Текстот е објавен на 27 февруари, 2015 година во неделникот „Фокус“, во бројот 1012
Пишува: Ирена МУЛАЧКА
Со партиски книшки од 1991 година, стари вмровци кои редовно ги вееле знамињата на митинзите, делеле флаери, ги убедувале граѓаните да гласаат за нивната матична партија, ветувале вработувања, организирале протести, сега се доведени до просјачки стап, оставени на милост и немилост на државата. Со истоштени лица, кои животот не ги милувал и без ден работен стаж, дел од верните и лојални „вмровци“ од Струмица пред точно една година, пред камерите ги искинаа и фрлија своите партиски книшки.
Разочарани од сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, овие луѓе, како што велат, едвај го поминуваат денот, собираат по 20 денари за леб, струјата им е исклучена, а извршители секојдневно им тропаат на вратите. Тие едногласно тврдат дека коските ги оставиле во партијата, јаделе ќотек, а сега, како што велат, десетина луѓе во врвот веќе девет години ја држат во заложништво целата партија.
Слична приказна за „Фокус“ пред неколку месеци раскажа и 56-годишниот Александар Костоски од Прилеп, кој во ВМРО-ДПМНЕ е од првиот ден од нејзиното основање. Tрите партиски книшки фрлени на страна се неми сведоци на посветеността кон партијата, на која и бил верен цели 23 години, а од која се откажал, како што вели, поради лошата политика, лажењето и осиромашувањето на народот.
Преземањето на власта под раководната палка на Никола Груевски принудила и други „вмровци“ да се откажат од ДПМНЕ. Еден од нив е и ортопедскиот хирург Тодор Ношпал, кој признава дека бил член на партијата на власт, но дека веќе нема партиска книшка, бидејќи ја искинал. Тој пред три години беше избркан од скопската Клиника за ортопедија, бидејќи без влакна на јазикот јавно ги кажуваше проблемите со кои се соочуваа пациентите.
Бројот на разочарани „вмровци“ во последните неколку години се повеќе се зголемува, особено откако Груевски ја презема целосната контрола над државата во свои раце.
Таканаречените бомби на лидерот на СДСМ, Зоран Заев безмалку успеаја да експлодираат меѓу дел од членството на владејачката партија.
Во објавените аудио-снимки, според Заев, се договараат политички монтирани процеси, се отфрлаат кривични пријави, се договараат вработувања, се местат судии, а главни протагонисти се првата полицајка Гордана Јанкулоска, шефот на тајната полиција Сашо Мијалков, првиот финансиер Зоран Ставрески, шефот на кабинетот на Груевски, Мартин Протуѓер и новинари од провладините медиуми. Незадоволните сопартијци за објавените разговори избраа само еден збор – монструозно.
„АРАМ ПАРИ, АРАМ СЕ ТРОШАТ, ЗА ЗДРАВЈЕ“
„Членството на ВМРО-ДПМНЕ во скоро време ќе му „пресуди“ на Никола Груевски, односно ќе побара политичка одговорност од него и неговите министри, бидејќи ја претворија партијата во своја приватна сопственост“, велат од Форумот на слободоумни патриоти, чиј број достигна околу 30-40 илјади членови, стари вмровци, кои се во партијата од нејзиното основање. Тие на почетокот на месецот го формираа Форумот, бидејќи статутот не им дозволува да формираат фракција, ниту пак сакаат да формираат нова партија, зашто немаат намера да ја напуштат својата матична партија, која, како што велат, не е виновна, што веќе девет години е во заложништво само на неколку луѓе.
Нивниот револт повеќе се зголемил откако ги слушнале аудио – снимките што ги објави Заев. Според нив, разговорите што се водат меѓу првите луѓе во партијата, начинот на кој се кројат човечките судбини, злобното смеење, „сотрувањето“ на неподобните и исмевањето на смртта на едно дете е повеќе од монструозен чин.
– За разговорите што ги слушнавме, ние повикуваме да се изјасни некој психијатар, бидејќи на тие луѓе дефинитивно им треба медицинска и стручна помош. За коментарот на Јанкулоска за случајот со Мартин Нешкоски дефинитивно треба психијатриско мислење. Или, детето, наш член си ја заврши работата, изгласа, ги имаат потребните пратеници во џеб, па што им е гајле за неговата смрт. Ако сакаат контрапротести, треба да си ги стават жените и децата во првите редови, а не да го манипулираат искреното членство на ВМРО-ДПМНЕ – вели Љупчо Алексовски од Форумот на слободоумни патриоти.
Тој е член на партијата веќе 25 години, но не може да се помири со фактот дека неколку луѓе на чело со премиерот, од државата сакаат да направат протекторат, да уништуваат цели семејства и да се изживуваат на начинот на кој биле апсени луѓето, што веќе не се нивни.
– Среќна Нова 1949 година. Да речеме дека не сум изненаден од кроењето човечки судбини, но изненаден сум од монструозноста. Да кажеш „да ги сотреме“ и тоа така ладнокрвно е нешто страшно. Јас само ќе кажам, Господ е голем, не им го правете на другите, она што не сакате да ви го прават вам и на вашите деца. Се наполнија со пари, ги третираат институциите како да се нивна сопственост. Арам пари, арам се трошат, најчесто за здравје. Треба да си знаат и да си имаат на ум – додава Алексовски.
Но, тој не е единствениот кој вели дека „ова зло мора да се тргне“. Со неговите сопартијци и истомисленици поразговаравме на повеќе теми, меѓу кои – што е тоа што ги натерало да се борат против сегашното раководство на партијата, дали се плашат дека можат и со нив да се пресметаат, откако слушнаа на објавените снимки на кој начин се пресметуваат со луѓето што им свртеле грб, дали веруваат дека членството ќе му се спротивстави на Груевски?
– Тие не се ВМРО-ДПМНЕ, тие се само узурпатори на нашата партија. Дојденци се од Демократската алтернатива и сега слободно можат да си формираат приватна партија и да си раководат со неа. Груевски нема ни 10.000 луѓе кои се задоволни од него и неговото владеење. Се знае како добива избори, а членството е преплашено и изманипулирано. Имаат неколкумина што ќе ги соберат на некој контрапротест да прочитаат по некое соопштение напишано од Протуѓер и тоа е се – тврди Милан Димовски од Форумот на слободоумни патриоти.
Според неофицијални информации на „Фокус“, во последниот период атмосферата врие во штабовите на владејачката партија. Нашите извори тврдат дека, иако членовите редовно ги слушаат наредбите од нивните претпоставени и постојано ги споделуваат активностите на премиерот и министрите, сепак незадоволството во Делчево, Кочани, Штип и Велес се повеќе се зголемува. Сето тоа се случило, откако сопартијците дознале дека едно работно место им е ветено на повеќе луѓе, само за да ги замолчат на одреден период. Во тие градови, како што дознаваме, дел од членовите веќе со години чекаат работа, па сега се надеваат дека може на некој од новообјавените конкурси, конечно да бидат примени.
НЕ СМЕ ЗДРУЖЕНИЕ ШТО ГО ФОРМИРА ПРОТУЃЕР
Дали аферите што речиси секои пет дена ги објавува опозицискиот лидер ќе влијаат врз членството во ВМРО-ДПМНЕ, па на некој начин ќе придонесат за пад на власта? Ова прашање е едно од најпоставуваните последните неколку недели откако Заев на три последователни прес-конференции објави аудио-снимки, во кои на последната, министерката Јанкулоска, лојалните членови на партијата ги нарече „гревчиња“.
Професорот Јове Кекеновски вели дека власта не е свесна кои се луѓе им се приклучуваат на слободумните патриоти, незадоволни од врхушката во партијата.
– Имаме членови и од Извршниот комитет, ама засега нема да ги откриваме нивните имиња бидејќи тоа може да им наштети. Доволно видовме и слушнавме со кои луѓе си имаме работа. Пак ќе повторам на Груевски и на неговите најблиски соработници ќе им пресуди членството на партијата и тоа ќе се случи во најскоро време. Најпрвин ќе бараме политичка одговорност, а подоцна и друга одговорност – вели Кекеновски.
Тие додаваат дека Форумот не го формирал Протуѓер, како што го формирал Здружението за одбрана на Македонија, кое оди низ градовите и зборува за предавници на државата, а најголемите предавници и кодоши се во нивните редови.
– Нас не не врбуваат странски служби. Ние не сакаме да бидеме Здружение што го формира Протуѓер, па да ни дава што да читаме. Се уште размислуваме со своја глава. Во тоа Здружение го гледаме и Љубиша Георгиевски, кој ја предаде ВМРО-Вистинска за едно амбасадорско место. И тој има уста да зборува за кодошење – тврди Војо Петрески од Форумот на слободумни патриоти.
Според неофицијални информации на „Фокус“, меѓу дел од пратениците и третиот ешалон постои огромно незадоволство од начинот на владеење на државниот врв, но тие засега се плашат јавно да прозборат за тоа. Дел од нив се ставени пред дилема дали да останат на своите функционерски столчиња или, пак, да си заминат.
За овие прашања став побаравме и од владејчката партија. Неколку пати на телефон го побаравме Илија Димовски, кординатор на пратеничката група на ДПМНЕ, но тој не одговараше ниту на нашите телефонски повици, ниту на смс-пораките.
Пред само два месеци пишувавме дека првиот човек на Агенцијата за електронски комуникации, Роберт Орданоски, на 3 ноември лани си поднел неотповиклива оставка, но само за неколку дена се пишманил и ја повлекол оставката. Во јавноста излегоа информации дека директорот на АЕК веќе подолг период имал притисоци на работното место, затоа што не се согласувал со одредени политики кои се воделе, а се шпекулира дека имал проблеми и со некои од повисоките структури. Нашите извори тогаш коментираа дека тој бил принуден да ја повлече оставката што ја поднел во ноември, а ништо од сето тоа не смеело да излезе во јавноста.
Во слична ситуација пред пет години се најде уште еден владин функционер, но тој даде оставка, не се покаја и не ја повлече. Тој пред две години заврши зад решетки во истражниот затвор Шутка. Можете да претпоставите за кого станува збор. Се работи за Ване Цветанов, кој до 2010 година беше директор на Управата за спречување пари и финансирање тероризам. Тој си поднесе оставка од функцијата и жестоко го дигна својот глас против владејачката партија.
Кочанчанецот Цветанов во 2006 година беше претставуван како една од ударните тупаници во битката против корупцијата и добро се вклопуваше во шемата на актуелната власт за млади и нови лица на високи и одговорни функции.
Откако го „изневери“ потесното раководство, тој стана мета на партијата на власт. Неговите жестоки настапи се зголемија пред третите парламентарните избори во 2011 година, откако стана член на ВМРО-НП на Љубчо Георгиевски. Тој гласно ја анализираше лошата економска состојба во која се наоѓаа граѓаните, корупцијата, организираниот криминал и дебатираше за нарушената демократија во земјава. Цветанов сега е осуден на три години затворска казна за случајот „Шпион“.
ЌЕ ЈА ДОЖИВЕЕ ЛИ ГРУЕВСКИ ПОВТОРНО „ПАНОРАМА 2004“?
Oтцепувањето на повеќето незадоволни „вмровци“ продолжува и во наредниот период, а во јавноста се вртат информации дека дел од членството веќе му врти грб и му откажува послушност на Груевски. Ќе се повтори ли „Панорама 2004 година“?
Да се вратиме десетина години наназад. Таа 2004 година е клучна за ВМРО- ДПМНЕ, бидејќи Груевски во тој период ги доживува и најголемите внатрешно-партиски превирања. Ниту општата политичка слика не му одеше во полза, бидејќи на јавната сцена дел од партиските претставници веќе имаа сериозна етикета на корумпираност и на нечесност.
Тој во 2003 година, на партискиот конгрес во Охрид го наследи претседателското столче на Љубчо Георгиевски, дотогашниот прв човек на партијата од нејзиното основање. Зборувајќи пред делегатите, Груевски истакнa:
– ВМРО-ДПМНЕ ако понуди нов лик во комбинација со нови идеи и поголема поддршка на нови луѓе, ќе ја преземе водечката улога.
Дотогашната вмровска икона Георгиевски беше испратен со солзи, а новиот лидер пречекан со одредена доза на недоверба. По загинувањето на шефот на државата, Борис Трајковски, кого подоцна го наследи Бранко Црвенковски кулминира со случувањата во скопскиот хотел Панорама. Во тој период, приврзаниците на Георгиевски и Љубе Бошкоски побараа оставка од новото раководство на партијата, а скандираа додека чекаа да се појави стариот лидер на партијата.
Во јули истата година Георгиевски ја формираше ВМРО-Народна партија, а дел од членството премина во новоформираната партија.
Во годините на поделби на вмровското ткиво се формираа неколку партии со тој предзнак во името, но поголемиот дел од нив решија повторно да се вратат во ВМРО-ДПМНЕ.
Дали аферите на СДСМ ќе го симнат Груевски од власт ќе покаже времето, но затоа, пак, успеаја да предизвикаат внатрепартиски бранувања. Дел од „вмровците“ не останаа имуни на аудио –снимките, кои веќе две недели ја тресат јавноста, па затоа едногласно велат дека Груевски и неговите најблиски соработници мора да сносат и политичка и кривична одговорност за уништувањето на човечките животи.
Рамка:
ГЕОРГИЕВСКИ БЕЗ КОМЕНТАР ЗА НЕЗАДОВОЛСТВОТО МЕЃУ ВМРОВСКОТО ЧЛЕНСТВО
Лидерот на ВМРО-НП, Љубчо Георгиевски во емисјата „Топ тема“ на телевизија Телма вели дека треба да има договор, со кој институционално треба да се реши тоа што се случува со прислушувањето. „Фокус“ се потруди да контактира со Георгиевски, за да го прашаме дали аферите што ги објавува СДСМ предизвикуваат незадоволство меѓу членството. Од ВМРО-НП кратко не известија дека тој не сака во моментот да коментира на оваа тема.
Рамка:
КЕКЕНОВСКИ: ВЛАСТА НЕКА ГО КАЖЕ ИМЕТО НА СТРАНСКИТЕ СЛУЖБИ
Од Форумот на слободоумни патриоти уште еднаш ја прашуваат власта да им каже која е странската служба што ги снимала разговорите, бидејќи редно време е да се соопшти името на државата.
– Кој дал наредба да се снима? Ако снимале странски служби, тогаш тоа е пропуст на нашите служби и тие мора да сносат одговорност. Со тоа што ги слушаме на аудио-снимките што зборуваат, јасно се гледа како владееле цело време. Баш ме интересира која е таа странска служба што ги натерала да вршат притисок врз судии, обвинители, новинари. Страшно и срамно – истакна Кекеновски.