Текстот е објавен на 17 март 2021 година во неделникот Фокус со број 1.328.
Владата во тајност го назначи досегашниот в.д. директор на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски за редовен директор. Тој претходно беше член на Управниот одбор чиј мандат беше проследен со низа скандали, а сега вицепремиерите Николовски и Груби, како и министрите Филипче, Хоџа и Бесими оценија дека неговата апликација е најдобра.
Пишувала: Катерина СМИЛЕВА БОЖИНОВСКА
Владата на девети февруари на владина седница го избра дотогашниот в.д. директор на Агенцијата за филм, Бојан Лазаревски за редовен директор со мандат од две години. Но, за тоа не ја извести јавноста како што обично прави при кадровските решенија. Одлуката за избор на Лазаревски за редовен директор изостана од владиното соопштение за таа седница. Јавноста не беше запознаена за назначувањето на Лазаревски се до 24 февруари кога Владата објави соопштение за активностите на директорот, кој присуствуваше на завршното снимање на филмот „Зад стоговите сено“ во Дојран. Лазаревски во изјавата дадена за владиниот сајт не пропушти да го пофали Преспанскиот договор, поради кој, како што нагласи, било возможно да се сними овој филм кој е во македонско-грчка копродукција.
На прашањето зошто за одлуката за назначување на Лазаревски за редовен директор јавноста не беше известена, од Владата велат дека оваа одлука не била дел од соопштението бидејќи во тој момент не била потпишана.
„Неговото именување не беше објавено во соопштението од владината седница зашто во тој момент одлуката не беше потпишана од претседавачот со седницата.“, одговараат од Владата.
ЛАЗАРЕВСКИ И ВЛАДАТА КРИЕЈА ДЕКА ТОЈ КОНКУРИРАЛ ЗА РЕДОВЕН ДИРЕКТОР
Во декември минатата година „Фокус“ откри дека има кумулација на функции при назначувањето на Лазаревски за в.д. директор. Имено, во моментот кога тој бил назначен за в.д., се уште бил член на Управниот одбор на Агенцијата. Откако и Државната комисија за спречување корупција утврди кумулација на функции, од Владата се правдаа дека Лазаревски бил разрешен од позицијата член на Управниот одбор пред неговото назначување за директор да стане ефективно.
Тогаш, Фокус го праша Лазаревски дали тој е еден од апликантите на јавниот оглас за редовен директор кој во тој момент веќе беше затворен, но не сакаше да открие.
„За тоа прашање, обратете се во Влада“, кусо одговори Лазаревски.
Сепак, ниту Владата не сакаше директно да одговори дали тогашниот в.д. директор е еден од петте кандидати чии апликации ги разгледува Владата.
Инаку, Владата распиша јавен оглас за редовен директор на 30 октомври минатата година. Огласот беше затворен на 12 ноември, а на Владата и беа потребни цели три месеци за да го направи изборот. И изборот падна на в.д. директорот Лазаревски.
НИКОЛОВСКИ, ГРУБИ И ФИЛИПЧЕ БИРААТ ДИРЕКТОР НА АГЕНЦИЈА ЗА ФИЛМ
На огласот за директор за Агенцијата за филм пристигнале пет апликации. Од петте апликации, двајца кандидати ги исплолнувале условите. Интересно е што изборот за директор на Агенција за филм го прави владината Комисија за именување, а уште поинтересно е кои се нејзините членови.
Во Комисијата членуваат: вицепремиерите Љупчо Николовски и Артан Груби и министрите Венко Филипче, Аријанит Хоџа и Фатмир Бесими. Ова значи дека тие ги оценувале пристигнатите апликации, како и Програмите за работа на Агенцијата за филм предложени од кандидатите.
„ Согласно Законот за Влада, Комисијата за именување одлучува за огласите кои се однесуваат на избор на директори на органите на државната управа. Во Законот за Влада и во Законот за филмска дејност, јасно се дефинирани критериумите и условите кои треба да се исполнат за именување на директор на Агенцијата за филм. Бојан Лазаревски е избран на конкурс објавен на 30-ти октомври кој траеше 10 дена работни дена. Комисијата за именување по извршениот увид во доставените документации и Програмата за работа, со едногласна одлука за директор на Агенцијата го избра Лазаревски.“
Фокус ја праша Владата дали постои некаков документ или записник со бодување на апликациите, со оглед на тоа дека двајца кандидати ги исполнувале општите услови. Одговор на ова прашање не добивме.
КОЈ Е БОЈАН ЛАЗАРЕВСКИ?
Новоизбраниот директор Бојан Лазаревски на позицијата доаѓа од банкарскиот сектор. Тој е економист кој својата кариера ја започнал во Стопанска банка каде поминал девет години. Потоа една година работел во Стопанска банка А.Д. Битола, од каде преминал во финансиското друштво за кредити „ИутеКредит Македонија“.
Актерот и продуцент, Висар Вишка вели дека Лазаревски не е познат во филмската фела.
„Јас не го познавам воопшто човекот, а мала земја сме, сите луѓе од филмот ако не сме работеле барем се познаваме меѓусебе, но разбрав дека бил член на одборот, на истиот тој одбор кој што е под еден куп криминални постапки, меѓу кои ДКСК излезе со првите доволни факти за да се покрене постапка и моето незаконско елиминирање од конкуренција за кое што имам подигнато постапка или тужба во управен суд.”, вели Вишка.
Покрај тоа што Лазаревски нема искуство во областа на филмот, спорно е и тоа што тој беше член на Управниот одбор на Агенцијата за филм во период кога ја следеа неколку скандали. Додека Лазаревски беше член на Управниот одбор, а директор беше Горјан Тозија, организацијата Транспаренси Интерешнл поднесе кривична пријава против Тозија во врска со незаконски исплати од Агенцијата за филм, а базирана на пишувања на неколку медиуми.
Организацијата тогаш објасни дека на прес-конференција одржана на 24 јуни 2020 година директорот за Агенцијата за филм, изјавил дека филмските проекти избрани на конкурсите на Агенцијата за филм ги финансирал без банкарска гаранција, и дека тоа го сторил со примена на член од договорите склучени со филмските продуценти според кој „Агенцијата нема да ја активира банкарската гаранција, како и нема да го раскине договорот доколку продуцентот не одговара на обврските од овој договор поради причина на виша сила, односно ако исполнувањето на обврската станала невозможна поради вонреден настан кој се склучил по склучување на Договорот, а кој во времето на склучување на договорот не можел да се предвиди, ниту да се спречи, избегне или отстрани“.
Со ваквото постапување кое е во спротивност со Законот за филмската дејност и со склучените договори на Агенцијата за филм со филмските проекти избрани на конкурсите на Агенцијата за филм, директорот на Агенцијата сторил кривично дело „Злоупотреба на службената положба“ 353 став 1 и 5 од Кривичниот законик, а делото е сторено со повреда на членот 34 од Законот за филмската дејност, посочија од Транспаренси Интернешнл.
Додека Лазаревски беше член на Управниот одбор и Државната комисија за спречување на корупција отвори два предмети за работата на Агенцијата. Едниот предмет се однесуваше токму на банкарските гаранции, а другиот беше поради судир на интереси во Филмскиот совет на Агенцијата.
КРИВИЧНАТА ПРИЈАВА ЗА БАНКАРСКИТЕ ГАРАНЦИИ СТОИ ВО МЕСТО
Државната комисија за спречување на корупција го затвори предметот за банкарските гаранции со тоа што утврди дека бил прекрешен Законот за филмска дејност. Сепак, велат дека тие не поднеле кривична пријава до Основното јавно обвинителство, бидејќи тоа веќе го направила организацијата Транспаренси Интернешнл.
Но, ОЈО по седум месеци од поднесувањето на кривичната пријава, дури неделава се обратило до ДКСК и побарало да им се достават информации како постапиле и што утврдиле во нивниот предмет. Барањето на ОЈО до ДКСК случајно или не, следува еден ден откако Фокус испрати прашање до Обвинителството до каде е постапувањето по оваа кривична пријава. До објавување на текстот, ОЈО не одговори на прашањето.
ВИШКА: СЕ ЗБОРУВАШЕ ДЕКА ПАК ЌЕ БИДЕ НЕКОЈ ОД КРУГОТ КОЈ КОНТРОЛИРА КОЈ СМЕЕ ДА ЗЕМЕ ПАРИ
Актерот и продуцент, Висар Вишка вели дека се зборувало дека повторно на чело на Агенцијата ќе дојде човел од малиот круг на луѓе кој со децении контролира кој смее да земе пари.
“Прво, беше многу касно, и покрај многуте аларми од филмската фела, па и од ДКСК и други органи, и се уште нема разврска за многу неправилности, а за изборот, не знам. Знам дека се зборуваше дека пак ќе биде некој од тој малиот круг на луѓе кој со децении контролира кој смее, а кој никако не смее да сними филм.”, вели Вишка.
Што се однесува на тоа што треба да се промени за Агенцијата за филм да почне да ја остварува својата улога, Вишка вели дека мора да има последици доколку некој го прекрши законот и краде.
„ Треба да се смени прво правниот систем. Судството. Да има последици ако некој прекрши закон и краде пари. Просто. А во најбрз рок, да се сменат комплет и управен одбор и директор и сите што се дел од тие скандалозни и криминални одлуки за овие години. Да дојде човек кој не припаѓа на ниту една банда, човек кој е прифатлив за 90% од еснафот, и заедно со еснафот да сменат правила на игра. Од начин на оценување до последен детал. Со консензус на сите од фелата. Да биде културен натпревар, изведен транспарентно пред сите, питчинг систем како што го имаат секаде во нормални земји па и во соседството. А не да се делат проекти меѓу себе со лицитација на проценти. Тоа прави дупла штета. Штетата е огромна овие неколку години па и декади. Многу автори ќе остарат, а не успеале да остават белег од медиокритети кои одлично се разбираат со секоја власт. “, заклучува Вишка.
ЛАЗАРЕВСКИ ГИ ИГНОРИРА ПИСМАТА ОД МИЛЧО МАНЧЕВСКИ
Тазе избраниот директор Бојан Лазаревски нема време ниту да му одговори на писмата на најуспешниот македонски режисер Милчо Манчевски. Фокус открива дека Манчевски во два наврати му испратил писмо на Лазаревски во кое бара одговор на две прашања. Прв пат писмото е испратено на 12 јануари, а потоа уште еднаш му го препратил и на 13 февруари. Но, одговор на писмото нема и по два месеци.
Двете прашања кои Манчевски му ги поставува на Лазаревски се следниве:
- Дали вие – како директор на Агенцијата за филм, доскорешен член на Управниот одбор и врвен економист – ги оценувате финансиските извештаи на Агенцијата за филм за 2019 и 2020 како прифатливи и законски?
- Што ќе преземете и дали ќе иницирате расправа и одлуки на УО по однос на следниве документи:
- инспекцискиот извештај на Министерството за култура кој заклучува судир на интереси во Агенцијата за филм;
- ревизорскиот извештај кој заклучува неправилности во работата на Агенцијата за филм;
- наодот на Надзорниот одбор на ДФРМ во врска со средствата исплатени од Агенцијата;
- големите трошоци на Агенцијата кон авторски агенции
- кривичната пријава на Транспарентност поради бројни исплати во Агенцијата без банкарски гаранции;
- извештаите на ДКСК (Анти-корупциска комисија) за активностите во Агенцијата.
Копии од ова писмо се испратени и до министерот за култура, Државната комисија за спречување на корупција, Државниот управен инспекторат, државен советник во Министерството за култура и советник во Министерството за култура.
Лазаревски беше премногу зафатен и да одговори на прашањето од Фокус за тоа која е неговата програма за работа со која победи на огласот за избор на директор. И Владата остана глува на нашето барање да ни ја достави програмата за работа која според вицепремиерите Љупчо Николовски и Артан Груби и министрите Венко Филипче, Аријанит Хоџа и Фатмир Бесими била најдобра на огласот.
НЕ Е ТЕШКО ДА СЕ ИСПОЛНАТ УСЛОВИТЕ ЗА ДИРЕКТОР
Според Законот за Агенција за филм, директор на Агенцијата може да стане секој кој има завршено факултет од областа на филмот, но и од областа на општествените науки, економските или правните науки. Ова значи дека директор може да биде и некој што нема никакво искуство во областа на филмот, како сегашниот директор кој е економист.
Другите услови се кандидатот да е државјанин на Република Северна Македонија, да нема забрана за вршење на дејност , како и да има петгодишно работно искуство во областа на филмот или пак во областа на правото или економијата. Потребно е и да поседува меѓународно признат сертификат за познавање на англискиот јазик.