврди градоначалникот на Могила.
Пивковски по изборите не знае во која партија припаѓа.
„Јас сум член на ВМРО-ДПМНЕ, од таму велат дека ме исклучиле. Јас навистина не знам каде припаѓам. Имам партиска книшка од ВМРО-ДПМНЕ, но најбитно ми е во овие четири години Општина Могила да се развива – истакнува Пивковски.
За време на изборите, независниот кандидат ги добил гласовите и од најголемата опозициска партија, СДСМ. Тие, пак, велат дека се ослободиле од 16-годишното „ропство“ на Сталин, прекар кој му го дале на Велевски.
„Тој првично дојде на функцијата како кандидат на ЛДП, а подоцна како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Тука го имаме РЕК Битола. ВМРО-ДПМНЕ најмногу добива поради нив. Си вработуваат луѓе во РЕК Битола, блиски на досегашниот градоначалник, луѓе кои немаат завршено средно образование, а земаат по 40.000 денари плата“, тврди Јасмина Гугулевска, советник од СДСМ.
Таа во детали опишува како владејачката гарнитура ги добива секои избори во Могила.
„Луѓето се плашат дека нема да ги добијат субвенциите. Пред избори реално им се јавуваат на луѓето и им велат ако не гласате за нас, нема да ви ги исплатиме субвенциите. Една половина им даваат пред избори, а другата половина им ја ветуваат за по изборите. Тоа не се субвенции што ги дели Никола Груевски, тие се наши пари и ни припаѓаат. Ни земаат од едниот и ни даваат малку во другиот џеб“ – вели Гугулевска.
Од таму потенцираат дека пред локалните избори, тие во нивниот штаб донеле педесетина образовани млади луѓе, а до крајот на изборната кампања, од нив останеле само пет. Партијата на власт, како што велат, ги поткупила сите тие луѓе и им ветила вработувања.
За време на изборите, Славко Велевски, кандидатот од владејачката партија, се фалеше дека со говорот на премиерот се докажало кој е нивни кандидат и за кој треба да гласаат могилчани. Екипата на „Фокус“ при посетата на Могила се потруди да стапи во контакт со поранешниот градоначалник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Славко Велевски. На неговиот мобилен телефон не се јавуваше, а никој од локалното население не знаеше да ни каже каде можеме да го најдеме.
Општината има 7 милиони денари долг оставен во наследство на новиот градоначалник. Во Советот на општина Могила има шест советници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, тројца од СДСМ и двајца независни.
Тешкото артилериско оружје што се употреби на локалните избори од страна на партиите само покажува дека главната битка се води кој да го заземе престолот, односно градоначалничката фотелја. Повеќето граѓани кои се на работ на сиромаштијата ги чекаат изборите, со надеж дека нешто ќе се смени, додека локалните шерифи се натпреваруваат кој ќе седне на тронот. И на жителите на Могила им беа потребни 16 години да го симнат „вечниот“ градоначалник и затоа треба да се сфати дека никој не е вечен. Кога-тогаш, крајот доаѓа!
Времето е пред Пивковски, независен кандидат, кој во срцето на Пелагонија го урна црно-белиот партиски свет!

Рамка 1
ГРУЕВСКИ БЕШЕ КЛУЧ НА ПОБЕДАТА НА ПИВКОВСКИ

Јасмина Гугулевска, советничка од СДСМ вели дека тие немале свој кандидат за прв човек на општината, туку имале од коалицискиот НСДП.
„Ние на локалните избори бевме ставени пред свршен чин, дали пак да го гласаме Сталин или независниот кандидат кој потекнува од владејачката партија. Стево Пивковски доби со членството на СДСМ. СДСМ во првиот круг имаше 570 гласови за градоначалник и сите тие се прелеаја кај Пивковски во вториот круг. Груевски го исплука независниот кандидат, но истовремено го исплука најобичниот селанец на Могила, сточарот и земјоделецот, па затоа беше јасно за кого треба да гласаме во вториот круг, вели Гугулевска!

Рамка 2
ГО НАЛУТИВ ГРУЕВСКИ БИДЕЈЌИ СЕ КАНДИДИРАВ ЗА НЕЗАВИСЕН

Стево Пивковски, првиот човек на општината, вели дека е свесен дека нападот од премиерот врз него е затоа што излегол и како член на ВМРО-ДПМНЕ се кандидирал за независен.
„Не знам колку политиката бара чесни и искрени луѓе или само луѓе кои веруваат во нешто. Ако нешто навистина не е добро во околината околу нас, тогаш треба да бидеш маж и да излезеш да кажеш дека тоа нешто не е добро. Јас јавно излегов и кажев дека давањето петти мандат на еден човек не е можно. Па, треба да бидеш како Бог, за да се случи нешто такво. Претходникот не го заслужуваше тој мандат. И на денот на изборите се случи тоа што сите го очекувавме“, ја објаснува својата победа Пивковски.

Поврзани новости