АРХИВА Ортак на Анѓушев го купил имотот на „МЗТ Леарница“ за 4 милиони евра!

by Фокус

Текстот е објавен на 12.10.2018 година во неделникот „Фокус“ во бројот 1201

Откако беше отворена стечајна постапка за „МЗТ Леарница“ поради проблеми во работењето, речиси целокупниот имот на фабриката беше проценет на безмалку 6 милиони евра. Но, на електронска аукција се пријавила само „Каст Инвест“, основана 10 дена претходно од страна на Владо Атанасовски, која ги купила објектите и машините на фабриката за 4 милиони евра, што е за 2 милиони евра помалку од проценетата вредност на друштвото. Откако „Каст Инвест“ почнува да работи, во сопствеништвото на компанијата индиректно влегува и вицепремиерот Кочо Анѓушев

Пишувал Влатко СТОЈАНОВСКИ

По неколкугодишни финансиски проблеми, кои резултираа со долгови, протести и штрајкови, фабриката за производство на одлеаноци од сив и нодуларен лив (леано железо) и обоен метал „МЗТ Леарница“ замина во стечај. По барање на доверители кои имале побарување кон друштвото што не можеле да ги наплатат, скопскиот граѓански суд отвори стечајна постапка која се уште е во тек. Во моментов, според Основниот суд – Скопје 2, се врши впаричување на имотот и течат судски постапки за побивање правни дејствија.

Иако стечајната постапка формално не е завршена, имотот и опремата на фабриката веќе преминаа во сопственост на друга компанија. Станува збор за „Каст Инвест“, формирана непосредно пред електронската аукција на која го купи имотот за 4 милиони евра. Подоцна, во сопственичката структура на компанијата, која беше една до добитницитр на грантови од Фондот за иновации, индиректно влезе и вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

СТЕЧАЈНА ПОСТАПКА ПОРАДИ ФИНАНСИСКИ ПРОБЛЕМИ

Пред отворањето на стечајната постапка, „МЗТ Леарница“ беше во доминантна сопственост на „МЗТ Енергетика“, каде како доминантен сопственик се јавува Вујица Илијески. Во 2016 година, друштвото одлучи да ги стопира работните активности и на работниците да им издаде решенија за годишен одмор. Тоа, пак, кон средината на годината резултираше со штрајк и протести на работниците, кои си ги бараа заостанатите плати што не им биле исплатени во период од речиси една година, како и средствата за придонеси и други давачки.

Арно ама, тогашниот менаџмент на друштвото, на чело со генералната директорка Виолета Стојкоска, ги обвини работниците за ниско остварување на бизнис-планот, непочитување на наредбите, неквалитет, па дури и за крадење производи и делови и за намерно уништување на машините. Во тоа време, тогашното раководство порача дека времето на неодговорност, некомпетентност, уцени, манипулации е завршено и дека ќе дојде нов инвеститор кој, според нивните зборови, требаше да изврши строга селекција на сите вработени по сите основи.

И покрај тоа што тогашното раководство на „МЗТ Леарница“ тврдеше дека е во преговори со сериозни стратешки партнери, со цел фабриката да се преструктуира и повторно да започне со работа, при што во пакет ќе се реши проблемот и со неисплатените плати, тоа никогаш не се случи. Па, неможејќи да ги сервисира обврските и да ги исплати должниците, на почетокот на минатата 2017 година беше отворена стечајна постапка за „МЗТ Леарница“, откако судот го прифати барањето на доверителите.

Во рамките на стечајната постапка, беше продаден речиси целокупниот движен и недвижен имот на новоформираната „Каст Инвест“, чии средства покрија само дел од побарувањата на најголемиот доверител – Комерцијална банка. Патем, не останаа средства да се покријат побарувањата на сите други доверители, без разлика дали се правни или физички лица, кои сега не и стојат на товар на новата компанија која врши дејност во објектите на веќе поранешната „МЗТ Леарница“.

ПОСТИГНАТАТА ЦЕНА Е ПОМАЛА ОД ПРОЦЕНЕТАТА ВРЕДНОСТ

Поточно, стечајната постапка за „МЗТ Леарница“ е отворена на 16 јануари 2017 година на барање на доверител кој не може да си ги наплати побарувањата. Притоа, целокупниот имот на друштвото – земјиште, објекти, машини, од страна на овластен проценител е проценет на 368.009.112 денари, или речиси 6 милиони евра. Од податоците од Катастарот за недвижности може да се види дека се работи за градежно земјиште од над 12.000 квадратни метри, на кои се изградени стотина објекти, во кои се сместени разни машини како дел од процесот на лиење.

По објавата на огласот, се одржува електронска аукција за продажба на имотот на 23 јуни 2017 година, на која единствено учествувал „Каст Инвест“ со понуда од 262.784.610 денари или околу 4,2 милиони евра, што претставува 71 отсто од проценатата вредност на имотот. За да се квалификува за аукцијата, претходно компанијата морала да достави банкарска гаранција од 10 отсто од проценетата вредност, или над половина милион евра. Како и да е, неколку дена по спроведената електронска аукција, се одржува седница на Собранието на доверителите, кое ја потврдува понудата на „Каст Инвест“.

Во однос разликата меѓу проценетата вредност на имотот и постигнатата цена на аукцијата, стечајниот управник Васил Марков во куса телефонска изјава објаснува дека проценетата вредност на имотот на друштвото во рамките на стечајна постапка не претставува почетна цена, туку проценка потребна за определување на други параметри, како на пример, банкарската гаранција. Тој посочува дека на електронската аукција наддавањето почнува од нула, а на крајот последниот збор го има собранието на доверители. Теоретски, според него, може да се случи собранието да отфрли понуда доколку таа и ја надминува проценката.

Сепак, собранието на „МЗТ Леарница“ ја прифаќа понудата на „Каст Инвест“ и речиси сите средства заминаа кон Комерцијална банка како убедливо најголем доверител. Поради доделен кредит од неколку милиони евра, банката полагала заложно право врз најголем дел од имотот на фабриката, што ја прави приоритетен доверител. Воедно, банката му доделила кредит и на „Каст Инвест“ за да го откупи имотот на „МЗТ Леарница“, врз основа на план за петгодишно деловно работење, како и одредени гаранции, вклучително и имотот на фабриката.

НАМЕНСКИ ФОРМИРАНА КОМПАНИЈА

Според податоците од Централниот регистар, „Каст Инвест“ е формирана на 13 јуни 2017 година, што е 10 дена пред спроведувањето на електронската аукција на која оваа компанија како единствен учесник го купи имотот на „МЗТ Леарница“ за 4 милиони евра. Оваа компанија е основана со главнина од 5.000 евра од страна на Владо Атанасовски, кој првично е единствен сопственик и управител на фирмата за неспецијализирана трговија на големо. Од „Каст Инвест“ потврдуваат дека компанијата е формирана наменски заради „МЗТ Леарница“.

Знаевме што се случува, ја следевме ситуацијата подолг временски период. Врз основа на сеопфатни анализи на пазарот, изготвени од консултантски куќи во период од шест-седум месеци се решивме да влеземе во овој бизнис-предизвик. Но, бевме единствени на јавната лицитација на која можеше секој да се пријави и за нашата понуда гласаа речиси апсолутно мнозинство на доверителите“, велат од компанијата.

Инаку, Атанасовски е во роднинска врска со Бојан Атанасовски, кој е дел од Одборот на доверители на „МЗТ Леарница“, врз основа на побарување на „Интер-Маркет Трејд“, каде тој е косопственик и коуправител. Меѓутоа, од „Каст Инвест“ велат дека во случајот нема никаков судир на интереси, туку, истакнуваат од таму, ова е една од ретките успешни приказни во Македонија, со оглед дека фабрика по стечај успева повторно да работи со моментално 128 вработени и со планови за дополнителен развој.

Во период од 10 месеци се работеше на рестартирање на фабриката и поправка на целокупната опрема. Во меѓувреме, направени се дополнителни инвестиции за набавка на нова опрема во вредност од половина милион евра. Не соработуваме со државни институции и јавни претпријатија и речиси сме целосно извозна компанија. Од моментот на преземање дополнително во буџетот на РМ редовно се плаќаат придонеси за сите вработени, ДДВ, а при самата купопродажба платен е и данок на имот“, велат од „Каст Инвест“.

СОРАБОТКА СО КОМПАНИЈА КАДЕ КОСОПСТВЕНИК Е ВИЦЕПРЕМИЕР

Историјатот на промени на друштвото покажува дека на почетокот на актуелната 2018 година во сопствеништвото на „Каст Инвест“ влегуваат уште едно физичко лице и еден правен субјект. Покрај Атанасовски, кој останува со основачки влог од 1.750 евра, влегува Митко Кржовски со влог од 1.250 евра, како и друштвото за производство, трговија и услуги „Брако“ со влог од 2.000 евра. На тој начин, дел од сопствеништвото на „Каст Инвест“ всушност станува и вицепремиерот Анѓушев, кој пак,е во кумска релација со другиот косопственик Кржовски, поранешен член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.

Имено, „Брако“ е компанија за производство на жичани производи, синџири и пружини, која е во сопственост на две компании со идентичен удел од 2.500 евра – „Феро Инвест“ и „Трго Фер“. Официјалните податоци говорат дека „Фероинвест“ е компанија со основачки влог од 10 милиони денари, која е поделена на тројца сопственици, при што Кочо Анѓушев има удел од 8 милиони денари, додека остатокот го поседуваат Никола Гравчев и Тодор Анѓушев.

Сепак, Анѓушев категорично негира дека имал било каква врска со стечајната постапка на „МЗТ Леарница“. Тој нагласува дека не станува збор за директна соработка помеѓу него и „Каст Инвест“, туку за соработка помеѓу „Брако“ и „Каст Инвест“. Според вицепремиерот, оваа соработка се остварила по завршувањето на стечајната постапка, како резултат на деловно преговарање, во време кога „Каст Инвест“ веќе отпочнала да работи.

– „Брако“ работи во металопреработувачката дејност со портфолио на дејности: жичани производи, машини за метење, лимено-цевкасти производи, медицинска опрема, телекоменергетика и лепеза на производи што ги пласира во 20 земји, но во самиот производствен процес недостигаше алката за леани производи. Па, така, понудата на „Каст Инвест“ за соработка со „Брако“, од сопствениците беше оценета како поволна во однос на цената и квалитетот и беше донесена одлука да се стартува со соработка. „Брако“ доби сегмент во производството кое порано го немаше, а следуваше како логичен и приороден процес во работата – вели тој.

 

Комерцијална банка
ОЦЕНИВМЕ ДЕКА ПОБРЗО ЌЕ ГИ НАПЛАТИМЕ ПОБАРУВАЊАТА ВО СТЕЧАЈНАТА ПОСТАПКА

Од Комерцијална банка велат дека не ја покренале стечајната постапка иако биле најголем доверител, но кога веќе била отворена по барање на други субјекти, одлучиле правото да го реализираат во рамките на стечајната постапка.

Оценивме дека на овој начин побрзо ќе ги наплатиме побарувањата, отколку низ извршна постапка со реализација на хипотеката. Брзото и ефикасно завршување на оваа стечајна постапка е пример како треба да се водат стечајните постапки, особено кога има сериозен заинтересиран инвеститор. Следен таков позитивен пример беше и стечајната постапка на Фени“, велат од КБ.

 

Љупчо Чакаловиќ, поранешен претседател на синдикатот на „МЗТ Леарница“
НИКОГАШ НЕ НИ ГИ ИСПЛАТИЈА ПЛАТИТЕ И ПРИДОНЕСИТЕ

Љупчо Чакаловиќ, претседателот на синдикатот на работниците на „МЗТ Леарница“ пред да се отвори стечајната постапка и пред имотот да го купи „Каст Инвест“, вели дека не се исплатени нивните побарувања по основ на неисплатени плати, придонеси и сл. Според него, дел од поранешните работници се вратиле на работа, а дел не.

Пред промената на власта, од Управата за јавни приходи, односно луѓето што беа задолжени за големи даночни обврзници, ни ветија дека е одземен имот на „МЗТ Енергетика“, која беше најголем акционер на „МЗТ Леарница“, од кој ќе не обештетат. Но, две години оттогаш нема ништо. И по промената на власта, повторно бевме на средба во УЈП и таму ни покажаа дека има таква исправа за одземен имот, но се уште не е извршена – вели Чакаловиќ.

Од УЈП, пак, велат дека согласно член 26 од Законот за даночна постапка, исполнување на даночен долг во случај на стечај се врши согласно Законот за стечај, односно во конкретниот случај наплатата на даночниот долг се врши во рамките на стечајната постапка што се води пред Основниот суд Скопје 2 како надлежен суд за постапување.

Поврзани новости