(АРХИВА) „Огнената група“ ја бара главата на Груби, но дали главната мета е Ахмети?

by Фокус

Текстот е објавен на 6 октомври 2022 година во неделникот Фокус со број 1.409.

Лидерот на ДУИ Али Ахмети и водачите на таканаречената „огнена група“ постигнаа компромис, со што барем засега се надмина опасноста да се формира фракција во најголемата албанска партија, која во догледно време би прераснала во нова политичка партија. Имено, двете страни се договорија Изет Меџити да остане потпретседател, Невзат Бејта да биде дел од централното претседателство, Муса Џафери да го предводи надзорниот одбор, додека најголемата симболична победа на „огнените“ е изборот на Блерим Беџети за организациски секретар, на местото на Артан Груби. Всушност, едно од главните барања на оваа групација е повлекување на Груби од владата и ревизија на работењето на останатите министри, за што треба да се води следната битка во рамки на оваа внатрепартиска војна. Во пресрет на последните разврски кај „интегративците“, „Фокус“ ги анализираше причините за конфликтот и можните сценарија!

Пишувал: Влатко СТОЈАНОВСКИ

Дваесетина години по формирањето на ДУИ, откако се трансформираше од паравоена формација во политичка структура, партијата се најде пред еден од најголемите внатрешни предизвици, откако влијателни сегашни и поранешни функционери, екипирани во таканаречената „огнена група“, побараа промена на владините министри од редовите на сопствената партија.

Всушност, станува збор за внатрепартиски превирања, кои многу лесно можат да ескалираат, доколку партискиот лидер Али Ахмети не успее да ги менаџира очекувањата и барањата на пратеници, градоначалници, директори и други сопартијци, кои имаат забелешки за работата на делот од владата што го сочинуваат кадри на ДУИ.

Притоа, најголемата критика е адресирана кон првиот вицепремиер и министер за политички систем, Артан Груби, кој беше и директно споменат во писмото што до Ахмети го упатија пратеникот и прв човек на чаирскиот огранок Изет Меџети, градоначалниците на Чаир и Сарај, Висар Ганиу и Блерим Беџети, поранешниот партиски потпретседател Невзат Бејта, некогашната „сива еминенција“ Муса Џафери

Во ДУИ речиси 2 години не постојат и не се формираат статутарните партиски органи. Како последица на ова, политичкото одлучување стана индивидуална сопственост. Нема дебата и консултација со партиските бази. Кадровските избори се претворија во привилегија на поединецот Груби, чие арогантно однесување предизвикува револт, незадоволство и пасивност на структурите и на гласачите“, стои во писмото до Ахмети.

Меѓу другото, потписниците бараат политичка дебата внатре во партијата, одговорност и отчетност од носителите на извршната власт, прекин на внатрешната политичка „војна”, ангажман за избегнување и надминување на поделбите и зачувување на партиското единство. Но, како тоа да се постигне и какви чекори ќе следуваат доколку не се прифатат нивните апели?

КОРЕН НА ПРОБЛЕМОТ

Во изминативе 2 децении, ДУИ почиваше на неколку суштински принципи во нејзиното организирање, функционирање и управување. Прво и основно, тоа е неприкосновеното лидерство во името на Ахмети, кој по потпишувањето на Рамковниот договор ја замени воената униформа со костум и влезе во политичкиот живот.

Низ годините, неговите поддржувачи постојано инвестираа во ореолот за големиот дисидент, командант и борец за правата на Албанците. Со текот на времето, Ахмети се соживеа со улогата, па денес и не крие дека не се доживува како партиски лидер, па дури ниту како национален водач, туку како просветител и мисионер, кој му ги отворил очите на својот народ.

За волја на вистината, вака изградениот внимателно негуван имиџ на лидерот на ДУИ му помогна да создаде неспорен авторитет, неопходен за да може да ги амортизира разликите по разни основи меѓу членството и поддржувачите. Па, сите во ДУИ може да имаат несогласувања еден со друг, но ретко кој го преиспитувал своето лидерство и одлуки. Едноставно, неговиот збор е последен.

Арно ама, се чини дека авторитетот на Ахмети веќе не е доволен за да ги стави под контрола и усогласи сите потреби и апетити на различните внатрепартиски струи и кланови, претежно во време кога се дерогираат другите основни принципи, на кои долги години почивала партијата, а пред сѐ, таканаречениот територијален принцип.

Имено, ДУИ се потпира на широка структура, во која најмоќни делови се поголемите општински комитети, кои го имаа главниот збор, не само при составувањето на пратеничките листи и изборот на кандидати за градоначалници, туку и при изборот на владини министри. Но, веќе извесно време не е така, со оглед дека Ахмети последните неколку влади ги состави целосно автохтоно, без консултации со базата.

СПЕЦИФИЧЕН  ТАЈМИНГ

Од една страна, „огнената група“ смета дека владините министри немаат легитимитет од членството. Во голема мера, тие имаат право, ако се земе предвид фактот дека некои од нив своевремено не успеаја да се пробијат ниту во локалните ограноци. Сепак, лидерот цени дека тие се соодветни за владата, која, патем речено, веќе сака да ја составува сам, без мешање од страна, како што тој не се меша во кадровските разврски во ограноците.

Но, зошто незадоволните функционери од сопартијците на Илинденска токму сега одлучија да преземат вакви конкретни и решителни чекори, кога се знае дека овој проблем тлее подолг период? Колку за потсетување, скопските ограноци веќе неколку години се изјаснуваат против министрите што доаѓаат од нивните редови, додека Меџити не гласаше ниту за изборот на актуелната влада.

Има неколку причини за изборот на тајмингот. Досега, на агендата секогаш имаше крупни прашања за решавање. Прво беше Преспанскиот договор, потоа на ред дојде „францускиот предлог“ итн., што Ахмети вешто го користеше за да наметне атмосфера дека не е време за внатрешни проблеми. Истовремено, се одржаа неколку избори, кога природно доаѓа до збивање на редовите, особено кога постои напад однадвор, како што беше кампањата на СДСМ – ДУИ во опозиција!

Покрај тоа, „огнената група“ игра на уште една карта. По поразот на изборите за нов совет во Тетово од Беса на Биљал Касами, се чини дека ДУИ малку по малку ги испушта конците во клучната шеста изборна единица, каде што веќе два мандати губат и во Гостивар од идниот лидер на Алијанса за Албанците, Арбен Таравари. Оттука, тие калкулираат дека Ахмети би ги испочитувал нивните ставови, за да не дозволи пожарот да се прошири и на други фронтови, пред сѐ во Скопје.

Меѓу потписниците на иницијативата има најголем број припадници токму на чаирскиот огранок, на чело со претседателот Меџити, градоначалникот Ганиу, како и пратеничката Мерита Колчи-Коџаџику. Воедно, потписот го стави и градоначалникот на Сарај, Беџети, заедно со секретарот на Општината и претседателот на огранокот. Токму тука ДУИ книжи последователни изборни победи.

КРИТИКА, НО НЕ И ПОДДРШКА

Како што објаснуваат високи партиски извори, ситуацијата е комплексна во поглед на манифестирањето на незадоволството. Најголем отпор има кон првиот вицепремиер Груби и делумно кон министерот за надворешни работи, Бујар Османи, од причина што тие доаѓаат од Скопје, но нивниот адут не е поддршката од базата, туку линкот со лидерот. Отпорот е помал во другите ограноци, бидејќи таму дојде до промена на сферата на влијание.

Во тој контекст, на чело на тетовскиот, гостиварскиот и на други ограноци во полошкиот регион дојдоа луѓе што важат блиски до Груби (Фатон Ахмети, Валдет Џафери…), кој, според обвинувања на „огнените“, дискреционо поставувал претседатели. Затоа, револтот од овие ограноци главно доаѓа од поранешни функционери, кои во меѓувреме ги загубиле позиции. Притоа, критики кон владата доаѓаат и од други филијали, но тие засега не се приклучуваат кон иницијативата за промени.

Таков е случајот со Кичево, чиј градоначалник Фатмир Дехари упати критики кон министерот за економија од овој град, Крешник Бектеши, поради тоа што не бил доволно гласен за изградба на кичевската болница. Меѓутоа, според партиски извори, тој не сака да биде дел од иста група со долгогодишниот вицепремиер Муса Џафери, кој на последните избори работеше за Фатмир Лимани, внук на Ахмети, кој се отклони од ДУИ и премина во Беса.

Неофицијално, има сигнали дека „огнената група“ ќе добие поддршка од делови на кумановскиот, липковскиот и од неколку други ограноци, со исклучок на струшкиот. Инаку, при составувањето на последната влада, ниту еден огранок не беше консултиран, освен струшкиот воден од градоначалникот Рамиз Мерко, кој го постави Јетон Шаќири прво за министер за администрација, а потоа за образование. Целта беше да се избегне конфликт со Струга, но во меѓувреме се отвори војна со Скопје.

Она што сега се наметнува како дилема, е како Ахмети ќе реагира на нивните барања, дотолку повеќе што ја прими порака дека овојпат нема да дозволат да бидат изиграни со развлекување на проблемите преку непродуктивни средби и дебати? Дали има простор за договор за мир во куќа? Доколку нема такви услови и секој остане на своето, тогаш какви опции им стојат на незадоволните функционери?

ПЛАНОВИ И ОПЦИИ

Во исчекување на понатамошниот развој на настаните и евентуалната разврска, секоја од страните се обидува што подобро да се позиционира во рамки на партијата, но и генерално на политичката сцена. Така, „огнената група“ сака што повеќе да го прошири фронтот. Па, додека чека поддршка и од останатите ограноци, тие се обидуваат да се факторизираат во Парламентот.

Покрај Меџити и Колчи-Коџаџику, во писмото до Ахмети свој потпис не стави пратеникот од Сарај, Арбен Зибери, меѓутоа реши да се приклучи добро познатиот Кастриот Реџепи. Откако ја спаси актуелната влада на СДСМ и ДУИ со непојавувањето на седницата за изгласување на недоверба, Реџепи ја напушти Беса и дејствува како независен пратеник што го поддржува мнозинството. Отсега ќе биде дел од огнената фракција во ДУИ.

На тој начин, оваа група дојде до тројца пратеници, што е особено битно ако се има предвид дека актуелното парламентарно мнозинство се потпира на 64 пратеници. Во такви околности, владата и поддршката на нивните закони висат на конец, пред сѐ кога ќе се има предвид дека како независен пратеник дејствува и Скендер Реџепи-Зејди, откако се тргна од матичната партија Алтернатива.

Засега Меџити и другите уверуваат дека не би влегле во операција за уривање на владата, пред сѐ поради фактот што тие одиграа клучна улога за дистанцирање на ДУИ од ВМРО-ДПМНЕ и доближување до СДСМ. Арно ама, премиерот Димитар Ковачевски веќе нема да може да заврши работа само со Груби и координаторот Арбер Адеми, туку за сите законски решенија дополнително ќе мора да преговара и да договара поддршка и со Меџити.

Конечно, овие тројца пратеници на ДУИ, чија бројка има тенденција дополнително да расте, најавуваат дека ќе поддржат интерпелација за министри од нивната партија, ако таква иницијатива стаса од опозицијата. Во ситуација кога СДСМ и ДУИ немаат бланко-поддршка ниту од неколку „помали“ коалициски партнери, како на пример Павле Трајанов, може многу лесно да се случи Груби да „падне“ во Собранието, ако тоа не се случи на друг начин.

НАЧИН НА КОМПЕНЗАЦИЈА

На прв поглед, Ахмети изгледа дека би направил одреден компромис, со цел да спречи раслојување на партијата. Ако своевремено Ахмети го жртвуваше најдобриот пријател и најблизок соработник Џафери, кој сега е на спротивната страна, зошто сега не би се откажал од Груби, ако тоа ја зголеми хомогеноста во партијата? Сепак, висок функционер на ДУИ вели дека партискиот лидер нема намера целосно да попушти.

Според него, Ахмети смета дека е дојдено крајно време подрастично да ја реформира партијата. Ако своевремено ДУИ малку по малку се ослободуваше од таканареченото воено крило, па командантите, со исклучок на Талат Џафери, заминуваа во пензија, сега сака постепено да се ослободува и од „старите волци“ – луѓе кои долги години држеа високи партиски функции.

На нивно место, додава нашиот соговорник, треба да дојдат млади луѓе, кои порано, во неможност да се пробијат низ партиските скалила поради отпорот на вечните локални шерифи, си го бараа чарето во други партии (токму така никна партијата Беса од млади кадри од шинелот на ДУИ). Овој процес на подмладување на ДУИ веќе е почнат со избор на нови луѓе во повеќе комитети, а Ахмети се обидува да го промовира и со изборот на министри.

Имајќи го тоа предвид, тогаш се поставува прашањето дали Ахмети свесно ќе оди кон продлабочување на конфликтот, со цел да се ослободи од непосакуваните структури? За него најдобро би било да постигне договор под негови услови, но доколку тоа не е можно, дали ќе се обиде да гледа на позитивната страна од паричката, со тоа што би му се отворил патот да го реформира последниот бастион од отпорот – Скопје?

Но, тогаш треба да се направи и анализа која цена ќе ја плати ДУИ за оваа реформа, бидејќи незадоволството уште повеќе би кулминирало и можно е одлевање на гласови. Сепак, одредени информации говорат дека Ахмети и за тоа има решение. Наводно, тој планира на следните избори да коалицира со Алтернатива на Африм Гаши, која е најсилна токму во Скопје, особено во Чаир, додека евентуалната дупка во владата би ја компензирал со пратеници од Алијанса за Албанците.

КАНАЛ ЗА КОМУНИКАЦИЈА

При една таква разврска, што ѝ преостанува на „огнената група“, која веќе предизвика пожар во Мала Речица, но дали е во кондиција да предизвика вистински пекол? Од таму велат дека немаат проблем со Ахмети како лидер, ниту планираат да заминат од ДУИ, меѓутоа јасно предочуваат дека нивните очекувања се партискиот лидер да рефлектира во однос на нивните барања и позиции. Но, што значи тоа?

Членовите на иницијативата со кои разговаравме велат дека тие се против целата влада, но нивните минимални очекувања се Груби да биде повлечен од Илинденска, а за останатите има простор за договор. Воедно, тие бараат и екипирање на партиските органи, односно на Централното претседателство, кое по последниот конгрес воопшто не е формирано.

Официјално, Ахмети ја искористи ковид-пандемијата како образложение зошто не го формирал Централното претседателство, но, всушност, тој на овој начин сака да ги отсече токму оние кои сега го кренаа гласот. Неофицијално, Меџити и Беџети добиле ветувања за потпретседателско и секретарско место, но тоа никогаш не се оствари. А, без високи функции останаа и други потпретседатели, меѓу кои и Бејта.

Со формирањето на Централно претседателство, „огнените“ сметаат дека ќе се води дебата и секој ќе може да го артикулира својот став. Автоматски, ќе мора да се изберат и потпретседатели и генерален секретар, со што, според нив, моќта и влијанието на Груби би се ограничиле. Сега, според нив, тој го има главниот збор за кадровски решенија.

Покрај тоа, тие му замеруваат на Груби дека се поставил како главен и единствен канал за комуникација со Ахмети. Со други зборови, ништо не може да се договори со ниту еден друг функционер, бидејќи сите упатуваат кон првиот вицепремиер, кој истовремено, според нивните тврдења, се пресметува со противниците преку нарачани медиумски хајки. Користејќи блиски портали, тој ги денунцира ривалите како луѓе што делеле тендери, губеле на избори итн.

ПАСИВИЗАЦИЈА ИЛИ НОВА ПАРТИЈА?

Кога веќе вака се поставени работите, „огнената група“ нема да се повлече без да падне макар главата на Груби. Но, засега Ахмети одбива тоа да го испорача, бидејќи има плус причина за тоа – не сака да покаже слабост. Ако сега го направи тоа, тој веројатно размислува што ќе биде нивното следно барање? Дали на крајот може да му ја побараат и фотелјата, која многумина ја меркаат, независно што сите тврдат дека немаат проблем со лидерот?

Во тој контекст, упатените велат дека кога Ахмети најави повлекување откако земјава ќе стане членка НАТО, што впрочем се случи, многумина јасно ги покажале амбициите да го наследат на лидерската позиција. Пред сѐ, тоа важи за долгогодишните потпретседатели на партијата, меѓу кои Бејта, Теута Арифи… Дури, одредени кругови во ДУИ сметаат дека за нивните порази Гостивар и Тетово придонеле и нивните сопартијци, со цел да им се сосечат лидерски претензии.

Дали сега некој од нив би можел да му се спротивстави на Ахмети на следен конгрес, доколку, како што вели Џафери, војната во ДУИ ескалира? Засега, едно е сигурно – Ахмети сам не планира да се повлече по овој мандат, односно ќе истера најмалку уште еден мандат. Како што велат негови блиски соработници, во САД, Германија и во други западни земји политичката кариера почнува на негови години.

Имајќи го тоа на ум, ретко кој би му се спротивставил на Ахмети на конгрес, без оглед што би можел да освои солидна бројка на гласови и да прати силна порака. Многу поверојатна опција е тие целосно да се пасивизираат од ДУИ, со цел да предизвикаат изборен пораз по кој Ахмети би се повлекол како чин на морална одговорност, што би отворило простор за нов лидер. Или, пак, секогаш останува можноста за формирање нова партија.

Како што вели еден од фронтмените на „огнената група“ – ДУИ е наша куќа, ама ако не нѐ сакаат, ќе мора да изградиме нова. Дали, кога и како би се случило тоа, засега е многу рано да се прогнозира, но дефинитивно работите одат во таа насока. Колкав би бил успехот на нова партија излезена од шинелот на ДУИ и дали би имала подобра судбина од Беса, Унитети, Алтернатива, тоа е целосно друго прашање.


Кој е Артан Груби?
ШКОЛСКИ ДРУГАР НА МЕЏИТИ, ЧОВЕК ОД НАЈГОЛЕМА ДОВЕРБА НА АХМЕТИ

Познавачите на внатрепартиските прилики во ДУИ велат дека речиси никој во партијата нема симпатии за Артан Груби, бидејќи го сметаат за инсталиран од однадвор, од причина што не напредувал чекор по чекор низ партиските скалила.

Порано, тој работел како преведувач во НАТО, а бил дел и од холандската амбасада во Скопје. Тоа е периодот пред да стане актуелен во јавноста како дел од невладината организација „Разбуди се“, која се истакна со неколку протести во Скопје. Во тоа време, Груби беше вмешан и во добропознатиот инцидент на Кале.

Според неофицијални информации, оваа невладина организација се финансирала и од Општина Чаир додека градоначалник беше Изет Меџити, кој е школски другар со Груби. Сепак, сега двајцата се на тотално спротивни страни.

Нејсе, тогаш Груби одржуваше средби со челниците на албанските партии, на кои, велат упатените, требаше да види чија агенда е најблиска до неговата. Така, всушност, се создава спојката меѓу него и Али Ахмети.

Постепено, Груби ја стекнуваше неговата доверба, така што му стана шеф на кабинет и нејверен придружник. Практично, тој донекаде ги презеде обврските на Ермира Мехмети, кога на заминување од ДУИ не штедеше зборови кон Груби, нарекувајќи го хулиган.

Прво, тој стана шеф на кабинет на Ахмети, па се најде на пратеничка листа на ДУИ. Првично беше на недобитна позиција, но стрпливо го чекаше влезот во парламентот до следните избори.

Подоцна, Груби стана пратеник, а по последните парламентарни избори ја доби новата функција прв вицепремиер и воедно дојде на чело на некогашниот Секретаријат за Рамковниот договор, трансформиран во Министерството за политички систем, што секогаш се сметало за функција на Ахмети.


Бурна историја
МНОГУ КОНФЛИКТИ, БЕЗ СЕРИОЗЕН ПОТРЕС

Иако се заканува да направи поделба во партијата и да ја дестабилизира владата, овој конфликт не е прв внатрешен судир во ДУИ.

За потсетување, своевремено во конфликт беа Теута Арифи и Ермира Мехмети, а од партијата си замина некогашниот началник на генералштабот на ОНА, Гзим Острени, кој ја формираше Унитети.

Исто така, низ годините имаше и судири, до ниво на физички пресметки и престрелки. Такви случаи имаше меѓу групите на Блерим Беџети и Рафиз Алити во Сарај, меѓу Рамиз Мерко и Арбен Лабуништа во Струга, а, пред сѐ, во липковскиот регион.

Не така одамна, неколку луѓе загинаа во престрелка близу Мала Речица, кога се судрија две групи на ДУИ токму од кумановскиот регион.

Досега, сите овие и многу други предизвици во ДУИ не ја потресоа партијата до таа мера како што тоа го направи нејзината подреденост кон ВМРО-ДПМНЕ, поради што за влакно не загуби на изборите во 2016 година.

Како овој последен конфликт ќе се одрази врз внатрешните состојби во ДУИ, ќе покаже времето, но сите проценки одат во правец дека нема да биде лесно за ниту една од, условно, завојуваните страни.

Поврзани новости